Коморите реагираат: Данокот на личен доход влезе во Собрание пред истекот на рокот за забелешки


Скопје, 27 ноември, 2018 - 12:58 (META) 

Предлог-законот за данок на личен доход влезе во собраниска процедура пред истекот на рокот за забелешки на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи), реагираат од Стопанска комора на Македонија, Стопанската комора на северо-западна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојуз на стопански комори, како дел од Проектот на УСАИД, „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

„Бизнис-заедницата остро реагира дека не само што не се послушани нивните аргументи против новите даночни решенија, туку не е испочитуван рокот за доставување на забелешките. Со овој потег се нарушува партнерскиот однос помеѓу јавниот и приватниот сектор како клучна алатка за постигнување на поволен деловен амбиент кој ќе овозможи предвидливост, стабилност и ќе резултира со економски раст во Македонија“, се вели во соопштението.

Четирите комори, во септември годинава излегоа со став дека реформата во даночната политика треба да се одложи за минимум пет години. Ваквиот заеднички став резултираше по направените детални анализи, бројни анкети со бизнис секторот и реализирани работни средби со компаниите.

„Ваквиот вид на ад-хок измени не и одат во прилог на држава која изминатите неколку години ги помина во правна несигурност и економска криза, заради што целокупната економија беше ставена пред предизвик на опстанок”, се вели во заедничкиот став на стопанските комори кои и покрај тоа што навремено и аргументирано укажаа на негативните ефекти од овие реформи и истите во септември ги доставија до сите релевантни државни институции, сепак гласот на бизнис-заедницата не беше слушнат.


Четирите комори заедно ќе реагираат против скратената постапка за Законот за личен доход


Скопје, 26 ноември, 2018 - 11:26 (META) 

Четирите комори во државата, преку проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ кој се имплементира со поддршка на УСАИД, ќе упатат заедничка реакција што предлог-законот за личен доход ќе се усвојува по скратена постапка, најави претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески во неговата колумна објавена на „Плусинфо“.

Тој вели дека роковите за поднесување на коментари на засегнатите страни на ЕНЕР сé уште течат, а носењето на законот по скратена постапка не е одлика на партнерски однос помеѓу јавниот и приватниот сектор, каков што бизнис-секторот и Владата се стремат и јавно се залагаат да го воспостават.

Бизнис-заедницата смета дека, доколку прогресивното оданочување се реализира, истото би имало негативни последици врз целата бизнис заедница со тоа што значително ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата.

Со предлог-законот за личен доход кој Владата го испрати на усвојување во Собранието, со измените се воведува дополнителна стапка од 8 проценти, за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно.


Бизнис-заедницата бара одложување на воведувањето на прогресивно оданочување


Скопје, 7 ноември, 2018 - 11:21 (META) 

Најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во буџетот, за обезбедување подобар квалитет на јавните услуги, е прво да се искористат сите расположливи можности за рационализација на расходите, е еден од заклучоците на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

„Пред сé рационализација на процесите на државната администрација, пред да се пристапи кон воведување поголеми обврски за субјектите во системот и поголемо даночно зафаќање, особено ако се има предвид континуираниот тренд на раст на сите даночни приходи во буџетот во периодот 2005-2017 година. Искуствата покажуваат дека системски промени од ваков вид треба да бидат најавени и усвоени многу претходно во текот на календарската година, во партнерски однос, преку усогласување со најзначајниот партнер од деловниот сектор, како би можеле субјектите навремено да го усогласат своето работење. Во конкретниот случај, предложената даночна реформа е презентирана на почетокот на месец ноември, на помалку од 60 дена до започнувањето на новата фискална и даночна година, во време кога голем број од деловните субјекти веќе ги имаат утврдено финансиските планови за следната година, што има сериозни импликации врз предвидливоста и стабилноста на деловното опкружување“, се вели во соопштението на Стопанска комора.

Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија смета дека најдобриот начин за усогласување на ставовите по однос на ова прашање е барањето доставено до Владата во септември 2018 година, во рамките на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува со поддршка на американската агенција за меѓународен развој УСАИД.

„Во поднесеното барање, четирите комори во државата заеднички побараа одложување на реформата за воведување прогресивно оданочување. При тоа, посочениот период треба да биде искористен за спроведување на широки консултации со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и бизнис заедницата, во насока на согледување не само каков ќе биде планираниот ефект врз приходната страна на буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз севкупното деловно опкружување и продуктивноста на македонската економија“, се вели во еден од заклучоците на Стопанска комора.


Стопанските комори се против даночните реформи за прогресивно оданочување


Скопје, 5 ноември, 2018 - 15:44 (META) 

Бизнис-заедницата смета дека, доколку прогресивното оданочување се реализира, истото би имало негативни последици врз целата бизнис заедница со тоа што значително ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата.

Ова го покажува анализата на резултатите од истражувањето помеѓу членовите на Платформата за јавно – приватен дијалог во која се Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

„При тоа треба да се има предвид фактот дека станува збор за сериозна промена на даночниот режим со кој се создава нов систем на обврски на неполни два месеци пред крајот на годината, кога најголем дел од деловните субјекти веќе ги имаат направено планирањата за следната фискална година. Со предложените измени во даночниот систем се усложнува работењето на компаниите“, се вели во соопштението на „Епи центар Интернационал“ кој го имплементира проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, финансиран од страна на УСАИД.

Стопанските комори се согласни дека изразениот став е јасен и недвосмислен и дека неопходно е да се земе предвид при креирање и ревидирање на националните политики.

„Врз основа на спроведеното истражување стопанските комори испратија и официјален Позиционен документ до Владата и сите надлежните министерства. Со овој документ стопанските комори излегоа со заедничко барање за одложување на најавените даночни реформи за воведување на прогресивно оданочување, за најмалку пет години. Воедно, стопанските комори и понатаму повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики кои ја засегаат бизнис заедницата, со цел да се избегнат непоправливите штети кои би можеле да му се нанесат на македонското стопанство како резултат на избрзани одлуки во кои не се земени предвид сите релевантни фактори“, се додава во соопштението.


Бизнис-заедницата смета дека е добро што ќе се одложи прогресивното оданочување


Скопје, 13 септември, 2018 - 12:18 (META) 

Денеска, четирите стопански комори, потписници на Платформата за јавно-приватен дијалог: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија испратија официјален допис до Министерството за финансии со што го поздравија одложувањето на најавената даночна реформа за прогресивно оданочување.

„Во текот на изминатите неколку месеци членовите на Платформата спроведоа заедничко истражување на 546 домашните претпријатија и организираа две фокус групи по однос на ставот за прогресивното оданочување и последиците кои истиот ќе ги донесе врз развојот на македонската економија. Анализата на резултатите јасно го истакна ставот на бизнис заедницата дека доколку прогресивното оданочување се реализира, во моментов истото би имало негативни последици врз целата бизнис заедница. Согласно направеното истражување, при изработката на официјалниот позиционен документ стопанските комори вертикално се усогласија во сите структури и го изразија својот став по однос на ова прашање“, велат од таму.

Тие бараат одложување на оваа даночна реформа за пет години. Од таму сметаат дека прагот за кој даночните обврзници се спремни да ги плаќаат даноците е прилично низок и зголемување на стапките ќе предизвика дестимулирачки ефект во економијата или со други зборови ќе ја поттикне даночната евазија.

„Подобро е со постоечките механизми да се поттикнат економските оператори да не прават затајување на данок, односно да ги плаќаат сите даноци, наместо да манипулираат со средствата“, се вели во Позициониот документ изработен од страна на коморите.

Оваа активност е дел од Проектот  „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ финансиран од страна на УСАИД а имплементиран од Епи центар Интернационал во партнерство со четирите стопански комори.


Владата и бизнис-заедницата потпишаа меморандум за подобра соработка


Скопје, 9 мај, 2018 - 16:08 (META) 

Четирите стопански комори и Владата денеска потпишаа Меморандум за формално воспоставување на јавно-приватен дијалог.

Меморандумот за соработка треба да придонесе за поголема соработка помеѓу бизнис-заедницата и Владата, зајакнување на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор, особено во делот на легислативата.

Директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД, Македонија, Едвард Гонзаелс, оцени дека е зголемен дијалогот меѓу Владата и приватниот сектор во последните месеци.

– Коморите поаѓајќи од заедничките интереси во застапување на компаниите заедно со Владата ќе ги градат политиките кои ги засега секој сектор во стопанството, особено микро, малите и средните претпријатија – изјави Гонзалес.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, рече дека коморите и до сега биле партнери во донесување на законите, но биле противници во имплементирањето. Тој побара од Владата, да се прекине со практиката во минатото законите да се носат по скратена постапка и да се следи примерот со Австријците, односно ниту еден закон кој се однесува на бизнисот да не се носи без консултација со коморите.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев оцени дека потпишувањето на меморандумот е само формално заокружување на соработката што секојдневно владата ја има со бизнис-заедницата. Тој рече дека носењето на закони по брза постапка, негативно влијаеле врз бизнисите и затоа, како што кажа, сега компаниите се и премногу инклузивни во носењето на законите.

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, потенцираше дека компаниите во минатото се соочувале со голем број на инспекции, селективна правда и борба со сивата економија и се надева дека оваа платформа ќе овозможи решавање на проблемите на бизнис-заедницата.

На денешниот настан во Владата беше презентирана и анкета направена помеѓу 177 компании членки на коморите која покажува дека се намалува паричното казнување на фирмите, а се зголемува бројот на опомени. Половина од фирмите исто така сметаат дека имаат високо даночно оптоварување и комплексна и нејасна регулатива, но и различно толкување на законите.

Во однос на ефектите од прогресивното одданочување 34 отсто се изјасниле дека тоа би било негативно, 28 отсто дека би било позитивно, а една третина од команиите не знаат што точно ќе се случи со прогресивното одданочување.

Како приоритетни реформи за подобрување на деловното опкружување, компаниите очекуваат ефикасно судство, намалување на сивата економија и на корупцијата.

Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е спроведуван од „Епи центар интернационал“ во партнерство со коморите.


Дел од синдикатите се против идејата вицепремиер да биде од бизнис заедницата


Скопје, 24 мај, 2017 - 11:55 (META) 

Неколку синдикални организации во отворено обраќање до лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев велат дека силно се противат на идејата вицепремиер за економски прашања во новата влада да биде претставник од бизнис заедницата.

Од таму сметаат дека за да може Македонија конечно да тргне по вистинскиот пат на развојот, мора да има промена во економските политики, но не во насока на уште поголемо фаворизирање на бизнисот, туку во спротивна насока, во насока на градење на поинклузивно општество.

„Владата и бизнис заедницата имаат различни интереси, кои понекогаш и се преклопуваат, ама во поголем дел од времето се спротивни едни на други. Заради тоа владата и бизнис заедницата се одвоени, исто како што се одвоени државата и црквата. Меѓу нив треба да постои соработка, ама таа соработка е на ниво на трипартитен дијалог канализиран преку Економско-социјалниот совет, во кој, покрај владата и бизнис секторот, се вклучени и синдикатите“, се вели во обраќањето на синдикалните организации.

Иницијативата ја потпишале Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Левичарско движење Солидарност, Движење за социјална правда Ленка, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО), Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Независниот академски синдикат (НАкС), Младинската организација МУГРА, АГРО Синдикат, Тивкото мнозинство ГЛАСНО (Штип) и Достоинствен работник (Прилеп).


Бизнисмените плаќаат казни бидејќи не можат да го следат брзото менување на законите


Тетово, 27 март, 2017 - 16:28 (META) 

Стопанствениците најчесто се казнуваат поради непознавање на законите, затоа што постојано се менуваат, а понекогаш се сложени и нејасни. Ова беше истакнато на информативната сесија која се одржа во Тетово, во рамки на проектот – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

Целта на проектот, финансиски поддржан од УСАИД, е зајакнување на капацитетите на бизнис-заедницата за следење на законските регулативи.

– Пребрзото менување на законите без период каде бизнис-заедницата ќе биде свесна за оваа постапка, без да има канали кои ќе придонесат овие информации навремено да стигнат до фирмите, се причините поради кои бизнис-заедницата не ги знае доволно законите, поради што и ги прекршува соочувајќи се со казни – изјави Тамара Тодоровска од организацијата „Епицентар“.

За да се спречи ваквата појава, од Стопанската комора на Северозападна Македонија советуваат при донесувањето на законите да учествува самата бизнис-заедница.

– Донесувањето на тие закони треба да почне од самите компании, тие да ги креираат законите, а владата односно извршната власт да ги спроведува. И така на тој начин, би се донесувале закони кои би биле во интерес на фирмите, а не од интерес на дневната политика која ја водат политичките партии – изјави Мендерес Кучи од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Денешната информативна сесија во рамки на проектот – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е втора по ред од планираните осумнаесет, кои ќе се одржат во повеќе градови во Македонија.


СКСЗМ бара развоен буџет и зголемување на капиталните инвестиции


Скопје, 1 декември, 2016 - 15:15 (META) 

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) предлага реструктурирање на јавните трошоци и буџетот да се насочи кон развојните политики, а не како што е досега, буџетот да биде социјален, само за одржување на социјалната стабилност.

Ова денеска беше истакнато на средбата со претставниците на движењето Беса, каде се дискутираше за економската платформа на комората и за можностите за подобрување на бизнис-климата во земјава.

Од СКСЗМ бараат зголемување на капитални инвестиции од просек 14 проценти годишно на минимум 25 проценти, а до три проценти од домашниот бруто-производ (БДП) да се инвестира во образование, истражување и во развој.

Во делот на развојот на бизнисот, СКСЗМ предлага намалување на основната каматна стапка од Народната банка, што би придонело за директно зголемување на кредитирањето на комерцијалните банки на бизнис-заедницата и на општеството.

Инфрасктруктурата преставува најбитен услов за водење бизнис и како клучни приоритети во оваа област, СКСЗМ ги наведува завршувањето на студијата за економска оправданост на патот „Руга е Арбит“ и почнувањето на реализација на проектот, односно изградба на патната оска Бошков мост – Дебар – Гостивар, Скопје – Блаце, Желино – Јажинце, Тетово – Призрен, отворањето на царинскиот терминал во Јажинце и други.


ВМРО-ДПМНЕ: Намалувањето на невработеноста е најголем успех на оваа Влада


Скопје, 24 март, 2016 - 18:32 (META) 

„Намалувањето на невработеноста е најголем успех на оваа Влада и СДСМ тоа добро го знае. Отворени се работни места во секој град, вкупно 150.000“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по повод соопштението на СДСМ за вработувањата.

Понатаму во него се потсетува за „намалување на даноците, воведувањето на најнизок рамен данок во Европа, како и за намалените стапки за придонеси за пензиско и за здравствено осигурување“.

– Во периодот од 2006 до 2015 година, повеќекратно се намалени царините на барање на бизнис-заедницата, со што се зголеми конкурентноста на фирмите. Денес фирмите плаќаат 40 отсто пониски царини споредено со 2006 година, додека врз основа на укинати и намалени царински такси и надоместоци, дополнително остваруваат заштеди во износ поголем од 10 милиони евра годишно – се вели, меѓу другото, во соопштението на владејачката партија.