!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хан: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка


Трст, 12 јули, 2017 - 12:53 (META) 

Протекционизмот не е вистински одговор за развој на економијата, изјави шефот на италијанската дипломатија Анџелино Алфано, при отворањето на бизнис-форумот во Трст, кој се одржува во рамките на самитот Западен Балкан – ЕУ.

Алфано истакна дека отвореноста и транспарентноста на државните органи кон бизнис-секторот се клучни за повисока динамика на економијата, а дека вистински предизвик е креирањето нови работни места за младите луѓе, во кои е иднината на секоја земја.

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан нагласи дека самитот испраќа порака за поддршка и стимул за реформи во земјите од Западен Балкан. Тој рече дека одблизу се следат процесите на меѓусебно поврзување, спроведување на реформи во енергетиката и во другите области.

– Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка. Европската Унија ќе ги поттикне реформите, за регионот да продолжи да се развива и земјите да го постигнат посакуваното ниво на економски развој. Економскиот развој е еден од клучните елементи за интегративниот процес на регионот на Западен Балкан во Европската Унија – изјави Хан.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека Владата ќе се посвети на спроведување на потребните реформи што го трасираат патот на земјата кон членството во Европската Унија.

– Не е возможно да зборуваме за економски пораст на земјата ако не работиме на поддршка и на стимулирање на извозот на компаниите што работат во Република Македонија. Пазарот од два милиони луѓе е мал и пред сè треба да ги поддржиме нашите компании да растат и да бидат конкурентни во регионот, а потоа и во ЕУ – рече Анѓушев.

Во однос на привлекувањето странски инвестиции во земјата, Анѓушев рече дека сите странски инвеститори дека се добродојдени во Македонија и дека владата ќе ја гарантира безбедноста на странскиот капитал.

Самитот за Западен Балкан во Трст е четврти по ред и е дел од активностите кои се одвиваат во рамките на „Берлинскиот процес“, иницијатива на Европската Унија, за забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.


Прв македонско-полски форум на жени претприемачи


Скопје, 16 јуни, 2017 - 13:54 (META) 

Прв македонско-полски бизнис-форум на жени претприемачи ќе се одржи во Варшава од 28 јуни до 1 јули.

Целта на форумот е да се создадат поблиски контакти за отворање можности за економска соработка, промоција на македонскиот извоз во Полска и за привлекување потенцијални странски инвестиции од Полска.

Исто така, ќе се согледуваат полските искуства од користењето на структурните фондови на ЕУ и можностите за заедничко настапување на компаниите од Македонија и од Полска на двата пазари, како и во трети земји, а сето тоа со фокус на жените претприемачи.

Бизнис-форумот ќе се одржи во просториите во МНР на Полска, а ќе учествуваат жени претприемачки, менаџерки, раководтелки и лидерки од Македонија и од Полска.


Анѓушев – Линд: Искуствата на Шведска за изворите на енергија ќе се применуваат кај нас


Стокхолм, 13 јуни, 2017 - 12:52 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, е во дводневна посета на Кралството Шведска, а вчера се сретнал со министерката за европски прашања и за трговија, Ан Линде, информираат од кабинетот на министерот.

Двајцата соговорници разговарале за чистите технологии и за обновливите извори на енергија, при што била договорена соработка за искористување на шведските искуства и знаења во Македонија.

Вчера, Анѓушев се сретнал и со претставници на компанијата „Ериксон“, при што му биле презентирани последните дигитални технологии за таканаречените паметни мрежи (smart grid) за електрична енергија, особено за нивната примена во земјоделството.

Денеска Анѓушев ќе се обрати на бизнис-форумот во организација на македонската амбасада во Шведска и на „Македонија 2025“.


Бизнис-форум во Шведска на кој учествуваат 80 претставници од Македонија


Стокхолм, 13 јуни, 2017 - 11:21 (META) 

Повеќе од 80 претставници од јавниот и од приватниот сектор од Македонија и од Шведска учествуваат на бизнис-форумот што почнува денеска во Стокхолм, во организација на „Македонија 2025“ и на Амбасадата на Македонија во Шведска. Главната тема за дискусија на форумот е производството на енергија од обновливи извори.

Шведска е лидер во светот по одржлив развој, а Македонија има големи потенцијали кои треба ефикасно да се искористат. Ќе се презентираат стратегии за развој на т.н. паметни градови и индустрии за управување на отпад, како и можности за соработка помеѓу Македонија и Шведска.

„Нашата цел е да придонесеме за поголемо вклучување на Македонија во европската економија, како и за пренесувањето на најдобрите практики за одржлив развој кои Македонија може да ги имплементира“, рече, меѓу другото, Џон Битов, коосновач на „Македонија 2025“ и успешен претприемач од Канада со македонско потекло.

Тој заедно со амбасадорката на Македонија во Шведска, Александра Наќева-Ружин, и со Ана Гислер, извршна директорка на Агенцијата „Инвест Стокхолм“, го отвори форумот.

Организацијата „Македонија 2025“ работи на поврзување на македонски професионалци кои живеат низ Европа и светот, како и промовирање на потенцијалите за инвестиции во Македонија. Претходните настани од ваков карактер се одржаа во Париз, Виена, Торонто, Колумбус, Чикаго и во други светски метрополи.


Денеска почна бизнис-форум во Сараево на тема „Еден регион – една економија“


Сараево, 22 мај, 2017 - 16:25 (META) 

Tрадиционалниот  бизнис-форум во Сараево почна денеска и на него учествуваат преку 1.600 учесници од над 30 земји, меѓу кои и актуелни и поранешни шефови на држави и на влади, претседатели на големи корпорации, на банки и на ЕУ.

Главното мото со кое започна еден од панелите на годинешната средба е „Еден регион, една економија – поврзување и потенцијали“, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), коорганизатор на средбата.

Јирки Катаинен, потпретседател на Европската комисија (ЕК) рече дека со радост го очекува претстојниот самит на Западен Балкан во Трст, кога лидерите од регионот ќе ја потврдат својата желба да се движат кон единствен регионален економски простор.

„Тоа ќе даде резултати поврзано со мотото „Едно место за инвестиции, еден регион, една економија““,  рече потпретседателот Катаинен.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ изјави дека малите регионални економии можат да сторат многу, но не можат да ја променат големината на пазарот.

Тој додаде дека Југоисточна Европа (ЈИЕ) не може пасивно да се однесува кон меѓународните економски промени и дека мора да ја засили својата конкурентност преку подобрувањето на логистиката и на инфраструктурата.

Поранешниот претседател на Словенија, Данило Турк се заложи за пошироко вмрежување, без да се ограничуваат земјите од регионот само на концептот на поврзување во ЈИЕ, туку и на соседните региони.

„Економската интеграција на ЈИЕ е сигурен пат кон ЕУ. Економската соработка на стопанствата во ЈИЕ е императив за зголемување на инвестициите и конкурентноста на регионот“, изјави Драгана Ѓурица, експерт за конкурентност на Регионалниот совет за соработка, организатор на панелот.

Бизнис-форумот во Сараево кој се одржува осма година по ред, го следат и околу 350 домашни и странски новинари. Тоа е регионална инвестициска конференција, чија главна цел е да ги привлече странските инвеститори преку покажување на потенцијалите во Југоисточна Европа.


Иванов – Иваниќ: Македонија и БИХ треба да ја интензивираат економската соработка


Скопје, 20 април, 2017 - 13:56 (META) 

Политичките односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина (БИХ) се одлични, но недостига поинтензивна економска соработка, на која мора да се работи во следниот период. Ова е задничката оценка на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, на денешниот бизнис-форум што се одржа во Скопје.

Иванов и Иваниќ посочија дека постои солидна основа за интензивирање на економската сораборка и изразија подготвеност за создавање правна рамка за зголемување на трговската размена меѓу двете држави.

Македонскиот претседател посочи дека статистичките податоци, кои покажуваат дека БИХ е дури 20-ти трговски партнер на Македонија, а трговската размена во 2016 година изнесувала 155,7 милиони долари, не соодветствуваат со високото ниво на политички, културни и општествени односи што постојат меѓу двете држави.

Во насока на продлабочување на економската соработка, Иваниќ изрази надеж дека наскоро ќе се овозможи патување од едната во другата држава со лична карта, отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево и заеднички настап на трети пазари на македонските и на компаниите од Босна и Херцеговина.

Во следниот период се очекува двете држави да потпишат договор за економска соработка и договор за соработка меѓу стопанските комори.

Во присуство на претседателот Иванов и на председавачот Иваниќ, денеска е потпишана и спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.


Азески: Од ЕУ ни треба помош за владеење на правото, корупцијата и за инфраструктурата


Белград, 10 март, 2017 - 10:02 (META) 

„Инфраструктурата останува најголем приоритет, бидејќи таа е основа на сите приказни околу регионалниот развој и пораст, а ние на тој план многу малку имаме направено. Најмногу имаме направено на планот на автопатиштата, најмалку за инфраструктурата на железницата, а и гасификацијата мора да остане голем приоритет,“ изјави претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, на бизнис-форумот на Копаоник.

Според него, друга работа е прашањето на владеењето на правото во регионот и неговата хармонизација, бидејќи на тој план се наоѓаме во правен хаос.

„Трета работа која логично произлегува од првите две се парите. Ние немаме повеќе можности да се задолжуваме бидејќи го достигнавме максимумот, а се сомневам и во волјата на инвеститорите во вакви околности да инвестираат. Поради тоа неопходно е да побараме помош од Европската Унија, особоено на прашањата за инфраструктурата, владеењето на право, прашања околу корупцијата, како повторно би биле атрактивни за инвестирање“, додаде Азески.

На традиционалниот бизнис-форум на Копаоник, кој годинава се одржа од 7 до 9 март, учествуваа повеќе од 1.000 учесници, високи државни функционери и влијателни бизнис-лидери, кои ја разгледуваа програмата за реформи, не само во Србија, туку и во регионот.


Свилановиќ: Крајно време е Балканот да ги препознае пораките од ЕУ


Белград, 7 март, 2017 - 16:41 (META) 

„Крајно време е Западен Балкан да ги препознае пораките од ЕУ и да тргне напред преку регионалната соработка“, изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС), меѓувладино тело на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, од кој дел е и Македонија.

Тој ја модерираше панел-дискусијата што се одржа првиот ден од познатиот бизнис-форум „Копаоник 2017“, на кој, како што соопшти РСС, доминантен став на учесниците бил дека „реформите што водат кон економска интеграција на регионот, се неопходен дел дел од побрзото приклучување кон ЕУ“.

„Европската Унија повеќепати го нагласуваше значењето на регионалната соработка и на добрососедските односи и го потврди освежениот пристап кој подразбира посилно партнерство помеѓу претставниците од земјите од Западен Балкан и од ЕУ. Сега е последен момент регионот да тргне напред, водејќи ги своите економии кон просперитетна иднина“, изјави Свилановиќ.

Тој додаде дека мора да се има предвид дека ниту еден инвеститор нема да ги ризикува своите пари доколку не може да се потпре и на правосудството во одредена земја.

„Тоа е тоа што покажува дека процесот на реформи мора да биде сеопфатен, што сепак не може да се направи преку ноќ“, истакна Свилановиќ.

Форумот кој почна денеска, ќе трае до 9 март и на него учествуваат околу илјада учесници, од деловната и од академската заедница, како и претсавници на влади и членови на дипломатскиот кор.

Од Македонија на форумот учествува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.


Бизнис-форумот на Копаоник ќе се одржи од 7 до 9 март, ќе има и претставници од Македонија


Скопје, 3 март, 2017 - 10:47 (META) 

Традиционалниот бизнис-форум на Копаоник, годинава ќе се одржи од 7 до 9 март и на него ќе учествуваат повеќе од 1.000 учесници, високи државни функционери и влијателни бизнис-лидери, кои ќе ја разгледуваат програмата за реформи, не само во Србија, туку и во регионот.

На првиот ден на форумот, говорник ќе биде и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој ќе зборува на темата „Реформска програма на регионалните инвестиции: Еден регион, едно стопанство“.

Во хотелот „Гранд“ на Копаоник, каде ќе биде одржан тридневниот форум, ќе бидат одржани 20 панел-дискусии, три пленарни сесии, четири специјални случувања и две панел-презентации. Тема на форумот е „Програма за реформи во Србија: Што може да се научи од минатото и кои се решенијата за иднината“.


Вучиќ и Рама го отворија првиот српско-албански бизнис-форум


Ниш, 14 октомври, 2016 - 12:57 (META) 

Премиерите на Србија и на Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама, денеска го отворија првиот српско-албански бизнис-форум, на кој присуствуваат околу 300 бизнисмени од двете земји.

Вучиќ рече дека Србите и Албанците се двата најголеми народи на Балканот и дека не треба да дозволат некој друг да им ги уредува односите и иднината. Тој оцени дека без оглед на политичките разлики, треба да изградат заемна доверба и дека е време да се зајакне економската соработка и да се зголеми трговската размена меѓу Србија и Албанија.

Српскиот премиер им порача на бизнисмените од Албанија дека се добредојдени и дека вратите на Србија и на српскиот пазар им се ширум отворени.

Рама изјави дека бизнис-форумот во Ниш докажува дека односите на овие две земји независно од разликите се одвиваат во корист на нивните граѓани.

На форумот е потпишан и меморандум за основање на српско-албанска стопанска комора со седиште во Тирана, која ќе дава логистичка поддршка на бизнисмените од двете држави што ќе одлучат да соработуваат.

На форумот учествуваат компании од прехранбената индустрија, електроиндустријата, машинската, градежната и од хемиската индустрија, како и од секторите туризам, хотелиерство, телекомуникации и други. Вкупната трговска размена меѓу Србија и Албанија во 2015 година изнесувала 109,8 милиони евра, додека извозот на Србија во Албанија изнесува 91,8 милиони евра, а увозот од таа држава – 18 милиони евра.