Се урна авион со 67 патници во Непал


Катманду, 12 март, 2018 - 11:34 (META) 

Авион на бангладешката компанија „УС-Бангла“ денеска по слетувањето на меѓународниот аеродром во Катманду, Непал, се излизга од пистата, а потоа се запали.

Во авионот биле 67 патници и четири членови на екипажот. Бројката на загинати сè уште не е утврдена.

Познато е само дека досега се спасени 17 лица. Пожарот се гасне, а сите полетувања и слетувања од аеродромот се откажани.


ОН: 87.000 лица од Мјанмар побегнaле во Бангладеш


Њујорк, 4 септември, 2017 - 10:43 (META) 

Од 25 август, кога почнаа судирите во Мјанмар, во Бангладеш стигнале вкупно 87.000 бегалци, претежно припадници на муслиманскиот народ Рохинџа, соопштија Обединетите нации.

Светските агенции наведуваат дека преполни се камповите во Бангладеш со Рохинџа-муслимани.

Во текот на претходната недела, повеќе од 2.600 куќи се запалени на северозападот на Мјанмар, во областа каде живеат Рохинџа-муслимани, соопшти претставник на УНХЦР.

Властите на Мјанмар за палењето на куќите ја обвинија исламистичката група Војска за спас на Аракан Рохинџа, истата група која ја презеде одговорноста за координираните напади на безбедносните пунктови, што ги предизвика минатонеделните судири.

Сепак, Рохинџа-муслиманите кои пребегнале во Бангладеш велат дека кампањата на палење куќи и убиствата ги врши војската на Мјанмар, која се обидува да ги протера од таа област.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно предупреди за можна хуманитарна катастрофа на западот на Мјанмар и инсистира безбедносните сили на земјата да запрат со насилството, откако 400 лица, претежно Рохинџа-муслимани загинаа во судирите.


Експлозија во фабрика во Бангладеш – осум загинати и 50 повредени


Дака, 4 јули, 2017 - 17:51 (META) 

Најмалку осум лица загинаа, а 50 се повредени откако котел експлодира во фабрика за текстил во Бангладеш, соопштија локалните власти.

Меѓу повредените има и луѓе кои во моментот на несреќата минувале покрај фабриката, соопшти директорот на противпожарната служба, Мохамед Ахтерузман, додавајќи дека експлозијата била толку силна што уништила делови од фабриката.

Според директорот на фабриката, Месебе Фаруки, главната зграда била затворена во моментот на експлозијата, но група работници го надгледувала сервисирањето на котелот.

Текстилната индустрија во Бангладеш е позната по лошите услови за работа, односно во халите нема ниту вентилација ниту клима-уреди.


Евакуирани 350.000 луѓе во Бангладеш поради циклонот Мора


Дака, 30 мај, 2017 - 13:39 (META) 

Најмалку 350.000 лица се евакуирани во Бангладеш поради циклонот Мора, кој придружен од пороен дожд и од силен ветер го погоди југоисточниот дел на земјата.

Властите најавиле можна евакуација на уште 700.000 лица. Засега нема податоци за евентуални жртви, но циклонот значително ги оштетил бегалските капови на народот Рохинги.

Се очекува циклонот, кој предизвика свлечишта во Шри Ланка и усмрти 180 лица, да ги погоди Индија и Мјанмар.


Бангладеш го призна Косово


Приштина, 27 февруари, 2017 - 15:17 (META) 

Министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, преку „Фејсбук“ соопшти дека Бангладеш ја признал независноста на Косово.

„Со години се вршеа напори за ова признавање. Сега имаме 114 признанија“, напиша Хоџај.

Веста за признавањето на Косово ја потврди и Министерството за надворешни работи на Багладеш.


Бројот на загинати во експлозијата во Бангладеш се зголеми на 31 лице


Дака, 12 септември, 2016 - 11:26 (META) 

Бројот на загинати во експлозијата што се случи во саботата во фабрика за амбалажи во Бангладеш се зголеми на 31 лице, а неколку десетици се повредени, соопштија локалните власти.

Големата експлозија се случила во саботата, во фабриката „Тампеко фоилс“ во индустриска зона во градот Тонги, а пожарот се проширил поради запаливите хемикалии.

Осум работници се водат како исчезнати, а потрагата за телата продолжува. Локалните медиуми јавуваат дека повеќе од 50 лица се повредени во експлозијата.


Голем пожар во фабрика во Бангладеш, најмалку 10 загинати


Дака, 10 септември, 2016 - 10:39 (META) 

Најмалку 10 лица ги загубиле животите во голем пожар кој избувнал во фабрика за амбалажа во Бангладеш, јавуваат светските медиуми.

Според полицијата, пожарот избувнал по експлозија на бојлер. Во моментот на експлозијата во фабриката во градот Танги имало околу 100 работници.

Најмалку 30 лица биле повредени во несреќата, бидејќи пожарот многу бргу се проширил на целата зграда.

Пожарот во фабриката, како што јавуваат медиумите, и понатаму е активен, а според службите за вонредни состојби, бројот на загинати најверојатно ќе биде поголем.

Пожарите во фабрики во Бангладеш се честа појава поради, како што наведува „Би-би-си“, лошите безбедносни услови.


Иванов ќе прими акредитиви на амбасадорите на Емирати и на Бангладеш


Скопје, 29 јули, 2016 - 9:45 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Охрид во вила „Билјана“ќе ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Народна Република Бангладеш и на Обединетите Арапски Емирати.

Нов вонреден и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати за Република Македонија, со седиште во Рим, е Сагер Насер Алраиси, додека нов вонреден и ополномоштен амбасадор на Бангладеш во Македонија, со седиште во Мадрид, е Хасан Махмуд Кандкер.


Четворица убиени и 22 повредени во напад во Бангладеш


Дака, 7 јули, 2016 - 12:19 (META) 

Четири лица загинаа, а 22 се повредени при експлозија на бомба и вооружена престрелка во северноисточниот бангладешки округ Кирорганџ, на 117 километри од главниот град Дака.

Како што соопшти полицијата, експлозијата одекна изутрината за време на молитва за муслиманскиот празник Ајд ал Фитр, кој претставува крај на светиот месец Рамазан.

Полициските сили во близина на местото за молење, на кое имало околу 200.000 лица, успале да ги спречат напаѓачите да внесат бомби меѓу верниците.

Во престрелката убиен е еден од напаѓачите, а другиот е уапсен. Меѓу загинатите има и двајца полицајци.


Евакуирани два милиони луѓе во Бангладеш поради циклон


Дака, 21 мај, 2016 - 12:21 (META) 

Властите во Бангладеш евакуирале речиси два милиони луѓе поради циклонот кој се очекува викендов да ја погоди земјата, јавуваат светските агенции.

Како што е соопштено, циклонот се очекува да пристигне денеска вечерта, а мерките на претпализвост се подигнати и во соседните држави, Индија и Мијанмар.

Оваа недела, во циклонот што ја погоди Шри Ланка животите ги загубија 150 лица, а повеќе од 230.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Индиската држава, Андра Прадеш исто таа ги евакуираше жителите од подрачјата во близина на морето.