ДУИ: Таравари и негов роднина градат куќа на простор предвиден за спортски терен


Гостивар, 10 август, 2018 - 13:27 (META) 

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој од една страна симулира акции за рушење на дивоизградени објекти, додека во реалноста го стимулира урбанистичкиот криминал и градбата на бесправни објекти, и тој и негов роднина на место предвидено за спортски терен градат куќа кршејќи ги прописите, обвини ДУИ.

Како што рече Башким Хасани, потпретседател на огранокот на ДУИ во Гостивар на прес-конференција, жители од осмата зона во Гостивар реагирале „за дивоградбата која се гради на простор кој според Генералниот урбанистички план, како и Деталниот урбанистички план (блок 24), се предвидени спортски терени“.

Хасани рече дека има реклама на социјалните мрежи од фирмата изведувач која е во сопственост на близок роднина на Таравари.

– Со непреземањето на законски инспекциски мерки на терен, подразбираме дека Таравари го подржува и охрабрува урбанистичкиот каос. ДУИ ги подржува жителите на Гостивар и ги охрабрува таквите случаеви да ги пријават во надлежните институции, затоа што Таравари не ги извршува законските обврски и свесно ја злоупотребува службената должност за материјални придобивки за себе и за своите блиски роднини – порача Хасани.