!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Скот: САД се против промените на границите на Балканот


Белград, 10 мај, 2017 - 23:20 (META) 

Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, изјавил дека Соединетите Американски Држави се против промените на границите на Балканот, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Прашан за ставовите на поранешниот шеф на верификационата комисија на ОБСЕ на Косово, Вилијам Вокер, дека има проект за обединување на Албанците на Косово, на Албанија и во дијаспората, Скот изјавил дека Вокер приватно може да има свое мислење, но дека тоа не е став на САД.

„Ставот на САД е дека се противат на промената на границите на Балканот, се противат на создавање голема Албанија, голема Србија и слично“, изјавил Скот.

Тој нагласил дека американската влада се залага за стабилност и за помирување помеѓу народите во регионот.


Рама: Промената на границите ќе дојде на маса ако балканските земји не се интегрираат во ЕУ


Тирана, 31 март, 2017 - 10:05 (META) 

Границите на Балканот се безбедни сè додека балканските земји се насочени кон интеграцијата во Европската Унија, но доколку овој процес пропадне, тогаш и дебатата за границите ќе се врати на маса, рече албанскиот премиер Еди Рама на прашањето дали постои опасност од нивна промена.

Ова Рама го изјавил во интервју за порталот „Дијалог плус“ (dialogplus.ch), јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Околу ситуацијата во регионот, албанскиот премиер навел дека постојат политички конфликти, кои, според него, се повеќе последица на претстојните изборни процеси во земјите, отколку реални.

Албанците ниту биле, ниту се, ниту ќе бидат проблем во Македонија, а обвинувањата околу т.н. „тиранска платформа“ се политичка игра, вели Рама во интервјуто и додава Македонците многу добро знаат дека Албанците се конститутивен фактор во земјата, чии права не може да се гледаат и да се третираат како услуга кон нив.

Во врска со т.н. тиранската платформа Рама вели дека таа е напишана и одобрена од страна на албанските партии во Македонија.

– Јас имав задоволство и должност да им помогнам, не околу платформата, туку во олеснувањето на комуникацијата меѓу партиите – вели Рама.


Бушати: Русија се обидува да ја блокира евроатлантската интеграција на Балканот


Шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, во интервју за „Атлантик канал“, изјави дека Балканскиот Регион се соочува со неколку безбедносни предизвици.

– Од клучно значење е САД да ја продлабочат својата посветеност на Балканот, регион кој се соочува со терористички закани и со обидот на Русија за го прошири својето влијание – рече Бучати.

Тој, говорејќи за обидите на Москва да го зголеми своето влијание, истакна дека Русија силно се обидува да ги блокира евроатлантските интеграции на Балканот, односно членството во ЕУ и во НАТО.


Свилановиќ: Потребно е регионално економско здружување на Балканот


Сараево, 15 март, 2017 - 17:15 (META) 

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС), Горан Свилановиќ, смета дека политиката „еден регион – една економија“ е добра за Западен Балкан, ако е проследена со честа интеракција помеѓу ресорните министри од регионот и нивните колеги и институции од Европска Унија.

– Очекувам дека премиерите на состанокот во Сараево ќе потпишат план за целосна економска интеграција на регионот. Овој процес на регионализација не ги исклучува тие земји од европскиот пат и нивно членство во ЕУ – изјави Свилановиќ за „Гласот на Америка“, непосредно пред Самитот на лидерите на Западен Балкан, кој ќе се одржи утре (16 март) во Сараево.

Застојот во реформите, според Свилановиќ, може да се надмине со единствен пазар на трудот на Западен Балкан, кој би подразбирал слободно движење на работната сила, како и единствен инвестициски простор и либерализација на трговските услуги, во согласност со целосно либерализираната регионална трговија.

Од овој проект се очекува дека ќе ја зајакне конкурентноста на националните економии во регионот, ќе ги олесни транзитот и трговијата низ поврзување на сите гранични служби и ќе ја зголеми конкурентноста на националните економии.

Според Свилановиќ, поддршка за овој проект има од три држави, меѓу кои и Македонија.

-Имаме поддршка од премиерот на Србија, како и од Македонија и од Босна и Херцеговина, а истото го очекуваме и од другите –  изјави Свилановиќ.

Советот заедно со Европската комисија ќе предложи повеќегодишен акционен план, кој подразбира рокови до кои би требало договорите да се применат и како да се дефинира процесот на примената.


Коѕиас со Тилерсон зборувал за политичката криза во Македонија


Вашингтон, 14 март, 2017 - 11:52 (META) 

Политичката криза во Македонија била една од темите за кои кусо зборувале шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, и неговиот американски колега, Рекс Тилерсон. Коѕиас и Тилерсон се сретнаа вчера во Стејт департментот и главно разговарале за улогата на Грција на Медитеранот и во Балканскиот Регион, продолжувањето на соработката со САД и за енергетските проекти.

По првата официјална средба со Тилерсон во Вашингтон, во изјава за грчките новинари Коѕиас нагласи дека не разговарале конкретно за Македонија, но тој пред американскиот колега ја споменал македонската политичка криза за време на разговорот за стабилноста и за ситуацијата на Балканот. Тилерсон, според Коѕиас, бил заинтересиран да слушне што мисли Грција кои се силите кои го дестабилизираат Балканскиот Регион.

„Кога ги образложував темите за стабилноста во регионот, ја спомнав и нестабилноста што владее кај северните соседи и нашиот обид да ги стабилизираме“, изјави доста воопштено Коѕиас.

Според Коѕиас, тој на оваа средба се обидел да ја покаже волјата на грчката влада да ја продолжи соработката со САД и да покаже колку е важна улогата и позицијата на Грција регионот. Според грчките медиуми, Коѕиас на Тилерсон му извадил и мапа, посочувајќи дека Грција е единствената стабилна држава во нестабилен регион.

Шефот на грчката дипломатија за време на посетата на Вашингтон ќе се сретне и со новиот советник за безбедност на администрацијата на Доналд Трамп, генерал-полковник Херберт Р. Мекмастер.


„Катимерини“: Атина да остане на стратегијата за поддршка на единствена држава Македонија


Атина, 11 март, 2017 - 10:48 (META) 

Грчкиот весник „Катимерини“ во анализа на ситуацијата во Македонија посочува дека оваа политичка криза се најтешките моменти за земјата по конфликтот во 2000 година и дека државата се соочува со сериозен ризик од колапс.

Весникот коментира дека грчката влада држи дистанца од политичката и меѓуетничката тензија во државата, но потенцира дека официјална Атина не смее да си дозволи да следи идеи за колапс на Македонија, како што предлага американскиот конгресмен Дана Рорабакер, туку да продолжи да работи на поддршка на државата.

„Што ако се стане прав и пепел на Балканот? Бидејќи ова се сериозни работи, Атина добро би било да остане на стратегијата за поддршка на единствена држава БЈРМ. Проценката дека оваа држава на северните граници ако не постоеше ќе требаше да ја измислиме треба да ја води грчката надворешна политика. Оние кои имаат барем малку (политички) ум може да разберат зошто е тоа“, пишува во анализата „Катимерини“.


Попоски: Најпаметно е регионот да се обедини околу интеграциите во ЕУ


Брисел, 7 март, 2017 - 19:12 (META) 

Министерот за надворешни работи на Македонија во заминување, Никола Попоски, денеска остварил средби сo членови на Европскиот парламент, во светло на дискусиите околу резолуцијата за Република Македонија.

– Регионот минува низ фаза на тензии и на прашалници за иднината. ЕУ е истовремено под влијание на внатрешните проблеми. Во такви околности, за нас е најпаметно да се обединиме околу интеграцијата во Унијата и вистинските вредности кои се подзаборавени. Тоа е, секако, покорисно отколку да си ги прецртуваме границите. Брисел може да помогне со тоа што ќе го направи членството достижно и реално за оваа генерација македонски граѓани – истакна Попоски.

Како што соопштуваат од МНР; за време на посетата на Брисел, Попоски се сретнал со Алојз Петерле, копресетдавач со Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Иво Вајгл, известувач за Република Македонија во ЕП, Дејвид Мекалистер, претседавач на Комисијата за надворешни работи на ЕП-АФЕТ, Елмар Брок, претседател на Европските федералисти, Жозеф Дол, претседател на Европската народна партија, како и со повеќе членови на Комитетот за надворешни работи на ЕП, меѓу кои и Тонино Пицула, Туне Келам и Чарлс Танок.


Џонсон: Неприфатливо е мешањето на Русија на Балканот


Брисел, 6 март, 2017 - 15:44 (META) 

Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, изјави дека Русија мора да престане со „неприфатливото“ мешање во прашањата на други држави, особено на Балканот и во Украина, за да има некаква шанса за нов почеток во односите со западните земји.

Џонсон при доаѓањето на состанокот на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на ЕУ во Брисел рече дека „Русија прави многу лоши работи“.

– Тие вршат кибернетички напади, ги поткопуваат земјите од Западен Балкан. Видовте што се случи во Црна Гора, а да не споменувам што се случува во Источна Украина – рече Џонсон.

Шефот на британската дипломатија рече дека однесувањето на Москва е „целосно неприфатливо“ и дека тоа мора да се смени, за Русија да покаже дека може повторно да ѝ се верува.

Џонсон, кој наскоро треба да ја посети Москва, укажа дека никој во Европа и во САД не сака враќање на Студената војна и дека целта мора да биде „разговор со Русите“ за да се „вратат на подобриот пат“.


Лавров: Не смее да се дозволи вооружен конфликт на Балканот


Москва, 17 јануари, 2017 - 13:15 (META) 

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, рече дека војна на Балканот не смее да има, како и дека на албанските сили не им е местото на северот на Косово и Метохија.

Тој го истакна ова на годишната конференција на руското министерство за надворешни работи, на кој една од темите беа и неодамнешните „искри“ помеѓу Белград и Приштина.

– Силите на косовските Албанци не треба да бидат присутни на северот на Косово и Метохија, кој е населен со Срби – рече Лавров.

Тој се осврна и на приказните што се појавија во јавноста за „војна на Балканот“.

– Се надевам дека сите сфаќаат дека не смее да се дозволи да избие вооружен конфликт на Балканот – истакна Лавров.


Европа не е само во криза, туку и во стапица, смета Иванов


Софија, 21 ноември, 2016 - 14:50 (META) 

Европската Унија е во континуирана криза, изјави претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање пред Бугарската академија на науките, додавајќи дека во седмата година од политичката и економската криза, ЕУ се соочи и со мигрантската криза.

– Се повтори неуспехот на институциите за ефективно управување, солидарност и за лидерство, односно, активности што треба да се спроведуваат на наднационално ниво. И додека Европа се соочува со постојани политички, економски и безбедносни кризи, Унијата се најде во стапицата на сопствената бирократија. Наместо во „соба за координација“, во која на дневна основа би се менаџирале заканите, европската дипломатија и бирократија се состанува во „соба за паника“ во која се држат бирократски говори и се носат политички декларации. Она што мора да се направи е исклучително непопуларно, поради што е демократски невозможно да се спроведе. Сево ова потврдува дека Европа се соочува со недостиг од лидерство, одговорност и од солидарност во самата Унија – рече Иванов.

Потсетувајќи на познатиот аналитичар Клаус Офе и на неговите ставови за криза на кризниот менаџмент на Европската Унија, Иванов рече дека сè додека не може да се посочи актерот што може да помогне за излез од кризата, Европа не е само во криза, туку и во стапица.

– Кризата ги парализира или замолкна токму оние конструктивни актери кои би биле способни на дело да ги спроведат неопходните стратегии и промени со кои може да се надмине кризата и да се спречи нејзино повторно појавување. Прашањето што се наметнува е како Европската Унија сака да ги реши кризите без кризен менаџмент? А кризи има на секој чекор. Се проценува дека шансите Грција да излезе од еврозоната во наредните пет години  се 60 до 40 отсто. Истовремено, Брексит е дел од процесот на прегрупирање на силите на границите на Римланд. Зад ова прегрупирање лежи англо-aмериканската поморска стратегија и француско- германската континентална стратегија против порастот на кинеската економија и руската воена машинерија на границите на Европа. Ова се условите во кои во наредните пет години ќе се обликува идната европска безбедносна и одбранбена архитектура – рече Иванов.

Зборувајќи за мигрантската криза, тој рече дека следните пет години Европската Унија и Балканот ќе се соочат два предизвика.

– Додека првиот предизвик е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на шенген-територија. Доколку Брисел продолжи со примена на бирократски мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот за опстанок на шенген-зоната – рече Иванов.

Претседателот рече дека опстанокот на Европската Унија ќе зависи од кризниот менаџмент на третите земји кои се на коридорите и во оперативното опкружување.

– Земјите кои со години ги игнорираше, сега ќе станат клучни за нејзната безбедност. Тоа се, пред сè, Египет, Јордан, Турција, Македонија, Србија… Непосредната соработка за прашања од заеднички интерес ќе придонесе за надминување на недовербата меѓу безбедносните служби. За да даде резултати на среден и на долг рок, таа соработка мора да прерасне во вистинско партнерство меѓу безбедносните служби на државите во рамката за партнерство – рече Иванов.

Според него, за да биде успешна, Европската Унија мора да направи две нешта, а тоа е да се дебирократизира и заедно со другите меѓународни организации да излезе од бирократскиот лавиринт и да се прилагоди на реалноста на 21 век.