!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Се запалила котларницата во хотелот „Епинал“ во Битола


Битола, 17 октомври, 2017 - 17:21 (META) 

Црн дим ја обвил зградата на хотелот „Епинал“ во Битола денеска напладне, што веднаш го привлекло вниманието на битолчани.

Според битолските пожарникари, станува збор за пожар во котларницата на хотелот, кој бргу бил ставен под контрола.


СДСМ прогласи победа во скопски Центар и во Аеродром, во Велес и во Битола


Скопје, 15 октомври, 2017 - 23:07 (META) 

Кандидатот за градоначалник на Велес од СДСМ, Аце Коцевски, прогласи победа на локалните избори, а според партиски извори, извесна е победата на СДСМ и во Битола, Берово, скопската општина Бутел, Валандово, Гевгелија, Делчево и во уште неколку помали општини.

Победа во првиот круг прогласи и Саша Богдановиќ, кандидатот за градоначалник на СДСМ во скопската општина Центар, кој рече дека ваквиот резултат бил очекуван.

Коцевски на прес-конференцијата изјави дека граѓаните на Велес го направиле вистинскиот избор и истакна дека со победата на овие избори е исправена историската неправда од претходните изборни циклуси, кога, како што рече, победата му била украдена.

– Изборите беа и поминаа. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани и нема да правам никакви разлики по партиска или друга припадност на граѓаните – рече Коцевски.

На прес-конференцијата во седиштето на СДСМ, Ивана Туфегџиќ ги соопшти резултатите за дел од општините според податоците на партијата за повеќе од половина преброени гласови.

Според СДСМ, извесна е победата уште во првиот круг на нивниот кандидат за градоначалник во општина Аеродром, Златко Марин, кој, според досега преброените гласови, освоил 11.733 гласа, наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски, кој има 9.409 гласови.

Во Битола, според партиските податоци, СДСМ освоил 23.925 гласови, наспроти 13.170 на ВМРО-ДПМНЕ, додека во скопски  Бутел СДСМ досега има 7.634 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ 5.415 гласа.

Според СДСМ, партијата во Гевгелија досега освоила 6.826 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ – 4.826.


Земјотрес со јачина од 4,3 степени ја погоди Битола


Битола, 14 октомври, 2017 - 12:40 (META) 

Земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтер во 11.55 часот ја погоди Битола.

Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил на 3 километри северно од Битола и на длабочина од 2 километри.

Земјотресот бил почувствуван и во пониските објекти во Битола.


Полицаец физички нападнат во СВР-Битола


Битола, 8 октомври, 2017 - 13:12 (META) 

Во текот на денот, полицаец заедно со уште двајца негови колеги постапувал по поплака и го барал С.Ѓ., а откако не го нашол на наведената адреса, полицаецот му се јавил телефонски и службено стапил во контакт со лице кое се претставило дека е С.Ѓ.

Полицискиот службеник му рекол дека против него има поплака и дека треба службено да разговараат, на што С.Ѓ. одговорил дека е надвор од градот и дека ќе дојде друг ден. Сепак, по кратко време С.Ѓ. му се јавил на полицаецот, му се заканил и му се обратил со зборови со недолична содржина, по што полицаецот му исклучил.

Во 21 часот, кога со колегите се вратил во СВР-Битола, во ходникот неколку минути по нив влегол Р.Ѓ. и без никаков разговор му се приближил на полицаецот и со глава го удрил во пределот на устата, по што Р.Ѓ. бил приведен.


На битолчанец му украле 500.000 денари


Битола, 8 октомври, 2017 - 12:17 (META) 

Непознат сторител синоќа во Битола украл разновиден накит и пари, стекнувајќи противправна имотна корист од 500.000 денари, соопшти МВР.

Крадецот, вчера околу полноќ, од станот 57-годишниот В.Ј., на улица Питу Гули, одзел 225.000 денари, 1.300 евра, 800 американски долари, 450 швајцарски франци и разновиден златен и сребрен накит.

Сторителот ја отклучил влезната врата, влегол во станот, извршил пребарување во спалната соба и одзел метален сеф, во кој биле парите и накитот, по што го напуштил местото.

Увид на местото на грабежот извршила екипа од Секторот за внатрешни работи – Битола и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


Искршен изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Битола


Битола, 2 октомври, 2017 - 17:52 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение информираше дека е искршен партискиот изборен штаб во Битола. Според нив, искршениот штаб е доказ за нервозата на СДС од поразот на претстојните локални избори.

„Нервозата во СДС се зголемува и како поминува времето, соочени со изборниот пораз, сè повеќе се дрзнуваат кон недемократски чекори кои само сведочат за изборниот пораз што ќе го доживеат. Токму затоа е искршен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, што е уште еден доказ за присутната нервоза. Тоа нема да го смени изборниот резултат и поразот кој СДС ќе го доживее од народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Македонија живее нова ера ослободена од режимот на Груевски, порача Заев од Битола


Битола, 25 септември, 2017 - 22:56 (META) 

Централниот карван на СДСМ во Битола ја почна кампањата за локалните избори под мотото „За живот во сите општини“. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека ја бара поддршката за граѓаните да имаат достоинствен живот во земјата и додаде дека очекува победа во Битола со повеќе од 5.000 гласа разлика.

– Ни треба вашиот влог за да работиме заедно, за живот за сите. Промената почнува од вас, од секое село и град. Да работиме заедно за во сечиј дом да бидат видливи промените. Имаме план за живот во Македонија за сите. Програмата на СДСМ и на коалицијата се потпира на четири столба. Прво, градиме по план бидејќи заврши времето на „Еј, Миле, ми текна, да ставиме овде фонтанче“. Второ, работиме за чиста вода и за чист воздух. Битола е пример бидејќи лелек ечи на сите страни. Трето, насочуваме повеќе пари кај граѓаните. Носиме поддршка за домашните компании за нови и подобро платени работни места. Четврто, граѓаните ќе ги добијат сите потреби на едно место. Обезбедуваме ефикасен јавен превоз и чисти загреани училишта. Ќе има помош за сите. Ставаме крај на децениското самоволие со кое градоначалниците им ги исполнуваат барањата на партиските шефови – рече Заев.

Лидерот на СДСМ нагласи дека Македонија веќе живее нова ера ослободена од режимот на Груевски и рече целиот свет слушнал какви насилници се кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, кои притоа работеле по директива.

Кандидатката за градоначалник на Битола, Наташа Петровска, порача дека живот во Битола мора да има, дека чесноста ќе биде пред сè и дека нејзиниот кабинет ќе биде постојано отворен за битолчани.

– Во последната деценија Битола го изгуби сјајот. Раскопани улици, младите си отидоа, а тие се богатеа на нашиот грб. Доста е, промени мора да се случат. Промените се наши и ќе се случат на 15 октомври во првиот изборен круг. Битола нема време за чекање, овие избори се за поинаква Битола, која ќе биде перспективна. Ќе направиме гасификација по примерот на Струмица, а ќе имаме и сообраќаен режим и нови паркиралишта. Младите ќе имаат повеќе простор за разни спортови преку мултифункционалниот спортски центар што ќе го изградиме. Ќе ги зголемиме капацитетите во градинките и во домовите за старите лица, а минато ќе биде ѓубрето расфрлано низ градот. Ќе се облагородат месните заедници, кои ќе бидат топли катчиња на нашите граѓани. Современите услови во училиштата се основни приоритети кои мора веднаш да се спроведат и тоа е должност на секоја локална власт – рече Петровска.


Во Битола опожарени три автомобили, во Пехчево кат од куќа и покрив


Битола, 12 септември, 2017 - 13:20 (META) 

Во голем пожар што се случил во Битола вчера, еден автомобил изгорел целосно, а два се опожарени, додека во Пехчево избувнал пожар во семејна куќа, кој го зафатил и покривот на соседната куќа, информира МВР.

Пожарот во Битола избувнал во 13.50 часот, кога помеѓу згради на улицата Васко Карангелески, од засега непознати причини, се запалиле сува трева и ѓубриште.

Огнот поради силниот ветер бргу се проширил кон гаражи, при што зафатил шест гаражи. Притоа во една од нив целосно изгореле автомобил „бе-ем-ве“, повеќе кубици огревни дрва и рачен алат, а опожарени биле автомобил „застава 128“ и еден мопед, како и еден „варбург“. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица – Битола. Увид извршила екипа од СВР Битола.

Во Пехчево во куќа на улицата Пиринска, пак, во 16.40 часот вчера избувнал пожар на вториот кат на куќата на Н.М. (53), нанесувајќи огромни штети. Огнот го зафатил и покривот соседната куќа.

Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица – Берово и Територијалната противпожарна едница – Пехчево.


„Анима мунди“ бара да се затвори битолската зоолошка градина поради негрижата за животните


Скопје, 29 јули, 2017 - 20:32 (META) 

Организацијата за заштита на животните „Анима мунди“ побара итно затворање на битолската зоолошка градина, откако посетителите денеска на социјалните мрежи објавија фотографии од мртов волк и од мртви птици во кафезите, од мајмуни кои изгледаат прегладнето и дехридрирано.

„Бараме итно затворање на „Зоо Битола“ и најстрога казна за одговорните лица за мачење, негрижа на животните, континуирана закана и опасност по жителите на градот. Потсетуваме, тоа е зоолошка во која противзаконски се заловуваат, сместуваат и се убиваат бездомните кучиња во Битола, зоолошка во која пред некоја година избегаа два волка и беа застрелани, но за тоа не одговарал никој иако поднесовме кривични пријави“, велат од „Анима мунди“.

Од организацијата најавија дека в понеделник ќе поднесат кривични пријави и ќе бараат одземање на дозволата за работа на „Зоо Битола“, како и одземање на сите животни и нивно донирање во центри за ресоцијализација на диви животни во Европа.


Мотоциклист загинал во сообраќајка во Битола


Битола, 25 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Во сообраќајна несреќа што се случила вчеравечер во Битола, загинал 40-годишен маж од битолското село Горно Оризари, соопшти СВР Битола.

Несреќата се случила во 20.35 часот, на крстосницата на улиците 8 Септември и  Арон Ароести. Дошло до судир на автомобил „голф 3“ со битолски регистарски таблички, управуван од А.К. (29) од Битола, и мотоцикл „хонда“ со битолски таблички, управуван од И.Г. (40) од селото Горно Оризари. Мотоциклистот од добиените повреди починал веднаш.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Битола, а телото на загинатиот по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција.