!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пијани битолчани се нафрлиле на полицајци


Битола, 14 март, 2017 - 15:25 (META) 

Двајца поприлично пијани битолчани ноќеска физички нападнале двајца полицајци, при што им нанеле телесни повреди, соопшти СВР Битола.

Случајот на своите колеги им го пријавила полицајка, ноќеска во 3.40 часот. Таа кажале дека десет минути претходно, додека со колега патролирале на булеварот Први мај, биле нападнати од С.И. (25) и од М.Р. (24), и двајцата од Битола. Напаѓачите имале поголемо количество алкохол во крвта, односно првиот имал 1,79 промили, а вториот 2,66 промили.

Напаѓачите првин почнале да им се закануваат на полицајците, а потоа и физички ги нападнале и им нанеле и повреди, што биле констатирано во Клиничка болница Битола.


„Але, кај е градоначалнико Талески“, прашуваат битолчани


Битола, 26 мај, 2016 - 15:14 (META) 

Најпоставуваното прашање меѓу битолчани последните недели е „Але, кај е градоначалнико Талески?“ По герила- акцијата со лажните евра со ликот на Талески, градоначалникот на Битола, кој претходно често излегуваше пред камери, сега со денови го нема во јавноста.

Битолчани веќе ги бројат настаните каде Талески задолжително се појавуваше, а годинава ги заобиколи.

Без присуството на Талески, остана свеченото осветување на новиот мост во населбата Јени маало, затворањето на Фестивалот на монодрамата, Денот на пожарникарите и ред други настани и активности од работата на локалната самоуправа и јавните претпријатија.

Талески последен пат пред битолската јавност се појави за време на Фестивалот на монодрамата кога стотици битолчани се упатија пред вратите на Центарот за култура барајќи оставка од него. Објектот тогаш имаше силно полициско обезбедување.

На прашањето каде е Талески, портпаролката на општината Наташа Ташкова Поповска, вели дека „тој е тука на работа, го гледам“, додека на прашањето зошто го нема во јавноста, таа нè упати од него лично да побараме одговор, велејќи дека прашањето било лично за него, а не за работата на општината.

Членовите на „Битолското движење“, кои стојат зад герила-акциите за Талески, пак се убедени дека нивните акции вродиле со плод, иако не во целост, бидејќи нивната крајна цел е оставка од аболираниот градоначалник, осомничен за криминал.

– Оваа молчење и криење за Талески е несвојствено. Или можеби се солидаризирал со секретарот на општина Бончановски кој е во домашен притвор за случајот на СЈО „Транспортер“, па и тој се затворил дома да види како е. Како и да е, нашата акција не застанува туку, ќе одиме до крај се, додека Талески не поднесе оставка – вели за „Мета“, активистот Илија Балтовски од „Битолското движење“.


Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава на вересија


Битола, 16 декември, 2015 - 15:08 (META) 

По режисерот Столе Попов, и новиот тим на ИФФК „Браќа Манаки “ се задолжи до гуша кај битолчани.

Фирми кои за време на фестивалот годинава имале склучено договори за вршење услуги, велат дека останале со куси ракави. По три месеци од завршувањето на 36. издание на фестивалот, не виделе ниту денар за сработеното.

Сакајќи да останат анонимни, дел од фирмите ангажирани за фестивалот велат дека последно им било кажано дека до почетокот на декември конечно ќе бидат исплатени, ама тоа не се случило.

– Фестивалот ни должи по неколку стотици илјади денари, а на некои фирми и повеќе. Контактиравме со сметководството на фестивалот и ни кажаа дека никому не се исплатени парите за извршените услуги и дека се чекаат финансии од Министерството за култура. Ни ветија дека до 1 декември сè ќе биде исплатено, но, еве, помина и половина од овој месец, а нема абер дека парите ќе ги земеме. И ние имаме вработени за плаќање, вака не може – реагираат револтирано од неколку фирми во Битола, кои биле ангажирани за потребите на фестивалот.

Преку прес-тимот на ИФФК „Браќа Манаки“, побаравме одговор од директорот Димитар Николовски-Таки, зошто фестивалот не им префрлил ниту денар на битолски фирми кои соработувале на годинешното издание на „Браќа Манаки“.

– Поголемиот дел од фирмите со кои ИФФК „Браќа Манаки“ соработувал за своето 36. издание се веќе исплатени. Мал дел од нив, според потпишаните договори, ќе бидат исплатени штом Агенцијата за филм ќе ја префрли последната рата од парите одобрени за поддршка на фестивалот за годинава – се вели во писмениот одговор од фестивалската управа.

Од фестивалот со бројки појаснуваат со колкав буџет располагаат оваа година.

– Буџетот од Агенцијата за филм изнесува 7.700.000 денари (објавено во март 2015, на прес-конференција на тогашниот директор на Агенцијата, Дарко Башески). Општина Битола го поддржа фестивалот со 3.250.000 денари – стои понатаму во одговорот од ИФФК „Браќа Манаки“.

Режисерот Столе Попов, кога го снимаше филмот „До балчак“ во Битола, остана должен кај дузина дуќанџии, кои ги затворија дуќаните за потребите на филмот, но и во неколку фирми и кафеани од каде што биле користени услуги.

Дуќанџиите ги тужеа филмаџиите за да си ги наплатат побарувањата. Без пари останаа и дел од актерите на филмот, иако „До балчак“ доби три милиони евра државни пари.

А.Б.


Шекеринска: СДСМ има визија како да ја нормализира државата


Битола, 23 октомври, 2015 - 14:21 (META) 

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на вчерашната средба со битолчани пореча дека СДСМ има визија како да ја нормализира државата.

„Парите ќе се вратат кај граѓаните, ќе се обезбедат услови за пристојна работа на сите граѓани, ќе се врати средната класа во Македонија, која ќе обезбедува мирен и достоинствен живот на сите граѓани“, рече Шекеринска.

Таа најави дека СДСМ ќе се заложи и за комплетна реконструкција и за ставање во употреба на напуштениот Офицерски дом, кој е оставен во урнатини поради огромната негрижа за спомениците на културата од локалната и од централната власт.