Српски медиуми погрешно го претставуваат Каракачанов како официјална Софија


Скопје, 18 декември, 2018 - 16:51 (META) 

Во анализа под наслов „Скопје и Софија во клинч: Тензиите се сè поголеми, Бугарија и порачува на Македонија дека провоцира и дека македонскиот јазик НЕ ПОСТОИ“ oбјавена денеска, претставувајќи ги најновите искрења во македонско-бугарските односи, српскиот весник „Блиц“  сосема погрешно со насловот го поистовети бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов со целата власт на Бугарија и со целата земја воопшто.

Инаку, истиот текст, со потсетување дека станува збор за текст на „Блиц“, но со поинаков наслов, исто толку дезинформирачки, го пренесе и недефинираниот националистички веб-сајт-таблоид „Србија данас“.

Имено, текстот зборува за ставовите и забелешките кон македонската власт од Каракачанов, кој исто така е и претседател на бугарската националистичка партија ВМРО-БНД и заколнат поборник на тезата за бугарското потекло на Македонците, но воопшто не споменува кој било друг припадник на власта во Бугарија.

Со ова една личност, односно вицепремиер, се изедначува со целата власт, иако ниту премиерот на Бугарија ниту други вицепремиери не ги поддржаа тврдењата на националистичкиот вицепремиер дека Македонија го прекршила Договорот за добрососедство, но уште повеќе, не потврдија и дека Бугарија ќе ги блокира евроатлантските интеграции на Македонија, односно нејзините обиди да се зачлени во ЕУ и НАТО.

Каракачанов уште пред повеќе од 10 дена, првин преку обраќање на веб-местото на ВМРО-БНД, а потоа преку бројни гостувања во бугарски медиуми, нешто што беше повторено и изминатиов викенд порача дека со изјавите на македонски јазик од македонскиот премиер Зоран Заев, како и заедничката експертска комисија на Македонија и Бугарија, го пречекоруваат пропишаното од Договорот.

Но таквите искази, освен што беа нашироко пренесувани во бугарските медиуми, не добија поддршка од други припадници на власта, со што паѓа во вода тезата на српскиот весник „Блиц“ искажана во насловот.


Пратеник на српската СНС: Бегството на Груевски е најдоброто решение


Белград, 30 ноември, 2018 - 16:22 (META) 

Бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски од земјата е најдоброто решение, оти со тоа „американскиот пион Зоран Заев на подолго време загуби адекватен противник на политичката сцена, а Груевски не лежи робија за глупост, порачува во колумна објавена во вчерашниот број на српскиот весник „Блиц“ парламентарецот и функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Владимир Ѓукановиќ.

Во колумната во која најострите обвинувања ги упатува кон САД, Ѓукановиќ вели оти се поставува прашањето „дали Груевски доброволно се согласил да замине или пак бил натеран, по принципот дека тоа му била единствената шанса да ја зачува главата“.

На крајот, Ѓукановиќ обвинува дека пресудата за Груевски е „напишана во американската амбасада во Скопје“, но и дека „на самите Американци им е јасно дека од него не смее да се прави политичка жртва, па најдоброто решение било некако да се отарасат од него“.

Груевски беше правосилно осуден на затворска казна од две години во судскиот процес „Тенк“.

Рочиштата беа отворени за јавноста и медиумите известуваа за нивниот тек.

На пресудата неговите адвокати се жалеа, но безуспешно, бидејќи Апелацискиот суд ја потврди пресудата. Потоа кога беше издадено решението за да се јави в затвор, Груевски поднесе барање да му се одложи почетокот на издржувањето на казната, но и тоа му беше одбиено. Потоа Груевски исчезна.


Српски медиуми: Заев нуди амнестија во замена за двотретинско мнозинство


Белград, 15 октомври, 2018 - 16:23 (META) 

„Денот Д за Македонија“, „Историска седница на Собранието“ и „Заев понуди амнестија за двотретинско мнозинство“, се дел од насловите на многубројните новинарски текстови во Србија за денешната седница за уставните измени на македонскиот парламент.

Речиси сите медиуми велат дека премиерот Зоран Заев повикал на национално помирување и дека „на највлијателната опозициска сила ВМРО-ДПМНЕ, како гест на добра волја и понудил амнестија за нејзините членови на кои им се суди за насилствата во Собранието на 27 април минатата година“, во замена за поддршка за уставните изменни и поддршка на Договорот со Грција.

Сепак, македонскиот премиер во своето обраќање пред пратениците, иако повика на национално помирување,ниту еднаш не го употреби зборот „амнестија“.

Под наслов „Сите погледи свртени кон Собранието“, јавниот радиодифузен сервис на Србија, РТС, извести дека пратениците почнаа расправа за уставните измени и дека „паралелно со расправата, во тек е убедување на пратениците од опозицијата да го сменат ставот и да ги поддржат уставните измени“.

Таблоидот „Ало“ пишува дека почнала „опасна расправа и дека владата се подготвува за чекор против граѓаните, а во интерес на НАТО“.

Весникот „Блиц“ пак на својот портал објави дека „Заев ги повикал пратениците на опозицијата да гласаат за менување на уставот со непристојна понуда“. Блиц пишува и дека „Собранието врие“ и дека „никој не знае дали Заев има мнозинство а демонстрантите најавуваат повеќедневна блокада“.


Српски „Блиц“: Власта платила да се нападне Гошинце


Белград, 25 април, 2015 - 13:37 (META) 

Нападот врз полицијата во македонското село Гошинце е исцениран за да се сврти вниманието од шпионската афера во чиј центар е премиерот Никола Груевски, пишува српскиот весник „Блиц“, повикувајќи се на безбедносни служби.

Весникот, повикувајќи се на неофицијалните сознанија на неколку служби од околните земји, наведува дека се издвоени два милиони евра за нападот, а акцијата ја организирале двајца лидери на криминално-терористичка организација, Сами Укшини-Сокол и Ризе Бега од околината на Пеќ.

„Блиц“ пишува дека Укшини и Бега еден ден претходно имале средба со претставници на ДУИ.

– Сознаниејата укажуваат дека парите се дадени за намерно да се нападне станицата. Претставниците на ДУИ биле против ова ценарио и на состанокот со Укшини и со Риза побарале акцијата да не се изведе. Очигледно дека тие двајца постапиле по инструкциите на некој многу повлијателен – вели изворот на „Блиц“.


„Блиц“: Хајка против Србите во Македонија


Белград, 6 февруари, 2015 - 11:19 (META) 

Ултрадесничарската партија ВМРО-НП почна хајка против Србите во Македонија, пишува српскиот весник „Блиц“.

Билбордите со пораки „Стоп за српската асимилација на македонската нација“, како и фејсбук-групата „Сакаме да слушаме македонска музика, а не српски кич“, според „Блиц“, претставуваат јасни антисрпски пораки кои имаат цел да предизвикаат омраза и нетрпеливост кон Србите и кон Србија.

Весникот наведува дека Град Скопје и Министерството за внатрешни работи на Македонија се изјасниле како ненадлежни за ситуацијата бидејќи „надлежноста на пораките ја имаат нарачателите и фирмата што ги издава билбордите и која одлучува што ќе се рекламира, а што не“.

Во официјалната реакција на МВР, испратена до српскиот весник, се наведува дека „немаат никаква надлежност сè додека не добијат жалба од граѓани“.

– Министерството може да постапи доколку некој од граѓаните на Скопје се повика на член 319 од Кривичниот законик, кој се однесува на ширење верска, расна и национална омраза и ги пријави овие пораки како вознемирувачки – изјави за „Блиц“ Марија Јаковлевска, портпаролка на МВР, додавајќи дека досега немаат добиено пријава.

Весникот наведува дека „српската музика“ била само евтин изговор за ширење омраза и анимозитет кон Србите, имајќи предвид дека набргу по појавувањето на билбордите, фејсбук-страницата била отстранета.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, најави дека ќе поднесе тужба за ширење говор на омраза доколку не се отстранат спорните пораки, за кои ВМРО-НП најави дека ќе стојат цела седмица.

– Ќе побарам од фирмата што ги изработила билбордите, од ВМРО-НП и од нивниот претседател, Георгиевски, да се извинат и да ги отстранат, во спротивно ќе покренам постапка пред надлежните органи за ширење говор на омраза – рече Стоилковиќ, додавајќи дека активистите на неговата партија досега избројале 18 билборди во Скопје.