!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

БИХ немаат намера да го признаат Косово


Сараево, 29 септември, 2017 - 15:01 (META) 

БИХ нема да ја признаат независноста на Косово ниту, пак, ќе го разгледуваат ова прашање до крајот на мандатот на актуелниот Совет на министри, односно владата, порача денеска босанскиот министер за надворешни работи, Игор Црнадак, откако косовскиот премиер Рамуш Харадинај повика БИХ да го признаат Косово.

Причината е несогласувањето на Република Српска, која е еден од двата федеративни дела на БИХ.

– Босна и Херцеговина нема да го признаат Косово, не поради ставот на Босанците или Хрватите, туку поради ставот на претставници на Република Српска, како од власта така и од опозицијата. Во врска со ова прашање, ние сите сме единствени и нема никакви шанси оваа состојба да се смени – изјави Црнадак, кој е еден од српските претставници во босанската влада.


Немало прислушување политичари и бизнисмени во Хрватска, вели министер од БИХ


Сараево, 26 септември, 2017 - 18:48 (META) 

Директорот на Безбедносно-разузнавачката агенција на Хрватска, Даниел Маркиќ, денеска се сретнал со својот колега од БИХ, Осман Мехмедагиќ, откако хрватските медиуми објавија дека Разузнавачко-безбедносната агенција на БИХ (ОСА) прислушувала хрватски бизнисмени и политичари од Хрватска и од БИХ.

По средбата, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, рече оти челниците на разузнавачките агенции на БИХ и на Хрватска заклучиле дека немало незаконско прислушување на хрватски политичари и бизнисмени.

– Нема никаква разузнавачка афера и сите служби работат во рамките на законот. Констатирано е дека соработката меѓу двете служби е многу добра и ќе продолжи и во иднина. Исто така е констатирано дека на некој начин треба да се „спушти“ медиумски испровоцираната анкета – вели Мектиќ.

Хрватскиот неделник „Национал“ неодамна објави документи кои наводно потекнуваат од ОСА, за прислушување на хрватски бизнисмени и политичари. „Национал“ наведе дека ОСА веќе подолго време илегално спроведувала мерки за следење и за прислушување. Весникот тврди дека врз основа на увидот во повеќе тајни извештаи на ОСА, имаат докази дека таа служба „води специјална војна против Хрватска, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и надворешната политика на хрватската Влада, но и хрватскиот народ во БИХ“.


Толушиќ до Шаровиќ: Хрватска ќе ги намали таксите за извоз на овошје и зеленчук


Сараево, 8 август, 2017 - 14:57 (META) 

Таксите за извоз на овошје и зеленчук во Хрватска, од земји кои не се во ЕУ, ќе бидат намалени, му соопштил денеска хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, на босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ.

Како што јавува „Радио Слободна Европа“, сепак, засега не се знае дали Хрватска ќе ги задоволи барањата на земјите од регионот, Македонија, Србија, Црна Гора и БИХ, за таксите да бидат усогласени со европскиот правилник. Одговорот на ваквите барања ќе биде познат на состанокот кој во следните недели ќе се одржи во Подгорица и во Дубровник.

Босанскиот министер Шаровиќ за РСЕ рече дека преговорите со Хрватска продолжуваат и во следните денови, имајќи предвид дека и самиот министер Толушиќ рекол дека „цените на таксите се превисоки“.

И македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со својот хрватски колега Толушиќ, поради зголемените хрватски такси. Толушиќ, како што соопштија од македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.


Заев денеска е во официјална посета на Босна и Херцеговина


Сараево, 22 јули, 2017 - 11:35 (META) 

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев денеска ќе престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина (БИХ), информираат од Владата.

Свечениот пречек ќе се одржи на платото пред зградата на заеднички институции на БИХ, по што следува средбата на македонската делегација со членовите на делегацијата на Советот на министри на БИХ.

Во состав на македонската делегација се и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми.

Во рамки на посетата предвидено е да биде потпишан меморандум за разбирање помеѓу македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешна трговија и економски односи на БИХ, како и потпишување на програма за културна соработка меѓу македонското Министерство за култура и Министерството за цивилни работи на БИХ.

Според агендата, предвидено е попладне кај Ротимље, Заев заедно со претседавачот на Советот на министри на БИХ да положи цвеќе на спомен-обележјето на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на членовите на неговата делегација.

 


Претседавачот на Претседателството на БИХ во посета на Македонија


Скопје, 19 април, 2017 - 10:00 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска и утре ќе биде домаќин на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, кој ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Иванов и Иваниќ денеска ќе остварат тет-а-тет средба, како и пленарен состанок на официјалните делегации на двете држави.

На вториот ден од посетата, ќе се одржи бизнис-форум со учество на стопанственици од Република Македонија и од Босна и Херцеговина, на кој свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Иваниќ.


Вучиќ: Убаво ќе си поприкажеме, а по самитот повторно кавги и конфликти


Сараево, 16 март, 2017 - 15:37 (META) 

Добро е што претседателите на влади на самитот ќе усвојат уште една декларација, но се плашам дека по самитот повторно ќе почнат расправиите и судирите, изјави српскиот премиер, Александар Вучиќ, на Самитот за Западен Балкан во Сараево, на кој учествува и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан.

Во обраќањето на самитот на премиери од Западен Балкан, Вучиќ ги замоли домаќините да не ги нарекуваат сите присутни „претставници на држави“, затоа што и тој не го прави тоа.

– Станува збор за сентимент на Србија и тука не зборувам поради кампањата – рече Вучиќ на самитот, откако Иса Мустафа беше посочен како претставник на државата Косово, иако никаде не биле истакнати симболи, ниту знамето на Косово.

Вучиќ рече дека нивните односи на собирите се добри, затоа што, како што забележа, се зборува за економија, но додаде дека кога собирите ќе завршат, тргнува приказната што се однесува само на политика, а во која тие, како што истакна, „воопшто не комуницираат“.

Тој додаде дека сите во регионот веруваат во ЕУ-перспективата, дека се надеваат, но истакна дека во Србија веќе никој не споменува датуми и додаде дека тоа се прави и во многу други земји од Западен Балкан.

– Би сакал европската перспектива да биде нешто појасна – порача српскиот премиер, додавајќи дека Србија сака да го види регионот како единствен простор, иако, како што забележа, некои други не го сакаат тоа.


Додик до Могерини: РС да биде повидлива преку механизмот за координација


Сараево, 5 март, 2017 - 10:21 (META) 

Властите на Република Српска се определени за европскиот пат на БИХ, но дека сакаат Република Српска да биде повидлива на тој пат преку механизмот за координација, соопшти синоќа претседателот на Република Српска и на партијата СНСД, Милорад Додик, по состанокот со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.

– Република Српска направи сè во рамки на економската реформска агенда и единствена ги исполни условите од писмото за намери со ММФ – изјави Додик.

Тој оцени дека проблемот е во тоа што во БИХ не профункционира механизмот за координација, а за тоа го обвини Советот на министри на БИХ, кој, како што кажа, воопшто не ги исполни своите обврски.

– Колку што разбрав, тоа е приоритетот што денеска го усогласивме – истакна Додик и додаде дека власта во РС го прифати моделот со механизмот за координација што е и усвоен, но предупреди дека ќе има „проблем доколку тој не профункционира“.

Претставниците на политичките партии во БИХ на средбата со Могерини ја истакнаа определбата на земјата кон европските интеграции.


Маглата во Сараево ги помести средбите на Могерини во Скопје


Високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, поради магла во Сараево слета во Скопје и порано ја почна неколкучасовната посета на Македонија.

Могерини своите планирани средби ќе ги одржи порано, односно прво во 14 часот ќе има средба со претствниците на граѓанскиот сектор, во 15 часот во Собранието на Република Македонија ќе се сретне со претставниците на парламентарните политички партии, а во 16 часот, како што и претходно беше планирано, ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов.

Шефицата на европската дипломатија, по средбата со Иванов, во 16.45 часот ќе даде куса изјава пред Делегацијата ан ЕУ во Скопје, по што во МОБ ќе има средба со студенти.

Могерини вечерва, по посетата на Скопје, во рамки на својата мини-турнеја на Балканот, ќе отпатува за Белград.


Вучиќ: Ја следиме ситуацијата во Македонија, но не се мешаме во внaтрешните работи


Белград, 28 февруари, 2017 - 12:21 (META) 

Србија ја следи ситуацијата во Македонија и во БИХ и ќе направи сè да ги сочува мирот и стабилноста, но нема да се меша во внтарешните работи на своите соседи, изјавил денеска премиерот на Србија, Александар Вучиќ, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Ова Вучиќ го изјавил по средбата со претседателот на владата на германската покраина Хесен Фолекер Буфије, со кој разговарал за ситуацијата во регионот, и притоа смета дека тоа е коректен став на Србија.

На прашање како ја коментира ситуацијата во Македонија и во БИХ, Вучиќ оценил дека Белград секогаш имал коректни односи со Скопје, но дека никогаш нема да дозволи некој да ја понижува Србија.

„Што се однесува до БИХ, тоа е тешко прашање за нас,“ изјавил Вучиќ и додал дека и на својот соговорник од Германија му рекол дека Србија ќе даде сè од себе за да се сочуваат мирот и стабилноста на регионот, бидејќи тоа е услов за напредок и за доаѓање на нови инвеститори.


Акцијашите од клубот „Брег на младоста“ од Охрид учествуваа на Игманскиот марш во БИХ


Охрид, 5 февруари, 2017 - 12:59 (META) 

Со учество од повеќе од 20.000 антифашисти од сите краеви на некогашна Југославија, во Босна и Херцеговина се одбележува 75-годишнината од познатиот Игманскиот марш против фашистичките освојувачи во Втората светска војна.

Меѓу другите, на настанот учествуваат и членови на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.

Антифашистите го изодеа истиот пат кој пред седум и пол децении го поминале партизаните од Првата пролетерска бригада во екстремни зимски услови на температура од минус 32 Целзиусови степени, при што голем број од нив го загубија животот или останаа инвалиди.

На одбележувањето на 75-годишнината од Игманскиот марш, присуствувале делегации од Русија, Австрија и од антифашистички здруженија од Италија.

Учесниците го посетиле и забранетиот град, односно Титовиот бункер во Коњиц, кој денеска е туристичка атракција.
Од акцијалшкиот клуб „Брег на младоста“ велат дека и во иднина ќе ги поддржуваат ваквите манифестации. Членството во моментов е насочено кон афирмација на акцијаштвото помеѓу младите. Во него членуваат 200 волонтери. Приоритетен проект за 2017 година е чистење и регулација на реките во сливот на Охридското Езеро заради спречување поплави.