„МакеДокс“ организира бесплатна филмска работилница за тинејџери


Скопје, 21 јуни, 2018 - 10:33 (META) 

Отворен е конкурс за млади лица од 13 до 19 години кои сакаат да научат за креативниот документарен филм. Учеството на филмската работилница за избраните кандидати за годинешната работилница за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ е бесплатно, порачува организаторот „МакеДокс“, кој ќе ја реализира работилницата заедно со фестивалот „ДримОН“.

Заинтересираните треба да снимат кратко видео (најмногу пет минути, снимено со мобилен телефон или веб-камера), во кое одговараат на прашањата на кој начин бегаат од секојдневието, кое животно би сакале да бидат, како и кое е нивното прво сеќавање во животот. Треба да се даде одговор и на прашањето кога би сретнале магаре што зборува, што тоа би му кажало на кандидатот/ката, а треба и да се посочи кој документарен филм оставил најголем впечаток кај кандидатот/ката. Дополнително, треба да напоменат која приказна би сакале да ја раскажат, како и да напоменат неколку работи што им се важни или ги одликуваат како личности.

Рокот за пријавување е до 30 јуни, а може да се направи со испраќање на видеото  преку WeTransfer на dokunikulci@makedox.mk, или да се закачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а потоа на погоренаведената електронска адреса да се испратат линкот и лозинката. Избраните ќе бидат известени до 5 јули.

Работилницата ќе се одвива во четири наврати, односно во рамките на Патувачкото кино на „МакеДокс“ и „ДримОН“, кое ќе се одвива во Струшко од 21 до 28 јули, со продолжение во рамките на Филмскиот фестивал „МакеДокс“ од 16 до 23 август, а како последно, по договор, ќе се организираат две есенско-зимски сесии, кои би траеле од пет до седум дена.

Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но сместувањето некогаш може да биде и спиење под отворено небо.


Новороденчињата на Клиниката за гинекологија бесплатно ќе добиваат пелени


Скопје, 5 јуни, 2018 - 13:13 (META) 

Новороденчињата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство ќе добиваат бесплатно пелени и влажни марамчиња, што досега ги купуваа нивните родители.

Пелените и влажните марамчиња ќе ги донира компанијата „Бора“ која денеска ја официјализираше соработката со ГАК.

– Со производите на „Бора“ ќе се грижиме за најмалите, но посебно важно е дека ќе се надмине досегашната пракса родителите сами да купуваат пелени за своите новороденчиња така што ова ќе го релаксира овој дополнителен трошок којшто го имаа родителите – истакна портпаролката на Клиниката Драгана Букилица.

Претставникот на компанијата „Бора“, Дарко Трајковски посочи дека за нив е најважно здравјето и грижата на најмалите и оти нивните производи совршено се поклопуваат со потребите на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Компанијата „Бора“ ќе додели донација и за здружението за еднородни семејни заедници „Една може“.


Шилегов: Градскиот превоз ќе биде бесплатен се до намалување на загадувањето


Скопје, 8 јануари, 2018 - 13:43 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска соопшти дека градскиот автобуски превоз ќе биде бесплатен се до намалување на загадувањето.

Тој соопшти дека како дел од вонредните мерки што Град Скопје ги воведува за да се намали загадувањето ќе биде и прекинот на сите градежни активности на градилиштата, интензивно миење на градските улици, зајакнати инспекциски надзори како и ограничувањето на обуките на автошколите.

Шилегов апелираше да не се користат возилата без потреба и граѓаните да се организираат и да користат заеднички превоз, но и за затоплување да не се користат отпадни материјали, туку само суво дрво.

-Борбата против аерозагадувањето бара поголема вклученост од сите нас, бидејќи сите го дишеме истиот воздух – рече Шилегов.

Тој информираше дека автобусите во наредниот период, се додека се на сила вонредните мерки за намалување на загадувањето, ќе сообраќаат зачестено, а превозот ќе биде бесплатен.


ССНМ го поздрави бесплатниот пристап до документи од Карастарот и од Централниот регистар


Скопје, 6 септември, 2017 - 13:20 (META) 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја поздрави одлуката на Владата за бесплатен пристап на истражувачките новинари до документите од Централен регистар и од Агенцијата за катастар на недвижностите, и истовремено побара власта да го измени Законот за пристап до информации од јавен карактер.

„Сметаме дека со оваа одлука на истражувачките новинари ќе им се олесни пристапот до информациите, што ќе ја зголеми транспарентноста, отчетноста и општествената одговорност на носителите на јавните функции, но и на правните лица и ќе влијае на намалување на корупцијата и на злоупотреба на службената положба. ССНМ се надева дека ваквата одлука истовремено ќе го поттикне и развојот на инаку дефицитарното истражувачко новинарство, кое има суштинска улога во обезбедувањето на информациите што се од интерес на јавноста“, порачаа од синдикатот.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Охрид „чести”: Велигденско бесплатно паркирање за гостите од земјата и од странство


Охрид, 14 април, 2017 - 12:24 (META) 

Охрид се полни со гости, за што потврда се од синоќа осветлените прозорци и полните паркиралиштата, пред зградите од населбите што од охриѓани од милост ги прекрстиле во Карпош 3 и Карпош 4.

За сите гости, Охрид, преку ЈП „Билјанини извори“, чести 4 дена велигденско бесплатно паркирање насекаде во градот.

Четирите неработни дена од продолжениот празничен велигденски викенд, во Охрид ќе ги искористат голем број гости од Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и од други македонски градови.

Традиционално, голем број дојдоа од регионот, од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, но ќе има и од подалечните земји. Tука се и гостите од Холандија, Данска, годинава и од Израел и од Полска.

Јавното претпријатие „Билјанини извори“ ги известува граѓаните на Охрид и сите оние кои за велигденските празници престојуваат во градот, дека на 16 април, по повод празникот, наплатната служба на паркиралиштето со кое стопанисува претпријатието нема да работи и паркирањето ќе биде бесплатно за сите.


Пензионерите од Виница бараат бесплатен превоз


Виница, 6 февруари, 2017 - 20:05 (META) 

Пензионерите од Виница бараат субвенции од локалната власт за користење јавен превоз. Нивните аргументи се дека скопските пензионери се привилегирани, со тоа што можат двапати неделно да користат бесплатен јавен превоз. Виничките пензионери додаваат дека еднаш неделно имаат потреба да заминат на лекар или во набавка на лекови, а билетите за јавниот превоз им се товар, особено на тие со ниски пензии, кои доаѓаат од околните населени места.

Овие пензионери, како што тврдат, се лишуваат од лекарска грижа поради трошоците со патувањето. Градоначалникот на Виница, Емил Дончев, изјави дека веќе од почетокот на март, пензионерите ќе може бесплатно да го користат јавниот превоз.

Како што наближуваат локалните избори, општините од Источна Македонија срамежливо излегуваат со повремени олеснувања за граѓаните. Веќе од 10 февруари пензионерите и социјално ранливите граѓани на Македонска Каменица ќе може да користат бесплатен локален превоз. За овие потреби, Општината веќе набави две комби-возила. Олеснувањето ќе важи само во петок, кога е пазарен ден во Македонска Каменица и најчесто доаѓаат жителите од околните села. Во другите денови, новите возила Општината ќе ги користи за превоз на спортисти и на ученици.


ФЗОМ промовираше три нови услуги


Скопје, 16 февруари, 2016 - 13:42 (META) 

Tри нови електронски услуги денеска на својот портал промовираше Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Услугите се однесуваат на правата што се гарантирани врз основа на закон за осигуреници, кои досега беа достапни само во хартиена форма.

Оттаму велат дека осигурениците отсега ќе можат да ги добијат поедноставно, побрзо и поефикасно по електронски пат услугите:

– Барање за добивање решение за ослободување од партиципација по различни основи;

– Барање за повраток на средства за повеќе наплатена партиципација;

– Барање за издавање на двојазичен образец.


Груевски најави „Средношколска среда“ и бесплатен автобуски превоз за студентите


Скопје, 7 декември, 2015 - 19:37 (META) 

Од први јануари следната година ќе се воведе бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај за сите редовни студенти на сите државни универзитети во земјата. Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски во своето обраќање на Свечената академија по повод државниот празник Св. Климент Охридски.

– Почнувајќи од први јануари 2016 година, а заради грижа за повисок студентски стандард, на сите редовни студенти на државните универзитети ќе им биде овозможен бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај, односно во јавниот автобуски превоз во Скопје и во другите градови каде што има организиран јавен автобуски превоз. Сите редовни студенти од државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Со оваа мерка е предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети да им се доделат картички од ЈСП-Скопје и од другите јавни претпријатија во градовите каде што има јавен автобуски превоз, за да можат бесплатно да ја користат услугата на јавните сообраќајни претпријатија. За да се имплементира оваа мерка, Владата ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа – изјави Груевски.

Освен за студентите, премиерот најави поволности и за средношколците, кои со проектот „Средношколска среда“ од први јануари ќе можат бесплатно да ги посетуваат државните театри, музеи и кина, а ќе можат бесплатно да се возат и со жичницата на Водно.

– Следејќи ја успешната приказна на проектот „Слободен четврток“ наменет за студентите, преку овој нов проект, кој се вика „Средношколска среда“, ќе се стремиме да ја подигнеме мобилноста, квалитетот на забава и посетеноста на културните институции како театри, музеи и кина од средношколците.


Јавен повик за бесплатно зимување на 1.000 деца


Скопје, 9 септември, 2015 - 12:59 (META) 

Во наредните 14 дена, деца од семејства корисници на социјална и постојана парична помош, деца со пречки во развојот, деца чии родители се корисници на посебен додаток и деца без родители и родителска грижа може да аплицираат на јавниот повик, објавен денеска, за бесплатен зимски одмор за 2016 година.

Право на учество имаат сите деца од наведените категории од петто до деветто одделение, односно родени од 2001 до 2006 година. Зимскиот распуст ќе трае шест дена и вклучува пет полни пансиони со соодветни едукативни и рекреативни спортски и забавни активности.

Планирано е овој проект да почне во туристичките капацитети во Крушево, а бесплатен зимски одмор ќе можат да користат 1.000 дечиња.