Екологистите бараат итно прекинување на изградбата на гасоводот низ Водно


Скопје, 29 октомври, 2018 - 12:30 (META) 

Багерите кои го градат гасоводот преку парк-шумата Водно се стигнати до терен кој е толку стрмен и непрооден, што натамошните градежни активности таму стануваат апсурден градежен потфат и претставуваат загрозување на животот на работниците на терен, велат од еколошките граѓански здруженија собрани околу иницијативата „Го сакам Водно“.

„После месечна борба на претставки и жалби, стигнавме до амбис. Буквален и фигуративен“, се вели во соопштението до јавноста.

Тие предупредуваат дека на спустот кон селото Шишево багерите се на ивица од провалија, дека се работи на исклучително тежок терен на кој некои делници се со наклони од 63 до71 проценти искосеност на теренот и прашуваат дали работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот.

„Потребни ли се жртви да паднат за да запре ова лудило – по секоја цена гасовод низ Водно. Дури тогаш ли Владата, институциите, инспекторатите ќе се повикуваат на цела низа недоследности, пропусти и го стопираат градењето?“, прашуваат од „Го сакам Водно“.

Тие потсетуваат дека досега имаат испратено околу 30 претставки, жалби во кои има укажано за пропусти и недозволени состојби до надлежните институции, но дека ниту една досега не реагирала на бројните недоследности и незаконски постапки при изградбата на гасоводот во заштитената зона на парк-шумата Водно.

Активистите од „Го сакам Водно“ тврдат дека инвеститорот, јавното претпријатие „Македонски енергетски ресурси“ и изведувачот на градежните работи комплетно ги игнорирааат мерките за заштита од ерозија при градењето на гасоводот преку Водно од Планот за заштита од ерозија, неопходни во случај на наклони на трасата поголеми од 20 проценти, за кои, на барање токму на еколошките активисти било препорачано да се применуваат низ целата делница преку парк-шумата Водно.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи за „Мета“ изјави дека се работи според основниот проект, кој поминал ревизија и има одобрение за градба.

„Мерките за заштита од ерозија предвидени со Планот за заштита од ерозија, ќе бидат превземени во склад со Планот тогаш кога ќе биде завршена изградбата на гасоводната делница преку Водно“, додаде Реџепи.

Екологистите изразуваат отворено сомневање дека надлежните инспекции воопшто ќе реагираат на ваквото драстично кршење на прописите и стандардите на градење.

Од „Го сакам Водно“ повикуваат итно да се прекине со сите понатамошни дејствија и да се изврши ревизија на проектот и прашуваат што е со ветениот закон за заштита на Водно, за чие изготвување Владата му даде рок на Министерството за животна средина до крајот на септември, кога ќе се остварат ветувањата на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за десеткратно пошумување за сметка на вегетацијата која се уништува со изградбата на гасоводната делница преку Водно, како и што е со ветувањето на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за изработка на проект за зелени појаси на Лепенец и Серава.


Се расчистува шутот од мостот кај Џенова, потрагата по преживеани продолжува


Џенова, 17 август, 2018 - 12:23 (META) 

Багери утрово почнаа да ги расчистуваат урнатините на надвозникот во близина на Џенова, кој се урна во вторникот. По три дена од трагичната несреќа, сè уште се трага по преживеани.

Тешката механизација го тргна големиот вертикален дел на мостот, со што се отвора нов простор за потрага. Спасувачите трагаат по 10 до 20 луѓе, кои се водат за исчезнати.

Неофицијално, во трагедијата во која се урна дел од надвозникот висок 45 метри, загинаа најмалку 39 лица. Меѓу загинатите има шестмина Французи, а другите идентификувани се Италијанци.


Неколку илјади луѓе во Белград протестираат поради Савамала


Белград, 30 септември, 2016 - 9:58 (META) 

Неколку илјади луѓе се собраа синоќа пред градското обрание на Белград на протест поради нелегалното уривање објекти во населбата Савамала, заради изградба на проектот „Белград на вода“.

Протестот беше одржан под слоганот „Нема страв, нема предавство“, а беше завршен со прошетка низ градските улици до зградата на Вишото јавно обвинителство, кое ни по пет месеци не ја завршило истрагата за случајот „Савамала“.

Учесниците носеле транспаренти на кои пишувало „Паѓа Мали“ (белградскиот градоначалник), „Маските паднаа“, „Фантомките убаво ви стојат“, „Поради слобода, не даваме“. На протестот имало и жолта шатка која станала симбол на протестите.

Протестот по шести пат го организираше иницијативата „Не го давиме/даваме Белград“ (Не да(је)мо Београд), барајќи оставки на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, градоначалникот на Белград, Синиша Мали и други градски функционери поради нелегално уривање објекти, врзување и малтретирање луѓе во населбата Савамала и поради тоа што полицијата не одговорила на повиците за помош.

Вечерта по одржаните парламентарни избори во Србија, меѓу 24 и 25 април, маскирани лица со фантомки на главата, со помош на багери урнале неколку објекти во Савамала, а никој од надлежните не интервенирал на повикот на граѓаните.