ММФ: Инфраструктурата е пречка за побрз економски развој на земјите од Западен Балкан


Вашингтон, 8 февруари, 2018 - 20:29 (META) 

Анализата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека, недостатокот на основна јавна инфраструктура на земјите од Западен Балкан е значителна пречка за побрз економски развој.

„Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија имаат недоволно развиена транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа во однос на просекот на Европска унија. Западен Балкан заостанува зад европскиот просек кога се работи и за поддржување на економскиот развој со адекватна инфраструктура“, се наведува во соопштението.

Како што се оценува, подобрата транспортна, енергетска и телекомуникациска мрежа ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да ја подобрат продуктивноста, да остварат подобра интеграција во светската трговија и да го направат регионот атрактивен за странски инвестиции.

„Регионално координираните интензивни активности на унапредување на јавната инфраструктура, во комбинација со подобро управување со проектите, може да го зголеми приходот по глава на жител“, се вели во соопштението на ММФ.

Како пречка за зголемување на јавните инвестиции се наведува високото ниво на јавен долг и високиот буџетски дефицит во најголем број од земјите на Западен Балкан, но и слабото управување со јавните инвестиции.

Од ММФ оценуваат дека, земјите од Западен Балкан треба да вложат во модернизација на клучните сообраќајници, енергетската и телекомуникациската инфраструктура.


Заев им порача на инвеститорите: 2018-та нема да биде изборна, туку година на работа


Скопје, 2 јануари, 2018 - 17:03 (META) 

Премиерот Зоран Заев рече дека 2018 ќе биде година на економски развој и инвестиции и им порача на домашните компании да инвестираат, бидејќи нема да има избори, туку ќе биде година на работа.

Првата работна средба во оваа година Заев ја оствари со министерот за финансии Драган Тевдовски, кој го информирал дека вкупната реализација на капитални инвестиции за 2017 година изнесува 83,6 проценти односно 19,8 милијарда денари што е највисок процент на реализација од 2013 година.

Премиерот додаде дека овие средства се директно дадени во стопанството, и оттука очекува отворање на нови работни места, пораст на домашниот бруто-производ за и граѓаните да ги почувствуваат економските ефекти и подобрување на проходите во семејниот буџет.

realizacija na kapitalni rashodi

– Не е време за избори, време е за работа. Во 2018 година ќе има стабилно парламентарно мнозинство и оттука една порака до инвеститорите да си прават планови за инвестиции и да преземат храбри чекори. Оваа година ќе биде кулиминацијата во звршувањето на политичката криза. Рекапитулацијата на 2017 година и почетокот на оваа година, ни дава за право да најавиме добра економска година – порача Заев.

Тој информираше дека најголем дел од капиталните средства биле за отплата на стари долгови и отпочнување на нови проекти.

– Севкупните приходи се зголемени во однос на 2016 што е сериозен индикатор за заздравување на економијата по политичката криза. Домашното стопанство и компаниите го препознаа моментот на надминување на политичката криза и економски се раздвижија – додаде Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски кажа дека 2018 година ќе биде добра за македонската економија, бидејќи се враќа довербата на инвеститорите, но има и придвижување на приватните инвестиции што претходно не било случај.

– Стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои што изостануваа во претходниот период. Реализацијата на капиталните инвестиции во буџетот во 2017 година е на највисоко ниво, а наплатата на даноците е зголемена –  рече Тевдовски.

Тој додаде дека во 2017 година се остварил одличен резултат, ако се земе предвид дека, во првата половина на годината беше остварена многу слаба реализација на капиталните расходи.


НБРМ: Состојбите во економијата во третиот квартал се подобруваат


Скопје, 13 декември, 2017 - 17:01 (META) 

По падот на економската активност во првата половина од годината, податоците за домашниот бруто-производ (БДП) покажуваа умерен пораст на годишна основа од 0,2 проценти, се вели во соопштението на Народна банка.

„Порастот на активноста во третиот квартал се должи на извозната и на личната потрошувачка, додека инвестициската активност продолжи да се намалува, но со побавно темпо, споредено со претходното тримесечје. Показатели упатуваат на нешто подобра состојба во економијата, во однос на претходниот квартал“, се додава во соопштението.

Просечната годишна стапка на инфлација во првите единаесет месеци изнесува 1,3 проценти и таа се движи во рамки на проекциите.


Анѓушев: За повисок економски пораст, извозот треба да биде 70 отсто од БДП


Скопје, 13 декември, 2017 - 13:39 (META) 

За повисок економски пораст на Македонија, потребно е, во креирањето на домашниот бруто-производ (БДП), извозот, од сегашните 53 проценти да изнесува од 60 до 70 проценти, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на форумот „Преку интернационализација на стопанството до повисок економски раст“, кој беше во организација на стопанските комори.

Тој додаде дека, за таа цел македонските компании треба да се насочат кон инвестиции, со кои, ќе произведуваат производи со повисока додадена вредност.

– За секоја нова инвестиција ќе се обезбеди државна поддршка во висина од 10 проценти на инвестицијата, за инвестиции кои се однесуваат на подобрување на конкурентноста на странски пазари дополнителни 10 проценти, а доколку се зголемува интернационализацијата во земјите од Западен Балкан, поддршката е дополнителни 10 проценти. Па така, инвеститорите ќе имаат можност да добијат поврат до 30 проценти од направените инвестиции – рече Анѓушев.

Според вицепремиерот, порастот на БДП за 2018 година од 3,2 проценти е реален, бидејќи извозот покажува тенденција на пораст, а има пораст и во производството на земјоделски производи. Единствено градежната индустрија има пад, поради застојот во изградбата на автопатиштата.

– За повисок економски пораст потребно е стабилна политичка ситуација, владеење на правото и спроведување на економски мерки- додаде Анѓушев.


Стапката на пораст на БДП во третото тримесечје изнесува само 0,2 проценти


Скопје, 7 декември, 2017 - 15:04 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за третото тримесечје од годината изнесува 0,2 проценти. Во овој период, најголем пораст е забележан во секторите трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање и друго.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2017 година номинално се зголемува за 5 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 65,5 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 9,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 5 проценти.


Последиците од кризата најмногу се почувствуваа во градежништвото


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:28 (META) 

Градежните активности во првите девет месеци се намалени, а градежниците имаат помалку работа и во странство, информираа од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали.

Според претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, последиците од политичката криза најмногу се почувствувале во овој сектор, кој беше главен двигател на економијата во последните неколку години.

– Проблемите речиси и да не се решаваа, а постоеја административни пречки во донесувањето одлуки и решенија, кои имаа финансиска импликација врз проектите, додека доспеаните долгови тешко и нередовно се исплаќаа. Наведените причини најмногу придонесоа да дојде до стагнација на работењето и до намалена активност во однос на минатата година, имајќи предвид дека државните органи, односно Владата и локалната самоуправа, беа главните инвеститори и двигатели на градежните активности – рече Серафимовски.

Ваквиот тренд во градежништвото ќе продолжи до крајот на годината, а за следната година градежниците се надеваат дека секторот повторно ќе влијае на порастот на домашниот бруто-производ.


„Скопје смог аларм“ за заштита на животната средина бара 1 процент од БДП за 2018 година


Скопје, 7 ноември, 2017 - 9:48 (META) 

Граѓанската заедница на еко-активисти „Скопје смог аларм“ бара од Владата итно да оформи посебен фонд за заштита на животната средина и да одвои околу 1 процент од проектираниот БДП за 2018 година.

„Поради катастрофалната еколошка состојба во Македонија, сметаме дека Владата треба да одвои околу 1 отсто од БДП во посебен фонд за заштита на животната средина. Го повикуваме Министерството за животна средина итно да подготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства. Како илустрација за лошо приоритизирање на јавните политики, во изминативе 10 години потрошени се речиси 700 милиони евра за проектот „Скопје 2014“, додека годишниот буџет на Министерството за животна средина и просторно планирање варира помеѓу пет и десет милиони евра“, велат од граѓанската заедница на еко-активисти.

Од „Скопје смог аларм“ напоменуваат дека според Светската банка, како последица на аерозагадувањето, македонската економија трпи годишни загуби од 253 милиони евра или 3,2 отсто од БДП, што значи дека реалниот пораст на економијата изминативе години е нула отсто.

Граѓанската инцијатива барањето го испратила до Владата, Министерството за животна средина, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија како и до амбасадите на САД, Германија, Велика Британија и на Холандија.


Државниот и јавниот долг намалени во третото тримесечје од годинава


Скопје, 31 октомври, 2017 - 16:35 (META) 

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и за јавниот долг за третото тримесечје годинава, според кои, има намалување на државниот и на јавниот долг во однос на претходното тримесечје.

Заклучно со вчера, државниот долг изнесува 3,87 милијарди евра или 37,8 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), што споредено со претходното тримесечје е намалување за 9,6 милиони евра, односно за 0,1 процентен поен.

Јавниот долг на државата, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг, за третото тримесечје годинава изнесува 4,69 милијарди евра, што претставува 45,8 отсто од БДП или, споредено со претходното тримесечје, претставува намалување за 16,8 милиони евра во апсолутен износ, односно за 0,2 процентни поени.

Намалувањето на јавниот и на државниот долг, според Министерството за финансии, се должи на отплата на обврски за надворешен стар долг, во вкупен износ 101,9 милиони евра.


Заев: На регионот му е потребен пораст на БДП од 5 проценти ако сакаме побрз развој


Скопје, 17 октомври, 2017 - 17:20 (META) 

На земјите од регионот на Западен Балкан им е потребен пораст на домашниот бруто-производ поголем од 5 проценти ако сакаме побрз економски развој, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и со претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, на завршувањето на „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа.

Тој ги охрабри компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места за да се постигне таа цел. Претходно, на панел-дебатата на која дискутанти беа премиерите, ја обвини администрацијата за тромавост, непродуктивност и дека е товар на стопанството.

Од друга страна, најави дека ќе ги прифати сите барања на бизнисмените за да се намалат законските пречки за слободен протек на стоки и на луѓе, бидејќи, како што рече, една од пораките што била испратена на овој настан е дека треба да се намали времето на чекање на граничните премини.

Заедничката прес-конференција на премиерите помина и во знакот на политички прашања кон премиерот на Албанија, кои се однесуваа на почитување на Уставот на Албанија за грижата за албанското малцинството надвор од државата, за средбата со албанските политички партиии во Македонија по изборите, како и за тоа дали бил спречен да користи албански јазик на овој настан.

Рама кратко изјави дека „не е овде за да зборува за употребата на Уставот на Албанија“, бидејќи ја почитува поканата на организаротите на овој настан, кој, како што кажа, е важен за регионалното поврзување.

За средбата со лидерите на политичките партии, потсети дека изборите се случуваат во „рамките на соседна пријателска држава“ и во нив, како што кажа, Албанија нема да се меша, како и дека не е точно дека му било оневозможена употребата на албанскиот јазик.


НБРМ: Проекцијата за домашниот бруто-производ ќе биде помалa од 2,5 проценти


Скопје, 12 октомври, 2017 - 14:29 (META) 

По падот на економската активност на домашниот бруто-производ (БДП) во второто тримесечје, показателите за третиот квартал даваат различни сигнали, се вели во заклучокот по одржување на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка.

– Поволни движења се забележуваат во градежниот сектор и во трговијата, а воедно поволни се и сигналите што ги даваат и анкетните истражувања за економската доверба. Од друга страна, движењата во индустрискиот сектор се понеповолни во однос на вториот квартал. Сепак, расположливите податоци за третото тримесечје се ограничени, поради што тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активноста во овој квартал – се вели во извештајот на НБРМ.

Во него се додава дека пониските остварувања во првата половина од годината создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5 проценти за цела 2017 година.