!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Масовен протест во Барселона против отцепувањето на Каталонија од Шпанија


Барселона, 8 октомври, 2017 - 17:26 (META) 

Стотици илјади лица денеска излегоа на улиците на Барселона за да протестираат против плановите на регионалната каталонска влада да се отцепи од Шпанија.

Ова е најмасовниот протест против отцепувањето на просперитетниот регион од Шпанија, што ја доведе оваа европска земја на раб на национална криза.

Барселонската полиција соопшти дека на протестот учествувале околу 350.000 луѓе, додека организаторите на протестот, „Каталонското цивилно општество“, велат дека присуствувале околу 930.000 лица.

Присутните на протестот, кој се одржа под мотото „Доста е! Да се вразумиме!“, носеа шпански и каталонски знамиња и транспаренти, на кои беше испишано „Каталонија е Шпанија“ и „Заедно сме посилни“.

– Каталонија и Шпанија се обединети пет векови. Никој и ништо не може да ги раздели – рече писателот нобеловец Марио Варгас Љоса, истакнувајќи дека денешниот протест е доказ дека голем број Каталонци се против независноста и превратот и дека ги поддржуваат Уставот, законите и правната држава.

Минатата недела во Каталонија се одржа референдум за независност, кој Уставниот суд на Шпаија го прогласи за нелегален. Референдумот мина во знакот на полициско насилство и со голем број повредени цивили и полицајци. Европската комисија во понеделникот соопшти дека референдумот за независност на Каталонија од Шпанија е нелегален, особено зашто излезноста била помала од 50 отсто.


Дури 460 луѓе биле повредени од полицијата, тврди каталонската влада


Барселона, 1 октомври, 2017 - 22:07 (META) 

Во акцијата на шпанската полиција во Каталонија да го спречи референдумот за независност на оваа покраина, се користеше и директно физичко насилство и пендреци и гумени куршуми, јавуваат медиумите.

Во пресметката што се случуваше кога на гласачките места полицијата интервенираше за да го одземе гласачкиот материјал, а граѓани се спротивставуваа, се повредени најмалку 460 цивили и 11 полицајци.

Полицијата дејствуваше по наредба на шпанската влада, откако шпанскиот Уставен суд го прогласи референдумот за нелегален.

Откако гласачките места беа затворени во 20 часот по локално време, шпанскиот премиер Маријано Рахој порача дека Каталонците биле заведени да гласаат на нелегален референдум.

Проблемот со Каталонија, богатиот североисточен регион со 7,5 милиони луѓе, ја втурна Шпанија во најголемата политичка криза уште од времето на судирите со баскиската ЕТА.

Шпанија жестоко одговори на обидот да се организира референдум, со полиција што брутално се нафрли на демонстрантите кои сакаа да ги „осигураат“ гласачките места, преку користење пендреци, жива сила и гумени куршуми.

Во училиштето „Пау Кларис“ во Барселона, според снимката од еден гласач, полицијата многу насилно отстранува луѓе од нејзиниот пат, во еден случај влечејќи лице за коса, а во друг случај туркајќи ги низ скалите.


МНР: Нема повредени македонски државјани во инцидентите во Каталонија


Скопје, 1 октомври, 2017 - 16:52 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи (МНР) до попладнево нема информации за повредени граѓани во судирите во Каталонија, каде се одржува референдум за независност, кој шпанската влада го прогласи за нелегален.

Како што соопшти МНР преку својот твитер-профил, досега ниту еден македонски државјанин не побарал помош од македонската амбасада во Шпанија. МНР е во редовен контакт со амбасадата, а сите македонски граѓани на кои им е потребна помош, може да се јават на телефонскиот број +34639255299.

Според неофицијални информации, во Шпанија има околу 1.000 македонски државјани кои престојуваат туристички или работат. Во Шпанија живеат и повеќе илјади бугарски државјани, а со оглед дека одреден број Македонци имаат бугарски пасош, можно е некои од нив при влез во земјата да го употребиле тој пасош.


Во акцијата на полицијата во Каталонија најмалку 38 лица се повредени


Барселона, 1 октомври, 2017 - 12:39 (META) 

Досега се регистрирани 38 повредени лица, најголемиот дел од нив со помали повреди, сооштија здравствените органи во Каталонија, додека во оваа шпанска покраина се случува масовна полициска акција со брутално насилство за да се спречи референдумот за осамостојување на Каталонија од Шпанија.

Каталонскиот водач Карлес Пуџдемон го осуди, како што рече, „неоправдливото насилство“ од шпанската држава.

Гласачкото ливче за референдумот има само едно прашање „Дали сакате Каталонија да стане независна држава, со републиканско уредување?“, под кое има два квадрати за штиклирање на одговорите „Да“ или „Не“.


Полицијата пука со гумени куршуми по граѓаните во Барселона


Барселона, 1 октомври, 2017 - 12:13 (META) 

Крвави судири се случуваат во Барселона помеѓу шпанската полиција и поборниците за независност на покраината Каталонија, откако полицијата изврши неколку брутални упади на избирачки мести и почна да се пресметува со граѓаните на улиците, а почна и да пука со гумени куршуми по луѓето. Според извештаите на светските медиуми, веќе има десетици ранети луѓе.

Демонстранти низ улиците на Барселона извикуваат „Ние сме луѓе на мирот“ и „Не се плашиме“. На голем број места во градот се забележливи амбулантни возила.

По претходните инциденти со полициски интервенции на гласачките места, каде се одржува референдумот за независност на Каталонија, кој шпанската власт го прогласи за нелегален, на улиците на Барселона, вториот најголем град во Шпанија, почнаа да се слушаат и истрели на гумени куршуми и испукување гранати со солзавец. Граѓаните поставуват метални бариери на улиците, а полицијата со комбија со засилени браници напред ги истуркува.

– Полицајците со пендреци ги тепаа луѓето кои седеа на улиците – вели еден учесник на големиот мирен протест во Барселона, кој почна да се омасовува по извештаите за полициските акции на гласачките места.

Но, не била насилна само полицијата. Многу демонстранти фрлале камења и други предмети кон металните бариери и кон полицајците.

Во акцијата се вклучени полицајци од цела Шпанија. На избирачкото место во колеџот „Џауме Балмес“ во Барселона, во судир со полицијата се повредени неколку лица. Полицијата во Каталонија насилно упаднувала на избирачки места и запленила гласачки ливчиња и кутии.
Националната полиција успеа да затвори околу 15 избирачки места и да заплени материјал за гласање.

 

 


Гласањето за независност на Каталонија почна со силна полициска интервенција


Барселона, 1 октомври, 2017 - 11:39 (META) 

Референдумот за независност во Каталонија утрово почна хаотично кога полицијата се обиде да ги затвори гласачките кутии, по наредба од шпанската влада. Полицијата ги спречува граѓаните да се доближат до местата за гласање и одзема материјали подготвени за гласање.

Во Џирона, полицијата насилно влезе во гласачко место каде требаше да гласа лидерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон. Шпанската цивилна гарда влета на гласачкото место неколку минути пред каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон да гласа за референдумот за независност. Откако не можеше да гласа на регуларното гласачко место близу Сент Хулиа де Рамис, Пуџдемон гласаше во Корнела дел Тери, на 110 километри североисточно од Барселона.

Каталонската влада ги покани гласачите да гласаат на кое било избирачко место што е отворено во случај шпанската полиција претходно да го затворила нивното избирачко место. Во заштитата на правото на глас, учествува и цивилното население, кое со трактори и со автомобили ги штити гласачките места од полицијата. Организаторите на референдумот бараат мирен отпор на секоја полициска акција.


Каталонците чекаат во редици за гласањето за независност


Барселона, 1 октомври, 2017 - 10:13 (META) 

Илјадници граѓани на Каталонија од рано утрово чекаат во редици пред изборните места за да гласаат на референдумот за независност на оваа богата шпанска покраина, во чие срце е Барселона, без разлика што шпанската власт го прогласи референдумот незаконски и презеде низа мерки за да го спречи.

Дел од граѓаните утрово блокирале врати на изборни места во случај полицијата да се обиде да го спречи гласањето. Избирачките места требаше се отворат во девет часот по локално време, но сè уште е неизвесно дали гласањето ќе биде одржано.

Шпанската полиција испрати засилување, а во Барселона уште од утрото кон Каталонија се упатени и стотици полициски возила. Изборната комисија за надгледување на гласањето е расформирана, а илјадници полицајци се распоредени да блокираат влез во изборни места.

Каталонската влада еден час пред почетокот на планираниот референдум соопшти  дека тој ќе се одржи и ги повика избирачите да гласаат на кое било изборно место што ќе биде отворено, во случај шпанската полиција претходно да затвори избирачки места.

Шпанските власти претходно запленија гласачки материјал, но локални медиуми јавуваат дека на изборните места има нови гласачки кутии. Каталонскиот весник „Вангардија“ синоќа објави дека шпанската полиција упаднала во телекомуникацискиот и технолошки центар на каталонската влада. Вчера исто така од училиштата каде што требаше да се гласа, шпанската полиција вадеше граѓани и ги заклучуваше училиштата.

Локалните власти  порачуваат дека планираат одржување на референдумот без оглед на сè и оти оние кои ги поддржуваат ги „бранат“ изборните места со различни активности.

Лидерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон, вети дека референдумот за независност на Каталонија, во која живеат 7,5 милиони луѓе, ќе се одржи иако Уставниот суд на Шпанија одлучи дека гласањето е неуставно.


Шпанската полиција ден пред гласањето за независност на Каталонија затвора училишта


Барселона, 30 септември, 2017 - 17:16 (META) 

Националната гарда на Шпанија денеска затвори 1.300 од 2.315 училишта во Каталонија, во кои според плановите треба да се гласа на референдумот за независност на оваа покраина, кој е закажан за утре. Полицијата исто така го држи под контрола и регионалниот центар за телекомуникации на подрачјето на Каталонија.

Како што известуваат шпанските медиуми, полицијата има наредба да ги исчисти сите училишта од активисти за одржување на референдумот и покрај тоа што внатре има и цивили, односно родители кои со своите децаа остана по завршувањето на наставата во петокот за да ги окупираат зградите за да може во нив да се гласа в недела.

Вкупно 163 училишта беа окупирани од семејства, кои се обидуваа на тој начин да го овозможат утрешното гласање. Приврзаниците на референдумот кампуваа во текот на минатата ноќ во голем број училишта. Луѓето со разни активности и денеска „ги бранат“ гласачките места. Јога вежби, прикажување филмови, социјални собири се организирани на некои од избирачките места, на кои се наоѓаат гласачи, со цел да ја спречат полицијата да ги затвори.

Шпанската полиција денеска го заземала телекомуникацискиот и технолошкиот центар на каталонската влада со цел да спречи електронско гласање, тврди радиото RAC1, но засега полицијата и Министерството за внатрешни работи не ги потврдуваат рациите.

Поддршка за шпанската влада пристигна и од Уставниот суд на Шпанија кој веќе го прогласи референдумот за неуставен. Шпанската полиција во изминативе денови конфискуваше милиони гласачки ливчиња и останати потребни материјали. Избирачките списоци не се објавени. Избирачката комисија, што е надлежна за контрола на гласањето, беше распуштена поради закани за казни.

Но каталонските лидери не се откажуваат од идејата. Лидерот на Каталонија, Карлес Лигдемонт порача дека референдумот сигурно ќе биде одржан.

Според шпанската влада и противниците на идејата за независност на Каталонија, регионот веќе има доволно автономија внатре во Шпанија, како што тоа го имаат и Баскија и Галиција.

Во Мадрид, пак, денеска илјадници луѓе со шпански знамиња демонстрираа денесказа единство на Шпанија спроти референдумот за незвисност на Каталонија, кој е распишан и покрај забраната. Демонстрантите се собраа на плоштадот во Мадрид на повик на конзервативната Фондација за заштита на шпанската нација. Со шпански знамиња во рацете тие извикуваа „Каталонија“ е дел од Шпанија.


Терористите од Барселона подготвувале уште поголем напад


Мадрид, 22 август, 2017 - 19:00 (META) 

Еден од уапсените и осомничените за терористичкиот напад во Барселона, признал дека бил планиран „многу поголем напад“, јавуваат француските медиуми, повикувајќи се на судски извори.

Четворица уапсени мажи, за кои се сомнева дека се дел од терористичка ќелија се појавиле пред судот во Мадрид под сомнение дека се вмешани во планирањето или изведувањето на двата напада во Каталонија, во кои загинаа 15 лица, а повеќе од 100 се повредени.

Пред судот се појавија Дрис Укабир, Мухамед Ала, Салх ел Јриб и Мухамед Хули Кемал. Тројца се уапсени на 17 и 18 август во градот Рипол, на северот на Каталонија, додека четвртиот во Алканар, каде во експлозија во куќа која ја користеле џихадистите за изработка на бомби загина мароканскиот имам Абделбаки ес Сати.

Шпанската полиција вчера потврди дека е убиен главниот осомничен за нападот со комби, извршен во четвртокот во Барселона. Станува збор за 22-годишниот Јунес Абујакуб од Мароко.

Останатите осомничени, за кои се верувало дека се дел од 12-члена ќелија, се уапсени, а дел се убиени или загинале во експлозијата која се случила ден пред нападот со комби.
Одговорноста за нападите ја презеде Исламска држава.


Седумгодишното момче кое се водеше за исчезнато во нападот во Барселона починало


Барселона, 20 август, 2017 - 18:07 (META) 

Седумгодишното момче од Австралија, Џулијан Кадмен кое се водеше за исчезнато за време на терористичкиот напад во Барселона, денеска починало во болницата каде што се лекувало, јавуваат светските медиуми.

Дедото на Џулијан, Тони Кадмен од Сиднеј на неговиот фејсбук-профил напиша дека неговиот внук Џулијан исчезнал, а неговата мајка е во болница во тешка, но стабилна состојба.

Каталонската полиција од друга страна соопшти дека момчето никогаш не го третирале за исчезнато, туку дека имале увид во неговата состојба и местото каде се наоѓа.

Во нападот во Барселона на 17 август, кога комби влета на улицата Ла Рамбла, починаа 18 лица, а 100 беа повредени.