БЕГ: Потрошувачите да проверат дали зградите се подготвени за грејната сезона


Скопје, 28 септември, 2018 - 10:07 (META) 

Согласно законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден по 01 октомври, доколку временските услови тоа го наложуваат. Од „Балкан енерџи“ информираат дека сите подготовки на системот за централно греење се направени и истиот е целосно подготвен за новата грејна сезона 2018/2019 година.

„За да може грејната сезона да започне насекаде и навремено, неопходно е станарите да ги завршат проверките и интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Снабдување со топлина „Балкан енерџи“. Исто така, Заедниците на сопственици на станови или управителите, за службените лица на компанијата треба да овозможат непречен пристап до топлинските станици во зградите и да обезбедат постојано напојување со електрична енергија, неопходна за нивно редовно фунционирање – платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација. Само доколку сите овие предуслови бидат исполнети, ќе може непречено да биде доставена топлинската енергија до сите потрошувачи“, велат од компанијата.

Во моментов, во околу 190 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен им е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.

„Сакаме да истакнеме дека годинава, бројот на објекти чии инсталации не се комплетно во функција е намален во однос на минатата година. За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центар за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи:  http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/“, се додава во соопштението.


Отворена предстечајна постапка за „Топлификација“


Скопје, 15 мај, 2018 - 15:07 (META) 

Основен суд Скопје 2 донесе одлука за претходна постапка за утврдување на условите за отворање стечај за „Топлификација АД Скопје“.

За привремен стечаен управник е назначен Ацо Дамчевски кој е задолжен од судот да го заштити имотот на „Топлфикација“ до донесувањето на одлуката за отпочнувањето на стечајната постапка, за да се избегне значително намалување на имотот, како и да утврди дали постои имот над кој може да се отвори стечајна постапка и да се обесштетат доверителите.

Според најавите, судската одлука за отворање на претходна постапка за утврдување на условите за отворање стечај за „Топлификација“, нема да ја ги остави граѓаните на Скопје без парно греење.

„Испораката на топлинска енергија ќе се одвива редовно и согласно планираните активности и во новата грејна сезона 2018/2019 година. Сите подготвки се во тек согласно редовниот оперативен план“, велат од БЕГ.

Судот закажа рочиште на 28 јуни 2018 година, а дотогаш издадена е општа забрана за располагање со имотот на должникот, се забрануваат исплати од сметка како и присилна наплата. Во одлуката на судот се вели дека против ова решение не е дозволена жалба.

„Топлификација“ е сопственик на топланите Исток, Запад и Кисела Вода, преку кои се обезбедува топлинска енергија за граѓаните на Скопје, а ги издава под наем на Производство на топлина – „Балкан енерџи“.

Барање за стечај поднесе еден од доверителите кои побарува долг од над еден милион евра од „Топлификација“, заради неможност подолг временски период за наплата на средствата. Според неофицијалните информации, се очекува и други доверители да поднесат барање за стечај.


Шилегов: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!


Скопје, 27 април, 2018 - 15:47 (META) 

Со проекти во вредност од 300 до 350 милиони евра во текот на неговиот мандат, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува дека ќе ги реши во целост или барем во голем дел најголемите проблеми на градот, како што се загадениот воздух, преоптоварениот сообраќај, притоа плаќајќи, како што вели, разумни суми, за разлика од претходното раководство. Фасадата на Сити Галери чинела 2 милиони евра, а  новиот мост што треба да почне да се гради во септември и да ги спои Аеродром и Гази Баба би чинел 3-4 милиони евра, потенцира тој.

Во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), скопскиот градоначалник вели дека ќе се зафати со решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје, колку и да чини тоа.

Една од неговите идеи за тоа е Град Скопје да ја преземе топловодната мрежа и топланите, а потоа напоредно да ја врши и гасификацијата до крајните потрошувачи, притоа работејќи по стратегија за тоа кој дел треба да добива централно греење, а кој дел гас.

Планира и концесии за помали топлани кои би работеле на гас, а би обезбедувале централно греење за помали области.

Делот на градската територија северно од Вардар, според Шилегов, е местото каде што треба да се насочи идниот развој на градот. Затоа во мај ќе биде распишан тендер за тунели по Кале, зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје од 1965 година, за кои вели дека ќе го поттикнат развојот на северната територија, заедно со продолжување на булеварите „Словенија“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и претворање на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар кој ќе се надоврзе на „Словенија“.

Јавниот превоз треба да се врши со еколошки автобуси – на струја или на гас, а тие би биле и поисплатливи од сегашните, објаснува скопскиот градоначалник.

Целото интервју на градоначалникот Шилегов може да го прочитате тука.


Владата уверува дека следната година исклучените нема да плаќаат паушал за парно


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:40 (META) 

Владата на Република Македонија денеска порача дека домаќинствата кои се исклучени од централното греење во град Скопје, во наредната година ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот кој во моментов го плаќаат.

„Проблемот со кој се соочуваат граѓаните, владата предвиде да го реши во рамките на новиот предлог Закон за енергетика. Имено во подзаконските акти на Законот за енергетика кој ќе се воведе во текот на 2018 година се предвидени специфични решенија со кои во рамките на законската регулатива ќе се реши оваа наследена ситуација“, се вели во соопштението од Владата.


Поради дефект, центарот на Скопје утрово без парно


Скопје, 17 ноември, 2017 - 9:29 (META) 

Поради санација на дефект на магистралниот вод од дистрибутивната топлинска мрежа од топланата „Исток“ што води кон строгиот центар на градот, корисниците во овој реон утрово се без греење, соопштија од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).

Екипите на одделот за дистрибуција со топлина на БЕГ се на терен и забрзано работат на саниција на дефектот, велат од компанијата.

Според проценките, се очекува дефектот да биде саниран за два часа, по што ќе следи полнење на водот и нормализирање на испораката на топлинска енергија.

Греењето се очекува да се стабилизира околу пладне.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во центарот за грижа на потрошувачи, на телефонот (02) 3076 200.


Утре почнува регуларниот период од грејната сезона


Скопје, 14 октомври, 2017 - 13:52 (META) 

Утре почнува регуларниот период од грејната сезона, кога испораката на топлинска енергија до потрошувачите се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и од надворешната температура. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите, одобрена од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

БЕГ информира дека доколку надворешната температура е пониска, се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови во согласност со стандардите, односно температура во домовите не пониска од 20 до 21 Целзиусов степен.

При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на висока надворешна температура, а веднаш по намалувањето на надворешната температура под определените вредности, греењето повторно се вклучува.


И БЕГ утре ќе пушти парно греење


Скопје, 6 октомври, 2017 - 10:49 (META) 

Од утре почнува новата грејна сезона за потрошувачите кои се приклучени на системот на снабдување со топлинска енергија „Балкан енерџи“ во Скопје, информираат од компанијата.

Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) дала одобрение за почеток на грејната сезона пред вообичаениот почеток на 15 октомври поради падот на температурата.

„Почетокот на грејната сезона порано од вообичаено нема да донесе зголемување на авансните сметки што ги добиваат граѓаните. Од 15 октомври до 15 април се врши редовна испорака на топлинска енергија, во согласност со утврдените правила и во континуитет“, се вели во соопштението.

Иако почнува новата грејната сезона, во моментов во околу 200 објекти потрошувачите и заедниците на станари сè уште не ги имаат исполнето своите обврски, односно не се обезбедени бараните услови за навремена и квалитетна испорака на топлинска енергија.

„Повторно апелираме до потрошувачите да ги отстранат евентуалните пречки и дефекти во внатрешната инсталација и тоа веднаш да го пријават во „Балкан енерџи“. Истовремено, заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија, платени сметки за електрична енергија, за топлинската станица и за функционална електрична инсталација“, додаваат од БЕГ.

Компанијата ги информира сите потрошувачи дека евентуалните дефекти се пријавуваат на телефонскиот број  02/3076-200, на следниот линк http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/ или со СМС-порака на следниве телефонските броеви: 076/350-298, 078/207-056 и 070/369-337.


БЕГ потсетува станарите да ја проверат инсталацијата за централно греење


Скопје, 30 септември, 2017 - 14:35 (META) 

Во согласност со законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден почнувајќи од денеска доколку временските услови тоа го наложуваат, информираше компанијата „Балкан енерџи груп“, која е давател на услугата централно греење во Скопје.

Компанијата апелира станарите да ја проверат внатрешната инсталација, а куќните совети и управителите на згради да овозможат непречен пристап на службените лица до потстаниците за да може грејната сезона да почне навремено. Исто така, треба редовно да се плаќаат сметките за електрична енергија за потстаниците, за да не биде исклучена струјата, без која потстаниците не би можеле да функционираат.

Од БЕГ испратиле писма до сите заедници на станари, односно до фирмите кои управуваат со станбените единици, за нивните обврски за непречен почеток на грејната сезона, но во околу 200 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, поточно има дефекти во внатрешната инсталација, оневозможен е пристап на екипите до топлинските станици или нема електрична енергија во потстаниците.

За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02/3076-200.


Изменет режим на сообраќај од утре на булеварот Кузман Јосифовски – Питу


Скопје, 25 мај, 2017 - 12:20 (META) 

Поради градежни работи за главниот топловод што ќе ги врши БЕГ, од утре попладне ќе има изменет режим на сообраќај на булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“, кај Народна банка на Република Македонија, извести компанијата.

Дозвола за измена на сообраќајниот режим издал Град Скопје.


БЕГ целосно го санираше дефектот што вчера без парно ги остави Центар и Карпош


Скопје, 13 јануари, 2017 - 10:59 (META) 

Целосно е отстранет дефектот што предизвика прекин на испорака на топлинска енергија за потрошувачите од централното градско подрачје и од делови на општина Карпош, информираат од „Балкан енерџи“.

„Откако беше нормализирана испораката на топлинска енергија во текот на вчерашниот ден, за потрошувачите од централното градско подрачје и од делови на општината Карпош, целосно е отстранет и дефектот кој предизвика прекин на испораката за овие потрошувачи. Утринава сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење добија топлинска енергија навремено. Екипите на Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“ работеа во текот на целата ноќ, по што целосно беше саниран дефектот на мрежата“, соопштуваат од „Балкан енерџи“.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во центарот за грижа за потрошувачи, на телефонскиот број (02) 3076 200.