Едно работно место во странските компании во ТИРЗ, државата ја чини 21.000 евра


Скопје, 1 февруари, 2016 - 12:34 (META) 

Едно новоотворено работно место во странските компании што се наоѓаат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), државата ја чини 21.000 евра. Државната помош на странските компании, пак, од 2007 до 2014 година во форма на директни субвенции, грантови, даночни ослободувања изнесувала 56,58 милиони евра.

Ова го покажуваат резултатите од истражување на Центарот за економски анализи, во рамките на проектот „Дијалози за визија“.

– Помошта што државата им ја дава на странските компании е нетранспарентен податок и таква бројка не може да се сретне. Но, сумата од 56,58 милиони евра ја добивме врз основа на анализа на финансиските извештаи на компаниите. Зависно од висината на странската инвестиција, таа помош се движи од 7 до 41 процент. Едно ново вработување во странските компании во ТИРЗ, државата ја чини 21.000 евра – изјави Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Од 2007 до 2014 година, позитивните економски нето-ефекти од странските компании изнесуваат 127 милиони евра, од кои 111 милиони евра се од три компании. Истражувачите истакнуваат дека позитивните економски добивки од странските компании се со одложен ефект.

Истражувањата на Здружението за рамномерен развој покажуваат дека домашните компании го поддржуваат субвенционирањето на странските фирми, но висок процент од менаџерите се чувствуваат дискриминирано. Анкетата ја спровеле на менаџери од 268 компании.

– Домашните компании, дискриминацијата во однос на странските ја гледаат во тоа дека поволности се даваат само на странците и додека ним им се посветува недоволно внимание, странските инвеститори се плаќаат со парите од даноци и од давачки што домашните компании ѝ ги плаќаат на државата – вели Ристо Карајков од Здружението за рамномерен развој.

Странските директни инвестиции во 2007 година изнесувале 507 милиони евра, со 8,3 проценти удел во домашниот бруто-производ (БДП). Во 2009 и во 2010 година уделот на странските инвестиции во БДП е 2 проценти. Во 2011 година е 4,6 проценти од БДП, во 2102 е 1,5 отсто, во 2013 и во 2014 година е 3,3 проценти од БДП и во првиот квартал од 2015 година е 0,2 отсто од БДП.


БДП во третиот квартал бележи зголемување од 3,5 проценти


Скопје, 16 декември, 2015 - 15:16 (META) 

Најновите показатели на Народна банка покажуваат дека економската активност и понатаму солидно се зголемува, а е делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки.

– Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. За ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања, се оценува дека се ограничени и дека, главно, се остваруваат преку каналот на очекувањата. Сепак, и понатаму постои неизвесност во опкружувањето, што создава ризици за следниот период – се вели во извештајот на Народна банка.

Домашниот бруто-производ на македонската економија во третиот квартал бележи пораст од 3,5 проценти, поддржан и од домашната и од извозната побарувачка.

Порастот на економијата е во согласност со октомвриските очекувања.


Стапката на пораст на БДП е 3,5 проценти


Скопје, 14 декември, 2015 - 16:07 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за третото тримесечје од 2015 година изнесува 3,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во третото тримесечје од годинава, најголем пораст е забележан во секторите градежништво, 29,4 проценти, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности, 15,9 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2015 година, номинално се зголемува за 3,4 проценти, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 64,4 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги се зголеми за 3,3 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во износ од 2,9 проценти.


Државата се задолжува 42,5 милиони евра


Скопје, 3 ноември, 2015 - 13:11 (META) 

Државата ќе позајми 42,5 милиони евра од домашните кредитори, преку аукција на државни записи со рок на доспевање од шест и од 12 месеци. Врз основа на доспеани долгови, утре треба да се вратат 41 милион евра.

Вкупниот јавен долг достигна 3,94 милијарди евра или 43,9 проценти од БДП, што претставува зголемување во однос на вториот квартал, кога изнесувал 43,7 проценти од БДП.


Милошеска: Дискутабилни се планираните 4 проценти пораст на БДП за 2016 година


Скопје, 21 октомври, 2015 - 10:44 (META) 

На амандманските расправи за предлог-буџетот за 2016 година, кои се во тек, опозицијата  ја обвинува власта дека буџетот за следната година е недомаќински и нереален, а власта, пак, се брани дека проекциите за пораст на БДП за 4 проценти се остварливи и дека буџетот развоен.

Наспроти ставовите и на едната и на другата страна, според професорката на Економскиот институт, Снежана Костадиноска-Милошеска, вистинската развојна компонента на буџетот во современа држава се цени според уделот на јавните и на приватните расходи во наука, истражување, технологии и во образование. Таа вели дека токму  знаењето и човечкиот капитал во 21 век се клучни фактори за пораст и за обезбедување долгорочен одржлив економски развој.

Буџетот за следната година е 3,18 милијарди евра и е највисок досега. Иако висината се оправдува со развојната компонента, сепак најголем дел од средствата се за плати во јавните институции, пензии, тековни трошоци. Која е Вашата оцена?

–  Вистинската развојна компонента во современа држава се цени според уделот на јавните и на приватните расходи во наука, истражување, технологии и во образование. Знаењето и човечкиот капитал во 21 век се клучни фактори за пораст и за обезбедување долгорочен одржлив економски развој. Впрочем, ние и според Европската стратегија за развој, имаме обврска да издвојуваме 3 проценти од БДП за истражување и за развој. Само со такви вложувања и со креирање општество базирано на знаење, можеме да го динамизираме развојот и побрзо да конвергираме кон нивото на ЕУ. Инаку, ние немаме развојна стратегија која постојано би се преточувала во годишните и во среднорочните буџетски политики со јасно дефинирани приоритети.

За изградба на капитални објекти, предвидени се 408 милиони евра, односно 12,9 проценти повеќе од лани. Дали оваа сума може да го оправда тврдењето дека буџетот е развоен, имајќи ги наспроти нив високите 790 милиони евра за пензии, 420 милиони евра за плати, 320 милиони евра за стоки и за услуги итн.?

– Не може да се оцени затоа што имаме редовни промени на овој износ во текот на годината, со ребалансите или со обична пренамена кај буџетските корисници и второ, проблематична е нивната реализација, што во крајна линија завршува со пониски износи. Структурата на капиталните расходи е дискутабилна. Прашање е дали ни се попотребни скапи административни згради, тениски игралишта и други забавни објекти или треба да ги обезбедиме прво животно-егзистирачките услови, како питка и чиста вода, одведување фекални и атмосферски води, одлагање на смет и сл.

ММФ и Светската банка постојано предупредуваат на непродуктивните трошења, за да се намали буџетскиот дефицит. Од друга страна, тој постојано се зголемува. Која е замката во која, со овој однос кон јавните финансии, можеме да западнеме во иднина?

– За инфраструктурните проекти треба да се гледа нивната економска оправданост, односно да се цени секое вложување. Исто како и во приватниот сектор, дали во иднина ќе го врати трошокот и ќе овозможи зголемени приходи со кои економијата би била одржлива и би можело да се враќаат долговите. Ова е, всушност, замката по јавните финансии на која упатуваат светските финансиски институции. Зашто дефицитите само го зголемуваат долгот, а го намалуваат просторот за корекција на овие политики.

Со пораст на економијата од 4,5 проценти годишно, на македонските граѓани ќе им требаат 30 години да го достигнат нивото на Европската унија, под претпоставка, во ЕУ, стапката на пораст годишно да изнесува 0,5 проценти. Возможно ли е тој пораст да биде поголем доколку во буџетот на една држава социјалната компонента не е толку изразена?

– Порастот може да се удвои и да се забрза зашто ги имаме сите потребни ресурси, особено човечки, но потребна е вистинска стратегија, друга организација, висока и вистинска посветеност кон земјата.

 


Хотелите во Тунис масовно се затвораат


Тунис, 19 октомври, 2015 - 19:00 (META) 

Во Тунис во септември, привремено се затворени најмалку 70 хотели поради терористичките напади на две летувалишта годинава. Toa сериозно го загрози туристичкиот сектор, што државата ја чини 10 проценти од домашниот бруто-производ.

– Од почетокот на септември, 70 хотели мораа да се затворат, поради немање гости. Стапката на исполнетост на сместувачките капацитети во земјата не е повеќе од 20 проценти – изјави претседателот на Федерацијата на туниски хотели, Радуан Бен Салах.

Во туристичкиот сектор во Тунис, каде што минатата година шест милиони луѓе оствариле туристички посети, посредно или непосредно работат околу 400.000 луѓе.

Туризмот, кој е околу 10 проценти од националниот БДП, моментно поминува низ сериозна криза поради терористичкиот напад на џихадистите на Исламската држава на музејот Бардо во Тунис, во кој загинаа 22 лица, и на летувалиштето Сус кога настрадаа 38 лица.

 


Побавен пораст на економијата во споредба со очекувањата


Скопје, 14 октомври, 2015 - 14:38 (META) 

По порастот на БДП во второто тримесечје од 2,6 проценти, што е во согласност со априлските проекции, податоците навестуваат продолжување на ова темпо на пораст и во текот на третиот квартал.

– И покрај солидната динамика на пораст, ризиците од пролонгирани ефекти од домашните случувања, како и од промените во глобалниот амбиент, создаваат можност за побавен пораст на економијата во втората половина од годината, во споредба со очекувањата – велат од НБРМ.

Општото ценовно ниво во септември се намали на месечна основа, при пад на цените на храната и на енергијата, додека базичната инфлација забележа пораст.

– Во просек, во првите девет месеци од годината, општото ниво на цените во домашната економија се намали за 0,3 отсто на годишна основа, како последица на падот на цените на енергетската компонента. Инфлациските остварувања во септември се под проекциите. Овие остварувања, заедно со новите очекувања за пониски светски цени на енергијата и на прехранбените производи во однос на априлските оцени, создаваат надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат дека неизвесноста околу идното движење на овие производи е значителна, а можноста за ненадејни промени кај овие категории е голема – се вели во соопштението на НБРМ.


ЛДП: Владата да престане да се задолжува


Скопје, 4 октомври, 2015 - 11:31 (META) 

„Надворешниот бруто-долг на Република Македонија, заклучно со вториот квартал на 2015 година, изнесува 7 милијарди и 100 милиони евра, што е речиси 71 отсто од БДП на државата. Овие податоци на Народната банка јасно ја отсликуваат катастрофалната економската состојба на државата во која нè втурнаа Никола Груевски и неговата влада во заминување“, велат од Либерално-демократската партија.

„Овие факти, за жал, не можат да се побијат ниту со една од владините пропаганди за розовата слика за македонската економија, напротив, вистината е дека најголемиот должник е самата држава, затоа што Груевски од Македонија направи „бунар без дно“. Истовремено, владата во заминување, со безброј погрешни политики и со неразумно трошење на јавните пари, „успеа“ да го зголеми јавниот долг од 1,5 милијарда евра во 2008 година, на 4 милијарди евра годинава. Што е уште полошо и потрагично, овие негативни трендови и понатаму продолжуваат, така што, за жал, веќе нема „ниту за леб, ниту за чоколадо“, што би рекол министерот за финансии и кум на премиерот, Зоран Ставрески“, се вели во соопштението на ЛДП.

Од партијата ја повикуваат Владата да престане да се задолжува и неодговорно да ги доведува во должничко заложништво идните генерациии на оваа земја.


„Дојче банка“ предвидува пораст на германската економија поради бегалците


Франкфурт, 4 октомври, 2015 - 10:45 (META) 

Германската „Дојче банка“ ја подигна прогнозата за порастот на економијата на Германија за следната година, а како причина го наведува огромниот прилив на бегалци, што ќе ја зголемат потрошувачката за половина процентен поен.

Според најновите прогнози на „Дојче банка“, домашниот бруто-производ (БДП) на Германија во 2016 година ќе порасне за 1,9 отсто, во однос на претходно прогнозираните 1,7 отсто, пренесува „Ројтерс“.

– И покрај влошувањето на надворешното и на финансиското опкружување, ние ја подигнавме прогнозата за БДП за 2016 година. Двигатели на порастот ќе бидат зголемувањето на реалната потрошувачка поради ниските цени на нафтата и силното евро, како и порастот на имиграцијата – оценуваат аналитичарите на банката.

Проценките се дека околу 800.000 бегалци и мигранти кои бегаат од војната и од сиромаштијата, годинава ќе дојдат во Германија.

Просечната старост на имигрантите е 23,3 години, наспроти просечната старост на домашната популација од 44,5 години.

И според последниот извештај на Светска банка, иако Европската унија има фискални трошоци за домување на мигрантите, транзит низ земјите, на долг рок придобивките од нив ќе бидат големи. Се наведува дека во иднина тие би биле продуктивна работна сила.

Но, важно е колку бргу тие ќе пристапат до пазарот на труд и колку нивните деца ќе се прилагодат на образовниот систем.

 


Домашниот бруто-производ лани поголем за 3,5 проценти во однос на 2013 година


Скопје, 1 октомври, 2015 - 9:48 (META) 

Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени од годишните сметки на деловните субјекти и од други извори, домашниот бруто-производ (БДП) во 2014 година, изнесува 525.620 милиони денари и во однос на 2013 година, номинално е зголемен за 4,7 проценти.

Реалната стапка на пораст на БДП, во однос на 2013 година, изнесува 3,5 проценти.

Најголемо учество на додадената вредност во структурата на БДП во 2014 година имаат секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со 18,7 проценти.

Финалната потрошувачка во 2014 година, во однос на 2013 година, номинално се зголемува за 1,9 отсто, а во структурата на БДП учествува со 86,8 проценти.

Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2014 година изнесува 47,8 проценти.