ОЈО за бегството на Груевски утврдилo пропусти во постапувањето на институциите


Скопје, 6 февруари, 2019 - 11:23 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја извести јавноста за досега преземените дејствија во предметот за бегството на осуденото лице Никола Груевски.

„Надлежниот јавен обвинител веднаш по настанот отвори предмет по допрен глас со цел да се утврди дали постои евентуална кривична одговорност  за помагање на сторител по извршено кривично дело од страна на службени и други лица. Обвинителството, заради обезбедување докази и утврдување на фактите во предметот, издаде наредби за одземање на снимките од видео надзорот од камерите на Safe city системот во Скопје, од повеќе хотели и други објекти, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија. Притоа, од три хотели во Скопје Обвинителството доби одговор дека не се во можност да го екстрахираат снимениот видео материјал, по што надлежниот јавен обвинител издаде наредба за одземање на приемниците за снимање и нивно вештачење“, се вели во соопштението.

Од ОЈО додаваат дека целокупниот прибран видео материјал со големина од околу 10 терабајти е доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи. По таа наредба се уште се постапува.

„Од Интерпол, преку Министерството за внатрешни работи, доставена е информација со која се укажува дека не постојат податоци за излез на сега осудениот Никола Груевски на ниту еден граничен премин од Македонија во критичниот период. Едновремено, од увидот извршен во Интегрираниот систем за гранична контрола, утврдено е дека не постои евидентиран излез од територијата на Македонија на осудениот. Преку меѓународна правна помош, Обвинителството на 19.11.2018 година достави барање до надлежните институции во Република Албанија и Република Црна Гора за обезбедување на снимките од видео надзорот на граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на Амбасадата на Република Унгарија во Тирана. По барањето, црногорските власти постапија веднаш и на 21.12.2018 година екипи од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лично го презедоа снимениот видео материјал во Подгорица. Надлежните органи од Албанија, по две ургенции, на 09.01.2019 година го известија Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека побараниот видео материјал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов пренос. Екипи од Обвинителството со хард дискови се упатија во Албанија за да го преземат бараниот материјал, но притоа беа усно известени дека материјалот не е сочуван, односно дека времетраењето на чувањето на снимениот материјал се разликува на различните гранични премини и изнесува околу еден месец од последниот баран датум“, се додава во соопштението.

ОЈО исто така известува дека во предметот издадени се 16 наредби за листинзи од вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои постоело сомнение дека комуницирале со осудениот во критичниот период. Листинзите се обезбедени и од нив првично се утврдени некои факти кои се предмет на натамошно постапување и анализа.

„Надлежниот обвинител, преземајќи дејствија во предметот, сослуша вкупно 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица. Во насока на утврдување на евентуални пропусти во постапувањето на службените лица чија обврска била обезбедувањето на осудениот Груевски, Обвинителството во неколку наврати побара од надлежните служби да му бидат доставени информации и податоци за начинот и преземените мерки во обезбедувањето. Исто така, до повеќе надлежни институции, обвинителот достави барања за податоци во насока дали имале сознанија дека сега осудениот Груевски се подготвува за бегство. Од сите институции пристигнат е одговор дека немале сознанија ниту информации за такви планови на осуденото лице“, велат од ОЈО.

Од таму додаваат дека во досегашниот тек на постапката утврдиле дека во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки, сега осуденото лице Никола Груевски подигнало околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, соопштуваат од ОЈО.


Снимките од Груевски избришани, а албански сајт ги „испрати“ во нашето обвинителство


Скопје, 1 февруари, 2019 - 11:36 (META) 

Известувајќи за барањето на македонското обвинителство за снимките од безбедносните камери за бегството на екс премиерот Груевски, албанскиот новински сајт „Балканвеб“ во текст со наслов „Албанија ги праќа во Македонија снимките од бегството на Груевски“,  вели дека снимките од бегството на Груевски веќе се симнати од системот и според барањето од македонските власти, ќе се пратат во Скопје.

Во продолжение на текстот се вели дека во снимките се гледа моментот кога Груевски влегува во автомобил и ја поминува границата.

Имено, на 12.12.2019 македонските власти известија дека ќе бидат побарани снимки од безбедносните камери од Албанија, откако поранешниот премиер Никола Груевски еден месец претходно избега од Македонија за да го избегне издржувањето на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Потоа, со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што доби политички азил.

Но, како што е веќе познато во македонската јавност, обвинителството информираше дека иако две службени лица престојуваа таму, по барањето за меѓународна правна помош не е постапено целосно, така што снимките не се обезбедени.

Имено, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека во образложението било наведено дека системот од безбедносните камери од албанските гранични премини автоматски го бришел материјалот поради немање место.

– Има повеќе моменти во нивното образложение. Едно е дека тие податоците се многу од безбедносните камери и дека тој систем не може подолго да ги чува  – рече Јовески.

Но, и покрај овие информации пренесени и од албанските медиуми во Македонија – дека снимките не се добиени – медиумот не објавил нова информација за овој случај, а и текстот нема детално образложение како се одвивала постапката, ниту пак посочува извор од институцијата од каде потенцијално е преземена оваа „информација”.


Снимките од Груевски, системот во Албанија ги избришал оти не можел подолго да ги чува


Скопје, 29 јануари, 2019 - 14:12 (META) 

Снимките од безбедносните камери од бегството на осудениот Никола Груевски од Албанија не се обезбедени, и оваа држава не постапила по барањето за меѓународна правна помош од безбедносните служби, одговори на новинарско прашање, државниот обвинител Љубомир Јовески на дебатата на Законот за СЈО во МАНУ.

– Има неколку образложенија од албанската страна, но основно е дека имало голем број снимени материјали на камерите и дека тој нивни систем не можел подолго да ги чува – рече Јовески.

Според него, тие снимки не биле рачно избришани, туку самиот уред функционирал така. За снимките во државата од движењето на Груевски, Јовески не кажа дали Обвинителството располага конкретно со снимка од него, туку само дека сите прибавени снимки Обвинителството ги анализира.

Тој додаде дека меѓународната помош е сложена операција која се остварува под посебни услови и дека нашето Обвинителство направило сè по процедура, но дека резултатот е тој.

Многупати прашани за бегството на поранешниот премиер Груевски и азилот кој тој го доби од Унгарија, од Владата секогаш одговараат дека, чекаат најпрво Обвинителството да излезе со резултати од истрагата и потоа ќе се произнесат.


Влада: Сите помагачи за бегството на Груевски ќе бидат изведени пред правдата


Скопје, 18 јануари, 2019 - 16:52 (META) 

По денешното соопштение од седум граѓански организации кои побараа политичка одговорност, односно оставки од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горан Николовски и директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Зоран Иванов, Владата порача дека сите вклучени во бегството на Никола Груевски од земјава ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Притоа посочи и дека има сознанија оти во бегството биле вклучени и граѓани од „трети земји“.

„Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата која ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото. Укажуваме дека е неопходно целосно затворање на сите прашања во истрагата за да се добијат одговори кои недвосмислено и без сомнеж ќе ја прикажат комплетната слика и сите инволвирани“, порача Владата.

Во соопштението се нагласува дека „МВР по налог и супервизија на министерот Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата“.

„Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди,  ги завршува истрагите за можна инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи – Скопје за начинот на бегство и можните помагатели“, уверува Владата, нагласувајќи дека „ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата, и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка“.


Граѓански организации побараа оставки од Спасовски и директорите на УБК и АР за бегството на Груевски


Скопје, 18 јануари, 2019 - 14:04 (META) 

Седум граѓански организации денеска побараа оставки да поднесат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горан Николовски и директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Зоран Иванов. Невладините порачуваат дека тие лица мора да понесат  политичка одговорност за бегството на Никола Груевски.

„Сметаме дека навршувањето на втор календарски месец од бегството е разумен рок за на јавноста да и’ бидат соопштени информации околу истрагите кои се водат како и да се утврдат пропустите на институциите кои што во конкретниот случај биле надлежни да постапуваат. Одолговлекувањето ги подгреа сомнежите на јавноста и дополнително придонесе да се зголеми перцепцијата дека културата на неказнивост опстојува во Македонија. Затоа сметаме дека е неопходно да се преземе политичка одговорност, односно да следуваат оставки“, порачуваат граѓанските организации.

Зад повикот застанаа Институт за демократија Социетас Цивилис- Скопје, Институт за европска политика, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Младински образовен форум, НВО Инфоцентар и Центар за економски анализи.


„ХирКлик“: Груевски го нема подолго време, може веќе не е во Унгарија


Будимпешта, 18 јануари, 2019 - 11:18 (META) 

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Унгарија потполно независно од постапката за азил, пишува унгарскиот новински сајт „ХирКлик“, кој шпекулира со тоа каде е Груевски во моментов.

Како што пишува сајтот, Груевски не е забележан подолго време и можно е повеќе да не е на унгарска територија, велејќи дека последните фотографии и видеоснимки од него во Будимпешта се направени во декември минатата година.

Од „ХирКлик“ упатиле прашање до унгарското Биро за имиграции и процедури за азил.

„Ве информираме дека според актот од 2011 за правото на самоопределување и слобода на информации, не сме во можност да обезбедиме информација во светлото на законите и секторската легислатива“, одговориле од прес-службата на бирото на прашањето од „ХирКлик“ каде се наоѓа Груевски.

Сајтот потсетува на познатите факти за бегството на Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија со автомобил во придружба на унгарски дипломати, а потоа, како што пишува „ХирКлик“ „со необјаснива дозола“ му било дозволено да влезе во една од канцелариите на бирото во Будимпешта на 12 ноември, каде поднел барање за азил.

„Како што Ласло Пинтер, министер за внатрешни работи,  одговори на пишаното прашање на Бернадет Сел, поранешниот премиер доби дозвола за влез во земјата комплетно независно од процедурата за азил’. Таквата постапка е целосно во рамките на надлежностите на министерот за внатрешни работи“, пишува „ХирКлик“.

Сајтот потсетува дека осудениот македонски политичар е еденод четворицата од вкупно 165 баратели што добиле статус на азилант во Унгарија од 21 јули 2018 година, кога на сила стапи законот популарно наречен „Стоп Сорос“.


Обвинителство: Војминовски беше во домашен притвор поради здравствени проблеми


Скопје, 17 јануари, 2019 - 13:56 (META) 

Од Јавното обвинителство порачаа дека домашен притвор за сега избеганиот Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство на Зијадин Села при насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, бил побаран поради здравствената состојба на осудениот.

Војминовски во домашен притвор ја исчекуваше правосилноста на пресудата. По него е распишана потерница.

Од обвинителството потсетуваат дека за обидот на убиство се осудени на затвор сите седуммина обвинети.

„Во текот на кривичната постапка, присуството на сите обвинети лица од нивното лишување од слобода беше обезбедено со мерка притвор, меѓу кои и на обвинетото лице кое сега е во бегство. За ова лице, одбраната во текот на главната расправа поднесе предлог за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка куќен притвор или мерки на претпазливост, а притоа како аргумент ја наведе влошената здравствена состојба предизвикана од кардиоваскуларни проблеми на обвинетиот. Кривичниот совет на Судот го прифати овој предлог и на лицето му определи мерка куќен притвор на почетокот на мај 2018 година. Судот ја прифати наведената причина од страна на одбраната во која и јавноста неспорно можеше да се увери кога на 18.04.2018 година обвинетиот колабираше на едно од рочиштата и интервенираше итната медицинска помош“, велат од Јавното обвинителство.

Во соопштението се вели дека по изрекувањето на пресудата надлежниот јавен обвинител побарал продолжување на домашниот притвор поради тоа што здравствената состојба на Војминовски и понатаму била лоша. Обвинителот во таа фаза, ниту пак претходно или потоа, немал никакви информации за „евентуално бегство“. Дополнително, за следење на мерките што се применуваат кон осудениот надлежен е судот, а не обвинителот, се правдаат од Обвинителство.


Јовески: Груевски ја нема напуштено Македонија на било кој граничен премин


Скопје, 2 јануари, 2019 - 13:37 (META) 

Поранешниот премиер Никола Груевски територијата на Република Македонија ја нема напуштено на било кој граничен премин. Сослушани се и сведоци, но за да не наштетам на предистражната постапка други детали не можам да откривам, вели во интервју за МИА, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

-Обвинителството презема повеќе дејствија за обезбедување докази, како што веќе соопштивме. Побарани се докази по меѓународна правна помош од надлежните органи на Република Албанија и Република Црна Гора. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер – вели Јовески.

Обвинителството, како што додава, ја анализира содржината на прибавените докази, а истовремено очекува да се добијат и доказите од Албанија.

-При тоа Обвинителството не утврдува дали има пропусти на одредени институции, туку дали има кривично-правни дејствија од некои лица за овозможување на бегството. Надлежните институции, во рамките на нивната внатрешна организација, треба да утврдат дали и каква одговорност имало во нивното постапување и надлежност – посочува државниот јавен обвинител.

Во врска со амнестијата за учесниците во настаните на 27 април во Собранието, Јовески вели дека тоа е политички чин и не го коментира.

– Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот – вели Јовески.


Албански „Топ ченел“ објави стара слика како дезинформација дека е „Груевски на граница“


Скопје, 7 декември, 2018 - 16:22 (META) 

Албанската телевизија „Топ ченел“ објави фотографија на која е избеганиот премиер Никола Груевски и за која тврди дека е снимена на граничниот премин Хани Хоти на албанско-црногорската граница на 11 ноември 2018 година во 19 часот и 11 минути. Овој текст и слика го преземаa голем број на албански, унгарски и некои македонски медиуми без притоа да ја проверат автентичноста на фотографијата.

Фотографијата, како што пишува „Критинк“ всушност, најобичен принтскрин (стоп кадар) од видео клип направен пред речиси една година, на 21 декември 2017 година и нема врска со „Груевски на граница“.

Груевски, во видео клипот, вози „Пунто“, во центарот на Скопје, на еден од протестите на ВМРО-ДПМНЕ минатата година, кога тој го предводеше протестниот конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за насилниот упад во Собранието од 27 април.

collage-gruevski vo punto

Прашањето, кое можеби требало да си го постави медиумот, е зошто, ако сликата е автентична и вистинита, Груевски е тој што го вози автомобилот, иако ѝ припаѓа на амбасадата на Унгарија.

Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации.

Поддржан е од Европската Унија а го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и Центарот за европски политики „Евротинк“.


Заев: Со Спасовски разговаравме за оставка како морален чин, ама не гледам таков пропуст


Скопје, 5 декември, 2018 - 15:13 (META) 

Убеден дека ако Груевски реши да „удира“, или како што тој знаеше да користи фраза „забивање нож во грбот на Македонија“, тој може да ја рани Македонија, но безбедноста не може да ја загрози, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Дојче Веле“.

– Мислам дека нема да има безбедносни импликации. Македонија не зависи од ниеден поединец, ниту пак има поединец којшто има толкав вид на информации што му стојат на располагање, за да предизвика некои безбедносни ризици за државата. Секако дека може да биде ранета Македонија на некој начин, затоа што се работи за човек кој десет години бил премиер. Сѐ она што е доверливо, државна тајна, службена тајна, останало во најголем дел кај него – вели Заев.

Во однос на истрагата за бегството на поранешниот премиер, Заев вели дека има сознанија за дел од истрагата но дека ќе почека да заврши работата на институциите пред да дава дополнителни коментари.

На прашањето зошто никој не понудил оставка како морален чин, Заев вели дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, разговарал за тоа со него.

– Како колега во Владата и мој долгогодишен соработник, секогаш сме разговарале што со моралниот чин во вакви околности. Бидејќи, ако има морална одговорност, треба да има аргументација за тоа, да се објасни, да се лоцира каде е моралниот хазард, проблем, пропуст… Јас не гледам таков пропуст. Но, ако се покаже дека имало одговорност – јас ќе барам таа да биде конкретно понесена – вели Заев.

Премиерот вели дека процесот за уставни измени и двотретинското мнозинство нема да бие заложник на работите што се во надлежност на судството

– Попусто ќе биде, ако ние го заокружиме процесот на уставни измени, а ја уништиме правната држава. Тогаш ќе добиеме негативна оценка од земји членки на ЕУ, кои будно ги следат процесите кај нас – потенцира Заев.