Вучиќ: Спогодба со Приштина мора да се постигне кога-тогаш


Белград, 13 септември, 2018 - 16:35 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска порача дека дијалогот со Приштина ќе биде продолжен но и дека се мали шансите да се сретне со претседателот на Косово, Хашим Тачи, во Њујорк, во текот на Генералното собрание (ГС) на Обединетите Нации (ОК), како што денеска најави приштинска „Коха диторе“.

– Уште не сум сосема сигурен, но веројатно во Њујорк ќе оди премиерката Ана Брнабиќ, а не јас, бидејќи, просто сакам да бидам повеќе во земјава – рече Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата во Земун.

Тој порача дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина и дека спогодба кога-тогаш мора да се постигне, бидејќи „без долгорочно градење мир нема да бидеме во ситуација да продолжиме со олку успешни економски резултати.

Последната рунда на дијалогот меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво беше закажана за 7 септември во Брисел, но Вучиќ и Тачи не се сретнаа, поради најавите од Приштина дека во рамките на претстоечката посета на српските средини на Косово на српскиот претседател нема да му се дозволи посета на хидроакумулацијата и браната „Газиводе“. Тогаш високата претставничка на ЕУ, Федерика Могеринни, порача дека повторно ќе ги повика двајцата претседатели на средба во Брисел пред последната седмица на септември.

Вучиќ денеска на новинарите им изјави дека „многумина во регионот не сакаат стабилност и мир, туку продолжување на постојаниот политички суди на Србите и Албанците“.

– Тие би сакале Србите и Албанците никогаш да не се договорат и сите да напредуваат, а Србите и Албанците не. На некои не им е мило што Србија, која што заостануваше, има најбрзо растечка економија, што го намалува долгот и невработеноста и привлекува инвестиции. Затоа им е потребна Србија која би војувала. И затоа смислуваат дека сум рекол нешто за што на сите им е јасно дека не била таа смислата – рече Вучиќ.

Српскиот претседател денеска негираше дека во говорот во Косовска Митровица минатиот викенд пофално зборувал за поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, порачувајќи дека било спротивното и дека поставил „во суштинска смисла, линија на дисконтинуитет со политиката на Милошевиќ, но без лична омраза и презир.

– Да, имаше ретка харизма, можеше да собере најмногу луѓе и гласови, но резултатите за Србија и за народот беа лоши – додаде Вучиќ.


Успешен референдум ќе значи мир и за Косово, вели Тачи


Скопје, 12 септември, 2018 - 12:22 (META) 

Претседателот на Косово, Хашим Тачи по средбата со премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните на Македонија да гласаат „за“ на референдумот и додаде дека успешен референдум ќе значи мир и за Косово.

-Иднината на Косово и Македонија е да се стремат кон ЕУ и НАТО. Косово дава поддршка да се движите напред кон НАТО за европска иднина. Ги повикувам граѓаните да учествуваат на референдумот и да гласаат за Македонија во НАТО. Овој е историски момент, кој треба да се искористи – рече Тачи.

Косовскиот претседател се осврна и на односите помеѓу Белград и Приштина, посочувајќи дека нема да биде лесен процесот да се донесе конечна историска одлука и да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот.

– Вие ја завршивте спогодбата со Грција, сега следува Косово и Србија да го завршат дијалогот. Знаете дека ова нема да биде лесен процес да се донесе конечна историска одлука да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот. Ние имаме многу бариери, но јас сум оптимист, бидејќи подобро сега да се постигне договор отколку по три децении. Јас ќе направам огромни напори за да се постигне договор со Србија што значи реципрочно признавање – додава Тачи, кој вели дека го осигурил Заев дека евентуалната спогодба меѓу Косово и Србија нема да биде со минирање на соседните земји.

Премиерот Зоран Заев најави интензивирање на економската соработка преку воспоставување на мешовит комитет, како и градење на стратегии за интеракција меѓу бизнис заедниците со Косово.

Тој изрази уверување дека новиот граничен премин и инфраструктурната поврзаност со патот Блаце – Скопје ќе има позитивно влијание врз обемот на трговијата.

– Косовскиот лигнит за македонските компании е од особено значење. Ние пак ќе ја поддржиме изградбата на гасовод кон Косово – рече Заев кој најави дека сите овие прашања ќе бидат разгледувани и на заедничка владина седница која треба да се одржи наскоро.

Тој додаде дека Македонија го поддржува позитивното решение за Косово кое ќе ја подобри благосостојбата во регионот и за сите засегнати страни.

-Македонија го поздравува дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој го сметаме за клучен за стабилноста. Тоа ќе биде решение за зајакнување на мирот во Србија и Косово – додаде Заев.


Затворен белградскиот аеродром поради инцидент со египетски авион


Белград, 12 септември, 2018 - 10:26 (META) 

Аеродромот „Никола Тесла” во Белград е привремено затворен за полетување и слетување поради инцидент на авион на египетскиот авиопревозник „Иџипт Ер“. Воздушниот сообраќај се пренасочува на соседните аеродроми, а не се знае кога најголемиот аеродром во Србија ќе биде повторно во функција.

На авионот Боинг 737-800 додека слетувал празен му се блокирале тркалата, по што се запалиле пневматиците и останатл на пистата.


Путин доаѓа во Србија во октомври или ноември?


Белград, 4 септември, 2018 - 15:21 (META) 

Претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе ја посети Србија во октомври или ноември оваа година, рече денеска рускиот амбасадор во Белград Александар Чепурин.

– Претседателот Путин го очекуваме овде во Србија во октомври или во ноември – рече Чепурин за време на обиколката на градилиштето на железничкиот тунел Чортановци кој е дел од идната брза пруга Белград – Будимпешта, а се финансира со руски кредит за модернизација на железницата.

Од Москва претходно беше соопштено дека Путин ја прифатил поканата да ја посети Србија, но не беше соопштен датумот. Српските медиуми како можни датуми го спомнуваат 1 ноeмври – кога се навршуваат 100 години од ослободувањето на Белград во Првата светска војна, или 11 ноември – Денот на примирјето во Првата светска војна.

Путин во Белград беше во 2014 година кога присуствуваше на воената парада по повод 70 години од ослободувањето на градот во Втората светска војна.


Двајца мртви, во центарот на Белград се сруши ѕид при изградба


Белград, 29 август, 2018 - 11:14 (META) 

На градилиште кое се наоѓа меѓу Сараевската улица и улицата Кнез Милош во самиот центар на Белград се сруши ѕид и затрупа најмалку две лица.

Се срушил ѕид од зграда која се прави на местото на некогашната амбасада на САД.

Според неофицијалните информации во оваа несреќа има дека има уште затрупани.

Операцијата за спасување е во тек.


Адвокатите во Србија една недела во штрајк поради убиството на нивни колега


Белград, 30 јули, 2018 - 11:13 (META) 

Адвокатите во Србија денеска почнаа еднонеделен целосен прекин на работата, поради убиството на нивниот колега Драгослав Миша Огњановиќ во саботата, соопшти Адвокатската комора на Србија. Во соопштението се напоменува дека станува збор за целосен прекин на работата, што значи дека адвокатите нема да примаат ниту итни притворски предмети.
Педесет и седумгодишниот Огњановиќ беше застрелан пред влезот на зградата во која живееше во Нов Белград. При нападот е ранет и неговиот 26-годишен син. Во текот на својата кариера Огњановиќ им беше адвокат на водачот на „Земунскиот клан“, Лука Бојовиќ, на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, како и на неговата сопруга Мира Марковиќ.


Коѕиас по средбата со Дачиќ: Направен е чекор напред во преговорите на Грција и Македонија


Белград, 11 април, 2018 - 14:14 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по денешната средба со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Белград изјави дека во преговорите на Грција и Македонија за спорот за името е направен чекор напред, како и дека клучот за решавање на проблемот се „реализмот, прагматизмот и сфаќањето дека треба да се направат компромиси“, пренесуваат српските медиуми.

– Треба да направиме компромиси, но не „гнили“ компромиси, туку такви од коишто ќе добијат двете страни. Компромис значи дека обете страни треба да сфатат дека не може да добијат сè, но дека треба да имаат придобивка – рече шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас додава оти се надева дека двете страни во преговорите ќе го сфатат тоа и оти ќе има позитивни резултати.

Српскиот министер за надворешни работи, пак, рече дека најделотворно и најкорисно би било тие разговори да се водат директно и да се мисли на заедничкиот интерес во целиот регион. Дачиќ истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори својот повеќепати изнсен став дека било грешка тоа што поранешна Сојузна Република Југославија ја признала Македонија под нејзиното уставно име, нагласувајќи дека тоа било „непромислен и погрешен чекор“.

– Однесувањето на Скопје кон Србија и српскиот национален и државен интерес не беше адекватно. Тие признаа еднострани акти – рече тој, мислејќи на признавањето на Косово од страна на Република Македонија.

Според Дачиќ, Србија сака прашањето за името да се реши, но дека не може многу да помогне, освен да понуди двете страни понекогаш да се состануваат во Србија.


Во Белград програмер убил колега, ранил двајца, па се разнел со бомба


Скопје, 12 март, 2018 - 17:03 (META) 

Младиот програмер Небојша С. (30) денеска во Белград убил свој поранешен колега и ранил двајца, по што се разнел со бомба, јавија српските медиуми.

Убиецот пред неколку дена добил отказ во софтверската фирма „Стопански советник за информациски технологии“, а денеска се вратил таму, прво ја поздравил колешката и ладнокрвно се качил на катот. Потоа влегол во една канцеларија каде имало состанок, па директно во глава застрелал еден колега, продолжил да пука, при што ранил уште еден маж, а еден од вработените за да се спаси скокнал од прозорец од висина од седум метри, при што задобил тешки повреди. Кога ги слушнале истрелите, другите вработени се заклучиле во своите канцеларии.

Потоа убиецот се вратил во својот стан, кој е блиску до фирмата чие седиште е на улицата Рузвелтова, па се обидел да се самоубие со рачна бомба која ја активирал. Полицијата го пронашла и тој бил пренесен на ургентен центар за реанимација. Во експлозијата е направена штета на неговиот стан.


За четири дена двајца починати од мали сипаници во Србија


Белград, 6 март, 2018 - 11:05 (META) 

Четириесетгодишно лице, чиј пол не е соопштен, починало од компликации предизвикани од морбили, односно мали сипаници, и со тоа стана осма жртва на епидемијата на мали сипаници во Србија.

Лицето било од Белград, а починало на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ – Батут“. Претходниот смртен случај беше во петокот, кога почина здравствена работничка од Институтот за ревматологија во Белград.

Од почетокот на октомври минатата година заклучно со вчера на територијата на Србија, како и на делот на Косово што гравитира околу Косовска Митровица се регистрирани 3.123 случаи на мали сипаници. Најмалиот пациент е бебе старо 15 дена, а најстариот е на 70-годишна возраст. Сепак, најголемиот број заболени се во групите на помлади од пет години и постари од 30 години.

Според српските медиуми, најголемиот дел заболени, односно 95 отсто од нив се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со неутврден вакцинален статус.


Борисов: Да се обединиме и да помогнеме во решавање на проблемот за името


Белград, 9 декември, 2017 - 15:39 (META) 

Прашањето за името меѓу Македонија и Грција мораме да го решиме. Мора да се обединиме и да ѝ помогнеме на Европската комисија да му помогне на Брисел да донесе правилни одлуки, а не да поставува некакви ултиматуми, истакна бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска во Белград, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерите на Грција, Алексис Ципрас, и на Романија, Михај Тудосе.

Борисов посочил дека четирите застапени земји на денешната среддба се неразделно парче на Европа и дека треба се покаже на дело дека се научени лекциите.

– Балканот многу векови наназад генерирал само војни. Сега е клучен момент, многу од големите играчи во светот се заинтересирани за Балканот, а ние сакаме обединет Балкан, модерна инфраструктура, дигитална инфраструктура. Лидерите на Западен Балкан сознаваат дека доцнат со остварувањето на обврските и треба да се ангажираат. Продолжуваме, испраќаме кон нашите пријатели во Европа порака дека имаат еден мудар, сигурен Балкан, кој не генерира проблеми, туку ги почитува сите правила – рече Борисов.