Истрагата „Империја“ на СЈО ја сопре градбата на Клиничката болница во Штип


Штип, 6 декември, 2018 - 16:32 (META) 

Штипски „Бетон“, кој ја гради Клиничката болница во Штип, е дел од фирмите, каде удел до пред некој месец имаше и бизнисменот Орце Камчев и фирмата „Ексико“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство под името „Империја“,  ја стопираше работaта на болницата. И пред истрагата на СЈО, работите на Клиничката болница се одвива со забавено темпо, по информациите дека „Бетон – Штип“ има ненаплатени обврски за завршени работи за проектот „Скопје 2014“. Неодамна во фирмата влегоа извршители, кои во име на неколку македонски банки треба да наплатат долг од близу еден милион евра.

За да се увери во текот на градежните работи на Клиничката болница, кои ги изведува „Бетон“ денеска во Штип дојде министерот за здравство, Венко Филипче. При тоа, министерот уверуваше дека министерството добило потврда од грчката компанија, носител на тендерот и која го ангажирала „Бетон – Штип“, дека првичните проблеми со градбата се надминати.

– Во секојдневен контакт сме со луѓето со кои имаме потпишано договор, фирмата „Интеркат“ од Грција, кои што имаат одредени проблеми во соработката со подизведувачот „Бетон – Штип“. Меѓутоа, според последните информации, нашле соодветно решение и токму затоа, сега сакаме да се увериме на терен како е, кои работници се тука и во текот на следната недела ги синхронизираме работите согласно новиот динамички план – рече министерот Филипче.

Најавите на министерот се дека болницата комплетно би требало да биде завршена кон средината на 2020-та година. На поставувањето на камен темелникот, тогашниот премиер Никола Груевски, најави дека болницата ќе биде предадена во употреба во 2018 година. Вредноста на овој проект, на почетокот изнесуваше 30 милиони евра. Пред два месеци имаше реструктуирање на буџетот, но, за тоа колкави се пресметките и колку ќе чини изградбата на болницата, засега никој не кажува.

„Бетон – Штип“ работеше на седум објекти од „Скопје 2014“. Според податоците, има ненаплатени обврски од 14 милиони евра. Фирмата беше преземена од четири други компании, кои влегоа со удели и освен „Ексико“ удел има и фирмата „Пелистерка“, чиј сопственик е исто така предмет на истрагата за „Империја“. На оваа листа е и актуелниот директор на „Бетон “ Ванче Мијалчев. Осомничени се за сторени кривични дела „злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело“.


Канческа-Милевска: Илија ме нервира, не можам органски да го поднесам


Скопје, 13 април, 2018 - 14:02 (META) 

Со преслушување на пет телефонски разговори во присуство на јавноста, Кривичниот ја продолжи работата по предметот „Тендери“. Од разговорите, четири се направени во 2011 година и во нив најчесто разговараат поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, а петтиот разговор е од 2013 година меѓу Канческа-Милевска и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, објави „МКД.мк“.

На првиот разговор што беше презентиран, покрај Канческа-Милевска и Јанакиески, учествува и директорот на ГП „Бетон“ од Штип, Илија Бреслиски. Во разговорот Канческа-Милевска ги информира Јанакиески и Престилски дека „утре ќе биде објавен тендер“, но, како што посочува, „во него е наведено сѐ за да го добие Бетон“. Наведува дека ќе ја тераат работата да нема застој и дека дента му биле префрлени 48 до 49 милиони денари. Му вели „терајте си ја работата како да е сѐ во ред“, а претходно му кажува дека ќе треба да се објави нов тендер, бидејќи е сѐ исцрпено со анексот.

Во вториот разговор меѓу Канческа-Милевска и Јанакиески таа го информира дека нема денар за да им плати и дека треба со ребалансот да се обезбедат средства, а на тоа Јанакиески ѝ вика „да ги продадеме твоите алишта за да им помогнеме“.

Во третиот разговор меѓу Канческа-Милевска и Јанакиески, таа го информира колку ја нервирал Илија кого, како што вели, не можела органски да го поднесе: „ми иде ножот да му го ркнам до крај, а Ице ми иде во Вардар да го удавам“. Го информира дека сѐ уште не се излезени од, како што вели, „страната што се гледа од кај тебе“, а Јанакиески ѝ вели дека „утре ќе излезат, а ако не ќе им го турне скелето“.

Во четвртиот разговор повторно меѓу Канческа-Милевска и Јанакиески, поранешната министерка за култура му кажува на Јанакиески дека „Илија е мрднат и мисли дека таа му викнала полиција, му вели дека не може органски да го поднесе“. Посочува дека му платила 50 милиони, а за останатите 20 милиони ќе треба да се снајде, бидејќи ги нема парите и ќе треба да ја почека уште еден месец. На тоа Јанакиески ѝ одговара дека ќе треба да ја почека.

Петтиот разговор е меѓу Гордана Јанкулоска и Канческа-Милевска од 2013 година во кој поранешната министерка за култура ја информира Јанкулоска дека се јавил некој Николче Цветановски од СВР Битола кој ѝ ги барал документите за изградбата на Музејот на ВМРО. Во меѓусебниот разговор се информира дали треба веднаш да му ги даде доколку дојде, или, пак, треба да му каже дека треба да почека да ги собере, а во меѓувреме барала од тогашната министерка за внатрешни работи да провери за кого станува збор и дали е „некој комуњар“. Тогашната министерка за внатрешни работи ја советува доколку го добие налогот да му каже дека ѝ треба време да ги собере документите и да не му ги дава веднаш на Николче Цветановски, а во меѓувреме, како што вели, „ќе провери кој е тој и за што се работи“.

По презентирањето на аудио материјалите судечкиот совет даде пауза од половна час по што треба да продолжи судењето.