!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Арапите бесни на Трамп, а Палестинците палат негови слики и американски знамиња


Ерусалим, 7 декември, 2017 - 11:16 (META) 

Телевизиската мрежа „Си-ен-ен“ на својот профил на „Твитер“ објави дека илјадници Палестинци во Појасот Газа од синоќа палат американски знамиња и слики од претседателот Доналд Трамп. Арапскиот свет негодува.

Сите светски агенции ја пренесоа веста дека одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел предизвика осуда и жестоки реакции во муслиманските земји на Блискиот Исток.
Претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, лидер на најголемата муслиманска земја, ја осуди одлуката на САД да го признаат Ерусалим за престолнина на Израел.

– Индонезија најостро ја осудува одлуката на САД еднострано да го признаат Ерусалим за престолнина на Израел и бара оваа земја да ја преиспита својата одлука. Тој потег може да ја разниша општата безбедност и стабилност – рече Видодо.

Премиерот на Малезија, Наџиб Разак, ги повика муслиманите во светот да се спротивстават на признавањето на Ерусалим за главен град.

– Ги повикувам сите муслимани во светот да се слушне нивниот глас и јасно да стават до знаење дека се против признавање на Ерусалим за престолнина – рече Наџиб.

Портпаролот на владата на Јордан, Мохамед ел Мимани, соопшти дека официјален Амам ја отфрла едностраната одлука на САД, нарекувајќи ја ништовна затоа што ја консолидира окупацијата на Израел во источниот дел на спорниот град.

Јорданскиот крал, Абдула Втори, изразил загриженост во телефонскиот разговор со Трамп, истакнувајќи дека игнорирањето на правата на Палестинците, муслиманите и на христијаните во Ерусалим може да предизвика ширење на екстремизмот.

Турското министерство за надворешни работи го оцени потегот на Трамп за „неодговорен“ и го повика Вашингтон да ја преиспита одлуката.

Истовремено, ирачката влада побара од САД да ја повлече одлуката за признавање на Ерусалим за престолнина на Израел за да се избегне распламтување на тероризмот.

„Предупредуваме на опасните последици од оваа одлука за стабилноста на регионот и на светот. Американската администрација мора да ја повлече одлуката за да се спречи опасната ескалација која би поттикнала екстремизам и би создала поволни услови за тероризам“, порача владата на Ирак.

И Египет ја отфрли одлуката на САД за преместување на амбасадата во Ерусалим, соопшти египетското министерство за надворешни работи и додаде дека одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел не го менува правниот статус на градот.

Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека Техеран сериозно ја осудува одлуката на САД, која, како што се наведува, ја крши меѓународната резолуција.

Саудиска Арабија исто така изрази противење на одлуката на Трамп, притоа истакнувајќи дека тој „ги провоцира чувствата на муслиманите“.

И Катар оцени дека одлуката за преместување на американската амбасада во Ерусалим претставува „опасна ескалација и смртна казна за сите кои сакаат мир“. Либан предупреди дека одлуката на Трамп претставува закана за мировниот процес и за стабилноста во регионот.


Арапските земји воведоа санкции за организации и лица поврзани со Катар


Ријад, 9 јуни, 2017 - 10:36 (META) 

Група арапски земји стави 12 организации и 59 поединци на листа на санкции поради наводната поддршка на тероризмот и поврзаноста со Катар.

Одлуката за санкциите, која е соопштена утринава во Ријад, дополнително го изолира Катар, кој е обвинет за тероризам и врски со Иран, регионалниот ривал на Саудиска Арабија.

Спорот со Катар го водат Бахреин, Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Во заедничкото соопштение се наведува дека поединците и организациите од црна листа се „во служба на сомнителната политичка програма на Катар“.

Катарската влада ги отфрли ваквите обвиненија, тврдејќи дека последното соопштение „уште еднаш ги потврди неоснованите обвиненија“ на четирите арапски земји, кои во понеделникот ги прекинаа дипломатските односи со Доха.


Иран да престане да ги финансира терористите, порача Трамп од Тел Авив


Тел Авив, 22 мај, 2017 - 15:44 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на посетата на Израел изјави дека Иран мора да престане да поддржува „терористи и милиции“ и дека никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје.

– Најважно е дека САД и Израел можат во еден глас да објават дека на Иран никогаш не смее да му биде овозможено да поседува нуклеарно оружје – никогаш – и да престане со смртоносното финансирање, тренирање и опремување терористи и милиции – изјави Трамп во заедничкото обраќање со израелскиот претседател Реувен Равлин.

Трамп пристигна во дводневна посета на Израел од Саудиска Арабија, каде ќе има „ретка шанса“ да донесе мир на Блискиот Исток, односно да се обиде да ги деблокира мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците.

Говорејќи со израелските претставници, веднаш по слетувањето на аеродромот во Тел Авив, Трамп истакна дека сака да ја „реафирмира нераскинливата врска“ помеѓу САД и Израел.

– Сега мора да работиме заедно да ја изградиме иднината каде нациите од регионот ќе живеат во мир. Пред нас е ретка можност да донесеме стабилност и мир во регионот – рече Трамп, додавајќи дека тоа може да се постигне само со заедничко дејствување.


Четириесет и четири жени од Косово биле на боиштата на Блискиот Исток


Приштина, 26 јануари, 2017 - 13:44 (META) 

Косовскиот центар за безбедносни студии соопшти дека од почетокот на конфликтите во Сирија и во Ирак, од 2012 до 2016 година, 44 косовски жени биле вклучени во тие конфликти, а меѓу нив има и 27 деца.

Врз основа на истражувањето на овој центар, „жените кои учествувале во терористичките организации давале нега, промовирале идеологија на ектремно насилство и регрутирале други жени да им се придружат на екстремистичките групи“.

Косовската полиција пронашла седум жени кои се вратиле на Косово, додека една се соочува со обвинение и чека судска пресуда.

Во извештајот на Центарот се нагласува дека најмалку шест од нив се изолирани и без институционална поддршка, додека некои од оние кои се вратиле, ги изгубиле сопрузите и морале повторно да се омажат.

Органите за безбедност соопштија дека 316 косовски државјани учествувале во странски конфликти и оти таму сè уште се наоѓаат околу 140 Косовци. Се верува дека во Косово се вратиле 117, а 35 се казнети.

Собранието на Косово усвои закон кој забранува Косовците да се борат на странски боишта, а за таквото дело се предвидува казна од пет до 15 години затвор.


Сè помали се изгледите за мир на Блискиот Исток, оцени Бан Ки-мун


Њујорк, 30 ноември, 2016 - 12:15 (META) 

Генералниот секретар на обединетите нации, Бан Ки-мун, рече дека меѓународната заедница мора јасно да каже дека и понатаму е посветена на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците, затоа што изгледите за мир „можат да се лизнат од раце“.

Бан, чиј десетгодишен мандат завршува за еден месец, синоќа издаде соопштение во пресрет на состанокот на Генералното собрание на ОН, кое го сочинуваат 193 земји, по повод Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ.

Тој наведе дека поради настаните од последната година, вклучувајќи ги и двата неуспешни обида во преговорите за договор и вооружените судири, Палестинците и Израелците се фрустрирани и разочарани.

„Тоа им даде сила на радикалите и ги ослабна умерените на двете страни. Тоа што ги прави работите уште полоши е опасниот вакуум во меѓународната заедница затоа што кризите во другите места го одвлекуваат вниманието на светските лидери“, рече Бан.

Палестинците сакаат да основаат независна држава на Западниот Брег и во Појасот Газа, со источен Ерусалим како главен град на државата. Израел ги освои овие територии во шестдневната војна во 1967 година и на Западниот Брег и во анектираниот источен Ерусалим сега живеат околу 600.000 еврејски населеници.


Сите обвинети во случајот „Ќелија“ ја признаа вината


Скопје, 16 мај, 2016 - 11:19 (META) 

На денешното рочиште за случајот „Ќелија“, во Основниот суд Скопје 1, уште петмина обвинети ја признаа вината за кривичните дела за кои се обвинети, односно за регрутирање и за учество во паравоени формации во воените жаришта на Блискиот Исток, пренесува „Телма“. Со ова, практично, сите обвинети во овој случај се изјаснија за виновни.

На претходното рочиште, пред две недели, дел од адвокатите на обвинетите побараа дополнителен увид во доказите за да може да се подготви главната расправа. Тогаш адвокатот Ефто Спировски, кој е бранител на обвинетиот Иса Фуга, рече дека неговиот клиент изразил подготвеност да ја признае вината за едно од делата што му се ставаат на товар, бидејќи не можел да ги истрпи условите во затворот „Скопје“, во Шуто Оризари, каде издржува мерка притвор.

На јавна седница, која се одржа на 11 март, шестмина обвинети во „Ќелија“ ги признаа делата учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322-а од Кривичниот законик, кои им се ставаа на товар и се спогодија со Обвинителството за казните. Тие беа осудени на вкупно 32 години затвор.

Како што јавува „Телма“, судот в среда треба да ги изрече казните за петтемина обвинети што денеска се изјаснија за виновни.


Одложен почетокот на судскиот процес за случајот „Ќелија“


Скопје, 27 април, 2016 - 13:51 (META) 

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Ќелија“, кој се води против пет лица обвинети за регрутирање и за учество во паравоени формации на Блискиот Исток, е одложено откако адвокатот на еден од обвинетите побара дополнителен увид во доказите.

Покрај тоа, како што пренесува „Академик“, адвокатот Ефто Спировски, кој е бранител на обвинетиот Иса Фуга, рекол дека неговиот клиент изразил подготвеност да ја признае вината за едно од делата што му се ставаат на товар, бидејќи не можел да ги истрпи условите во затворот „Скопје“, во Шуто Оризари, каде издржува мерка притвор.

„Јас сум ангажиран да го бранам Иса Фуга преку неговиот татко и иако нашите ставови не се совпаѓаат, јас морам да ја следам желбата на Иса изразена преку неговото семејство. Тие ме информираа дека тој не може да ги истрпи условите во притворот, дека 10 квадратни метри во затворот влијаат тој да стане емотивно лабилна личност, поради што изразил волја да признае едно од делата што му се ставаат на товар“, рекол Спировски.

На ова, судијата Ѓоко Ристов, кој го води процесот, посочил дека не може да се прави преквалификација на делото, ниту да се издвои признанието за вина за само едно дело.

Обвинителот од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Владимир Милошевски, при денешното образложение на обвинителниот акт, навел дека доказите обезбедени во истрагата укажуваат дека лицата ги извршиле делата за кои се товарат.

„Кривичните дела се докажани од прибраните материјални докази и од доказите обезбедени преку посебни истражни мерки и преку анализа на средствата за електронска комуникација што ги користеле обвинетите. Од нив се забележува меѓусебна комуникација, но и комуникација со трети лица кои се наоѓаат на воените жаришта и кои се дел од паравоени формации, како и со лица кои дејствувале како поддршка за превоз до воените жаришта и вклучување на лица во воени дејства“, навел Милошевски, додавајќи дека Обвинителството има докази дека обвинетите биле вклучени и во организирање превоз, опремување, обучување или на друг начин помагање на лица кои ќе заминат на воени жаришта.

Во случајот „Ќелија“ обвинети се Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Ерол Рустеми, Имери Мухамед и Стефан Стефановски. Тие се товарат за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322-а од Кривичниот законик.

Претходно, шестмина обвинети во случајот склучија спогодба со Обвинителство и беа осудени на вкупно 32 години затвор, откако ги признаа делата за кои се товарат.

Рочиштето за случајот „Ќелија“ е презакажано за 16 мај.


Папата го повика Иран да помогне во борбата против тероризмот


Ватикан, 26 јануари, 2016 - 16:59 (META) 

Папата Франциск се сретна со иранскиот претседател Хасан Рохани и ги повика Иран и другите блискоисточни земји да соработуваат во воспоставувањето мир и во запирањето на ширењето на тероризмот и на шверцот на оружје во регионот.

„Се разговараше за важната улога која Иран е повикан да ја одигра, заедно со другите земји во регионот, во наоѓање адекватно политичко решение за проблемите што го погодија Блискиот Исток и за борбата против ширењето на тероризмот и на шверцот на оружје“, соопштија од Ватикан.

Иран е најголем сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад, додека европските земји и САД ги поддржуваат сунитските бунтовници. Западот, исто така, го обвинува Техеран за давање поддршка на разни вооружени групации, кои на Запад се означени како терористички организации.

Рохани и папата разговарале 40 минути во приватните одаи на ватиканската Апостолска палата. Иранскиот претседател се сретнал и со високи ватикански дипломати.