Скандалозната „Кембриџ аналитика“ прогласи банкрот


Лондон, 3 мај, 2018 - 10:36 (META) 

Британската интернет-аналитичка компанија „Кембриџ аналитика“, којашто се најде во центарот на скандалот поради злоупотребата на личните податоци на над 80 милиони корисници на „Фејсбук“ во политички кампањи, соопшти дека прогласува банкрот.

„Кембриџ аналитика“ има седиште во Велика Британија, а синоќа челниците на компанијата им соопштиле на вработените да ги вратат своите картички и компјутерите, затоа што компанијата престанува со работа.

Првите луѓе на компанијата за британските медиуми изјавиле дека после скандалот кој што изби околу „Фејсбук“, „Кембриџ аналитика“ ги загубила сите големи клиенти, по што компанијата морала да прогласи банкрот.

Портпаролката на компанијата, Кларенс Мичел за „Би-би-си“ изјавила дека таа компанија во последните месеци била на мета на бројни неосновани обвинувања и покрај сите обиди да ги исправи работите. Според Мичел, активностите на „Кембриџ аналитика“ не само што не биле илегални, туку тие биле широко распространети во онлајн огласувањето како и во политичките активности.


Грчката компанија „Маринопулос-Карфур“ пред банкрот


Атина, 29 јуни, 2016 - 13:17 (META) 

Грчкиот бизнис-гигант и синџир маркети „Маринопулос-Карфур“ е на еден чекор пред банкрот.

Компанијата поднесе барање да биде заштитена и консолидирана од нејзините кредитори, кое ќе се разгледува в петок. Доколку барањето биде одбиено, „Маринопулос“ ќе биде принудена да поднесе банкрот, со тоа ставајќи ги во неизвесност судбините на 12.500 вработени.

Компанијата има долг кон банките, снабдувачите, вработените и кон државата од околу 1,3 милијарди евра. Нејзиното пропаѓање се стравува дека ќе предизвика голем крах на пазарот и потенцијални нови пропаѓања на фирми во секторот храна, ако се земе предвид дека компанијата соработува и должи на повеќе од 2.000 снабдувачи.
Еден од најстарите синџири на маркети, кој ги презеде и маркетите од француската компанија „Карфур“ по нејзиното заминување од Грција, веќе една година се бори за опстанок.

Полиците на маркетите со месеци се празни, едвај се наоѓа по некој производ од само еден бренд. Поради неисплатените долгови кон снабдувачите, во маркетите на моменти не можеа да се најдат ни најосновни производи. Надежите на компанијата беа дека договорот за нејзино преземање од синџирот маркети „Склавенитис“ ќе спаси дел од компанијата и од вработените, меѓутоа договорот во последен момент пропадна поради интервенција на банките вклучени во договорот, кои стравуваа дека ова е ризичен потег за „Склавенитис“.

Сериозните проблеми за „Маринопулос“, според проценките во Грција, почнаа поради ограничувањата на капиталот во банките кои беа наметнати во државата минатото лето.

Тогаш беа затворени околу 20 маркети, а компанијата со месеци не можеше да им плаќа на снабдувачите, останувајќи при крајот со празни полици.

Анализите велат дека честите промени на менаџментот од 1999 година наваму, соработката со францускиот синџир маркети, но и големите грешки во трговската политика заедно со проблемите од финансиската криза во Грција довеле до тоа „Маринопулос“ да се најде на раб на банкрот.

Од почетокот на кризата досега, во Грција клуч на врата ставиле околу 200.000 големи, мали и средни претпријатија. Пред само неколку недели банкрот прогласија големиот синџир маркети за бела техника „Илектроники Атинон“ и луксузниот хотел „Ледра“ во Атина.


Грчката влада размислува за зголемување на данокот на додадена вредност


Атина, 14 април, 2016 - 10:18 (META) 

Уште една голема грчка компанија, синџирот продавници за бела техника и за електронски уреди „Илектроники Атинон“, прогласи банкрот. На улица остануваат повеќе од 450 вработени и се затвораат 45 продавници низ цела Грција.

Прогласувањето банкрот го шокираше грчкиот бизнис-сектор, кој живее во грч дека поради финансиската криза, бегалскиот бран, малата заинтересираност од странските инвеститори, на сè поголем број компании им се заканува клуч на врата.

Она што го загрижува дополнително и бизнис-секторот, но и граѓаните е најавата за новата владина мерка за зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 23 на 24 отсто, што ќе донесе нов бран поскапувања и на основните прехранбени производи, но и на други секојдневно потребни нешта, како билетите за јавен превоз.

Доколку мерката добие зелено светло од европските кредитори, грчката влада се надева од неа да внесе 400-500 милиони евра во државната каса за да избегне зголемување на данокот на сметките за струја и за вода.

Она што ќе поскапи доколку се зголеми ДДВ на 24 отсто се прехранбени производи, како месо и месни производи, мармалади, чоколади, бисквити, шпагети, спакуваниот леб, готвени јадења, сокови, угостителските услуги, билетите за јавен превоз, авионските и билетите за траектите, како и такси-услугите, новите автомобили, горивата, алхохолот, фиксната и мобилната телефонија.

Грчките трговци предупредуваат дека овој чекор може дополнително да ја нокаутира грчката трговија, која и така се соочува со проблеми поради намалената куповна моќ на грчките граѓани.

Поради најавата за оваа мерка, денеска во Атина штрајкуваат и протестираат таксистите, со барање владата да не се одлучи за нови даночни зголемувања кои ќе нанесат нов удар на трговијата и на бизнисот.


Во САД се зголемува бројот на банкротирани нафтени компании


Вашингтон, 25 декември, 2015 - 14:01 (META) 

Бројот на банкроти меѓу нафтените и гасните компании во САД во четвртиот квартал оваа година се зголеми на највисоко квартално ниво, покажуваат податоците на Управата на федерални резерви од Далас, јавува њујоршката агенција „Блумберг“.

Најмлаку девет американски нафтени и гасни компании кои натрупале долг од повеќе од 2 милијарди долари, поднеле барање за банкрот во четвртиот квартал, се наведува во извештајот на ФЕД од Далас.

– Ниските цени на нафтата значително ги загрозија американските производители на нафта и на гас на финансиски план – тврдат аналитичарите.

Ако случувањата во овие индустрии продолжат со ова темпо, бројот на банкротираните компании ќе биде поголем во 2016 година.

Од октомври 2014 година, во американскиот сектор на нафта и на гас изгубени се 70.000 работни места, наведуваат аналитичарите.


Грција се подготвува за проверка на грчките депозити во странство


Атина, 26 ноември, 2015 - 10:09 (META) 

Грција од идната недела планира да почне со контрола на сметките во странство на грчки државјани. Според податоците доставени до грчкото Министерство за финансии од германските власти, 10.588 Грци пренеле околу 3,5 милијарди евра.

Поконкретно, во 2006 година на странски сметки од грчки државјани биле депонирани 3,9 милијарди швајцарски франци и 2,9 милијарди франци во 2008 година.

Борбата со даночното затајување и за избегнување на финансиските долгови на најбогатите Грци е приоритет на грчката влада и, како што пишува грчкиот весник „Прото тема“, министерството планира да формира посебен тим кој ќе ги проверува сметките и ќе изврши контрола кој и што точно изнел од Грција без да пријави или за да ги избегне даночните трошоци.

Оцените се дека депозитите во странство се зголемиле по 2009 година поради страв од грчки банкрот.


Белизе меѓу седумте земји кои се на раб на банкрот


Вашингтон, 6 август, 2015 - 12:09 (META) 

Американскиот портал „24/7 Вол стрит“ објави листа на седум земји кои се на раб на банкротирање, откако Порто Рико објави дека не е во состојба да исплати рата од долгот кон кредиторите, која изнесува 58 милиони долари.

На дното на листата се најде Белорусија, а пред неа се Аргентина и Јамајка. Четвртото место ѝ припадна на централно-американската држава Белизе, која е една од најмалите економии во светот со БДП од 1,8 милијарди долари. Државата е завлезена во долгови поради големите заеми за реализација на инфраструктура. Земјата, која има 360.000 жители, во моментов има долг од 540 милиони долари.

Првите три места на листата им припаѓаат на Венецуела, чии приходи од извоз се намалени поради падот на цената на нафтата, Грција и Украина, чија економија е погодена од борбите на истокот од земјата и од руската анексија на Крим.


Грците поделени меѓу стравот и гордоста


Атина, 3 јули, 2015 - 10:31 (META) 

Два дена пред отворање на гласачките места во Грција, сè уште е неизвесно дали ќе надвладее поддршката за грчката влада или, пак, поддршката за мерките на кредиторите за да се осигури останувањето на Грција во еврозоната.

Анкетата на весникот „Етнос“ покажува мала предност на гласачите што ќе гласаат за мерките на кредиторите пред оние кои се против нив.

Според анкетата, 44,8 отсто од анекетираните се изјасниле дека ќе гласаат потврдно на референдумот, 43,4 отсто изјавиле дека ќе гласаат против мерките, а неопределени биле 11,8 отсто. Мала несигурна разлика од 1,4 отсто која не се знае во која насока ќе оди на денот на референдумот.

Она што е јасно е дека грчкиот народ сака да остане во еврозоната и да го задржи еврото, бидејќи 74 отсто од испитаниците изјавиле дека се за задржување на евровалутата.

Оцените во Грција се дека граѓаните почнуваат полека да се наклонуваат кон гласање за мерките, во страв од нови неизвесности и паника од сè она што им се случува, односно затворени банки, лимитирани трансакции и стравично купување на големо од маркетите на основните прехранбени производи.

Најголемата грижа на граѓаните во моментов е дали и под кои услови ќе отворат банките идната недела. Голем дел од медиумите и од аналитичарите предупредуваат дека без договор, нема никакви услови да се отворат банките – факт кој премиерот Алексис Ципрас го демантира во обид да ги смири граѓаните и да ги увери дека нивните заштеди се на сигурно.

– Банките ќе отворат наскоро, ќе отворат кога ќе има договор. Народот нека не се грижи, во рок од 48 часа по референдумот, ќе имаме договор – истакна Ципрас во интервју за грчката телевизија „Антена“.

На иста бранова должина е и министерот за финансии, Јанис Варуфакис, кој истакна дека банките ќе отворат и ќе има сигурен договор, бидејќи Европа не би дозволила да оди против своите интереси и да дозволи Грција да ја напушти еврозоната.

Меѓутоа, грчкиот весник „Катимерини“ пренесува оцени на финансиски аналитичари кои се сомневаат колку е веродостоен оптмизмот на Ципрас и на Варуфакис во моментот кога европските институции веќе имаат изгубено доверба во грчкиот преговарачки тим.

Она на кое сè уште не постои одговор е што ќе направи Ципрас во случај граѓаните да застанат на страна на договорот. Грчкиот премиер се нема изјаснето директно дали ќе оди на избори или не, забележувајќи само дека каков и да биде народниот одговор, ќе го испочитува и ќе ги следи сите предвидени законски и уставни процедури.


Истече времето, Грција не ја плати ратата, неизвесноста сè поголема


Атина, 1 јули, 2015 - 0:25 (META) 

Истече времето за Грција и во Вашингтон и во Брисел. Грчката влада не ја исплати ратата од 1,6 милијарда евра од долгот кон ММФ, европската финансиска помош не е обновена и државата останува без финансиски средства, со огромен долг кон меѓународните институции. Со ова државата е во „дифолт“, односно нема да може да врши сервисирање на долговите ниту, пак, да смета на финансирање од меѓународните кредитори.

Сите погледи сега се завртени кон шефицата на ММФ, Кристин Лагард, и дали таа ќе прогласи банкрот или ќе ѝ даде една последна шанса и продолжен рок од еден месец на Грција? Кусо пред полноќ „Фитч“ го намали кредитниот рејтинг на Грција од CC на CCC, степен на висико ризична, кој се прогласува пред состојбата на банкрот. Со неисплаќање на ратата, следниот чекор е да се свика одборот на ММФ, кој ќе биде известен за грчкото неисплаќање на долгот и ќе одлучи дали веднаш да се прогласи банкрот или да се даде кусо одложување за да се исплати долгот.

Грчката влада по вчерашната остра критика до ЕУ, денеска со сите сили се обидуваше во пет до дванаесет да постигне договор со европските институции, преку нов предлог за двогодишен договор и барање за нова финансиска помош во висина од 29 милијарди евра со барање за реструктуирање на долгот. Барањето не беше прифатено од Еврогрупата вечерва, со што Грција ја испушти шансата да го избегне моментот на соочување со банкрот во нејзината модерна историја. Според информациите во медиумите, грчката влада и министерот за финансии, Јанис Варуфакис, до последен момент се бореле за договор заснован на претходните предлози на европските кредитори, обврзувајќи се да прифатат и строги услови само да се дојде до договор пред да дојде полноќ, односно рокот кога на ММФ требаше да ѝ се плати новата рата од долгот.

Се шпекулира дека европските кредитори не сакале воопшто да разговараат за нов пакет за помош пред резултатите од референдумот, како и дека од грчката влада барале да се откаже од референдум. Според грчките медиуми, Варуфакис нудел „трампа“, односно откажување од референдумот во замена за намалување на грчкиот долг. Грција се очекува да поднесе нов, подетален предлог рано изутрина, кога ќе продолжи состанокот на министрите за финансии на ЕУ за грчката криза.

Со завршување на пакетот помош, државата изгуби 12,7 милијарди евра кои беа договорени за Грција и за грчките банки преку европскиот систем за финансиска помош.


Еврозоната го разгледува сценариото за грчки банкрот


Брисел, 12 јуни, 2015 - 17:55 (META) 

Високи официјални лица на еврозоната го разгледуваат најлошото сценарио за Грција, вклучувајќи го и нејзиниот евентуален банкрот, во случај разговорите меѓу Атина и кредиторите да не бидат успешни.

– Банкротот во разговорите е споменат како едно од можните сценарија, ако тргне на лошо – изјавил анонимен извор од Брисел за новинската агенција „Франс прес“.

Министрите за финансии на еврозоната ќе се состанат следната недела во Луксембург и тој состанок се смета за последна шанса за владата во Атина да постигне договор со кредиторите по петмесечните неуспешни преговори.

Доколку во тоа не успее, презадолжената Грција ќе се најде пред банкрот и пред катастрофален излез од еврозоната, при што ќе ја потресе глобалната економија, наведува „Франс прес“.


Грчкиот народ растргнат меѓу оптимизмот за договор и најавите за банкрот


Атина, 28 мај, 2015 - 11:09 (META) 

Во Грција владее вистински хаос од измешани изјави, најави, оптимизам и песимизам за тоа дали државата е поблиску кон договор или кон работ на банкрот. Грчката влада, полна амбициозен оптимизам, најавува дека до следната недела ќе биде постигнат договор со ЕУ, кој ќе ја осигури финансиската стабилност на државата. Меѓународните кредитори излегуваат со сосема спротивни изјави, истакнувајќи дека никаков договор не е на повидок и дека Грција има уште долг пат и многу работа што треба да ја заврши за да се постигне договор.

Шефицата на ММФ, Кристин Лагард, во изјава за германска телевизија, посочи дека нема никаков суштински резултат од досегашните преговори меѓу Грција и меѓународните кредитори, но изрази увереност дека Атина ќе може да ги исполни своите обврски и на почетокот на јуни да ја плати ратата од долгот кон ММФ. Целата грчка влада, пак, излегува со поинакви ставови, тврдејќи дека ако не викендов, тогаш од понеделник дефинитивно ќе биде постигнат и потпишан договорот за финансиска помош на Грција. Владата во Атина тврди дека веќе го гледа светлото на крајот на тунелот и верува дека на 3 јуни ќе се стави крај на преговорите со меѓународните кредитори.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера уверено изјави дека Грција е на чекор од договор, кој ќе биде позитивен за грчката економија. Тој истакна дека иако има притисоци и различни информации кои може да ја извртуваат реалната слика, грчката влада без никакви проблеми ќе ги исплати новите плати и пензии и во договорите нема да дозволи да бидат погазени црвените линии што гарантираат подобра финансиска иднина за народот.

– Сакам да го уверам народот дека преговорите ги осигуруваат условите на безбедност и на стабилност на грчката економија. Денеска и утре ќе се исплаќаат најнормално платите и пензиите, иако четири месеци извесни страни постојано креираат лажни информации и се закануваат дека во секој момент ќе се распадне грчката економија. Оптимист сум дека наскоро ќе имаме позитивни резултати – изјави Ципрас по состанокот во Министерството за финансии. Грчкиот премиер беше дециден дека новиот договор конечно ќе потврди дека сите прогнози и предвидувања за грчка катастрофа се само голема лага.

Од грчката влада најавуваат дека договорот нема да има рецесивни мерки, ниту, пак, услов за кратење на платите и на пензиите, а ќе опфати и зголемување на најниската плата и тоа во две фази.

Независно од изјавите на Ципрас и уверувањето од сите грчки функционери, поголемиот број грчки медиуми и понатаму јавуваат дека Грција е растргната меѓу оптимизмот и најавите за банкрот, истакнувајќи дека од ниту една страна во Брисел, Вашингтон и во Германија не се потврдува грчкиот оптимизам, а напротив, се праќаат силни пораки дека грчката влада мора да покаже расположение за компромис и добро да ги разгледа европските барања за што поитно да се постигне напредок.

Оцените во Грција се дека Ципрас игра на картата на политичко решение и тактизира во таа насока, но нејасно е колку таа стратегија ќе успее во моментите кога германскиот министер Волфганг Шојбле, Лагард и другите тврдат дека грчката влада мора да направи отстапки за да се даде зелено светло за договор.