!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

НБРМ: Нефункционалните кредити на банкарскиот систем се зголемуваат


Скопје, 26 октомври, 2017 - 15:00 (META) 

Квалитетот на кредитното портфолио забележа благо влошување во овој квартал, се вели во извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2017 годинa на Народна банка.

„Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се зголемија за 8,1 отсто. Зголемувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити беше во целост концентрирано кај корпоративното кредитно портфолио, каде што ова учество се зглеми до 10,6 проценти. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата се задржа на исто ниво, од 2,5 проценти. Не треба да се занемари континуираниот пораст на нефункционалните кредити во овој сектор во последните пет квартали“, се вели во извештајот.

Добивката на банкарскиот систем во тековната година го забавува порастот во споредба со истиот период од 2016 година, а ликвидноста на банкарскиот систем остана на задоволително ниво.


Се враќа довербата во денарот


Скопје, 26 октомври, 2017 - 13:56 (META) 

За разлика од надолните движења на банкарските активности во првиот квартал од 2017 година, во вториот квартал од годината нивните промени се поповолни, се вели во извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2017 годинa на Народна банка.

Во него се додава дека депозитите, иако минимално, се зголемиле на квартална основа.

„Порастот на депозитите од нефинансиските субјекти, пред сè, се должи на солидниот пораст од 7,9 проценти на денарските депозити од домаќинствата, за разлика од корпоративните депозити, кои се намалија. Побрзиот пораст на денарските во споредба со девизните депозити на домаќинствата е сигнал за постепено враќање на довербата и обновување на процесот на денаризација на депозитите, кој речиси запре во вториот квартал од претходната година под влијание на домашните политички случувања во тој период“, се вели во извештајот.

Во вториот квартал од годината, банките искористиле еден дел од ликвидните средства за позасилена кредитна активност. Така, кредитите на нефинансиските субјекти бележат пораст од 2,2 проценти, најмногу како резултат на долгорочните кредити одобрени на домаќинства.


Каталонците во знак на протест повлекуваат пари од банките


Барселона, 20 октомври, 2017 - 12:18 (META) 

Клиентите во банките во Каталонија ги подигаат парите од финансиските институции кои ги пренеле своите седишта на други локации во Шпанија во екот на кризата по референдумот за независност.

Движењето за независност на Каталонија синоќа ги повика своите приврзаници да ги повлечат своите пари од банките и на тој начин да извршат притисок врз тие институции.

Десетици лица чекаат во редови пред филијалите на банката „Каиша“ во центарот на Барселона.

Повеќето подигнуваат по 150 или 160 евра од банкомат. Износот е симболичен, односно се поврзува со членот 155 од Уставот, според кој шпанската влада може да ја суспендира автономијата на Каталонија.

Мадрид вчера соопшти дека ќе преземе чекори за одземање на автономијата на Каталонија, затоа што каталонскиот лидер Карлес Пучдемон се закани дека ќе прогласи независност ако централната власт продолжи со „репресијата“.

Двете најголеми каталонски банки, „Каиша“ и „Сабадели“ го преселија седиштата надвор од Каталонија.


Град Скопје ќе доставува решенија за присилна наплата на данок на имот


Скопје, 17 јули, 2017 - 14:19 (META) 

Град Скопје во претстојниот период ќе доставува решенија за присилна наплата на долг за данок на имот и за фирмарина, од физички и од правни лица кои во согласност со законот во предвидените рокови ја немаат намерено својата обврска за 2016 година.

„Се известуваат сите даночни обврзници, физички и правни лица, кои во наредниот период на своја адреса ќе добијат решение за присилна наплата за 2016 година, веднаш да пристапат кон плаќањето на наведениот долг во согласност со решенијата за присилна наплата, со што би се избегнала непопуларната мерка за блокада на сметки во деловните банки“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Доколку даночните обврзници се опоменати за неплатен долг, а во меѓувреме го платиле, треба да се обратат во Град Скопје, барака 16, со доставување доказ за уплата на долгот за 2016 година.


НБРМ: Инфлацијата се засилува, слаб пораст на економијата


Скопје, 12 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Констатирано е одредено засилување на инфлацијата во јуни, ликвидноста на банките благо се зголемила, а економијата забележала слаб пораст. Износот на благајничките записи, пак, ќе се намали.

Тоа се главните сознанија од комисијата за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Во поглед на редовното преиспитување на ликвидноста на банките,  по зголемувањето на бројот на благајничките записи од почетокот на март до првата декада на јуни, е донесена одлука на денешната аукција на вакви записи да се понудат помалку записи од достасаниот износ.

По стагнацијата во првото тримесечје од годинава, констатирала комисијата, високофреквентните показатели покажале засилување на економијата во месеците од април до јуни, што се должи на порастот на индустриското производство и на порастот кај трговијата. Сепак, овој заклучок се темели на нецелосни податоци, се предупредува во соопштението од НБРМ.

Констатирано е и дека во јуни инфлацијата умерено се засилила во однос на предвидената стапка од 1,5 отсто, при што во првата половина од годинава цените просечно се зголемиле за 0,9 отсто. Цените на храната најмалку учествувале во тој пораст, односно тие или минимално се зголемиле или, пак, останале на исто ниво или се намалиле.

Значителна промена е забележана и кај вкупните депозити на месечна основа во јуни, наспроти нивното намалување во првите пет месеци од годинава.

Кредитната активност на банките во претходниот месец бележи пораст.


Хакери ги нападнаа владата и јавните институции во Украина


Киев, 27 јуни, 2017 - 18:19 (META) 

Украинската влада и неколку јавни институции, вклучувајќи банки, компании, поштенски системи и меѓународни аеродроми, се погодени од серија хакерски напади.

Заменик-премиерот Павло Розенко на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека сите компјутери во министерствата се заклучени и на нив е испишана порака на англиски јазик, во која се предупредуваат корисниците дека сите податоци ќе бидат избришани ако ги исклучат машините.

Украинската централна банка претходно јави дека неколку банки исто така се погодени од нападот кој е предизвикан од „непознат вирус“.

Државната енергетска компанија јави дека била нападната, но оти тоа нема да влијае на снабдувањето со електрична енергија.


НБРМ: Штедењето во април намалено во однос на март поради неизвесноста


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:12 (META) 

Штедењето во април е намалено во однос на минатиот месец, информира Народна банка. Оттаму велат дека намалување на депозитите има и кај населението и кај претпријатијата.

„Во услови на зголемена неизвесност, поумерено е намалувањето кај депозитите на населението“, додаваат од Народна банка.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци за април покажуваат пораст на кредитите на месечна основа, повеќе на населението отколку на компаниите.

„Во април, непосредно по неколкумесечниот пораст, ликвидноста на банките умерено се намали, главно поради сезонски повисоката побарувачка за денарска готовина на населението, која е карактеристична пред велигденските и првомајските празници. Повисоката понуда на девизи на менувачкиот пазар главно беше резултат на сезонски ефект, односно за време на велигденските празници“, се вели во извештајот на Народна банка.


Политичката криза лани ја намалила кредитната активност на банките


Скопје, 27 април, 2017 - 14:17 (META) 

Кредитите на банките ја завршија 2016 година со пораст од само 1,2 отсто, што е значително послабо остварување во споредба со претходната година, кога тој изнесуваше 9,7 проценти, велат од Народна банка во нивниот годишен извештај за 2016 година.

„Сепак, движењата на кредитите во голема мера беа условени од измената во постојната регулатива од страна на Народната банка, според која, најдоцна до 30 јуни 2016 година банките имаа обврска да ги „исчистат“ кредитните портфолија од нефункционални кредити“, се вели во извештајот на Народна банка.

Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се спушти до нивото од 6,6 проценти на 31 декември 2016 година.

Лани банките имале за една третина повисока добивка во работењето споредено со 2015 година.


ЕЦБ нема да ја зголеми каматната стапка


Брисел, 7 април, 2017 - 14:09 (META) 

Каматните стапки нема да се зголемат сè додека не заврши програмата за откуп на обврзници, која ќе продолжи до декември, изјави претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги.

Тој додаде дека откупот на обврзници ќе биде со темпо како и досега, во износ од 60 милијарди евра месечно.

Според првиот човек на ЕЦБ, закрепнувањето на економијата во еврозоната е резултат на зголемувањето на потрошувачката, вработеноста и на платите, како и на намалувањето на задолженоста.

Европската централна банка (ЕЦБ) лани ја намали својата референтна каматна стапка на нула од 0,05 отсто, во рамките на пакетот мерки чијашто цел беше да ја поттикне ослабената економија на еврозоната.


Банките имаат вишок пари за кредити кои малку се бараат поради кризата, велат од НБРМ


Скопје, 15 март, 2017 - 14:56 (META) 

Ликвидноста во банкарскиот систем се зголемува петти месец по ред, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето-откуп на девизи, велат од Народна банка.

Во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи.

– Порастот на потенцијалната ликвидност на банките, која тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. Во такви околности, како и поради тоа што банките немаат можности да инвестираат во други домашни долгорочни финансиски инструменти, на седницата беше заклучено да се повлече дел од овие средства, кои веќе добиваат карактер на структурен вишок на ликвидност во банкарскиот систем – велат од НБРМ.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на порастот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на населението.

Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, во согласност со октомвриската проекција.