!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Беса нема да го поддржи Џафери, ќе предложи свој кандидат за претседател на Собрание


Скопје, 26 март, 2017 - 10:29 (META) 

Раководството на Движењето Беса нема да го поддржи кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Талат Џафери, и одлучи да предложи свој кандидат за собраниски спикер, објави „Tелевизија 21“. Портпаролот на оваа партија, Орхан Муртезани, не открива имиња, но според неофицијални информации на партијата, станува збор за Африм Гаши или Фадил Зендели.

– Движењето Беса не донесе одлука за поддршка на Талат Џафери за собраниски спикер. Последната одлука на централното раководство на Движењето Беса е и ние да предложиме свој кандидат за претседател на Собранието. Додека нема поинаква одлука од раководството. ние остануваме на ставот да имаме свој кандидат за таа функција – изјави Гаши.

Вчера на новинарско прашање дали СДСМ ќе предложи кандидат за претседател на Собранието или ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Јагода Шахпаска рече дека утре на продолжувањето на конститутивната седница на Собранието ќе биде соопштено она што претставува договор на 67 пратеници од новото парламентарно мнозинство околу кадровското решение за нов претседател на Собранието.

Пред два дена, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието за кој кажа дека има поддршка од парламентарното мнозинство.

Изборот на собраниски спикер ќе биде в понеделник, по изборот на состав на новата Комисија за избори и за именување. Според Уставот и деловникот на Собранието, претседателот на Собранието се изгласува со мнозинство, односно со 61 глас од пратениците.


Беса и СДСМ разговарале за можни решенија за излез од кризата


Скопје, 15 март, 2017 - 15:43 (META) 

Претставници на движењето Беса, предводени од претседателот Билал Касами, денеска се сретнале со преставници на СДСМ, соопштија од Беса.

„Тема на дискусија беа последните политички случувања и настанатата ситуација во земјата, по одбивањето на претседателот на државата да го даде мандатот. Исто така, се разговараше и за можните решенија за излез од кризата со која се соочува земјата за функционализација на институциите“, велат од Беса.

Оттаму велат дека контактите помеѓу партиите ќе продолжат и во наредните денови. Беса нагласува дека и понатаму ќе игра конструктивна улога и дека и понатаму ќе биде дел од решението, а не дел од проблемот.


Програмата на СДСМ е рамка за доградување, оцени Беса


Скопје, 11 март, 2017 - 12:27 (META) 

Програмата што вчера ја претстави СДСМ е рамка што треба да се догради за да биде сеопфатна и за прашањата кои се однесуваат на Албанците како втор поголем народ во Македонија, соопшти денеска Движењето Беса.

Oд Беса, сепак, не сакаат да ја коментираат програмата на СДСМ, бидејќи мандатот за формирање влада сè уште не е даден.

„Сè уште е не е деблокирано доделувањето мандат на претседателот нa СДСМ, процес кој создава можност за почнување на преговорите за создавање влада. Затоа дотогаш нема да коментираме, а откако ќе му биде доделен мандатот, ќе се изјасниме со забелешки и со сугестии, сè со цел да се постигне една сеопфатна владина програма, секако, со надеж дека тоа ќе се случи“, велат од Беса и додаваат дека понатаму имаат разлики со СДСМ во однос на толкување на уставните одредби кои се однесуваат на употребата на албанскиот јазик.


По одлуката на Иванов, Беса бара интервенција од меѓународната заедница


Скопје, 1 март, 2017 - 19:37 (META) 

Отако Ѓорге Иванов изјави дека нема да го даде мандатот, ова е вознемирувачки момент за државата, се вели во соопштението на Движењето Беса.

– Всушност, Иванов е најголемиот прекршител на Уставот, и тогаш кога неуставно му го довери мандатот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тогаш кога не му го довери мандатот на претседателот на СДСМ. Ова е алармантно, бидејќи тој ја претставува највисоката институција во земјата и во име на таа институција, само што не повика на линчување на Албанците од Македонија, само затоа што Албанците потпишале една заедничка декларација на албанските политичките партии од Македонија – велат од Беса.

Тие ја повикуваат меѓународната заедница, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, како што велат, да го имаат предвид овој потенцијален ризик за албанската заедница во Македонија и да интервенираат за враќање на правната држава, како и за враќање на државата на евроатлантскиот пат.

Тие ги повикаа граѓаните да бидат умерени и мирни, и како што велат, Беса ќе биде заштитник на албанските интереси во Македонија.

– Имајќи го предвид тоа што се случува денеска, ова е уште еден аргумент дека спасот на ова земја е само нејзиното редифинирање во согласност со мултиетничката реалност на земјата – додаваат од Беса.


Беса: ДУИ не е достојна да свика средба на албанските партии


Скопје, 20 февруари, 2017 - 14:52 (META) 

Бучавата што се прави за заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни партии е за некои албански партии во Македонија да придобијат политички поени во пресрет на локалните избори, велат од Движењето Беса.

Ставот на Беса е дека не прифаќа состанок кој е инициран од претседателот на ДУИ во Скопје.

„Тие што беа главни виновници што на Беса ѝ беа одземени два пратеника за да ѝ се дадат на ВМРО-ДПМНЕ, немаат веќе легитимитет да ги застапуваат Албанците, ниту се достојни да свикаат средба на албанските политички партии во Македонија. Нивниот лидер може да биде поглавар на некоја партија или алијанса, но за нас тој е главниот виновник за актуелната состојба на Албанците во Македонија. Поради оваа причина, ваквите иницијативи, наводно во име на албанските интереси, но злоупотребувајќи ја тркалезната маса, за нас се со лоши намери и за цел ја имаат само рехабилитацијата на тие што 15 години екстремно го уништија интересот на Албанците во Македонија. На тој што му се потребни јавни средби со Беса, за да може како Пилат да си ги измие рацете од кривичните дела, не можеме да му го дозволиме тоа задоволство“, велат од Беса.

Според партијата, состаноците кои се одржуваат во име на платформата, повеќе личат на разговори за коалиција на ДУИ и на Алијанса на Албанците. Од партијата додаваат дека сè уште ја поддржуваат платформата и дека нејзините пратеници ќе гласаат по нејзините точки кога ќе дојдат на дневен ред во Собранието.


БЕСА: Не учествуваме на состаноци кои не се во духот на заедничката декларација


Скопје, 18 февруари, 2017 - 15:21 (META) 

Движењето Беса преку соопштение информираше дека не гледа никаква обврска да учествува на состаноци кои не се во духот на заедничката декларација на албанските парти во Македонија.

Од Беса велат дека средбата е само билатерален состанок помеѓу две албански партии во Македонија.

„Движењето Беса стои на ставот дека и покрај тоа што некои политички експоненти – на инфантилен начин – ја присвоија Декларацијата, сепак Движењето Беса ќе продолжи да ја поддржува Декларацијата и кога овие точки ќе дојдат во Собранието на Република Македонија, нашите пратеници ќе ги поддржат“ соопштуваат од Беса.

Средбата на албанските партии во хотелот „Арка“ се одржува на иницијатива на претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, за партиите да ги разгледаат сите опции околу можноста за формирање на новата влада како и да разговараат за понудата од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На средбата, освен Села, присуствуваат и Гзим Острени, претседател на Унитети, Весел Мемеди од Нациолната демократска преродба, претседателот на ДУИ Али Ахмети и шефот на неговиот кабинет Артан Груби.


Беса обвинува дека Заводот за статистика објавува неточни информации


Скопје, 16 февруари, 2017 - 12:45 (META) 

Движењето Беса им сугерира на странските експерти да му постават неколку прашања на Државниот Завод за Статистика, затоа што, како што велат, институцијата давала неточни информации.

„Како се случи за време кога имаше обид за попис на населението во 2011-та, од вкупно 39 групи на државни инструктори, ниту еден не беше предводен од Албанец? Како се случи, од осумте сектори, ниту еден сектор не е предводен од Албанец? Зошто во последните неколку години бројот на Албанците вработени во оваа институција постојано паѓа? Зошто на Албанците кои имаат завршено високо образование не им се прифаќаат дипломите и се уште продолжуваат да се сметат како вработени со средно образование“, стои во соопштението на Беса и се додава дека ова се само некои од точките за кои тие би сакале да ги информираат експертите од Еуростат, но и пошироката јавност.


БЕСА на средба во ЕВН за протестите во Тетово


Скопје, 15 февруари, 2017 - 13:11 (META) 

Висока делегација на Движењето Беса денеска ќе ја посети компанијата за дистрибуција на електрична енергија ЕВН Македонија поради поплаките на граѓаните за високите сметки, соопштија од партијата.

„Заинтересирана за доброто на сите граѓани во државата, БЕСА е длабоко загрижена за проблемите што ги изразуваат граѓаните во врска со снабдувањето и плаќањето на електричната енергија, особено за цената која граѓаните се принудени да ја плаќаат кон оваа компанија. Затоа, Движењето БЕСА пред да ги поддржи протестите на граѓаните и нивните барања од оваа институција, ќе се ангажира на институционален начин, преку директна комуникација со компанијата и другите институции на овој сектор, да најде начин како да се реализираат барањата на граѓаните“, стои во соопштението од БЕСА.

Од партијата наведуваат дека согласно нивната платформа и воспоставените политички принципи ќе продолжат со цел свој капацитет да биде во служба на граѓаните, да им обезбедат подобар живот и повисок животен стандард.

По состанокот, претставниците на БЕСА пред седиштето на ЕВН Македонија на Плоштад Македонија ќе соопштат детали од средбата.


Анкета: Граѓаните се против нови избори, сакаат широка коалиција


Скопје, 13 февруари, 2017 - 21:02 (META) 

Доколку утре се одржат избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат речиси изедначени, покажува најновата анкета на агенцијата „М-проспект“ направена по нарачка на телевизија „Телма“. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23,3 отсто од граѓаните, за СДСМ 23 отсто.

Единствено промена би имало кај партиите на Албанците. Кога сега би се одржале избори Беса би била изедначена со ДУИ, односно би добила 3,5 отсто, а ДУИ 3,3 отсто. Алијансата за Албанците би добила 1,5 отсто, ДПА 2,2 отсто, а неопределени се високи 33,4 отсто.

Според анкетата, водечка партија кај албанските гласачи е СДСМ за кого се одлучиле 20,4 отсто од анкетираните. За ДУИ се изјасниле 14 отсто, за Беса 15, за ДПА 10 и за Алијанса на Албанците 6 проценти.

Македонците гласачи предност и даваат на ВМРО-ДПМНЕ, или 30,6 отсто, наспроти 23,8 за СДСМ. За разлика од Албанците, кај Македонците никој не би гласал за партија од албанскиот политички блок.

Истражувањето покажува дека најголем дел од граѓаните не гледаат излез од политичката криза со нови избори. Мнозинството, или 56,5 проценти се против нови предвремени избори, наспроти 38,6 проценти кои повторно би гласале.

Граѓаните најдоброто решение за формирање на следна влада, откако Груевски го врати мандатот, гледаат во широка коалиција во која би влегле сите поголеми партии. За широка коалиција се определите 30,2 отсто од испитаниците. Три проценти помалку, или 27,3 отсто сметаат дека следната влада треба да ја формира СДСМ, додека помалку или 23,5 отсто сакаат влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

По етничка припадност, и Македонците и Албанците, одговориле со идентичен процент, 30 отсто, дека најдобро решение за формирање на влада е широка коалиција. Разликата во двата етнички блока се јавува по прашањето на формирање на политичка влада од двете македонски партии. 28 проценти од Македонците би сакале неа да ја формира ВМРО-ДПМНЕ, додека 23 отсто СДСМ. Албанците пак 44 проценти посакуваат влада на СДСМ, наспроти само 7 проценти кои повторно сакаат влада на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали е потребно да се продолжи периодот во кој СЈО може да покренува обвиненија 62,8 проценти од граѓаните одговориле потврдно, против биле 28,8 проценти, а само 8 отсто немаат одговор на ова прашање

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 4 до 10 февруари на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.


Јавното обвинителство води предистажни постапки против невладините и Беса


Скопје, 3 февруари, 2017 - 21:42 (META) 

Одделението за организиран криминал при Јавното обвинителство Скопје води предистражна постапка за незаконско финансирање на изборниот процес против повеќе невладини организации и политичката партија Беса, јавува „Нова ТВ“.

Порталот како извор на информацијата посочува „многу високи извори во истрагата кои поради личната безбедност побарале да останат анонимни“.

Според нив, станува збор за невладини организации кои се финансирале од странски донатори, како владата на САД и други влади од западните земји и од Фондацијата „Отворено општество“.

Предметот, пишува „Нова ТВ“, бил оформен помеѓу 20 и 30 декември минатата година, непосредно по завршувањето на предвремените парламентарни избори или три дена по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ во кој најави борба со невладиниот сектор или таканаречената „десоросизација“.

Во предистражната постапка, наводно, биле вклучени високи безбедносни служби во полицијата.