Жестоки судири меѓу бунтовниците и владините сили во Алепо


Алепо, 4 мај, 2016 - 12:37 (META) 

Жестоки судири избувнале денеска во сирискиот град Алепо по голема офанзива на бунтовничките групи, јавуваат светските агенции. Офанзивата била поведена од коалицијата на опозициските групи, кои под името Фатах халаб се борат против силите лојални на сирискиот претседател Бараш ал-Асад.

Сириската опсерваторија за човекови права, како што пренесуваат агенциите, соопштила дека денешните судири се најжестоки во изминатата година.

Засега нема официјални информации за загинати, но државните медиуми во Сирија јавиле дека три лица загинале во гранатирањето на делови од градот што се под контрола на владините сили.

Алепо е едно од упориштата на сириските бунтовници, но контролата над градот е поделена. Градот е центар на жестоки судири изминатите две недели, ситуација која директно го загрозува примирјето во Сирија, кое стапи на сила на 27 март годинава.

Државниот секретар на САД, Џон Кери, денеска од Берлин го предупреди Башар ал-Асад дека ќе има реперкусии доколу режимот продолжи со прекршување на новото примирје, за кое разговорите се во тек.

Москва претходно објави дека новото примирје ќе стапи на сила веднаш и со него ќе прекинат судирите во Алепо.

Како што е најавено, состанок околу ситуацијата во Сирија треба да одржи и Советот за безбедност на Обединетите нации.


Партијата на Башар ал Асад победи на парламентарните избори во Сирија


Дамаск, 17 април, 2016 - 16:42 (META) 

Сириската владејачка партија и нејзините сојузници освоија најголем дел од гласовите на парламентарните избори што минатата недела се одржаа во Сирија, соопшти денеска националната изборна комисија.

Победата на партијата на сирискиот претседател Башар ал Асад беше очекувана. Неговата партијата и коалицијата Национално единство освоија 200 од 250 места во парламентот.

Партијата на Асад владее со Сирија половина век, а овие парламентарни избори се втори по ред од почетокот на војната во таа земја од 2011 година.

Обединетите нации соопштија дека нема да ги признаат изборите.

Од почетокот на конфликтите во Сирија, повеќе од 270.000 луѓе загинаа, а неколку милиони ги напуштија домовите.


Асад ги повика ОН да помогнат во обновата на Палмира


Дамаск, 30 март, 2016 - 15:47 (META) 

Сирискиот претседател Башар ал Асад денеска ги повика ОН и останатите меѓународни организации да и помогнат на Сирија во обнова на Палмира, откако државните сили ја потиснаа Исламска држава (ИД) од овој древен град.

Државната агенција САНА јавува дека Асад го упати апелот во порака до генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.

Сирискиот претседател му се заблагодарил на Бан Ки-мун за тоа што го поздравил протерувањето на ИД од локацијата која е на листата на културно наследство на УНЕСКО.

Асад во пораката повторил дека Сирија е спремна да соработува во искрената борба против тероризмот.

– Овој момент е најсоодветен да се забрза колективната војна против тероризмот – нагласи сирискиот претседател.


Русија и САД ќе го наведат Асад да донесе „правилна одлука“


Москва, 25 март, 2016 - 10:03 (META) 

Русија и САД на разговорите во Москва договорија да го искористат своето влијание на страните во сириските судири за да ги уверат во забрзување на напорите за наоѓање политичко решение.

Државниот секретар на САД, Џон Кери, по четиричасовниот состанок со рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека Москва и Вашингтон следните неколку дена ќе се обидат да го наведат сирискиот претседател Башар ел Асад да донесе „правилна одлука“ за целосно прифаќање на мировните разговори.

Разговорите во Женева меѓу претставниците на сириската влада и опозицијата не напредуваат, а Вашингтон верува дека Москва, која близок сојузник на Асад, ќе може да го убеди Дамаск да направи отстапки.

– Русија само ќе каже што ќе направи за да му помогне на Асад да донесе правилна одлука, но денеска се договоривме дека ќе ги забрзаме напорите да го поместиме нанапред политичкиот процес. Верувам дека Русија е целосно ангажирана на овие напори и сите ќе се обидеме да го наведеме Асад во следните денови да донесе правилна одлука за вклучување во политичкиот процес, кој би резултирал со вистинска транзиција – рече Кери на заедничката прес-конференција со шефот на руската дипломатија.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, сепак не рече дека Русија е подготвена да изврши притисок, особено на Асад.

Тој рече дека Русија ќе ги охрабри сите страни да ги прифатат начелата на разговорите во Женева, кои се одвиваат под покровителство на Обединетите нации.

– Можеме да кажеме дека е најважно што во оваа фаза договориме да се зајакнат напорите за воспоставување услови што се потребни за политичкиот процес – рече Лавров.


Асад му потврдил на Путин дека ќе го поддржи примирјето во Сирија


Москва, 24 февруари, 2016 - 13:28 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин и сирискиот претседател Башар ал Асад телефонски разговарале за кризата во Сирија и примената на договорот за прекин на огнот, кој го објавија Русија и САД, соопшти денеска Кремљ.

„Разговарано е за различните аспекти на сириската криза вон светло на примена на соопштението на Русија и САД, како и копретседавачките Меѓународни групи за поддршка на Сирија, за прекин на непријателствата во Сирија од 27 февруари 2016 година“, стои во соопштението.

Асад го опишал предлогот како „важен чекор кон политичко решение“ и „потврди дека сириската власт е спремна да го промовира примирјето“.

Путин и Асад укажале на значењето на бескомпромисната борба против џихадистите на Исламска држава, Фронтот Нусра и останатите терористички организации кои се на „црната листа“ на Советот за безбедност на ОН, се наведува во соопштението, со напомена дека Асад потврдил дека е подготвен да соработува.

Прекинот на огнот во Сирија треба да стапи на сила во сабота, 27 февруари на полноќ, по сириско локално време.


Асад: Не Русите, туку Американците ги гаѓаат цивилите


Дамаск, 22 февруари, 2016 - 18:46 (META) 

Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека САД погодиле цивили во Сирија и дека не постојат докази дека тоа го направиле Русите.

– Тоа, всушност, го направија Американците. Тие убија многу цивили на сeверот од Сирија, а не Русите – нагласи Асад.

Повеќе од 80 земји, пред сè, Турција и Саудиска Арабија, обезбедуваат поддршка на терористите во Сирија, додаде сирискиот претседател.

Тој наведе дека тие земји даваат финансиска и логистичка поддршка на терористичките групи.
Сирискиот лидер таа поддршка од странство ја опиша како неограничена, велејќи дека некои од тие држави ги поддржуваат терористите директно со пари и со опрема, а други дека ги поддржуваат преку различни меѓународни форуми.

Асад ја обвини Саудиска Арабија дека е клучен извор на финансии за милитантите. Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ги спречи другите држави да испраќаат регрути, оружје и логистичка поддршка за терористите.

Сирискиот претседател ја пофали Русија за помошта што ѝ ја дава на Сирија за да се запре петгодишната граѓанска војна.


Асад: Не преговарам со предавници и со терористи


Дамаск, 16 февруари, 2016 - 13:52 (META) 

Сирискиот претседател Башар ал Асад рече дека не може да преговара со група која ја сочинуваат предавници и терористи. Со овие зборови тој го опиша високиот комитет за преговори што го формираше сириската опозиција и кој ја претставува на разговорите во Женева.

Асад рече дека групата е формирана во престолнината на Саудиска Арабија и во неа се претставници на одредени групи кои Сирија и Русија ги сметаат за терористички.

– Ниту една држава не може да прифати да одржува дијалог со терористи и некогаш нема да прифатиме да разговараме со терористи. Делегацијата што е формирана во Саудиска Арабија е сочинета со предавници и со терористи – рече Асад.

Тој претходно изјави дека никој не е способен во рок од една недела да осигури прекин на огинот во Сирија и додаде дека мирот подразбира спречување на напредување на терористичките групи.

Во седиштето на ОН во Женева кон крајот на јануари почнаа први индиректни мировни преговори на завојуваните страни во Сирија, за да се стави крај на петгодишната војна, за време на која убиени се повеќе од 260.000 лица, а раселени се околу 11 милиони лица.


Шефот на делегацијата на Асад ја обвини сириската опозиција за тероризам


Женева, 31 јануари, 2016 - 17:53 (META) 

Шефот на сириската делегација на мировните преговори во Женева, Башар ал Џафари, ја обвини опозицијата дека е поврзана со тероризам и дека за тоа добива поддршка од странски сили.

Меѓутоа, тој истакна дека владата на Асад размислува за хуманитарните потези што ги побара делегацијата на опозицијата.

– Ние не соработуваме со терористи – им рече Ал Џафари на новинарите во Женева. Според неговите зборови, „некои странски сили“ сакаат да извршат политички притисок на сириската влада, користејќи го тероризмот како политичко оружје.

Тој одговори потврдно на прашањето дали владата размислува за преземање чекори како креирање хуманитарен коридор, примирје и ослободување на затворениците, како што побара опозицијата.

Во меѓувреме, по неформалниот состанок со членовите на Високиот комитет за преговори, кој е главна сириска опозициска група, посредникот на ОН за Сирија, Стефан де Мистур, изјави дека е „оптимист“ и дека е решен да истрае во преговорите затоа што ова е историска можност што не треба да се пропушти.

Опозицијата бараше пред да почнат преговорите, да стигне хуманитарна помош во најзагрозените градови, да престане бомбардирањето на цивилите и да бидат ослободени стотина воени затвореници.


Сириската влада подготвена за вклучување во мировните преговори


Дамаск, 24 декември, 2015 - 17:27 (META) 

Сириската влада на претседателот Башар ал-Асад е подготвена да се вклучи во мировните преговори за ставање крај на речиси петгодишниот конфликт во земјата, кои треба да се одржат во Женева, кон крајот на јануари следната година, јавуваат светските медиуми.

Претседателот Башар ал-Асад се надева дека на преговорите ќе биде договорено формирање на влада на национално единство. Министерот за надворешни работи на Сирија, Валид ал-Моалем, денеска изјавил дека се подготвени да учествуваат во преговорите во Женева, но без надворешни влијанија.

„Сириската влада е подготвена да преговара со опозицијата во Женева без мешање на странците. Нашата делегација ќе биде подготвена штом го добиеме пописот на претставниците на опозицијата. Се надеваме дека овој дијалог ќе биде успешен и ќе доведе до формирање влада на национално единство“, изјавил Моалем.


Кери: Асад е магнет за терористи и мора да си оди


Москва, 20 декември, 2015 - 16:52 (META) 

Американскиот државен секретар, Џон Кери, изјави дека САД не бараат промена на режимот во Сирија, но дека Башар ал-Асад мора да замине од позицијата.

Кери во интервју за московските медиуми го нарече Асад „магнет за терористи“ кој не може да остане на позицијата претседател во иднина.

– Овде сум за да разговарам со Путин за Сирија и за нашата потреба со заеднички сили да ја стабилизираме ситуацијата во таа земја, да се обидеме да обезбедиме мир, но најважно, да ја уништиме Исламска држава – рече Кери.

Тој додаде дека многу е важно рускиот народ да разбере дека САД сака ситуацијата во Сирија да се смири, но го повтори ставот на Вашингтон дека Асад мора да замине.

– Ние не бараме промена на режимот, не бараме револиција. Сакаме мир. Русија не може да ја запре војната сè додека Асад е таму и ја напаѓа опозицијата. Тој е магнет за терористи, затоа што тие доаѓаат таму да се борат против Асад. Ако сакаме ИД да запре со ширењето на тероризам, мора да се соочиме со проблемот кој го претставува Асад. Меѓутоа тоа не значи дека сакаме да ги промениме сите аспекти на власта – нагласи американскиот секретар.