!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп не ја исклучува можноста за воена акција во Венецуела


Вашингтон, 12 август, 2017 - 10:41 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази загриженост поради хуманитарната криза во Венецуела, додавајќи дека не ја отфрла можноста за воена акција како одговор на политичката ситуација во оваа земја, јавуваат светските агенции.

Трамп изјавил дека сите опции се на маса поради антидемократските случувања во Венецуела, вклучувајќи и воена интервенција.

Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино, пак изјавил дека заканите на Трамп се „акт на лудост и краен екстремизам“.

Белата куќа соопшти дека Трамп ќе разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро тогаш кога во земјата повторно ќе биде воспоставена демократија.


Средба на Трамп со украинскиот претседател Порошенко во Белата куќа


Вашингтон, 20 јуни, 2017 - 19:09 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска во Белата куќа се сретна со украинскиот претседател, Петро Порошенко. Непосредно пред средбата, како што јавуваат светските агенции, министерството за финансии на САД ги објави новите санкции против сепаратистичките борци на истокот на Украина и нивните сојузници.

На листата на лица против кои се воведени санкции е и рускиот државјанин Дмитриј Уткин, кој се смета за шеф на нерегистрирана воена агенција која регрутира борци за Источна Украина. На листата е и фирма, поврзана со Евгениј Пригожин, бизнисмен од Санкт Петерсбург, која ја води кетеринг-службата за Кремљ.

Американскиот Сенат претходно со големо мнозинство го усвои проширувањето на санкциите против Русија, но за нив дополнително треба да се гласа и во Конгресот, каде засега не е закажана седница.

Украинскиот претседател изјавил дека е задоволен што неговата средбата со Трамп ѝ претходи на таа помеѓу американскиот претседател и неговиот руски колега, Владимир Путин, која се очекува да се случи на самитот на Г20 во Германија следниот месец.


Путин и Трамп ќе имаат телефонски разговор денеска попладне


Вашингтон/Москва, 2 мај, 2017 - 10:54 (META) 

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврдил дека рускиот претседател Владимир Путин за денеска попладне планира телефонски да разговара со својот американски колега, Доналд Трамп, јавуваат светските агенции.

„Го потврдуваме разговорот“, рекол Песков за порталот „Спутник“, откако Белата куќа го објави денешниот дневен распоред, кој почнува со разговор на Трамп со Путин, во 14.20 часот по средноевропско време.

Ова, како што јавуваат агенциите, ќе биде трет разговор помеѓу двајцата претседатели, по инаугурацијата на Трамп, во средината на јануари годинава.

Првиот беше одржан во јануари, а двајцата лидери развораа за борбата против тероризмот, конфликтот во Сирија и за ситуацијата во Украина и разменија мислења за главните прашања околу билатералните односи помеѓу САД и Русија.

Вториот разговор беше одржан на почетокот на април, по терористичкиот напад во Санкт Петерсбург.


Натрапник со спреј за самоодбрана уапсен во дворот на Белата куќа


Вашингтон, 12 март, 2017 - 10:27 (META) 

Натрапник со ранец во кој носел две шишенца спреј за самоодбрана бил уапсен во дворот на Белата куќа во петокот пред полноќ по локално време, јавија светските медиуми.

Тој бил пронајден и уапсен близу јужниот влез на Белата куќа, кога во претседателката резиденција бил претседателот на САД, Доналд Трамп.

Натрапникот Џонатан Т. Трен (26) од Калифорнија, им рекол на агентите на тајната служба што го уапсиле дека сакал да го види претседателот.

– Не, не сум пријател на претседателот. Но, имам закажано – одговорил тој на прашањето што бара таму.

На полицајците на кои им бил предаден подоцна, им рекол дека во дворот на претседателската резиденција влегол прескокнувајќи ја оградата. Во ранецот, покрај спрејовите, имал и пасош.


Ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници на Пацификот, порача Белата куќа


Вашингтон, 12 февруари, 2017 - 18:32 (META) 

Ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници на Пацификот, одговори Белата куќа на лансирањето на балистичката ракета од страна на Северна Кореја.

„Нашата порака е дека ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници во пацифичкиот регион, што е дел од нашата стратегија за спречување на растечкото непријателство кое го видовме изминатите години од режимот на Северна Кореја“, изјави советникот во Белата куќа, Стивен Милер за „Фокс њуз“.

Северна Кореја истрела балистичка ракета од базата Бангјон кон Јапонското море. Проектилот поминал 500 километри пред да падне во морето.


Тереза Меј е првиот странски лидер кого Трамп ќе го прими в петок во Белата куќа


Вашингтон, 22 јануари, 2017 - 14:38 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, в петок во Белата куќа ќе се сретне со британската премиерка Тереза Меј, соопшти портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Тој додаде дека Тереза Меј ќе биде првиот странски лидер кого Трамп ќе го прими, откако стапи на должноста претседател.

Меј денеска за „Би-би-си“ изјави дека со Трамп ќе разговараат за слободната трговија меѓу Велика Британија и САД и за значењето на НАТО. Таа изрази уверување дека американскиот претседател, иако неодамна изјави дека алијансата е „застарена и надмината работа“, ќе умее да ја препознае нејзината важност.

Премиерката на Велика Британија наведе дека администарцијата на Трамп е заинтересирана за заклучување на договорот за слободна трговија со Велика Британија, и покрај политиката „Америка на прво место“, за која Трамп рече дека ќе биде негов приоритет.

Меј одби директно да одговори на прашање дали со Трамп ќе разговара и за неговите претходни коментари на сметка на жените.

На 31 јануари, Трамп во Белата куќа ќе се сретне со претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, а според Спајсер, главни теми на состанокот ќе бидат трговската размена, миграцијата и безбедноста.


Трамп го именуваше својот зет за виш советник во Белата куќа


Вашингтон, 10 јануари, 2017 - 10:34 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, синоќа го потврди именувањето на својот зет Џаред Кушнер за виш советник во Белата куќа, јавуваат светските медиуми.

„Кушнер беше советник од доверба во текот на кампањата и во периодот на транзиција и горд сум на тоа што има клучна улога во мојата админстрација“, соопштил синоќа Трамп. Кушнер, според медиумите, се одрекол од платата за време на извршувањето на должноста виш советник.

Младиот бизнисмен, кој в недела ќе наполни 36 години, е сопруг на ќерката на Трамп, Иванка, со која има три деца.

Кушнер, како што пренесуваат светските агенции, немал искуство во политиката пред да се вклучи во предизборната кампања и е најмлад на листата на соработници што ќе му помагаат на Трамп во водењето на земјата.

Инаку, зетот и нов виш советник на Трамп е ортодоксен Евреин чие семејство е поблиско до конкурентската Демократска партија на САД.

Медиумите за него претходно пишуваа дека Кушнер е директор на семејната фондација која давала добротворни донации за еврејските населби на окупираниот Западен Брег, како и тоа дека е можно да биде пратеник за Блискиот Исток во администрацијата на новоизбраниот американски претседател.

Демократите апелираа да се разгледа именувањето на Кушнер за советник и го обвинија Трамп за непотизам и за судир на интереси.


САД нема да испратат официјална делегација на погребот на Фидел Кастро


Вашингтон, 29 ноември, 2016 - 20:43 (META) 

Соединетите Американски Држави нема да испратат официјална државна делегација на погребот на кубанскиот лидер Фидел Кастро, соопшти денеска Белата куќа, јавуваат светските медиуми.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, денеска соопшти дека САД на погребот во Хавана ќе ги претставуваат заменик-советникот за национална безбедност, Бен Родс, и Џефри Делаурентис, кого претседателот на САД, Барак Обама, го номинираше за амбасадор во Хавана.

Сепак, двајцата државни функционери не се сметаат за официјална делегација бидејќи претседателот Обама не се водел по формалниот протокол за испраќање претставници на САД на погребот.

Тој, како објаснување за одлуката на Белата куќа да не испрати официјална делегација на погребот на Кастро, ги наведе „комплицираните“ односи меѓу САД и Куба.

„Веруваме дека ова е соодветен начин да ја покажеме нашата посветеност на напорите за подоборување на односите со народот на Куба во иднина“, изјави Ернест.

Лидерот на кубанската револуција и поранешен претседател на земјата, Фидел Кастро, почина во саботата минатата недела, на 91 година. Кубанските власти прогласија десетдневна жалост во земјата, а неговата урна ќе биде погребана в недела, на 4 декември, во историскиот град Сантијаго де Куба.


Обама и Трамп денешната средба ја оценија како одлична и најавија нови


Вашингтон, 10 ноември, 2016 - 21:03 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, вечерва во Белата куќа се сретна со претседателот во заминување, Барак Обама, на состанок кој траеше многу подолго од предвиденото, јавуваат светските агенции.

Трамп по состанокот изјави дека е почестен што се сретнал со претседателот Обама, за кого рече дека е многу добар човек и дека многу го почитува.

Во Овалната соба во Белата куќа, Трамп, кој во минатото не штедеше погрдни зборови на сметка на Обама и дури неколкупати во прашање го доведуваше неговиот легитимитет, изјави дека се радува на следните средби со Обама, со кого, како што истакна, никогаш претходно не се сретнал.

Претседателот Обама, пак, соопшти дека со Трамп разговарале на различни теми кои се однесуваат на внатрешната и на надворешната политика на САД, вклучително и за проблемите со кои земјата се соочува. Тој ја оцени средбата како одлична, додавајќи дека ќе направи сè за да му помогне на новоизбраниот претседател во подготовките за преземање на власта.

„Мојот број 1 приоритет ќе биде да направам сè да овозможам што полесна транзиција на администрацијата за избраниот претседател да биде успешен. Ако вие успеете, избран претседателе, успешна ќе биде и земјата“, рече Обама.

Обама, кој за време на предизборната кампања повеќепати ја доведе во прашање способноста на Трамп да биде претседател на САД, рече дека средба имале и актуелната и идната прва дама на САД, Мишел Обама и Меланија Трамп, која исто така поминала добро.

Вечерва, исто така, се сретнаа и потпретседателот на САД во заминување Џо Бајден и новоизбраниот потпретседател Мајк Пенс.

Белата куќа соопшти дека никој од персоналот на претседателот Обама не бил присутен на средбата меѓу актуелниот и новоизбраниот претседател, но дека состанокот воопшто не бил „чуден“, како што многумина очекувале.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, изјави дека Обама и Трамп не ги разрешиле сите разлики на состанокот, но дека Обама излегол од состанокот со „обновено уверување дека Трамп ќе биде посветен на лесна транзиција на власта“.

Ернест рече дека не ја исклучува можноста од нови средби меѓу Обама и Трамп.

Инаугурацијата и положувањето заклетва на Трамп како 45. претседател на САД ќе се одржи на 20 јануари следната година.


Тајната служба застрелала вооружен маж пред Белата куќа


Вашингтон, 21 мај, 2016 - 10:57 (META) 

Припадници на тајната служба на САД вчера застрелале вооружен маж пред Белата куќа, поради што пристапот кон објектот бил блокиран извесно време, јавуваат светските медиуми.

Од полицијата за „Еј-би-си њуз“ изјавиле дека лицето извадило оружје кај безбедносниот пункт во близина на зградата, поради што било застрелано во стомакот.

Напаѓачот бил пренесен во болница со тешки повреди, соопштиле официјалните служби.

Претседателот Барак Обама за време на инцидентот не бил во Белата куќа, туку играл голф во предградието на Вашингтон.

Американскиот потпретседател Џо Бајден, кој се наоѓал во зградата за време на пукањето, веднаш бил однесен на безбедно место, јавуваат медиумите.