С.А.Р.С – главни ѕвезди на фестивалот „Битола Отворен град 2018“


Битола, 21 јуни, 2018 - 12:16 (META) 

Главни ѕвезди на фестивалот „Битола Отворен град 2018” се култниот белградски алтернативен рок бенд “С.А.Р.С”.

На големиот музички концерт ќе настапат и бендовите „THE PRODIGY live tribute band“ од Белград и „FUNK SHUI” од Скопје, соопштува организаторот, Младински културен центар -Битола.

Фестивалот ќе се одржи на големата сцена на плоштадот Гоце Делчев во Битола, на 28 јуни со почеток во 21 часот, а влезници нема да се наплатуваат, благодарение на поддршката од Министерство за култура и од Општина Битола.


„Охридско лето“: Вечерва настап на Артуро Сандовал во Античкиот театар


Охрид, 6 август, 2016 - 15:21 (META) 

Вечерва, во стандардниот термин од 21 часот во Античкиот театар во Охрид, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе настапи џез-трубачот Артуро Сандовал од Куба.

На програмата се дела од џез-музиката, кои Сандовал ќе ги исполни заедно со својот бенд во состав Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.

Музичкото портфолио на Артуро Сандовал го сочинуваат 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, потоа признанието „Хиспаник херитиџ“, како и Претседателскиот медал на слободата (Presidental Medal of Freedom), награда доделена од претседателот на САД, Барак Обама.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со повеќе светски музички ѕвезди од различни генерации, како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, а ја напишал и музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот. Во филмот неговиот лик го толкува холивудскиот актер Енди Гарсија.


Македонската група „Визија“, една од најдобрите 10 според британска музичка веб-страница


Лондон, 2 јануари, 2015 - 18:46 (META) 

Британската музичка веб-страница „Имерџинг инди бендс“ (EmergingIndieBands) креираше листа на 90 најдобри групи од сите делови на светот за минатата година. Македонската група „Визија“ се најде помеѓу најдобрите 10, на високото седмо место, и е една од малкуте групи од регионот што се најде на оваа листа.

Групата „Визија“ е формирана во 2011 година во Скопје од членовите: Марко Џамбазоски, Марко Гапо, Лилјана Јанкова и Синиша Ѓорѓевиќ. Музиката што ја изведуваат подложи на експериментирање, со што формираат свој препознатлив звук, а во своето тригодишно постоење имаат постигнато неколку поголеми успеси во земјава и во странство.