!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во судири меѓу турската војска и курдските бунтовници, загинале 39 лица


Анкара, 2 ноември, 2017 - 18:11 (META) 

Во судирите меѓу турската војска и курдските бунтовници во југоисточниот дел на Турција, загинале осум припадници на силите за безбедност и 31 курдски бунтовник, соопштиле турските власти, јавуваат светските агенции.

До судирите дошло кај градот Семдинли, откако турските безбедносни сили забележале група курдски бунтовници кои наводно се подготвувале да извршат напад.

Според информациите на турското министерство за внатрешни работи, 19 бунтовници се убиени во овој судир, девет во провинцијата Тунџели, а тројца во провинцијата Сирнак.

Забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК) три децении бара автономија за овој регион во Југоисточна Турција со мнозинско курдско население. Во судирите меѓу турската војска и курдските бунтовници досега загинаа десетици илјади луѓе.


Најмалку 18 убиени во напад на ресторан во Буркина Фасо


Уагадугу, 14 август, 2017 - 10:11 (META) 

Најмалку 18 луѓе се убиени, а осум ранети во терористички напад во ресторан во Буркина Фасо, кога вооружени лица синоќа отвориле оган кон гостите кои седеле пред објектот, во главниот град на земјата, Уагадугу, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на владини извори.

„Ова е терористички напад“, изјавил министерот за комуникации на Буркина Фасо, Реми Данџини на прес-конференција, додавајќи дека бројот на жртвите е прелиминарен, бидејќи операцијата на безбедносните сили сè уште трае.

Најмалку двајца од осомничените милитанти биле убиени во интервенцијата на безбедносните сили на Буркина Фасо.

Буркина Фасо, како и останатите земји од Западна Африка, повремено е цел на напади од страна на милитантни групи. Најголем дел од нападите се случуваат во северниот регион, на границата со Мали, земја која е мета на исламистичките екстремисти повеќе од 10 години.

Како што пренесува „Би-би-си“, се стравува дека последниот напад е дело на еден од разграноците на Ал каеда, кои се активни во регионот Сахел.

Во напад на милитанти во кафуле во Уагадугу во јануари, минатата година, загинаа 30 лица.


ВМРО-ДПМНЕ: Се поклонуваме пред хероите што загинаа во Куманово бранејќи ја државата


Скопје, 9 мај, 2017 - 9:45 (META) 

Македонија никогаш нема да ги заборави своите херои, велат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение на партијата, а по повод двегодишнината од настаните во кумановско Диво Насеље, каде во борбите со вооружена терористичка група загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили.

„ВМРО-ДПМНЕ длабоко се поклонува пред ликот и делото на осумте херои, припадници на безбедносните структури на Република Македонија, кои пред две години во Куманово во антитерористичка акција ги положија своите животи во одбрана на Република Македонија. Сите ние ќе им бидеме вечни должници за нивната неверојатна храброст и пожртвуваност. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илиевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ засекогаш ќе останат запишани меѓу хероите кои се бореле и ја создале Република Македонија“, стои во соопштението.

За разлика од нив, се додава во него, Зоран Заев и Оливер Спасовски „засекогаш ќе останат на другата страна, меѓу оние кои му свртеле грб на својот народ“.

„Зоран Заев и Оливер Спасовски треба цел живот да се срамат за своето нечовечко и предавничко однесување и дејствување. Тие треба цел живот да се срамат затоа што денот по антитерористичката акција отидоа и се сликаа, смеејќи се на местото на кое пред само неколку часа подмолно беа убиени осумте храбри синови на нашата држава“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Заев со тиранската платформа прифатил да најде начин да ги пушти на слобода терористите што ги убија припадниците на полицијата.


Хашим Тачи бара да не се брза со формирање армија на Косово


Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска испратил писмо до парламентот на Косово во кое бара пратениците да не гласаат за законот што би ги претворил лесно вооружените безбедносни сили на Косово во војска на Косово. Со тоа тој сака да им даде повеќе време на дипломатите од Западот да ги убедат Србите да ги одобрат промените, пишуваат некои балкански медиуми. Инаку, предлог-законот во косовскиот парламент го достави токму тој, на почетокот на март годинава.

Планот за трансформација на вооружените сили во вистинска армија наиде на силно спротивставување од Белград и од Србите во Косово. Исто така, Тачи доби силни критики од САД и од НАТО откако на почетокот од март го испрати во парламентот на Косово предлог-законот за преобразба на безбедносните сили во комплетна армија, без да се менува уставот. Со тоа тој сакаше да ги заобиколи пратениците од српското малцинство на Косово, чија поддршка е неопходна за измени на уставот, но не и за усвојување закон.

Вашингтон и НАТО предупредија дека ќе ја ограничат воената соработка со Косово ако се создаде војска на Косово без измени на уставот и без консултација на сите етнички групи. Во моментот безбедносните сили се лесно вооружени, со околу 2.500 припадници, обучувани од НАТО, а имаат овластувања да реагираат при кризи и за граѓанска заштита.


Советот за безбедност ја продолжи мисијата на ОН во Авганистан


Њујорк, 18 март, 2017 - 12:00 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа едногласно ја донесе резолуцијата со која се продолжува мисијата на ОН во Авганистан (УНАМА) до март 2018 година.

Во неа, како што пренесуваат светските медиуми, се изразува сериозна загриженост поради присуството и потенцијалното зајакнување на разгранокот на Исламска држава, што претставува сериозна закана за безбедноста на Авганистан и на земјите во регионот.

Советот за безбедност на ОН ја повика владата на Авганистан да почне да ги решава алармантните закани, кои доаѓаат од талибанците, Ал каеда и од нејзините разграноци и од други екстремистички групи.

Исто така, Советот за безбедност ја повтори поддршката за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, особено во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Според податоците на ОН, минатата година во Авганистан се убиени 3.498 лица, вклучувајќи 923 деца, а уште 7.920 лица се ранети.


Иванов: Армиите на Македонија и на Египет се во слична позиција и мора да соработуваат


Каиро, 16 јануари, 2017 - 12:44 (META) 

Неопходна е соработка на нашите безбедносни и армиски сили со Египет, која и досега е извонредна, оценува претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој е во работна посета на Египет, каде учествува на меѓународниот форум посветен на безбедноста во време на екстремизам и на насилство.

Според Иванов, армиите на двете држави се во слична позиција и ја имаат клучната улога во справувањето со илегалната миграција

– Досега имаме навистина исклучителна соработка во сферата на безбедноста, затоа што разменуваме информации и искуства во врска со заканите што ги имаме и Египет и ние. Египет, во неговото опкружување, има закани од илегална миграција, нивната армија е на нивната јужна граница, каде ја чува долината на Нил од Рогот на Африка, каде милиони луѓе се поттикнати да одат кон Европа. Нивната армија има улога каква што има и нашата армија. Како што нашата армија е на нашата јужна граница и го чува коридорот низ долината на реката Вардар, така и нивната армија е во слична позиција – вели Иванов.

Македонскиот претседател вели дека според извештаите на ОН, бројот на жители во Африка постојано ќе се зголемува и дека со заканите од миграција ќе се соочуваме и во идните години и децении.

– Состојбите во Африка сè уште не се стабилизираат и тоа ќе поттикне многу млади луѓе да одат во потрага по среќа, односно ќе се упатуваат кон Европа. Македонија како земја ќе продолжи да учествува на вакви форуми и да дава свој придонес, со тоа што ние го имаме како искуство во справувањето со илегалната миграција и со заканите од екстремни и терористички групи – порачува Иванов.


Во денешното бомбардирање на Алепо загинаа 27 цивили, градот остана без болници


Алепо, 19 ноември, 2016 - 17:37 (META) 

Во денешното бомбардирање на кварт во сирискиот град Алепо, каде што се наоѓаат бунтовници, загинаа 27 цивили.

– Ниту еден кварт на истокот на Алепо денеска не е поштеден од бомбардирање од страна на сириските владини безбедносни сили – соопшти опозициската Опсерваторија за човекови права.

Странските медиуми соопштуваат дека градот практично останал без болници. Светската здравствена организација соопшти дека сите импровизирани болници се надвор од употреба по пет дена воздушни напади од владините безбедносни сили.

Од вторникот до денеска во бомбардирањата на Алепо загинале повеќе од 90 цивили.


Димитриев: Обвинителствата не смеат да се претворат во портпароли на партиите


Скопје, 22 октомври, 2016 - 22:26 (META) 

Органите на правдата мора да останат надвор од политичката битка на партиите и не смеат да остават впечаток на политичка обоеност, рече меѓу другото премиерот Емил Димитриев во своето обраќање на Свечената академија во Македонската опера и балет по повод празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Тој нагласи дека Владата ќе им дава поддршка на сите органи на правдата и „во поглед на финансии и во поглед на логистика“, но ќе реагира кога ќе почувствува дека овие органи ја газат линијата на професионалноста. Димитриев рече дека обидот на која било партија да искористи кој било орган на правдата во функција на својата политичка агенда, ќе биде контрапродуктивен и ќе резултира со губење на поддршката од граѓаните.

– Ангажманот на државните и на специјалните органи кои оставаат впечаток на тенденциозност и на пристрасност во предизборен период, покажуваат очигледна намера која македонската јавност јасно ја гледа. Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство не треба и не смеат да се претворат и да добијат улога на портпароли на политичките партии и да бидат алатки во функција на политичките агенди – рече Димитриев.

Премиерот ги повика безбедносните сили во изборниот период да се однесуваат професионално и согласно правилата на службата.

– Како човек кој значителен дел од својата кариера ја поминал во безбедносниот сектор, силно го осудувам секој облик и обид за предизвикување конфликт и конфронтација во редот на безбедносните сили – нагласи Димитриев.


Заложничката драма во Дака заврши со убиство на 20 цивили и на шест милитанти


Дака, 2 јули, 2016 - 11:45 (META) 

Заложничката драма во Дака заврши со убиство на 20 цивили и на шест исламски милитанти, кои ги држеа во заложништво гостите во ресторанот „Холи артисан бејкери“.

Безбедносните сили на Бангладеш употребија сила за да ѝ стават крај на десетчасовната заложничка драма.

Во акцијата биле спасени 13 заложници, а еден од напаѓачите бил уапсен.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.


МВР: Не сме навлегле во Грција, оградата е пет метри на наша територија


Скопје, 11 април, 2016 - 11:16 (META) 

Министерството за внатрешни работи ги демантира и ги отфрла како невистинити тврдењата на грчките медиумите дека при вчерашната интервенција за спречување на мигрантите нелегално да влезат во земјава кај котата 59, македонските безбедносни сили навлегле на грчка територија. Ова е официјалниот став на МВР во врска со овие наводи, велат за „Мета“ од Министерството.

– Оградата на границата е поставена пет метри во внатрешноста на територијата на Република Македонија, така што невистинити се кажувањата дека полициските службеници при спречувањето нелегален влез на мигранти на територијата на РМ, навлегле на грчка територија – велат од МВР.

Оттаму повторно истакнуваат дека за време на вчерашните инциденти немало никаква реакција од грчката полиција ниту, пак, биле известени дека се можни тензии и немири на границата.

– А каде била грчката полиција да преземе какви било мерки и да ги извести македонски власти дека кон граничната линија се движи поголема група мигранти со намера да предизвикаат насилни инциденти? – додаваат од МВР.

Вчера, околу 11 часот, група од 1.000 до 2.000 мигранти почнаа со насилни протести на 100-200 метри од граничен камен 59, со фрлање камења и разни предмети кон припадниците на македонските безбедносни сили. По ова, полицијата и војската почнаа со мерки за одбивање на мигрантите, при што беше употребен и солзавец.

Околу 15 часот вчера, безбедноста на границата беше подигната на највисоко ниво по добиена информација дека мигрантите подготвуваат молотови коктели, но до тоа не дошло.

Каменувањето од страна на мигрантите кон македонските безбедносни сили, како што информираа од МВР, траело до 18 часот.

При интервенцијата на македонските безбедносни сили кон толпата од неколку илјади мигранти, кои се обидоа нелегално да влезат на македонска територија од Грција, беа повредени вкупно 14 полицајци и девет припадници на АРМ, а оштетени биле и осум возила на МВР и на АРМ.

Од Грција вчеравечер соопштија дека преку амбасадорот во земјава, Теохарис Лалакос, до македонските власти упатила два демарша поради ситуацијата на Идомени.

Лалакос истакнал дека употребата на насилство не помага да се реши проблемот со бегалците и дека оди против меѓународното и хуманитарното право.