!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Тврдокорни“ го прогласија Иванов за „кукавица од претседател“ бидејќи не ги примил


Скопје, 12 октомври, 2017 - 20:21 (META) 

Дваесеттината членови на здружението „Преродба“, Семакедонскиот национален совет „Македониум“ и Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ кои денеска излегоа на протест пред претседателската резиденција, не успеаја да му го предадат барањето на претседателот Ѓорге Иванов за одземање на мандатот на премиерот Зоран Заев.

Претставници на здруженијата пред резиденцијата соопштија дека биле известени од обезбедувањето дека Иванов си заминал.

Гневни поради ова, тие го прогласија Иванов за „кукавица“.

– Овој момент да биде јавно пренесен за да види македонскиот народ каков кукавица од претседател има избрано. Кукавица од претседател кој што не сака да прими претставници на сопствениот народ, не може да има легитимитет – изјави Страшко Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет „Македониум“.

Тој рече дека протестите ќе продолжат и дека повторно ќе се обидат да му ги достават барањата на Иванов.

Членовите на здруженијата денеска одржаа мирен протестен марш, кој почна пред канцеларијата на Делегацијата на Европската Унија и преку булеварот Мајка Тереза (поранешна Водњанска) продолжи до претседателската резиденција на Водно.

Од иницијативата велат дека со одземањето на мандатот на премиерот Зоран Заев „ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок на државата, од сите дејства со кои државата и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација“.


Илјадници демонстранти побараа затворање на Златна зора и апсење на нејзините членови


Атина, 17 септември, 2017 - 12:12 (META) 

Околу 3.000 левичарски активисти и мигранти вчера маршираа низ центарот на Атина во знак на сеќавање на рапертот и активист Павлос Фисас, кој пред четири години беше убиен од симпатизери на неонацистичката партија Златна зора.

Полицијата го спречи обидот на учесниците на маршот да стигнат до седиштето на партијата, поради што дел од демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели врз полицајците, кои одговорија со солзавец. Како што јавуваат грчките медиуми, поради нередите уапсени се петмина демонстранти.

Медиумите објавија дека едно од барањата на учесниците на маршот, кој тргна од централниот плоштад во Атина – Синтагма и продолжи покрај зградата на амбасадата на САД во Грција, е и затворање на седиштето на оваа ултрадесничарска партија и апсење на нејзините членови.

Маршот беше одржан и во знак на сеќавање на Хедер Хејер, левичарската активистка која минатиот месец беше убиена во нередите во Шарлотсвил, во американската сојузна држава Вирџинија.


ИСОС има обврска континуирано да постапува по поднесени барања од сметководители


Скопје, 15 септември, 2017 - 10:43 (META) 

Министерството за финансии реагира на известувањето на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) со кое се утврдува рок до 30 септември, за трговците-поединци и за трговските друштва да поднесат барање со придружна документација за добивање лиценца за работа и за барање упис во регистрите на Институтот.

„Во Законот за вршење сметководствени работи и статутот на Институтот не е утврден рок, ниту е дадена основа за утврдување рок во кој трговците – поединци и трговските друштва треба да ги поднесат барањата до Институтот. Оттука, известуваме дека Институтот има законска обврска во континуитет да прима и да постапува по поднесените барања“, се вели во реакцијата на Министерството за финансии.

Оттаму известуваат дека министерството ќе предложи измени на Законот за вршење сметководствени работи, со кои ќе се утврди нов рок за поднесување барања за упис во регистрите за сметководители и овластени сметководители, за оние лица кои поради одредени причини го пропуштиле рокот за упис во регистрите.

„Во моментов Министерството за финансии, во согласност со законските овластувања утврдени во Законот за вршење сметководствени работи, врши надзор над работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители“, се додава во соопштението.


МЗШВ: Рокот за поднесување барања за субвенции во земјоделството е до 15 септември


Скопје, 29 август, 2017 - 12:24 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува земјоделците дека рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, кој почна на 3 јули, трае до 15 септември.

Земјоделците можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку е-барање, кое е поставено на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Оние земјоделци кои не се во можност сами да си креираат барање, најдоцна до 30 август годинава треба да побараат техничка поддршка од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за да можат да го запазат рокот за аплицирање на 15 септември“, велат од МЗШВ.

За помош околу аплицирањето земјоделците можат да ги користат и услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.


Кој и под кои услови во Македонија може да нареди прислушување на дипломати


Скопје, 23 август, 2017 - 9:34 (META) 

Прислушувањето на странски дипломати, во чии редови без исклучок има и разузнавачи, според Законот за следење на комуникации се врши на барање на министрите за внатрешни работи и за одбрана, а го одобрува судија на Врховен суд.

Во Законот за следење на комуникациите условите и постапката за прислушување е уредена во две глави. Едната се однесува на сторители на кривични дела, а другата (Глава 3) на услови и постапка за следење на комуникациите за заради заштита на интересите на безбедноста и на одбраната на земјата, под која, наверојатно може да се стават евентуалните „законски“ следења на комуникациите на странските претставници.

Во тој случај, според членот 29 од Законот, судот може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување на кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.

„Освен во случаите од ставот 1 на овој член, судот може да нареди следење на комуникациите и кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во вооружен напад против Република Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, кога на друг начин не можат да се обезбедат податоци за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии за да се спречи извршувањето на кривичното дело, вооружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем“, стои во членот 29.

Барањето за донесување наредба за прислушување може да поднесе:

  • Министерот за внатрешни работи
  • Министерот за одбрана

или

  • Лице овластено од нив.

Барањето се доставува до:

  • Државниот јавен обвинител
  • Тој потоа го поднесува до судија на Врховниот суд кој дава наредба за прислушување
  • Судијата може да дозволи следење на комуникациите не подолго од шест месеци.

Сето ова се однесува на домашното законодавство, а однесувањето на дипломатите и на органите во земјата во која службуваат е уредено и со Виенската конвенција која го штити нивното дејствување на „туѓа“ територија.

По повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград, српските власти соопштија дека тоа е направено бидејќи имало докази за „многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија во Македонија“. Српските медиуми објавија дека српските дипломати во Македонија биле следени, прислушувани и застрашувани од македонските служби.

На ваквите тврдења, министерот за надворешни работи, Никола Димитров на прес-конференција изјави дека Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија и дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења.


Лицата со попреченост четврти пат ќе кампуваат пред Собрание


Скопје, 20 јули, 2017 - 13:49 (META) 

Лицата со посебни потреби и нивните семејства од денеска во 22 јули четврти пат ќе ги постават своите шатори во паркот Жена –  борец, спроти Собранието.

Граѓанската иницијатива „Пет до дванаесет“ ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на нивните права.

„Со Вашето присуство на настанот, сите заедно ќе покажеме колку нè има и ќе докажеме дека не отстапуваме од нашите ставови, сè до конечно исполнување на нашите барања“, велат од иницијатавата.

Од „Пет до дванаесет“ ги повикуваат одговорните во Собранието и новата Влада, да ја дадат поддршката за изедначување на правата на лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби.

Лицата со попреченост и минатиот месец со шатори кампуваа во паркот спроти Собранието и се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот за заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост– изјави Царовска, која им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

Граѓанските здруженија бараат отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.


Египет, Саудиска Арабија, УАЕ и Бахреин одлучуваат за судбината на Катар


Каиро, 5 јули, 2017 - 18:57 (META) 

Министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и на Бахреин во Каиро имаат состанок за катарската криза.

На состанокот ќе разговараат за реакцијата на Катар на 13 барања што четирите заливски држави ѝ ги доставија на Доха.

Саудиска Арабија. Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет на 5 јуни објавија дека ги прекинуваат односите со Катар, а потоа на таа земја ѝ поставија листа од 13 барања.

Овие земји ја обвинуваат Доха за поддржување екстремизам и за блиски односи со Иран, обвинувања кои Катар ги негира.

Откако истече рокот од 10 дена, овие земји му го продолжија рокот на Катар за уште 48 часа за да ги исполни нивните барања, по барање на Кувајт кој дејствува како посредник во кризата.

Четирите заливски земји се заканија дека доколку Катар не ја исполни листата со барања, ќе ги зајакнат санкциите.

Катарскиот министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, вчера изјави дека невозможно е да се исполнат барањата на арапските земји и дека листата со барања е нереална и неспроведлива.


Катар ги отфрли барањата на арапските земји, оценувајќи ги како максималистички


Доха, 2 јули, 2017 - 13:29 (META) 

Катар ги отфли барањата на арапските земји, поставени како услов за деблокада на дипломатските односи, оценувајќи ги како максималистички и насочени против суверенитетот на земјата.

Списокот со барања, меѓу кои се и затворање на телевизијата „Ал Џезеира“, прекин на односите со Иран и затворање на турската воена база во Катар, ѝ беше доставен на Доха на 22 јуни, со рок за одговор од 10 дена, кој истекува вечерва.

„Барањата се така напишани за да бидат одбиени“, изјавил синоќа во Рим катарскиот министер за надворешни работи, Мохамед Абдурахман ал-Тани, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

По неговата изјава, во печатените медиуми во Обединетите Арапски Емирати денеска се појавиле написи, со наслови „Катар го избра непознатото“ и „Катар се фрли во прегратките на Иран“.

Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Египет на 5 јуни оваа година ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи ја Доха дека го поддржува тероризмот и дека е премногу блиска со Иран.

Катар ги отфрли ваквите наводи и соопшти дека никој нема право да ѝ диктира на земјата каква надворешна политика ќе води.

„Целиот свет е свесен дека целта на барањата е да се ограничи суверенитетот на Катар“, рекол шефот на катарската дипломатија.

Катар, во конкретниот случај, ја има поддршката на Иран и на Турција, додека од САД стигнуваат контрадикторни пораки. Американскиот претседател Доналд Трамп од Катар побара да прекине со финансирање на екстремистички движења, додека Стејд департментот повика на дијалог за решавање на кризата.

Досега како посредник во кризата дејствуваше Кувајт, а помош понудија и САД, Турција, Франција и Русија.


И Канческа-Милевска и Пешевски останаа без пасоши, засега нема притвори


Скопје, 1 јули, 2017 - 12:57 (META) 

Кривичните совети на Основниот суд Скопје ги одбија како неосновани барањата на Специјалното јавно обвинителство да им биде одредена мерка притвор на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска и на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски.

На Канческа-Милевска и на Пешевски, кои се обвинети во случаите „Тендери“ и „Траекторија“ на СЈО, судот наместо притвор им одредил мерки на претпазливост – одземање на пасошите и обврска секој понеделник, односно вторник да се јавуваат кај надлежно службено лице во судот.

Според одлуките што денеска ги објави судот, прифатени се барањата за одредување мерки на претпалзивост против три лица обвинети во случајот „Тарифа“, на кои им се одземени пасошите и им е наложено секој понеделник да се јавуваат кај службено лице во судот.

Идентични мерки му се одредени и на Н.С., обвинет во случајот „Трезор“, додека барањата за мерки за претпазливост против седум лица, обвинети во случајот „Титаник 2“, судот ги одбил како неосновани.

Како што информираат од Кривичниот суд, прифатени се предлозите на СЈО за определување мерки за претпазливост против Т.Ѓ., Д.Д., М.Т., Д.Г. и В.Т., на кои исто така им се одземени пасошите и треба секој понеделник да се јавуваат во судот.

Судот ги прифатил мерките за претпазливост и за четири лица обвинети во случајот „ТНТ“, додека барањето за притвор против градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, обвинет во истиот случај, е отфрлено како неосновано и, како и на другите четворица, му е одземен пасошот и има обврска секој вторник да се јавува во судот.

Кривичните совети го одбиле и барањето за притвор на обвинетиот Ѓ.П. во случајот „Триста“ и го замениле со мерки на претпализвост, односно привремено одземање на пасошот и обврска секоја среда да се јавува во судот.

Од Основниот суд Скопје 1 соопштија дека СЈО синоќа доставило два нови обвинителни акти поврзани со случаите „Титаник“, „Таргет“ и „Тврдина“ (овие два предмети се споени во едно обвинение).

Обвиненијата, преку електронскиот систем за водење предмети, се распределени кај судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски. Со двете обвиненија се доставени и барања за одредување притвор и мерки за обезбедување на присуство за обвинетите во случаите, а кои кривичните совети денеска ги разгледуваат и ќе одлучуваат по нив.

Инаку, во предметот „Титаник“, обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.  Во „Таргет“ и во „Тврдина“ првообвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, и поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. За сите нив СЈО бара притвор.

Основен суд Скопје 1 синоќа ги соопшти одлуките за пет барања од СЈО, според кои не е прифатено ниту едно од барањата за притвор, а во некои случаи наместо тоа изречени се мерки на претпазливост.


СЈО бара притвор за Груевски, Мијалков, Јанакиески, Јанкулоска, Канческа-Милевска…


Скопје, 29 јуни, 2017 - 13:32 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска со 17-те обвиненија до Кривичниот суд ќе поднесе и барање за одредување притвор за вкупно 18 лица, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, ексминистрите за внатрешни работи, култура и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески.

Според збирниот извештај на СЈО, за Груевски, за поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, за поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, за Јанакиески и за Јанкулоска, се бара притвор како осомничени во случајот „Титаник“, за фалсификување на избори.

Притвор се бара и за две лица во „Титаник 3“, потоа за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фиат Цаноски.

За поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска и за уште дено лице, СЈО бара да им биде ореден притвор како обвинети во случајот „Тендери“.

Притвор се бара и за уредникот на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, обвинет во случајот „Тотал“.

СЈО бара притвор и за поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, како обвинет во случајот „Траекторија“.

СЈО бара да им се одреди притвор на Сашо Мијалков, поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и за уште три лица обвинети во „Таргет“ и во „Тврдина“, случаи кои се однесуваат на незаконското прислушување и за уништувањето на опремата во УБК со која биле следени комуникациите.

Покрај притвори, СЈО бара да им бидат одредени мерки на претпазливост на уште 47 лица.