Одбиено барањето за изземање на Јанева, седницата во Апелација продолжи


Скопје, 5 септември, 2018 - 11:48 (META) 

Барањето на адвокатите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е одбиено како недозволено, по што не постојат пречки за продолжување на седницата за жалбата на првостепената пресуда за Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.

На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.

Пред судот има полициско обезбедување, а има и граѓани кои протестираат.

За случајот „Тенк“, односно за набавката на лускузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.


Продолжен рокот за приватизација на државно земјиште до 2021 година


Скопје, 5 јуни, 2018 - 10:22 (META) 

Граѓаните повторно ќе можат да поднесуваат барања за приватизација на земјиште во државна сопственост, информираат од Министерството за финансии.

Од таму соопштуваат дека се подготвени измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, со кои се пролонгира рокот за поднесување на барање за приватизација на земјиштето.

„Со измените се даваат дополнителни три години рок, односно можност барањата да се поднесуваат до 31 декември 2021 година. Инаку рокот за поднесување на барања истече на 15 декември 2014 година и од тој датум досега не можеа да се поднесуваат барања за приватизација.Во изминатиот период пристигнаа многу реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот за поднесување барање за приватизација. Станува збор за граѓани кои живееле во странство, но и граѓани кои живеат во земјава, а не успеале да поднесат барање во рокот“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека, бидејќи се продолжува рокот за поднесување барања, се пролонгираат и примените на одредбите за закуп, односно се одложува утврдување на кирија за оние кои нема да го приватизираат земјиштето.

„Освен рокот за барања за приватизација, се пролонгира и рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост. Рокот за ова барање се пролонгира до 31 декември 2022 година.Исто така, се продолжува и рокот за барање за промена на барателот на приватизација на градежно земјиште. На пример, ако едно лице купи објект кое се наоѓа на земјиште кое е во постапка на приватизација, со измените на законот наместо 30 ќе му стојат на располагање 60 дена за поднесување на барање за промена на барател за приватизација. Досегашната примена на законот покажала дека рокот од 30 дена е прекраток, па измените со измените се излегува во пресрет на граѓаните“, се додава во соопштението.


Судот не му дозволи на Тарчуловски да го слуша Столтенберг во Собранието


Скопје, 17 јануари, 2018 - 12:35 (META) 

Кривичниот суд го одби барањето на пратеникот Јохан Тарчуловски да му биде дозволено да го напушти својот дом на четири часа за да може во Собранието да го следи обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денеска и утре ќе претстојува во посета на земјава.

Тарчуловски е еден од 36-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година поради што судот му одреди куќен притвор, кој му е продолжен за нови 30 дена.

По барањето на Тарчуловски, одлучувал судијата на претходна постапка Ненад Савески.

„Постапувајќи по барање на обвинетиот Ј.Т., да добие дозвола од судија на претходна постапка да се оддалечи од местото каде ја издржува мерката куќен притвор, како би можел да присуствува на обраќање во Собранието на Р.М., судијата на претходна постапка м-р Ненад Савески, кој постапува по барањето, го извести лицето дека не му се дозволува да се оддалечи, на одредено време, од местото каде ја издржува изречената мерка – куќен притвор, имајќи ги во предвид одредбите од член 163 став 2 од Законот за кривична постапка, според кои, поднесеното барање на обвинетиот не претставува исклучок од законската одредба“, стои во соопштението на судот.

Инаку, според наведениот член од ЗКП на лице против кое е определен куќен притвор судот може, по исклучок, да му определи да се оддалечи за определено време од станот или од друг простор ако тоа е потребно за лекување, или тоа го бараат посебните околности поради кои може да настапат штетни последици по животот, здравјето или имотот на лицето или на неговите блиски“.

Тарчуловски во барењето, што го достави до судот преку адвокатското друштво Апостолски наведе дека е свесен оти Собранието му го одзело имунитетот за да му биде определен куќен притвор, но додава дека во оваа фаза од постапката сè уште ја извршува функцијата пратеник и дека ќе му биде „особена чест и задоволство“ да го слушне обраќањето на Столтенберг во Собранието бидејќи е „голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и во ЕУ“.


Иванов ќе се обрати во Собранието на 26 декември


Скопје, 18 декември, 2017 - 17:22 (META) 

Претседателот на државата Ѓорге Иванов идниот вторник (26 декември) напладне ќе им се обрати на пратениците во Собранието.

Тоа е редовното годишно обраќање на претседателот на државата пред законодавниот дом, предвидено со Уставот на државата.

„Во согласност со член 85 став 1 од Уставот на Република Македонија би сакал да се обратам пред пратениците на Република Македонија и да ги известам за одредени прашања од мојата надлежност. Ве молам тоа да ми се овозможи на 26 декември 2017 година (вторник), во 12 часот“, стои во барањето од Иванов испратено до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Според членот 85 од Уставот, „претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно. Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност“.


БПЦ прифати да ѝ биде мајка црква на МПЦ


Софија, 27 ноември, 2017 - 13:17 (META) 

Синодот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија го прифати барањето да и биде мајка црква на Македонската православна црква и да ја застапува пред помесните православни цркви.

Синодот на БПЦ на денешното заседание во комплетен состав го разгледа писмото од архиепископот на МПЦ- ОА, г.г. Стефан, испратено на 9 ноември.

„Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската православна црква, поради што се разговараше. Во ситуација кога Македонската православна црква ја признава Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП) за своја мајка црква, БПЦ-БП го смета за своја света должност ангажманот да понуди целосна соработка, посредство и застапување пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за утврдување на канонскиот статус на МПЦ“, пишува во одлуката на Светиот синод на БПЦ за писмото од МПЦ.

Синодот на БПЦ одлучил да формирана архиерејска комисија за преговори со МПЦ и со другите помесни православни цркви за воспоставување на канонски статус на МПЦ, пишува во одлуката.

Претходно, пред почетокот на седницата, бугарскиот патријарх Неофит рече дека треба да се прифати подадената рака од Македонската православна црква.


Саљији: Деновиве ќе биде испратено барањето за екстрадиција на Грујовски и на Бошковски


Скопје, 3 ноември, 2017 - 12:54 (META) 

Министерот за правда, Билен Саљији, денеска потврди дека министерството ја добило од Кривичниот суд документацијата за екстрадиција на поранешните началници во УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски, од Грција во Македонија и дека деновиве официјално ќе биде потпишано и доставено барањето за екстрадиција до грчките власти.

Саљији денеска присуствуваше на презентацијата на извештајот за соработка со француската Национална академија за правосудство.

Кривичниот суд, во средата оваа недела соопшти дека ја комплетирал документацијата за екстрадиција на Грујовски и на Бошковски и ја доставил до Министерството за правда.

Грујовски и Бошковски беа уапсени на 18 октомври на аеродромот во Солун, додека со лажни бугарски пасоши се обидувале да отпатуваат за Будимпешта. Тие во моментов се во екстрадициски притвор во Солун, а на почетокот на декември треба да се појават пред солунскиот суд во врска со лажните бугарски пасоши, постапка која беше двапати одложувана бидејќи судот не успеа да обезбеди преведувач.

Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство, за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Тие три месеци беа во бегство за да го избегнат притворот што им го одреди Апелацискиот суд, а беше потвреден и од Врховниот суд.


ОЈО Скопје бара продолжување на притворот на Игор Југ за насилствата од 27 април


Скопје, 29 септември, 2017 - 11:42 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје вчера побарало од Кривичниот суд да му ја продолжи мерката притвор на Игор Југ, што му беше одредена поради учеството во насилствата во Собранието од 27 април оваа година.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителството, надлежниот обвинител побарал на Југ да му биде одреден притвор по сите три основи, односно поради опасност од бегство, попречување на истрагата и можност за повторување на кривичното дело.

Инаку, на Југ вчера му истече осумдневниот притвор што првично му беше одреден. Како што пишуваат дел од медиумите, тој вчера по барање на обвинителството бил спроведен на распит. Засега нема информации од Кривичниот суд дали е прифатено барањето за притвор на ОЈО Скопје.

„Предлогот е поднесен бидејќи од досега прибавените докази од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје, произлезе дека покрај за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик, постои основано сомневање дека осомничениот презел дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава.
Поради тоа, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка и за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385, став 3 од Кривичниот законик, за што е пропишана казна затвор од една до 10 години“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Инаку, Игор Југ, кој беше во бегство и се бараше со потерница, беше уапсен на 21 септември, во стан во Куманово.


Судот одлучи и на Мијалков да не му го врати пасошот


Скопје, 28 септември, 2017 - 13:40 (META) 

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков кој е обвинет во случајот „Таргет“, останува без пасош, откако судот го одбил како неосновано неговото барање да му биде вратена патната исправа што му беше одземена како мерка за обезбедување на присуство.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на обвинетиот С.М. поднесено преку неговите бранители за укинување на мерките за претпазливост, на нејавна седница, донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано. Мерката на претпазливост, привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница, и мерката – обврска на обвинетиот еднаш неделно да се јавува кај надлежно службено лице во судот остануваат на сила“, соопштија денеска од Кривичниот суд во Скопје.

Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, претходно неделава изјави дека за враќањето на пасошот се повикале на судската практика, односно на одлуката на судот да му биде вратен пасошот на лидерот на СДСМ и актуелен премиер, Зоран Заев, во еден од предметите во кои тој беше обвинет.

Вчера судот соопшти дека е одбиено барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски да му биде вратен пасошот.

Инаку, покрај Мијалков и Груевски уште тројца обвинети во случаите на СЈО барале судот да им ги врати патните исправи што им беа одземени како дел од мерките на претпазливост што им беа одредени.


Сакаме паркови, а не згради, порачаа граѓаните на протестот за чист воздух


Скопје, 21 септември, 2017 - 20:37 (META) 

Со пароли и извици „Сакаме паркови, не згради“ и „Нема воздух, нема мир“, граѓаните на Скопје денеска го одржаа мировниот марш за чист воздух, организиран од Коалицијата О2 и Првата детската амбасада во светот „Меѓаши“, на кои им се придружија уште 18 невладини организации.

Протестот почна пред Владата и продолжи преку булеварите Илинден и 8 Септември каде граѓаните се приклучија здруженијата „Ние сме Карпош 4“ и „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“, кои претстираа против уништувањето на зелените површини во општината, на чие место треба да бидат изградени згради.

Активистите побараа од Владата да почне што побрзо да го решава проблемот со загадениот воздух и ги повторија барањата кои се веќе доставени до Министерството за животна средина.

– Ветувавте дека ќе направите промена. Ве охрабруваме да ја искористите шансата и да покажете сериозен пристап за решавање на проблемот со загадувањето. Заедно ќе ви стоиме на глава и ајде заеднички да го решиме проблемот – порача активистот Лазар Ѓуров.

Активистот Ѓоко Парго рече дека секоја вечер во Карпош мириса на хемикалии и на изгорена пластика.

– Воздухот смрди секоја вечер, мириса на профитот на некои луѓе – рече тој.

Ели Пешева од Коалицијата О2 рече дека овој период, пред локалните избори е исклучително важен, за идните градоначалници да го сфатат проблемот и заедно со централната власта да преземат итни мерки, бидејќи во сите поголеми градови – во Скопје, Тетово, Битола, Струга, Куманово, Кичево, Кавадарци граѓаните директно ги чувствуваат последниците од загадениот воздух.

Таа најави дека предлог-мерките ќе им бидат доставени на сите кандидати за градоначалници, од сите партии.


Антикорупционерите се вратија од одмор, ќе го разгледуваат барањето на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 15 август, 2017 - 10:23 (META) 

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата вчера се вратија од годишен одмор и почнаа со работа, велат за „Мета“ од Антикорупциска.

На нивниот дневен ред би требало да се најде и барањето од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Државната комисија за спречување на корупцијата да даде толкување за примената на членот 8-а од Изборниот законик, кој во време кога се распишани избори, во случајот, локалните избори, забранува постапки за вработување нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и јавни институции. ВМРО-ДПМНЕ побара да стопира расправата во Собранието за разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, се додека Антикорупциска не се изјасни.

Кога ќе има информација во врска со барањето, јавноста веднаш ќе биде известена, велат од Антикорупциска.