МАНУ на заедничко чествување со БАН на Свети Кирил и Методиј во Софија


Скопје, 8 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Делегација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), предводена од претседателот Таки Фити, в четвток и петок ќе престојува во Софија во посета на Бугарската академија на науките (БАН).

Двете академии ќе организираат заедничко чествување на празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Притоа, в четврток во Институтот за економски истражувања на БАН, ќе бидат претставени два научноистражувачки проекта реализирани од страна на МАНУ и БАН.

Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји. Другиот проект е кофинансиран од ИПА-програмата на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатија од Северниот плански регион на Македонија и од Ќустендилската област на Бугарија. Овој проект е објавен на англиски, на македонски и на бугарски јазик.

Во попладневните часови в четврток, еминентниот бугарски писател, академик Антон Дончев ќе го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од академик Луан Старова.

Информациите за посетата се појавија во голем број бугарски медиуми, што зборува за голем интерес во бугарската јавноста за соработката со Македонија, по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.


БАН го „поправа“ Путин: Јазикот на Охридската школа е бугарски


Софија, 26 мај, 2017 - 16:05 (META) 

Откако вчера бугарскиот премиер Бојко Борисов, но и историчарот Божидар Димитров и претседателот на ВМРО-БНД реагираа на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека словенската писменост излегла од „македонската земја“, се огласи и Бугарската академија на науките (БАН) со свое толкување за словенската писменост.

Во него воопшто не се споменуваат зборовите „македонска“, „македонски“ или „Македонија“.

„Во врска со засилениот јавен интерес во последниве дни за делото на Кирил и Методиј, Бугарската академија на науките напоменува дека во втората половина на 9. век бугарската држава, претставувана од цар Борис Први прави две судбоносни работи: прво, христијанството е прифатено како државна религија; второ, прогонетите ученици на Св.св. Кирил и Методиј се примени во Бугарија и им се создадени услови да го продолжат делото на своите учители. Како резултат на таа поддршка во Бугарија никнуваат две книжевни школи – Охридската и Преславската. Кирилската азбука создадена во нив се распространува нашироко во славјанскиот свет“, стои во обраќањето на БАН до јавноста.

Академијата потсетува на академска дискусија која се случила во Софија во 1985 година, помеѓу раководствата на БАН и на Академијата на науките на СССР, и по која е подготвен официјален протокол во кој се вели дека „народната основа на јазикот на Кирило-Методиевските преводи е солунскиот дијалек на бугарскиот јазик во 9. век“, како и дека „Јазикот на  преводите во делата на Преславската и Охридската школа е старобугарскиот литературен јазик“ и дека „Јазикот на Кирило-Методиевските споменици изиграл огромна улога во културниот живот на другите словенски народи и при формриањето на нивните литературни јазици“.


Договорот за добрососедство не треба да биде пречка за односите со Бугарија, оцени Иванов


Софија, 22 ноември, 2016 - 14:35 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Софија се сретна со бугарскиот претседател во заминување, Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Република Бугарија, Румен Радев.

На средбите, како што соопштуваат од кабинетот на Иванов, било заклучено дека договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија не треба да биде пречка за развојот на билатералните односи, бидејќи станува збор за две пријателски и соседни држави, кои ги поврзуваат многу нешта од минатото и кои имаат заедничка иднина.

– Договорот меѓу нашите две земји сè уште не е завршена работа. Поминаа многу години во обиди да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени – изјави Иванов по средбите.

Тој изрази надеж дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и во нијанси на формулации, со што ќе се заврши долгиот процес на усогласување.

– Бугарија е петти трговски партнер на Македонија. Без изградена инфраструктура, без автопати, без изградена пруга сме постигнале така висока трговска размена и тоа влијае на нашите две стопанства, на нашите граѓани и на блиските односи меѓу институциите – рече Иванов.

Тој посочил дека со своите бугарски колеги бил и останува отворен за соработка.

– Кога ќе имате разговор и дијалог, можете да дојдете до решение. И сепак, личниот однос, повторувам, е секојпат оној што ги отвора сите врати – посочил претседателот Иванов.

????????????????????????????????????

Ѓорге Иванов и Румен Радев

На средбата, Иванов му посакал успешен мандат на новоизбраниот претседател Радев и го поканил во официјална посета на Македонија.

– Се надевам дека посетата ќе се оствари и дека тоа дополнително ќе ги поттикне и ќе ги зацврсти односите што веќе ги имаме – истакнал Иванов, кој ја оценил работната посета на Бугарија како успешна.
На средбите станало збор и за претстојните избори во Македонија и во Бугарија.

– Нè очекуваат избори, треба да избереме ново собрание, нова влада, веројатно веќе напролет и во Бугарија се очекуваат избори, ќе треба и тие да изберат ново собрание и се надеваме дека новите влади и новите министри ќе ги продолжат сите овие работи што досега сме ги имале и многу прашања ќе бидат затворени – рекол Иванов.

Македонскиот претседател, исто, така посочил дека БАН и МАНУ се пример како две институции кои се во науката треба да пристапат за сите прашања кои ги оптоваруваат односите меѓу нашите две земји.

Прогласувањето за почесен доктор на науки од страна на Бугарската академија, како што рече Иванов, е плод на таа соработка, но и на стекнатата доверба во работењето на двете академии.

– Јас сум добивал многу признанија, но кога тоа доаѓа од сосед, има особена тежина и значење – нагласил македонскиот претседател.


Европа не е само во криза, туку и во стапица, смета Иванов


Софија, 21 ноември, 2016 - 14:50 (META) 

Европската Унија е во континуирана криза, изјави претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање пред Бугарската академија на науките, додавајќи дека во седмата година од политичката и економската криза, ЕУ се соочи и со мигрантската криза.

– Се повтори неуспехот на институциите за ефективно управување, солидарност и за лидерство, односно, активности што треба да се спроведуваат на наднационално ниво. И додека Европа се соочува со постојани политички, економски и безбедносни кризи, Унијата се најде во стапицата на сопствената бирократија. Наместо во „соба за координација“, во која на дневна основа би се менаџирале заканите, европската дипломатија и бирократија се состанува во „соба за паника“ во која се држат бирократски говори и се носат политички декларации. Она што мора да се направи е исклучително непопуларно, поради што е демократски невозможно да се спроведе. Сево ова потврдува дека Европа се соочува со недостиг од лидерство, одговорност и од солидарност во самата Унија – рече Иванов.

Потсетувајќи на познатиот аналитичар Клаус Офе и на неговите ставови за криза на кризниот менаџмент на Европската Унија, Иванов рече дека сè додека не може да се посочи актерот што може да помогне за излез од кризата, Европа не е само во криза, туку и во стапица.

– Кризата ги парализира или замолкна токму оние конструктивни актери кои би биле способни на дело да ги спроведат неопходните стратегии и промени со кои може да се надмине кризата и да се спречи нејзино повторно појавување. Прашањето што се наметнува е како Европската Унија сака да ги реши кризите без кризен менаџмент? А кризи има на секој чекор. Се проценува дека шансите Грција да излезе од еврозоната во наредните пет години  се 60 до 40 отсто. Истовремено, Брексит е дел од процесот на прегрупирање на силите на границите на Римланд. Зад ова прегрупирање лежи англо-aмериканската поморска стратегија и француско- германската континентална стратегија против порастот на кинеската економија и руската воена машинерија на границите на Европа. Ова се условите во кои во наредните пет години ќе се обликува идната европска безбедносна и одбранбена архитектура – рече Иванов.

Зборувајќи за мигрантската криза, тој рече дека следните пет години Европската Унија и Балканот ќе се соочат два предизвика.

– Додека првиот предизвик е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на шенген-територија. Доколку Брисел продолжи со примена на бирократски мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот за опстанок на шенген-зоната – рече Иванов.

Претседателот рече дека опстанокот на Европската Унија ќе зависи од кризниот менаџмент на третите земји кои се на коридорите и во оперативното опкружување.

– Земјите кои со години ги игнорираше, сега ќе станат клучни за нејзната безбедност. Тоа се, пред сè, Египет, Јордан, Турција, Македонија, Србија… Непосредната соработка за прашања од заеднички интерес ќе придонесе за надминување на недовербата меѓу безбедносните служби. За да даде резултати на среден и на долг рок, таа соработка мора да прерасне во вистинско партнерство меѓу безбедносните служби на државите во рамката за партнерство – рече Иванов.

Според него, за да биде успешна, Европската Унија мора да направи две нешта, а тоа е да се дебирократизира и заедно со другите меѓународни организации да излезе од бирократскиот лавиринт и да се прилагоди на реалноста на 21 век.


Македонија го празнува Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј


Скопје, 24 мај, 2016 - 9:53 (META) 

Македонија денеска го одбележува Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. По тој повод, делегации на Владата и на Собранието ќе положат цвеќе пред споменикот на словенските просветители кај Камениот мост во Скопје.

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во чест на просветителите ќе се одржи свечен собир кој го организира заедно со Бугарската академија на науките (БАН). Во рамките на собирот ќе бидат промовирани три заеднички изданија на двете академии, а ќе биде отворена и изложбата „Графичка мапа на глаголицата“. Свое обраќање на собирот ќе имаат претседателите на МАНУ и БАН, академик Таки Фити и академик Стефан Воденичаров, а говори ќе одржат академик Блаже Ристовски и академик Дамјан Дамјанов.

Истовремено, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски денеска во Рим ќе одржи молебен на гробот во базиликата „Сан Клементе“. Со молебенот ќе чиноначалствува митрополитот Тимотеј.

Манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ се одржува по 48 пат во Рим. Првото поклонение на гробот е организирано во 1969 година, а оттогаш секоја година се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.


МАНУ и БАН ќе организираат научна конференција во Битола


Битола, 24 јули, 2015 - 9:57 (META) 

Денеска во Битола, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Бугарската академија на науките (БАН) организираат научна конференција „Ослободителните борби на Македонија од источната криза до Балканските војни“.

Свои излагања на конференцијата ќе имаат повеќе академици од двете земји.

В сабота учесниците на конференцијата ќе го посетат Крушево.


Средба меѓу МАН и БАН


Скопје, 13 март, 2015 - 12:06 (META) 

Во Македонската академија на науките и уметностите денеска се одржа состанок на претставниците на Бугарската академија на науките и на Македонската академија на науките и уметностите, предводени од претседателот на БАН, академик Стефан Воденичаров, и од претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски.

На состанокот е разгледан извештајот од досегашната работа на двете академии за 2014 година, при што е констатирано дека тимови на научни работници од двете академии работеа на 33 заеднички проекти со голем ентузијазам и дека проектните задачи се успешно реализирани. Исто така, констатирано е дека, за жал, проектите се остваруваат со минимални финансиски средства, само за покривање на неопходните материјални трошоци.

Раководствата на двете академии изразија целосна благодарност и пофалба за учесниците во проектната соработка и за нивниот ентузијазам и посветеност во работата, која е од интерес не само за академиите и за научните заедници, туку и за македонското и за бугарското општество.

На денешната средба е прифатен и планот за соработка на двете академии за 2015 година, според кој ќе продолжи реализацијата на проектите и заедничкото чествување и одбележување на важни настани што ги поврзуваат двата народа.


Проектот на БАН е доказ дека „волкот влакното го менува, а ќудта не“


Скопје, 26 декември, 2014 - 12:04 (META) 

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска остро реагираше на проектот на Бугарската академија на науките (БАН), според кој македонскиот јазик и дијалекти се составен дел од бугарската дијалектологија.

Како што претходно објави „Мета“ , БАН на осми декември промовираше интернет-аудиокарта, која опфаќа и територии што не се во рамките на државните граници на Бугарија, како што се делови од Македонија, Егејскиот регион, мал дел од Албанија, јужните делови на Србија, Турција и Романија.

„Неразумно е во втората деценија од XXI век бугарските млади лингвисти да ѝ служат на една пропадната мегаломанска идеја на политичарите од XIX век, на нивниот сон за Санстефанска Бугарија, во чии рамки влегуваше и етничка Македонија. Неразумно е, зашто бугарските млади лингвисти, родени по Втората светска војна, не треба да бидат оптоварени со политиката на нивните претходници, кои верно ѝ служеа на едноумната Бугарија, во која, со ретки исклучоци, ниту смееше слободно да се мисли ниту слободно да се работи на лингвистичко поле“, стои во реакцијата на Институтот за македонски јазик

Според македонистите, проектот е доказ дека бугарските млади лингвисти ја продолжуваат традицијата на своите предци.

„Дури и со финансиски средства од Европскиот социјален фонд при Европската Унија, бугарските млади лингвисти продолжуваат свирепо да ја негираат самобитноста на македонскиот дијалектен систем. Со објавата „Карта на диалектната делитба на българския език“, во која ги прогласуваат македонските дијалекти за дел од бугарскиот јазик, тие само ја потврдуваат латинската изрека дека ’волкот влакното го менува, а ќудта не’“, стои во соопштението.


БАН: Сите македонски дијалекти се бугарски


Софија, 10 декември, 2014 - 13:28 (META) 

Бугарската академија на науките (БАН) ги стави македонскиот јазик и неговите дијалекти како составен дел од бугарската дијалектологија. БАН и Институтот за бугарски јазик завчера, со финансиска помош од Европскиот социјален фонд на Европска Унија, ја промовираа интернет-аудиокартата на 30 автентични бугарски дијалекти, во кои се вброени и сите дијалекти од Македонија.

Аудиокартата, која ја направија научниците од Институтот за бугарски јазик при БАН, опфаќа и територии кои не се во рамките на државните граници на Бугарија, но „некогаш биле бугарски територии, како што се делови од Македонија, Егејскиот регион, мал дел од Албанија, јужните делови на Србија, Турција и Романија“, пишува бугарскиот весник „Монитор“.

Професорот по македонски јазик, Људмил Спасов, вели дека ова не е прв случај БАН да го вклучи македонскиот јазик како нивен дијалект.

– Ова е повампирување на старите големобугарски тези од крајот 19 и од првата половина на 20 век. БАН повеќепати има изработувано атласи на дијалектолошки мапи кои ја отсликуваат Санстефанска Бугарија. По признавањето на Република Македонија од Бугарија, стивна оваа кампања и почнаа да се воспоставуваат нормални односи на научен и на културен план. За жал, овие потези сигурно ќе го растурат сето тоа што е досега постигнато, позитивната соработка, и нè враќаат во националистичките времиња – вели Спасов.

Бугарската звучна дијалектолошка мапа е дел од проектот за „Интегрирање на нови практики и знаења во наставата компјутерска лингвистика“, во рамки на кој секој корисник би можел да ја збогати мапата со додавање аудиодокумент за одреден збор или дијалектна фраза.