!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

НБРМ: Инфлацијата се засилува, слаб пораст на економијата


Скопје, 12 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Констатирано е одредено засилување на инфлацијата во јуни, ликвидноста на банките благо се зголемила, а економијата забележала слаб пораст. Износот на благајничките записи, пак, ќе се намали.

Тоа се главните сознанија од комисијата за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Во поглед на редовното преиспитување на ликвидноста на банките,  по зголемувањето на бројот на благајничките записи од почетокот на март до првата декада на јуни, е донесена одлука на денешната аукција на вакви записи да се понудат помалку записи од достасаниот износ.

По стагнацијата во првото тримесечје од годинава, констатирала комисијата, високофреквентните показатели покажале засилување на економијата во месеците од април до јуни, што се должи на порастот на индустриското производство и на порастот кај трговијата. Сепак, овој заклучок се темели на нецелосни податоци, се предупредува во соопштението од НБРМ.

Констатирано е и дека во јуни инфлацијата умерено се засилила во однос на предвидената стапка од 1,5 отсто, при што во првата половина од годинава цените просечно се зголемиле за 0,9 отсто. Цените на храната најмалку учествувале во тој пораст, односно тие или минимално се зголемиле или, пак, останале на исто ниво или се намалиле.

Значителна промена е забележана и кај вкупните депозити на месечна основа во јуни, наспроти нивното намалување во првите пет месеци од годинава.

Кредитната активност на банките во претходниот месец бележи пораст.


Народна банка ја намали основната каматна стапка од 4 на 3,75 проценти


Скопје, 15 декември, 2016 - 13:57 (META) 

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, Народна банка ја намали за 0,25 процентни поени, и таа сега изнесува 3,75 проценти.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, кое во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Ова намалување на каматната стапка, според некои од банките, нема значително да влијае врз намалување на каматите на кредитите и на заштедите.


Наумов: Земјата е во лоша состојба бидејќи постојано се задолжува за плати и за пензии


Скопје, 6 мај, 2016 - 13:53 (META) 

„Не ги оспорувам аукциите на државни хартии од вредност како законски и вообичаен инструмент за финансирање на временската разлика помеѓу приходите и расходите во буџетот. Но, истовремено, не можам да се согласам преку овој инструмент да се овозможува реализација на дефицитот на буџетската сметка со забрзана динамика, односно повторно да бидеме сведоци на „истурање на средства“ во предизборниот период, како во минатите изборни циклуси“, се вели во писмото на дополнителниот заменик-министер за финансии во оставка, Кире Наумов, до министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Во ова писмо, тој го потсетува Ставрески дека главен проблем во комуникацијата и во соработката со него биле задолжувањата на домашниот пазар на капитал. Исто така, Наумов вели дека со погрешните економски политики во изминатите 10 години, „земјата е во многу лоша ситуација и мора постојано да се задолжува за исплата на плати, пензии, социјална помош, субвенции“.

Според Наумов, одлуката на гувернерот Димитар Богов да ја зголеми каматата на благајничките записи е долевање масло на огнот.

– Во комбинација со објавените проспекти за наредната аукција на државни записи, кои се со девизна клаузула, ценам дека довербата кон домашната валута дополнително се нарушува – додава Наумов во писмото.


Народна банка ја зголеми каматната стапка поради зголеменa побарувачка на девизи


Скопје, 4 мај, 2016 - 11:04 (META) 

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, е зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти, соопштија од Народна банка.

– Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на дејствувањето на фактори од неекономска природа – се вели во соопштението на Народна банка.

Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата.

– Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен пораст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и понатаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови – се додава во соопштението.