Бесплатен јавен превоз за „Бела ноќ“


Скопје, 4 октомври, 2018 - 13:05 (META) 

По повод манифестацијата „Бела ноќ“, користењето на јавниот превоз ќе биде бесплатeн на сите линии кои сообраќаат кон центарот на градот, информираат од ЈСП.

„Бесплатниот превоз ќе важи од 19 часот во сабота (6.10.2018 година), до 6 часот во недела (7.10.2018 година)“, велат од таму.

Во сабота, 6 октомври, по 14. пат ќе се одржи 24-часовната манифестација „Бела ноќ“ и ноќта помеѓу сабота и недела, граѓаните ќе може бесплатно да посетат бројни културни настани во главниот град.

Годинава нема да се одржи 24-часовен филмски маратон во кино „Милениум“, но затоа ќе има проекции на филмови на кровот на ГТЦ во организација на ЕХО фестивал. И годинава ќе има разни концерти и изложби, како и театарски претстави. Преку ден ќе има и настани за најмалите.


„Скопје Синема Сити“ на 5 и 6 октомври, Руичи Сакамото горд на наградата


Скопје, 3 октомври, 2018 - 9:44 (META) 

Во пресрет на четвртиот филмски настан кој што „Скопје Синема Сити“ го организира годинава, Руичи Сакамото го изрази своето задоволство за наградата доделена од овој Фестивал за животно дело.

Четвртото есенско издание на „Скопје Синема Сити“ се одржува на 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија. На есенското издание ќе бидат прикажани четири филмови: „ЕКВ – Како да беше некогаш“, „Звуци и тишина: Патешествијата со Манфред Ајхер“, „Приказната за Ланг Ланг: Постигни или умри“ и „Стив Рајш: Соочување со фазата“.

Гости на ова издание на фестивалот ќе бидат режисерот и сценарист на филмот за ЕКВ, Душан Весиќ , кој воедно ќе има и промоција на својата книга за Маргита Стефановиќ „Маги: Како таа да беше некогаш“ и Сандра Ранчиќ, која е и косценарист на филмот и уметнички директор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови од Белград „ДокендРитам“. Бидејќи „Скопје Синема Сити“ се приклучи на манифестацијата „Бела ноќ“ иницирана од МКЦ, проекциите на филмовите за Ланг Ланг и Стив Рајш ќе бидат со слободен влез.

Оваа година, „Скопје Синема Сити“ организираше четири филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии.

На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката.“


Манифестацијата „Бела ноќ“ ќе се одржи утре


Скопје, 6 октомври, 2017 - 12:31 (META) 

Годинешното 13. издание на манифестацијата „Бела ноќ“ ќе се одржи утре, сабота (7 октомври). Град Скопје информира дека ќе има квалитетна програма која посетителите ќе може да ја видат на неколку точки во градот.

Како и изминатите години, ќе има изложби, концерти, перформанси, бесплатен филмски маратон во кино „Милениум“ и музички спектакл.

Во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложбата на графики од Салвадор Дали, „Помеѓу ѕвездите и басните“.

На плоштадот Македонија, ќе настапи корејската трупа „Таго анд Ато БИЗ“ (Tago&АtoBIZ) кои ќе го претстават перформансот „Таго: Корејски тапан 2“ во 21 часот. Во музичкиот спектакл учествуваат околу 30 актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција.

Градско кино „Миленум“ ќе има уште еден бесплатен филмски маратон.

Организатор на манифестацијата „Бела ноќ“ е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, од буџетот за 2017 година одвои 48.780 евра.

На денот на одржување на манифестацијата, организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП, кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.