Министерство за здравство преку комитет ќе се бори против смртноста на новороденчињата


Скопје, 20 април, 2018 - 8:57 (META) 

Во Министерството за здравство вчера се одржала конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство, информираат од институцијата. Нов претседател на комитетот е доц. д-р Ана Данева Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Една од првите задачи на овој комитет ќе биде изготвување на анализа на актуелната ситуација во оваа област и подготовка на акционен план. Ова тело, кое го советува министерот за здравство, ќе треба да даде препораки и предлог – мерките за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност.

Членови на комитетот се лица со медицинска експертиза и долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, а целта е да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на проблемите и координација на предложените активности и мерки.


Министерство за здравство ќе презема итни мерки откако починаа 35 бебиња за три месеци


Скопје, 10 април, 2018 - 15:15 (META) 

Министерството за здравство соопшти дека ќе се преземаат итни мерки, откако од почетокот на годината до крајот на минатиот месец починале 35 бебиња на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Во тој период на клиниката биле родени 1.155 бебиња, од кои 144 предвреме родени. Починатите 35 бебиња биле од последната група, а од министерството велат дека 80 отсто од нив биле со екстремно неразвиени органи и ниска родилна тежина. Едно било родено навремено, но со проблеми со органите.

Според министерството, бројката од 35 починати бебиња во првото тромесечје на годинава е пад на смртноста, оти во истиот период во 2016 година имало 38 вакви случаи, а минатата година 41 починато бебе.

Од министерството вината ја префрлаат на претходната гарнитура, поради која, како што велат, има недостиг на стручен кадар, оти повеќе од 10 години не се создавале соодветни кадри.

„Преку заедничка соработка, Министерството за здравство, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УНФПА, во периодот од 19 до 24 март, 2018 година извршија проценка на трендовите на неонатална смртност и подобрување на исходот од бременоста и здравјето на децата. Оваа анализа, како и извештаите од проценката на состојбите во родилиштата очекуваме многу скоро да бидат готови. Врз основа на нив, ќе бидат спроведени дополнителни соодветни и итни мерки за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.


Филипче презентираше мерки за намалување на смртноста на доенчињата и родилките


Скопје, 4 февруари, 2018 - 14:34 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска презентираше мерки за намалување на смртноста на доенчињата и родилките. Мерките, како што кажа, се подготвени во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) и имаат за цел, да се подобри целокупната грижа за мајките и нивните бебиња додека се во болница.

Тој потенцираше дека според Светската здравствена организација, смртноста на родилките е последица на делумната неодговорност на трудниците. Но, пред се таа се должи на недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките во здравствените установи.

– Кога станува збор пак, за смртноста на новороденчињата, сакам да потенцирам дека таа во голема мера е последица на несоодветната грижа на мајката за своето здравје додека е бремена. Имено, сите податоци укажуваат на фактот дека најголем процент од починатите бебиња се родени предвреме. Малата родилна тежина, но и екстремна незрелост на виталните органи – белите дробови, црниот дроб и нервниот систем, доведуваат до фатален исход. А предвременото породување, од друга страна, е последица на инфекции кај мајката во уринарниот тракт или на репродуктивните органи. Затоа апелирам до идните мајки да бидат поодговорни и редовно и без исклучок да одат на гинеколошки прегледи – изјави Филипче.

Еднa од мерките, која што тој ја најави е, ревидирање на упатството базирано на докази, за постапување при пост-породилно крварење. Како што објaсни министерот, во моментов нема такво упатство, а крварењето при породувањето се смета за една од најчестите причини за смртност на мајките.

– Во секое време во родилиштата мора да има достапни лекови за спасување на животите на мајките и на новороденчињата, согласно листата на Светската здравствена организација и фондот за население на Обединетите Нации. Утврдивме дека дел од ваквите лекови не се регистрирани во Македонија, а и тие што се, не секогаш се достапни во родилиштата – додаде тој.

Покрај ова, подготвено е и упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста. Усвоени се и стандарди за гинеколошките ординации на примарно и секундарно нивно, како и за родилишта во болниците и во клиниките, но и набавка на опрема каде што недостасува.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2016 година на 1.000 живородени починале 11,9 бебиња, што е двојно повеќе од европскиот просек.


„Лакталис“ повлекува храна за бебиња поради салмонела


Париз, 12 јануари, 2018 - 19:26 (META) 

Француската компанија „Лакталис“ ќе го повлече млекото за бебиња произведено во фабриката во градот Краон, откако десетици бебиња заболеа од бактеријата салмонела. Досега се утврдени 35 вакви случаи во Франција, едно во Шпанија, а има еден сомнителен случај и во Грција, но допрва треба да се утврди дали бебето се разболело од млекото на „Лакталис“ произведено во Краон.

Министерот за финансии на Франција, Бруно ле Мер денеска информираше дека целото количество бебешка храна произведена во оваа фабрика во западна Франција кое е пуштено во продажба ќе биде повлечено.


Обезбедени 40 инкубатори за интензивна нега за 12 здравствени установи


Скопје, 31 октомври, 2017 - 21:02 (META) 

Владата на Република Македонија денеска на својата 34. седница одлучи да додели 40 инкубатори на 12 здравствени институции во земјата, соопшти владината прес-служба.

„Владата ја усвоила одлуката за давање на трајно користење на осум инкубатори за интензивна нега на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, како и одлуката за давање на трајно користење на уште шест инкубатори на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести од Скопје“, стои во соопштението.

На предлог на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, исто така е одлучено на трајно користење да се доделат уште 16 инкубатори на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, како и 10 инкубатори на клиничките и општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и во Струмица, и на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, во Скопје.


Пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега на Клиника за детски болести


Скопје, 13 октомври, 2017 - 12:42 (META) 

Денеска е пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести.

„Одделот за интензивна нега ќе работи со истиот капацитет како и досега, со можност да се зголеми со нови вработувања на медицински персонал, со што ќе се испочитуваат високите стандарди на згрижување на најтешко болните деца и ќе се гарантира безбедноста на пациентите“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.


ВМРО-ДПМНЕ: На директорката на Санитарен инспекторат најважна ѝ е фризурата


Скопје, 10 октомври, 2017 - 16:41 (META) 

На директорката Ирина Сотирова-Бухова очигледно, според снимките во медиумите, најважно ѝ беше како ѝ стои фризурата која неколкупати ја поправаше во текот на кратката и празна изјава, порача ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на директорката на Државниот санитарен инспекторат, Сотирова-Бухова, и на директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска.

Опозициската партија вели дека наодите на инспекторатот укажуваат дека нејзините реакции и прес-конференции пред самата клиника и привлекувањето на вниманието на јавноста како аларм и притисок на надлежните било оправдано и корисно.

„Санитарниот инспекторат потврди дека ВМРО-ДПМНЕ не се трудела да привлече партиски поени со неточни вести, со манипулации или со лажни вести, туку одговорно, како опозиција, ја одиграла улогата на коректив на власта. Прв лош сигнал е што по смртта на 30-тина новороденчиња нема реална одговорност за никого, освен само дисциплинска одговорност за едно лице, што е недозволиво и е прикривање на катастрофалното работење на раководството на клиниката кое предизвика смрт на 30-тина новороденчиња“, се вели во реакцијата од партијата.

Инаку, на денешната прес-конференција, директорката на Клиниката за гинекологија обелодени дека од почетокот на годинава до крајот на септември на клиниката починале 127 бебиња.

По денешната прес-конференција на двете директорки, реагираше и СДСМ, кој порача дека состојбата на Клиниката за гинекологија и акушерство „ја докажува долгогодишната негрижа на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на Никола Тодоров за здравјето и за интересите на граѓаните  во изминатите 11 години“.

„Недостигот од инкубатори, медицински сестри, лекари и од анестезиолози, лошиот систем за терморегулација и за вентилација, покривот што прокиснува, дотраените стерилизатори и појавата на влага во ГАК, се директна последица на долгогодишното криминално и расипничко владеење на Груевски и на Тодоров, кои поради криминални интереси ги запоставија здравјето и интересите на граѓаните“, стои во реакцијата на СДСМ.


Гинекологија има премалку кадар и лоши услови за ризичните новороденчиња


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:26 (META) 

Покрив што протекува и влага сè до подрумот, валкана постелнина, недостиг од медицински кадар на сите нивоа, преголем број згрижени бебиња, зграда во која вентилацијата и системот за регулирање на температурата во просториите не функционираат или одвај функционираат уште од нејзиното пуштање во употреба, немање протечна вода, како и стари инкубатори и голема смртност од 127 новороденчиња од почетокот на 2017 година сè до крајот на септември, се горливите проблеми на Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, што пред новинарите денеска ги презентираа директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, и директорката на клиниката, Викторија Јовановска.

Вонредниот надзор што инспекторатот го спровел по информацијата за смртта на четири новороденчиња во една ноќ во втората половина на септември, но и по барање на директорката Јовановска, утврдил дека на одделот за интензивна и постинтензивна нега, каде што починале четирите новороденчиња, има премалку кадар, а наместо 25 бебиња, колку што е капацитетот, во моментот кога инспекторите влегле, имало дури 49 бебиња, односно по две бебиња во еден инкубатор.

– Клиниката има недостиг од медицински сестри – акушерки, инструментарки, има недостиг на кадар во цитолошката лабораторија, има недостиг на систем за добра вентилација, не функционира системот за терморегулација на просториите, почнувајќи од неонатологија, па во сите други простории – рече Бухова, презентирајќи дел од наодите на инспекторите.

Таа рече и дека била утврдена многу лоша состојба на постелнината и на креветите, немало протечна вода во натариумот, не функционирале стерилизаторите за топлење на пелените, а стерилизаторот за шишенца, според инспекторите, бил стар и дотрајан.

Директорката на клиниката, Викторија Јовановска, ги потврди овие наводи, нагласувајќи дека тоа се проблеми со кои клиниката се соочува години наназад. Јовановска, истакнувајќи дека на Клиниката за гинекологија и акушерство работи веќе 20 години, истакна дека состојбите, освен на одделението каде се згрижуваат ризичните новороденчиња, сепак не се премногу алармантни. На тоа одделение, пак, во секоја од двете смени, за ризичните бебиња се грижат по четири медицински сестри и двајца лекари.

Посочувајќи дека поради изборниот период Клиниката за гинекологија е ограничена во средувањето на состојбите, директорката на клиниката истакна дека по изборите ќе се преземат итни мерки за средување на состојбите, од кои како битна ја и истакна мерката за солидно плаќање на трудот на вработените.

– Замислете, сега сестри за дежурство добиваат по 150 денари, а секоја од нив треба да се грижи за педесетина бебиња. Тоа мора да престане – рече Јовановска.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Министерство за здравство, од 300 вработени на клиниката, 60 се сестри, а 86 лекари.

Таа посочи дека за проблемот со системот за вентилација ќе треба да се направи многу, бидејќи зградата е згрешена уште при изградбата, а за другите технички проблеми ќе се преземаат мерки во наредниот период. Јовановска истакна и дека по изборите ќе се почне со разговори за прием на нов кадар, пред сè специјалисти, па ако треба и од странство. Сепак, истакна дека екипирањето на клиниката не е брз процес, оти и ако земат еден специјалист – педијатар, треба најмалку една година да го оспособат за работа со бебиња со висок ризик. Директорката на Клиниката рече и дека итно ќе мора да вработуваат нови медицински сестри.

Таа посочи дека има и влошени односи меѓу лекарите во одделот за интензивна поради плаќањето по учинок, односно како што рече, некои биле фаворизирани од претходните раководни гарнитури.

Според Јовановска, по веста за умирањето на четири новороденчиња во една ноќ се јавиле многу заинтересирани да донираат, но и за тоа ќе треба да се почека да завршат локалните избори, за да може да пристигнуваат донациите.


Четири бебиња во инкубатори починале за една ноќ на Гинекологија, докторка е суспендирана


Скопје, 29 септември, 2017 - 17:59 (META) 

Ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата седмица, четири бебиња во инкубатори починале на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, потврдија од Министерство за здравство, нагласувајќи дека дежурната докторка таа вечер е суспендирана, а била формирана и комисија за да го истражи случајот. Нејзиниот конечен заклучок се очекува денеска.

Според соопштението, четирите новороденчиња биле или предвремено родени или имале посериозни проблеми и застој во растот.

„Веднаш по добивање на информацијата, Министерството за здравство формираше комисија за стручен надзор и времено е суспендирана докторката, која била на дежурство таа вечер, се до донесување конечен заклучок на Комисијата за стручен надзор, кој се очекува да биде готов во текот на денешниот ден. Исто така, денеска инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат вонреден надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство, по што јавноста ќе биде информирана за донесените мерки за унапредување на работата во оваа јавна здравствена установа“, се вели во соопштението.

Како што појаснија, едното бебе било родено во 25-та гестациска недела, второто во 27-та недела и имало сериозни невролошки проблеми и проблеми со некои органи, додека другите две биле родени во 29-та недела, од кои едното со претходно утврден застој во растот во матката, а другото со предвремено прснат воденик и бактерија кај мајката.

Од Министерството за здравство велат дека се работи на изготвување стратегија за подобрување на состојбите на Клиникатата за гинекологија и акушерство во Скопје, како и во сите породилишта во државата.


Германската полиција трага по маж кој става отров во храната во продавниците


Берлин, 28 септември, 2017 - 18:32 (META) 

Непознат маж ставал отровна супстанца во храна, вклучувајќи и храна за бебиња која се продава во супермаркетите во Германија, за да изнуди повеќе од еден милион евра, соопшти денеска германската полиција.

Во соопштението се наведува дека, лицето испратило електронска пошта до полицијата откако ставило голема количина на отров во производи во супермаркетите на југот на Германија. Лицето се заканувало дека тоа ќе го направи и во други супермаркети низ државата, но и низ Европа.

Полицијата изјавила дека овие закани ги сфаќа сериозно, додавајќи дека за сега не бил пријавен ниту еден случај на труење. Властите смируваат дека нема причина за паника, но ги предупредија потрошувачите да обрнат внимание на амбалажите на производите.

Полицијата пронашла храна за бебиња во која била ставен етилен гликол, безбојна течност без мирис кој се користи за производство на антифриз, кој при конзумација може да биде смртоносен.

Властите најавија зголемена контрола на храната во продавниците.