!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Могерини ги поканила премиерите на балканските земји на вечера, меѓу нив и Заев


Брисел, 17 мај, 2017 - 19:11 (META) 

Високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, ги поканила премиерите од шест балкански земји на неформална вечера на 24 мај во Брисел, објави порталот „Нова ТВ“.

Могерини го очекувала и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, без разлика дали дотогаш ќе било финализирано формирањето на новата влада на Македонија.

Тема на неформалниот состанок ќе биде ситуацијата во регионот во светло на последните настани и да се разговара како понатаму.


„Оксфам“: Балканските земји да преземат мерки против малтретирањето на мигрантите


Оксфорд, 6 април, 2017 - 21:14 (META) 

Владите на Србија, Македонија, Хрватска, Унгарија и на Бугарија мора веднаш да ги истражат сите кривични дела извршени врз мигранти, вклучувајќи и бегалци, и да преземат мерки за спречување на вакви случаи во иднина, се вели во новиот извештај на британската хуманитарна организација „Оксфам“.

Во извештајот се бара владите на овие земји итно да престанат со илегалните одвраќања и со колективните протерувања на мигрантите и да го осигураат правото на луѓето, на кои им е потребна меѓународна заштита, да имаат пристап до фер и ефективна процедура за азил.

Во документот на хуманитарната организација, подготвен врз основа на интервјуа со 140 мигранти, се тврди дека многу од нив, кои минале низ т.н. балканска рута, биле тепани, ограбени, понижувани и апсени.

„Белградскиот центар за човекови права“ и „Македонската асоцијација на млади адвокати“ во периодот од 30 јануари до 17 февруари ги интервјуирале бегалците, меѓу кои имало и деца.

„Собрани се сведочења со наводи за систематска злоупотреба и за брутален третман (на мигранти и на бегалци) од полицијата, граничната полиција и од други службени лица“, стои во извештајот.

Ваквите брутални тактики, се додава во него, намерно се користат за да се принудат бегалците да се вратат во земјата низ која претходно транзитирале или да заминат во друга земја, без да им се даде шанса да побараат азил.

Извештајот на „Оксфам“ бил доставен до Европската комисија, од која се бара да реагира и да обезбеди почитување на меѓународното право.


Рама: Платформата е напишана во Македонија, јас олеснував во комуникацијата


Тирана, 30 март, 2017 - 21:10 (META) 

Албанците ниту биле, ниту се, ниту ќе бидат проблем во Македонија, а обвинувањата околу т.н. „тиранска платформа“ се политичка игра, вели премиерот на Албанија, Еди Рама, во интервју за порталот „Дијалог плус“ (dialogplus.ch), јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Рама во интервјуто додава дека Македонците многу добро знаат дека Албанците се конститутивен фактор во земјата, чии права не може да се гледаат и да се третираат како услуга кон нив.

– Платформата е напишана и одобрена од страна на албанските партии во Македонија. Јас имав задоволство и должност да им помогнам, не околу платформата, туку во олеснувањето на комуникацијата меѓу партиите – вели Рама.

Околу ситуацијата во регионот, албанскиот премиер навел дека постојат политички конфликти, кои, според него, се повеќе последица на претстојните изборни процеси во земјите, отколку реални.

Прашан дали границите на Балканот се безбедни, во смисла дали постои опасност од нивна промена, Рама истакнува дека тие не се доведени во прашање сè додека балканските земји се насочени кон интеграцијата во Европската Унија, но доколку овој процес пропадне, тогаш и дебатата за границите ќе се врати на маса.


Истражување: Во Македонија германската плата вреди двојно повеќе


Диселдорф, 4 јануари, 2017 - 12:41 (META) 

Македонија и другите земји долж балканската магистрала (Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора) се најевтини за живот и во нив германски државјанин за истите пари што во својата земја ги троши за основни работи, може да добие двојно повеќе. Ова го покажува обемното истражување на Институтот за економски и општествени науки од Диселдорф, кој ги анализирал статиските на Европскиот завод за статистика (Евростат), националните заводи за статистика за да ги спореди трошоците за живот во 37 европски земји, САД и во Јапонија, пренесува „Дојче веле“.

Целта на истражувањето била да одговори на прашањата на германските граѓани како што се: Колку моите пари вредат во странство?; Каде се најевтини подароците за празници?; Во која земја можам да одам на одмор за најмалку пари?

Кога станува збор за трошоците за живот – станарина, сметки, храна, облека, трошоци за автомобил, образование, забава, според истражувањето, германската плата најмалку вреди во Швајцарија, а нејзината вредност е двојно поголема во Македонија, Србија…

Според методологијата, ако на германското евро му се даде индекс 100, тогаш Швајцарија има индекс 158,5, што значи дека оваа земја е за 58,5 отсто поскапа во однос на Германија. Покрај Швајцарија, меѓу најскапите се Исланд (со индекс 147,8), Норвешка (141,8), Данска (136,7), Ирска (121,4), Финска (119,7), Луксембург (119,2) итн.

Македонија спаѓа меѓу најевтините земји, каде германската заработувачка има вредност повеќе од половина од својата вредност. Македонското „евро“, според диселдорфскиот институт, има индекс 45,3, односно Македонија е за 54,7 отсто поевтина земја од Германија. Србија има индекс 48,5, Словенија – 79,9, Хрватска – 65,6, Црна Гора – 55,4, Босна и Херцеговина – 50, Албанија – 48,2 и Бугарија 46,1.

Во истражувањето нема податоци за можеби најсиромашните земји во Европа – Косово и Молдавија.

Нордиските земји и Швајцарија се најскапи и кога станува збор за цените во хотелите и во рестораните, додека од балканските земји, овие услуги се најевтини во Македонија и во Албанија, кои имаат идентичен индекс – 41,8.

Според достапните податоци, што ги пренесува „Дојче веле“, просечната заработувачка на вработен во Германија, кој работи со полно работно време е околу 2.200 евра, со одбиени даноци, здравствено и социјално осигурување.

Во Македонија просечната месечна нето-плата, според последните пресметки на Дражавниот завод за статистика за октомври е 22.460 денари, односно 365 евра.