!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Народна банка ја намали основната каматна стапка од 3,75 на 3,5 проценти


Скопје, 11 јануари, 2017 - 14:43 (META) 

Народна банка ја намали каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, од 3,75 на 3,5 проценти.

Ова било одлучено на 10 јануари кога се одржала редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на која биле разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето во декември, ова е второ дополнително намалување за 0,25 процентни поени.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на порастот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај минатата година, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Народна банка и во текот на декември минатата година интервенира со откуп на девизи, шест месеци последователно, со релативно голем износ.

Според податоците од декември, има зголемување на штедењето на населението во банкарскиот систем.


Вредноста на акциите на Лондонската берза се зголеми, фунтата падна


Лондон, 6 јули, 2016 - 12:48 (META) 

Најновите мерки на Централната банка на Англија денеска ја подигнаа вредноста на акциите на Лондонската берза, но фунтата повторно падна.

Индексите на европските берзи во Европа, САД и во Азија паднаа бидејќи трговците продолжија да ја следат кризата во италијанскиот банкарски сектор.

Имено, Европската централна банка предупреди дека банката „Монте деи Паски де Сијена“, која е трета најголема италијанска банка, има исклучително високо ниво на „лош“ долг.

На валутните берзи, фунтата се најде под притисок, повторно паѓајќи на 31-годишен минимум од 1,3055 долари.

 


Сè поголем надворешниот бруто-долг


Скопје, 23 ноември, 2015 - 11:06 (META) 

На крајот од второто тримесечје од 2015 година, надворешниот бруто-долг изнесува 6.342.200.000 евра, или 70,8 проценти од БДП, што претставува квартален пораст од 1,1 процентен поен од БДП.

– Кварталниот пораст на надворешниот бруто-долг произлегува од повисокиот долг на приватниот, наспроти намалениот долг на јавниот сектор. Повисокиот приватен долг, пред сѐ, е последица на повисоките обврски кон странските директни инвеститори, а потоа и на повисоките обврски врз основа на трговски кредити и аванси и краткорочни заеми на небанкарскиот сектор. Во однос на јавниот долг, дојде до намалување на долгорочните обврски врз основа на должнички хартии од вредност и на заеми на централната влада – се вели во извештајот на Народна банка.

Годишниот пораст на бруто-долгот се должи на повисокиот јавен долг за 3,8 процентни поени од домашниот бруто-производ, при истовремен годишен пад на долгот на приватниот сектор од 0,4 процентни поени од домашниот бруто-производ, се појаснува во кварталниот извештај.

– Притоа, високиот пораст на јавниот долг се должи на зголеменото надворешно задолжување на централната влада во вид на долгорочни должнички хартии од вредност, како и поголемото задолжување на јавните претпријатија преку долгорочни заеми, за поддршка на патната инфраструктура. Во однос на долгот на приватниот сектор, намалување е забележано кај небанкарскиот и кај банкарскиот сектор, што е делумно ублажено од повисоките обврски кон странските директни инвеститори – стои во извештајот на Народна банкa.

Показателите за надворешната задолженост на домашната економија и понатаму укажуваат дека надворешниот бруто-долг се наоѓа во безбедната зона.

Единствен показател што ја класифицира економијата во групата на високо задолжени земји претставува учеството на надворешниот бруто-долг во БДП.