Заев и економскиот тим на Владата на средба со бизнис-заедницата


Скопје, 5 јули, 2017 - 19:54 (META) 

Премиерот Заев и економскиот тим на Владата денеска имаа работна средба со повеќе од 200 претприемачи, бизнисмени и стопанственици, во организација на Сојузор на стопански комори на Република Македонија.

Од кабинетот на премиерот соопштуваат дека Заев ги слушнал барањата и предлозите на стопанствениците и изразил цврста определеност на Владата да ја интензивира соработката со бизнис-заедницата, како и одлучноста низ заемна консултација да се носат одлуките во креирањето и во спроведувањето на економските политики.

– Владата ќе биде успешна ако соработува со бизнис-заедницата. Постои огромна мотивација и добра соработка помеѓу економските ресори во Владата. Желбата да бидеме сервис за бизнисот и за граѓаните е голема и очекуваме резултати од ваквата успешна соработка – изјави Заев.

Заев, пред претставниците на бизнис-секторот, ги презентирал економските политики на Владата за поддршка на домашните фирми и за нивно поврзување со странските инвеститори, а исто така го најавил и новиот ребаланс на буџетот.

Освен Заев на средбата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.


Отворена фабриката „Адиент“ во ТИРЗ – Струмица


Струмица, 15 јуни, 2017 - 16:39 (META) 

Премиерот Зоран Заев, американскиот амбасадор Џес Бејли,  директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, и Владимир Теплик од компанијата „Адиент“ денеска ја отворија оваа фабрика во технолошко-индустриската развојна зона во Струмица. Инвестицијата изнесува 20 милиони американски долари и ќе вработи повеќе од 1.300 лица.

Заев истакна дека отворањето на американската фабрика „Адиент“ значи отворање на нови работни места и поради тоа е од огромно значење за граѓаните.

– Инвеститорот ќе остварува приход и профит, граѓани на Македонија ќе бидат вработени, а државата ќе наплаќа данок. Сето тоа е добро и корисно за сите и тука сум да испратам порака дека ние, како сериозна и одговорна влада, го поддржуваме овој значаен проект. Инвестициите ѝ се потребни на Македонија и поради тоа ќе посветиме големо внимание на развивањето поволна деловна клима во државата – изјави Заев.

Тој додаде дека со исполнувањето на условите за ЕУ и за НАТО, тоа ќе биде охрабрување за странските инвеститори, но и за домашните фирми.

– Конкуренцијата помеѓу фирмите ќе стимулира квалитет во работењето, ќе поттикнува конструктивна конкуренција во обезбедувањето подобри услови за работа во Македонија, поголема грижа за работниците, повисоки плати. На овој начин ќе обезбедиме поволна деловна клима во целата држава – додаде Заев.


Бектеши и Река разговарале за изградба на далноводот Битола – Елбасан


Скопје, 12 јуни, 2017 - 16:03 (META) 

Проектот за изградба на далноводот Битола – Елбасан, кој се очекува да ја стабилизира и да ја зајакне дистрибутивната мрежа за електрична енергија, бил една од темите на разговор помеѓу министерот за економија, Крешник Бектеши, и амбасадорот на Албанија во Македонија, Фатос Река.

Од Министерство за економија информираат дека двајцата соговорници се согласиле за продлабочување на меѓусебната соработка преку поголема трговска размена, зголемување на бројот на туристи во двете земји и поттикнување на инвестициите кај бизнис-секторот во различни капацитети во Македонија и во Албанија.

Амбасадорот Река го поканил министерот Бектеши да оствари официјална посета на Република Албанија.


Жбогар: Партиите го признаа парламентарното мнозинство, недостига вистинска дебата


Ресен, 30 март, 2017 - 21:34 (META) 

Позитивна работа е што политичките партии признаа дека има парламентарно мнозинство, но загрижува отсуството на вистинска дебата во Собранието, изјави денеска амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, за време на посетата на Ресен во рамките на проектот „ЕУ за тебе“.

– Позитивно е што сите политички партии признаа дека е формирано парламентарно мнозинство и тоа претставува еден чекор напред. Тоа што е важно е да има дебата, но во моментов таа дебата се состои повеќе од зборување отколку од слушање на пратениците еден со друг. Мислам дека тоа е загрижувачки. Во тој контекст е и она што ми го кажуваат луѓето од бизнис-сферата кои велат дека економијата забавува бидејќи државните институции не функционираат и на некој начин целата земја е ставена на чекање – изјави Жбогар.


ССК: Стабилност во новата година за економски пораст


Скопје, 23 декември, 2016 - 14:31 (META) 

На крајот од оваа година, бизнис-секторот апелира за стабилност во 2017 година како услов за економски пораст, се вели во соопштението на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Во него се додава дека на предновогодишниот настан организиран од комората било истакнато дека важно е на крајот на секоја година да се даде признание за сработеното, но и да се извлече поука од изминатата година, со оглед на сите фактори што придонесоа за стагнација на бизнисот, инвестициите и на економијата воопшто.

Сојузот на стопански комори на Македонија е водечка македонска деловна мрежа со повеќе од 20.000 членови, претставува 29 стопански комори и повеќе од 30 групации, здруженија и асоцијации.