Селмани до Поповски: Врзете си ги кучињата пред да биде предоцна


Скопје, 12 март, 2018 - 13:50 (META) 

Неколку десетици новинари денеска напладне излегоа на протест пред Владата за да побараат да се преземат мерки за заканите и навредите кои функционерот на ДУИ, Бекир Асани, му ги упати на претседателот на здружението на новинари, Насер Селмани.

На протестот, Селмани рече дека новинарите постојано се изложени на закани и притисоци и побара да се преземат мерки да се замолчат насилнциите.

– Не прифаќаме објаснување дека во владата има добри и лоши дечки затоа што владата е влада на Македонија. Не прифаќаме во Македонија да постојат две влади. Ние даноци плаќаме на оваа влада. Не е време владата да пишува осуди, тоа не е доволно и оваа влада има обврска да ги замолчи насилниците. Ако сега молчиме, ако моите колеги бидат замолчени, да знаете дека вие сте на ред, дека ќе дојдат утре по вас. Сакам да ве повикам да бидете будни затоа што еден режим што испративме и нема да дозволиме да се формира нов. Не им се плашам, не му се плашев на Никола Груевски кога неговите силеџии му се закануваа на моето семејство, не им се плашам на насилниците на ДУИ и на оние кои што молчат и седат во иста влада со нив – рече Селмани.

На почетокот на протестот пред владата дојдоа и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, одговорниот за прес-тимот на владата, Зоран Бојаровски и владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Поповски пред собраните новинари рече дека владата и сите партнери во владината коалиција изразуваат најостра осуда за сите напади врз новинари.

– Во име на владата и на сите партнери во владината коалиција изразуваме најостра осуда за сите напади врз новинарите што се случуваат. Ве уверувам дека оваа влада има нула толеранција за било какви закани, уцени и притисоци врз новинарите. Бидете уверени дека никој нема да биде заштитен – рече Поповски.

На ова реагираше Селмани кој му порача на Поповски „да си ги врзат кучињата“.

– Очигледно вие не правите доволно тој човек да се смири, затоа ви кажувам – врзете ги кучињата! Тоа се ваши кучиња, тие луѓе се дел од вашата коалиција, нема оправдување за ова. Тие мора да бидат врзани да не касаат затоа што кога ќе касаат ќе биде доцна– потенцираше Селмани.

Новинарите на протестот побараа да се обезбеди полициска заштита на претседателот на ЗНМ, Селмани и потенцираа дека нападот врз него е напад на сите новинари.


МВР: Полицајката сама се удрила од пајакот, Асани само вербално ја нападнал


Скопје, 2 март, 2018 - 12:19 (META) 

Полицајката Јасмина Јаначковска која вчера имаше инцидент со функционерот на ДУИ и поранешен претседател на огранокот во Чаир, денеска била примена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, извести МВР.

Притоа, според соопштението, таа пред министерот кажала дека не била удрена од Асани, кого долго време медиумите го посочуваат како учесник во некои физички инциденти, туку дека самата се удрил од пајакот.

МВР вчера извести дека „со Б.А. е извршен разговор во полициската станица Бит Пазар и изготвен записник за констатиран прекршок по чл. 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир“.

Според денешното соопштение, Спасовски се сретнал со полициската службеничка Јасмина Јаначковска, за лично да се информира за вчерашниот настан, а полицајката рекла дека била вербално нападната од сопственикот на возилото Б.А.

„Пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А., и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници“, рекла Јаначковска, пренесува МВР.

На прашањето од министерот  дали имало било каков физички контакт и зошто полициската службеничка побарала медицинска помош, Јаначковска објаснила дека со Б.А. „имала само вербална расправија, меѓутоа  при повлекување од местото на настанот таа се удрила со левата рака во специјалното возило „пајак“, но не се здобила со посериозна повреда, што било констатирано и при лекарскиот преглед во ГОБ Св. Наум Охридски“, тврди МВР.

Спасовски порачува дека ги охрабрува сите полициските службеници да постапуваат неселективно и професионално, согласно нивните  законските овластувања.

– Полициските службеници кои постапуваат професионално, од мене како министер и од целото раководство на МВР, ќе имаат целосна поддршка. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Заврши времето кога некои беа поеднакви од другите – вели Спасовски.