!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев, Рама, Марковиќ и Звиздиќ ќе учествуваат на „Самит 100“


Скопје, 13 октомври, 2017 - 10:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев ќе учествува на регионалниот настан „Самит 100“  за бизнис-лидери од Југоисточна Европа, кој на 16 и 17 октомври ќе се одржи во Скопје.

Заев е поканет да учествува со свое излагање на премиерската пленарна панел-дебата под наслов „Нов договор за новото време или дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена?“, на која ќе се дебатираат и темите за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Учество на оваа пленарна дебата, која ќе се одржи на 17 октомври, потврдија и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа се одржува по шести пат. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.