Да се искористи потенцијалот за економска соработка со Турција, порача Заев


Скопје, 15 март, 2018 - 11:43 (META) 

Во Македонија веќе работат сериозен број на турски компании кои плаќаат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот, рече премиерот Зоран Заев по состанокот со компаниите членки на Стопанска комора Македонија – Турција, МАТТО.

Тој додаде дека уште повеќе треба да се зголемува бројот на турски инвестиции и да се искористи големиот потенцијал за соработка што двете земји го имаат.

„Импресионирани од мотивацијата која што ја добивме од неодамнешната посета на Турција, наша заедничка должност е да разработиме конкретни проекти и активности кои за деловната заедница ќе значат бизнис и повеќе профит, за Република Македонија нови работни места, зголемување на БДП и севкупниот извоз“, изјави Заев.

Тој ги информирал компаниите за можностите што ги отвора Планот за економски раст и законското решение кое што помина на владина седница. Заев очекува дека стопанствениците ќе ги пронајдат своите можности за инвестирање преку поддршката што ја овозможува овој План и ќе преземат храбри чекори за нови инвестиции во Македонија.

На средбата со компаниите присуствувале и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими.


Анѓушев: 40 милиони евра за компаниите преку ИПА-програмата за 2019 година


Скопје, 12 март, 2018 - 14:58 (META) 

На денешната средба со компаниите членки на Сојузот на стопански комори ССК, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев им порача дека може да ги користат средствата предвидени во третиот столб од Програмата за економски пораст, а кои се даваат преку Фондот за иновации.

Компаниите за овие мерки може да конкурираат во март и во јуни, врз основа на резултатите од завршните сметки. Може да добијат пари за нови инвестиции, но и да си направат одреден поврат на средства доколку лани инвестирале и нивната работа била поуспешна за разлика од изминатите две години.

Анѓушев додаде дека и да не биде изгласан законот за иновации, овие средства се предвидени со буџетот и компаниите ќе можат да конкурираат врз основа на правилник, а не субјективна оценка на одредени лица. Тој најави и европски пари од ИПА програмата за 2019 година

„За догодина се предвидени 40 милиони евра за малите и средни претпријатија што претставува значителна помош од Европската комисија. За годинава и лани, немаше предвидено такви средства. Европските грантови за мали и средни претпријатија ќе бидат за регионална распределба, според регионално неразвиените подрачја“, рече Анѓушев.


СДСМ: Порастот од 1,2 отсто во последниот квартал на 2017 е закрепнување на економијата


Скопје, 9 март, 2018 - 9:58 (META) 

Порастот на Бруто домашниот производ (БДП) од 1,2 отсто во последното тромесечје од 2017 година ја потврдува исправноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ и е уште еден во низата показатели дека економијата се стабилизира и се движи во добар правец, порачува СДСМ.

Во однос на обвинувањата за нула отсто на економскиот пораст што вчера ги искажа Трајко Славевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, владејaчката партија вели дека негативните економски показатели се резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Последните три месеци од криминалното и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивните погубни политики донесоа пад на економијата од 1,3 отсто во првиот квартал од 2017 година. Дополнително, преку политиките на деструкција, блокади и насилство кое кулминираше на крвавиот четврток, ВМРО-ДПМНЕ предизвика економска и правна несигурност за граѓаните и стопанството а сето тоа поразително се одрази врз економијата“, обвинува СДСМ.


Славевски: Нема пораст, нема инвестиции – издишаа економските очекувања од СДСМ


Скопје, 8 март, 2018 - 16:49 (META) 

Издишаните очекувања кај економските субјекти од новата власт предводена од СДСМ се гледаат преку непостоечкиот пораст на економијата, а дополително падот на бруто-инвестициите укажува дека и во следните години македонската економија ќе остварува ниски стапки на пораст, порача денеска Трајко Славевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во периодот кога вообичаено се очекува забрзување на порастот на економијата по природен пат, а тоа е последниот квартал во годината, ова важи за сите земји – развиени и неразвиени – кога расте потрошувачката на населението, Република Македонија бележи минимален пораст на бруто домашниот производ од само 1,2% и тоа претставува трет најнизок пораст во Југоисточна Европа – рече тој зборувајќи за податоците за последниот квартал на минатата година.

На партиската прес-конференција, поранешниот министер за финансии ваквите резултати ги припиша на падот на градежните активности од околу 20 отсто и на, како што рече, минималниот пораст на индустриското производство од 2,3 отсто во последното тримесечје на минатата година.

– Исто така пад бележат сите други дејности, (информации и комуникации, финансиски услуги, јавна управа и одбрана, активности во врска со недвижниот имот) освен дејностите трговија и земјоделство. На расходната страна, е она што повеќе не загрижува, пад од 1% забележуваат бруто-инвестициите кои се и показател за идните движења во економијата. Падот на инвестициите укажува дека македонската економија и во следните години ќе остварува ниски стапки на пораст – рече Славевски.


ММФ: Инфраструктурата е пречка за побрз економски развој на земјите од Западен Балкан


Вашингтон, 8 февруари, 2018 - 20:29 (META) 

Анализата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека, недостатокот на основна јавна инфраструктура на земјите од Западен Балкан е значителна пречка за побрз економски развој.

„Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија имаат недоволно развиена транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа во однос на просекот на Европска унија. Западен Балкан заостанува зад европскиот просек кога се работи и за поддржување на економскиот развој со адекватна инфраструктура“, се наведува во соопштението.

Како што се оценува, подобрата транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да ја подобрат продуктивноста, да остварат подобра интеграција во светската трговија и да го направат регионот атрактивен за странски инвестиции.

„Регионално координираните интензивни активности на унапредување на јавната инфраструктура, во комбинација со подобро управување со проектите, може да го зголеми приходот по глава на жител“, се вели во соопштението на ММФ.

Како пречка за зголемување на јавните инвестиции се наведува високото ниво на јавен долг и високиот буџетски дефицит во најголем број од земјите на Западен Балкан, но и слабото управување со јавните инвестиции.

Од ММФ оценуваат дека, земјите од Западен Балкан треба да вложат во модернизација на клучните сообраќајници, енергетската и телекомуникациската инфраструктура.


Заев им порача на инвеститорите: 2018-та нема да биде изборна, туку година на работа


Скопје, 2 јануари, 2018 - 17:03 (META) 

Премиерот Зоран Заев рече дека 2018 ќе биде година на економски развој и инвестиции и им порача на домашните компании да инвестираат, бидејќи нема да има избори, туку ќе биде година на работа.

Првата работна средба во оваа година Заев ја оствари со министерот за финансии Драган Тевдовски, кој го информирал дека вкупната реализација на капитални инвестиции за 2017 година изнесува 83,6 проценти односно 19,8 милијарда денари што е највисок процент на реализација од 2013 година.

Премиерот додаде дека овие средства се директно дадени во стопанството, и оттука очекува отворање на нови работни места, пораст на домашниот бруто-производ за и граѓаните да ги почувствуваат економските ефекти и подобрување на проходите во семејниот буџет.

realizacija na kapitalni rashodi

– Не е време за избори, време е за работа. Во 2018 година ќе има стабилно парламентарно мнозинство и оттука една порака до инвеститорите да си прават планови за инвестиции и да преземат храбри чекори. Оваа година ќе биде кулиминацијата во звршувањето на политичката криза. Рекапитулацијата на 2017 година и почетокот на оваа година, ни дава за право да најавиме добра економска година – порача Заев.

Тој информираше дека најголем дел од капиталните средства биле за отплата на стари долгови и отпочнување на нови проекти.

– Севкупните приходи се зголемени во однос на 2016 што е сериозен индикатор за заздравување на економијата по политичката криза. Домашното стопанство и компаниите го препознаа моментот на надминување на политичката криза и економски се раздвижија – додаде Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски кажа дека 2018 година ќе биде добра за македонската економија, бидејќи се враќа довербата на инвеститорите, но има и придвижување на приватните инвестиции што претходно не било случај.

– Стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои што изостануваа во претходниот период. Реализацијата на капиталните инвестиции во буџетот во 2017 година е на највисоко ниво, а наплатата на даноците е зголемена –  рече Тевдовски.

Тој додаде дека во 2017 година се остварил одличен резултат, ако се земе предвид дека, во првата половина на годината беше остварена многу слаба реализација на капиталните расходи.


НБРМ: Состојбите во економијата во третиот квартал се подобруваат


Скопје, 13 декември, 2017 - 17:01 (META) 

По падот на економската активност во првата половина од годината, податоците за домашниот бруто-производ (БДП) покажуваа умерен пораст на годишна основа од 0,2 проценти, се вели во соопштението на Народна банка.

„Порастот на активноста во третиот квартал се должи на извозната и на личната потрошувачка, додека инвестициската активност продолжи да се намалува, но со побавно темпо, споредено со претходното тримесечје. Показатели упатуваат на нешто подобра состојба во економијата, во однос на претходниот квартал“, се додава во соопштението.

Просечната годишна стапка на инфлација во првите единаесет месеци изнесува 1,3 проценти и таа се движи во рамки на проекциите.


Анѓушев: За повисок економски пораст, извозот треба да биде 70 отсто од БДП


Скопје, 13 декември, 2017 - 13:39 (META) 

За повисок економски пораст на Македонија, потребно е, во креирањето на домашниот бруто-производ (БДП), извозот, од сегашните 53 проценти да изнесува од 60 до 70 проценти, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на форумот „Преку интернационализација на стопанството до повисок економски раст“, кој беше во организација на стопанските комори.

Тој додаде дека, за таа цел македонските компании треба да се насочат кон инвестиции, со кои, ќе произведуваат производи со повисока додадена вредност.

– За секоја нова инвестиција ќе се обезбеди државна поддршка во висина од 10 проценти на инвестицијата, за инвестиции кои се однесуваат на подобрување на конкурентноста на странски пазари дополнителни 10 проценти, а доколку се зголемува интернационализацијата во земјите од Западен Балкан, поддршката е дополнителни 10 проценти. Па така, инвеститорите ќе имаат можност да добијат поврат до 30 проценти од направените инвестиции – рече Анѓушев.

Според вицепремиерот, порастот на БДП за 2018 година од 3,2 проценти е реален, бидејќи извозот покажува тенденција на пораст, а има пораст и во производството на земјоделски производи. Единствено градежната индустрија има пад, поради застојот во изградбата на автопатиштата.

– За повисок економски пораст потребно е стабилна политичка ситуација, владеење на правото и спроведување на економски мерки- додаде Анѓушев.


Стапката на пораст на БДП во третото тримесечје изнесува само 0,2 проценти


Скопје, 7 декември, 2017 - 15:04 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за третото тримесечје од годината изнесува 0,2 проценти. Во овој период, најголем пораст е забележан во секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање и друго.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2017 година номинално се зголемува за 5 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 65,5 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 9,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 5 проценти.


Последиците од кризата најмногу се почувствуваа во градежништвото


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:28 (META) 

Градежните активности во првите девет месеци се намалени, а градежниците имаат помалку работа и во странство, информираа од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали.

Според претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, последиците од политичката криза најмногу се почувствувале во овој сектор, кој беше главен двигател на економијата во последните неколку години.

– Проблемите речиси и да не се решаваа, а постоеја административни пречки во донесувањето одлуки и решенија, кои имаа финансиска импликација врз проектите, додека доспеаните долгови тешко и нередовно се исплаќаа. Наведените причини најмногу придонесоа да дојде до стагнација на работењето и до намалена активност во однос на минатата година, имајќи предвид дека државните органи, односно Владата и локалната самоуправа, беа главните инвеститори и двигатели на градежните активности – рече Серафимовски.

Ваквиот тренд во градежништвото ќе продолжи до крајот на годината, а за следната година градежниците се надеваат дека секторот повторно ќе влијае на порастот на домашниот бруто-производ.