Германската влада повика политичките сили во двете земји да ја поддржат спогодбата


Берлин, 18 јуни, 2018 - 16:35 (META) 

Германската Влада ја поздрави спогодбата помеѓу Атина и Скопје и апелира политичките сили од двете земји да ја поддржат. Според портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт, спогодбата дава доза оптимизам, но загриженост предизвикуваат насилствата за време на протестите во Скопје против договорот, пренесува АНА-МПА.

За германската Влада, спогодбата е важен чекор напред за двете земји и затоа не треба да се инсистира на национализам, туку сите политички чинители треба да ја поддржат.

– Спогодбата може да ги тргне пречките за прекугранична соработка, раст на трговијата и инфраструктурата, и да придонесе за регионалната стабилност. Убедени сме дека, ако некои кусогледо инсистираат на националистички позиции, тие им штетат на спогодбата и на многу луѓе во регионот што сакаат стабилност и економски просперитет. Премиерите на двете држави го направија можен овој важен компромис, што може да стави крај на проблемот кој траеше со децении. Германската Влада ги повикува сите партии и политички сили во двете земји да го поддржат овој договор – порача Зајберт.


Димитров утре и задутре во официјална посета на Берлин


Скопје, 13 јуни, 2018 - 13:43 (META) 

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре ќе биде во посета на Берлин, каде што треба да се сретна со својот германски колега Хајко Мас.

Како што информираат од министерството за надворешни работи, Димитров ќе се сретне со советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Јан Хекер, а ќе го посети и германскиот Бундестаг, каде што ќе се обрати пред членовите на Комисијата за европски прашања.

Ова е првата меѓународна активност на шефот на македонската дипломатија откако вчера премиерот Зоран Заев објави дека со грчкиот колега Алексис Ципрас формулирале договор за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција. Димитров во последната половина година беше македонскиот преговарач во процесот под покровителство на ОН.


Османи: Тие што се против законот за јазиците се против за ЕУ и НАТО и против земјата


Скопје, 22 февруари, 2018 - 14:03 (META) 

Тоа што може да го кажам како новина е вчерашната посета на Германија, и на средбите со претседателот Франк Валтер Штајнмајер и со канцеларката Ангела Меркел, јасно се поздрави донесувањето на законот за употреба на јазиците и на некој начин се осуди однесувањето на оние што имаат осуди за законот во дневнополитички цели. Тоа е опасен пристап за земјата, посебно за оние што сакаат со многубројни амандмани да го спречат донесувањето на законот, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи од собраниската говорница.

Тој одговараше на прашањето на пратеникот Реџаиљ Исмаили, негов сопартиец од ДУИ, на денешната седница за пратенички прашања на која прашања до владата поставуваат само пратеници од власта. Исмаили се интересираше каков е ставот на претставници на земјите кои ги посетува Османи или се среќава со нив во земјава.

– Нема да кажам ништо ново ако го повторам фактот дека меѓуетничките односи се столбот на прогресот на оваа земја, и тоа беше консензус на сите земји од Западниот свет дека патот до Брисел поминува низ Охрид. Со тоа на метафорички начин, тој се вреднува како придонес кон идно членство во ЕУ и НАТО.  Законот за јазиците е последен легислативен дел од Охридскиот договор, но е и најчуствителното прашање – за употреба на мајчиниот јазик. Ставот на генералниот секретар на НАТО на оваа говорница пред неколку недели го слушнавте, го поздрави донесување на законот кога тој рече дека тој закон е услов за членство во НАТО – рече Османи.

Тој го спомена министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за кого рече дека го поздравил законот како дел од Охридскиот договор.

– Ова и даде друга димензија на дебатата за употребата на јазиците. Кои се за или против законот за јазиците, всушност се во дебата за политичките определби на земјата. Определбата е за мултиетничко, демократско општество, каде ќе се ценат етничките диверзитети, вклучувајќи го и ставот од Берлин, кој вели дека законот мора да се донесе и да почнеме со имплементација. Така, сега има дебата на тие што се за донесување на законот и за заокружување на Охридскиот договор и имаат евроатлантска определба и на тие што се против и се против земјата – рече Османи.

Сепак, од изјавата на Лавров во Белград не се гледа дека тој „го поздравил“ законот, туку, сосема обратно, вели дека тоа е „вознемирувачки“.

– Примерите за тоа се доста вознемирувачки. Неодамна, кога беа одржани парламентарните избори во Македонија, претседателот на Парламентот, откако беше избран на функцијата, влезе во својот кабинет и на работната маса постави албанско знаме. Ова е во Македонија. Деновиве албанскиот премиер, Еди Рама, гордо кажа дека тој од Албанија го иницирал законот во Македонија со кој на албанскиот јазик му за дава статус на државен јазик во земјата – изјави Лавров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со Вучиќ, за време на неговата официјална посета на Србија.

На тој начин, рече шефот на руската дипломатија, се прекршува Охридскиот рамковен договор „кој сите ние го примивме како олеснување, бидејќи создаде основи за надминување на кризата во Македонија пред повеќе години“.


Штајнмајер: Решението на спорот за името ќе даде импулс за регионот


Берлин, 22 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев вчера во рамките на официјалната посета на Германија, покрај со канцеларката Ангела Меркел, се сретна и со претседателот на Сојузна Република Германија Франк Валтер Штајнмајер.

Германскиот претседател Штајнмајер рекол дека ги почитува напорите на Владата на Република Македонија и рекол дека се направени видливи и значајни промени во придвижувањето на земјата напред и спроведување на реформите.

– Решение на спорот со Грција ќе даде позитивен импулс за целиот регион и значително ќе влијае на стабилноста – рекол Штајнмајер.

Како што соопшти македонската Влада, двајцата соговорници го оцениле како исклучително позитивен и динамичен досегашниот развој на односите меѓу Македонија и Германија и се согласиле дека така ќе биде и во иднина.

Заев информирал дека освен политиките за забрзување на евроинтеграциските процеси, напорите на Владата се фокусирани на спроведувањето на одржливи внатрешни реформи и за затворање на долгогодишни и длабоко чувствителни прашања со соседите.

Соговорниците разговарале и за економската соработка, активната соработка во сферата на безбедноста и одбранбените политики, и членството на Македонија во НАТО.


Меркел: Преголем притисок во преговорите за името нема да биде многу корисен


Берлин, 21 февруари, 2018 - 14:10 (META) 

Ние сме насочени кон исполнувањето на условите, и за мене не се важни годините како бројки, туку кога е постигната зрелоста за пристапување кон ЕУ, рече германската канцеларка Ангела Меркел на денешната прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев што се одржа во Владата на Сојузна Република Германија во Берлин.

Берлинскиот процес, инициран од Германија, но и спорот за името и можноста за негово брзо разрешување, како и засиленото влијание на Кина на Балканот и пошироко во Европа и можните руски притисоци врз Македонија, беа главните теми што ги интересираа новинарите.

Премиерот Зоран Заев неколкупати повтори дека за Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и НАТО.

– Ги следевме случувањата во Црна Горa пред нејзиното придружување на НАТО и во преговорите. Ние сме мала земја, позитивна земја и сакаме да градиме односи со сите земји и да ги подобриме односите со Русија, но нема алтернатива за членството во ЕУ и НАТО. Јас се надевам нема да имаме проблеми. Целиот регион нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Се надевам дека со поддршка на нашите граѓани и на Германија, дека целиот регион поблизу ќе се приближи кон ЕУ и НАТО – одговори Заев прашан од новинар дали имало обиди за мешање од Русија во Македонија.

Заев и се заблагодари на Германија за целата поддршка искажана во изминатите 25 години. Сепак, како што рече, главната улога сега ја има Македонија.

– Република Македонија силно ги цени сите пораки за нашите стратешки определби, членство во ЕУ и НАТО. Секако, нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и на решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име. Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување секако и од нашите граѓани. Во 2017 година влеговме во разрешување на долгогодишни недоразбирања. А желбата за еден нов Балкан е силно поддржана од Германија – рече Заев.

Тој се заблагодари на германската канцеларка за нејзиното иницирање на берлинскиот процес и ја покани да ја посети Македонија годинава.

– Многу е важно Гермaнија и понатаму да остане посветена на оваа иницијатива, а ние да испорачуваме резултати како резултат на храбро лидерство. Ја очекуваме и понатаму поддршката од СРГ и ја користам оваа прилика повторно да ја поканам канцеларката да нè посети, посетувајќи го и Балканот – рече Заев.

Прашана од македонски новинар, Меркел рече дека не сака многу да зборува за преговорите за името и за некакви притисоци. Сепак, го нагласи фактот дека првпат по подолго време има посилна енергија во преговорите.

–  Мојот став е дека притисокот во преговорите не е многу од корист. Имам впечаток после подолго време дека двете страни имаат решеност за преговарање. Верувам дека и вие знаете дека јавните изјави некогаш повеќе може да штетат отколку да користат. Тука треба да се најде патот, не треба на прес-конференција, туку зад затворени врати – рече германската канцеларка.

Според Заев, Западен Балкан гледа со оптимизам кон ЕУ, а Македонија не гледа друга алтернатива освен тоа да стане еднаква на другите во европското семејство. Притоа, до тој момент, за земјата многу значи поддршката од ЕУ во унапредувањето на квалитетот на животот.

– Точно дека интересот за Западен Балкан е голем и кај Русија, Кина и други земји, но нема алтернатива за членството во ЕУ. Нашите граѓани се за ЕУ не само затоа што сме на европскиот континент. Ние гледаме што значи поддршката од ИПА фондовите, што значат унапредување на квалитетот на животот. Балканот не е повеќе буре барут. Претставува едно семејство. Поддршката што ја добиваме од Европа, пред сè од Германија, нашите граѓани ја ценат и ги очекуваме новите проекти, како што е Коридорот 8 од Албанија до Црно Море, за кој ќе се употреба парите на граѓаните на Германија за поголемо поврзување – рече македонскиот премиер.


Заев со германските бизнисмени разговарал за развој на средното стручно образование


Берлин, 21 февруари, 2018 - 12:37 (META) 

На средбата на премиерот Зоран Заев со претставници на германската Комора за индустрија и трговија во Берлин, денеска се зборувало и за концептите за средно стручно образование во Македонија и за енергетската ефикасност и за обвновливите извори на енергија, соопшти македонската влада.

На средбата на која бил придружуван од вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, македонскиот премиер со својот домаќин, заменик-директорот на комората Волкер Трејер разговарал за концептите за развој на средно стручно образование во Македонија, за да се зајакне капацитетот на среднистите, со посебна важност на струките механичари и механик-електроничари. Посебно била потенцирана потребата од соодветен сооднос на теоријата и практиката при образованието.

На средбата било нагласено и дека постојат можности за соработка и во областите на енергетска ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија.

„Претставниците на германската комора ги понудија своите капацитети како линк меѓу можностите за инвестирање во Македонија и германските компании со кои соработуваат и истакнаа дека сакаат да го поддржат процесот на зачленување на Република Македонија во Европската Унија“, соопшти македонската влада.

Сојузна Република Германија е трговски партнер број еден на Република Македонија со обем на трговија од над 40 отсто од вкупната вредност, а вредноста на трговската размена секоја година расте и во 2017 година достигна над 3 милијарди евра.

Инвестициите од оваа земја главно се насочени во текстилната, металопреработувачката индустрија и поддршката за автомобилската индустрија и транспортот. Растот на германските инвестиции во Република Македонија продолжува и во постоечките компании со германски капитал вработени се речиси 20.000 луѓе.


Димитров ќе оди во Берлин на средба со Габриел


Скопје, 21 август, 2017 - 16:21 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров претстојниот период ќе оди во Берлин, каде ќе има средба со својот германски колега Зигмар Габриел.

Посетата на Димитров се наведува во денешното соопштение на Министерството за надворешни работи, по повод примањето на копиите од акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Германија во Македонија, Томас Норберт Герберих.

„Амбасадорот Герберих изрази задоволство што во наредниот период ќе ја води германската амбасада во пријателска Македонија, пренесувајќи ги притоа пораките на охрабрување од официјален Берлин за политиките и активностите на новата македонска Влада, како во делот на амбициозната реформска агенда, така и во контекст на новиот позитивен пристап во односите со соседите. Во оваа смисла, пренесе и целосна поддршка за европската и евроатланската перспектива на Македонија, со очекување за што поскоро и конкретно поместување на процесот на интеграција во ЕУ и НАТО. Претстојната посета на министерот Димитров на Берлин и средбата со својот германски колега Габриел, претставува дополнителна потврда во оваа насока“, стои во соопштението од МНР.

Димитров на средбата со новиот амбасадор ги поздравил „одличните и пријателски односи меѓу двете земји, посочувајќи дека тековната динамична соработка во повеќе полиња од заемен интерес сведочи за заедничката волја за надградување на севкупната билатерална размена“.


Бујар Османи во Берлин ќе бара германска поддршка за планот „3-6-9“


Скопје, 15 август, 2017 - 17:12 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска патува во Берлин, на работна посета.

Тој утре треба да се сретне со Михаел Рот, државен министер за Европа во германското министерство за надворешни работи и со Андреас Гис, директор за развојна соработка, во министерството за економска и развојна соработка на Германија.

Во фокусот на разговорите ќе бидат реформите поврзани со процесот на европска интеграција на Македонија, особено динамиката на реализацијата на мерките од планот „3-6-9“, како и можностите за германската поддршка за нивното спроведување. На средбите ќе се разговара и за Берлинскиот процес, соопшти македонскиот Секретаријат за европски прашања.

Во рамките на посетата на Берлин, Османи ќе се сретне и со д-р Кристоф Бејер, потпретседател на Управниот одбор на ГИЗ како и со претставници на Фондацијата Конрад Аденауер и Фондацијата Фридрих Еберт.


Османи почнува редовни консултации со амбасадорите од Западен Балкан


Скопје, 15 август, 2017 - 13:29 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска ја одржа првата средба со амбасадори на земјите од Западен Бакан, која, како што рече е увод во постојани координативни средби. Во средбата во Секретаријатот за европски прашања (СЕП) учествувале претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и на Црна Гора.

На средбата се разговарало за регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан и се разменила искуства и мислења за начините на кои може да се зголемат капацитетите на земјите за поголема апсорпциона моќ за искористување на ИПА средствата, како и евентуалните последици врз ИПА фондовите со намалувањето на буџетот на Европската Унија по завршувањето на Брегзитот.

По средбата, вицепремиерот Омани нагласи дека Владата на Република Македонија во следниот период ќе се фокусира на прашањето на името со цел забрзување на евроинтеграциите. Тој најави дека во тие рамки тој денеска заминува во посета на Германија, а месецов ќе ја посети и Атина. Во рамките на новата владина офанзива за решвање на проблемот со името е и посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас на Скопје, нагласи Османи.


Почина поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, еден од „уривачите“ на Берлинскиот ѕид


Лудвигсхафен, 16 јуни, 2017 - 20:19 (META) 

На 87-годишна возраст, во својот дом во Лудвигсхафен, почина поранешниот долгогодишен германски канцелар Хелмут Кол, еден од учесниците во паѓањето на Берлинскиот ѕид, јавија светските медиуми.

Кол беше канцелар на Германија од 1982 до 1998 година. Тој ја поведе иницијативата за соединувањето на Западна и на Источна Германија и беше „движечка сила“ за воведувањето на единствена европска валута, убедувајќи ги скептичните Германци да се откажат од марките.

Кол е канцеларот кој во периодот по Втората светска војна постави рекорд според мандатот, задржувајќи се четири последователни мандати на кормилото на Германија.

Тој беше во лоша здравствена состојба и во инвалидска количка од 2008 година.