Опаѓа бројот на барања за азил во ЕУ


Брисел, 6 август, 2018 - 13:04 (META) 

Во првата половина на 2018 година во ЕУ, Норвешка и Швајцарија биле примени 301.390 барања за азил, што е пад за 15% во однос на првата половина на 2017 година, соопшти Европската канцеларија за азилска поддршка (ЕАСО).

Во јуни годинава, пак, биле примени 1.600 барања за азил помалку отколку во мај.

Денеска објавените бројки од ЕАСО покажуваат дека генерално се задржува трендот на опаѓање на случаите на азил, чиј највпечатлив момент беше опаѓањето за 43 отсто во 2017 година.


Кај Царовска стигнале само две забелешки за стратегијата за бегалците


Скопје, 8 август, 2017 - 15:10 (META) 

Само две забелешки стигнале во Министерството за труд и социјална политика денеска, на последниот ден кога организациите или граѓаните може да даваат предлози или забелешки за нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година и за предложениот национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

До вчера немаше стигнато ниту една реакција, иако уште пред 18 дена, кога Министерството ги објави нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, објави и специјален формулар на кој може да се запишат забелешките или предлозите.

Како што информираа за „Мета“ од Министерството, едната реакција е на назначениот формулар, а е со прецизни и конструктивни предлози. Таа е на Центарот за истражување и креираање политики. Втората реакција, пак, била писмо од градоначалникот на општина Гази Баба, во која тој изнел критики за предлог-стратегијата.

Реакцијата е минимална, иако во медиумите и во јавноста, особено на социјалните мрежи интензивно се критикуваа двата документи, како намера земјата „да се наполни со мигранти и да им се обезбедат живеалишта, работни места и државјанства“.

Министерството за труд и социјална политика вчера се огласи со реакција против, како што рекоа, лажните вести и порача дека нема да се градат кампови за бегалци, нема да им се даваат државјанства и дека Македонија е држава која е транзитна станица на бегалците. Нагласи дека документот нема обврзувачко дејство.

Акцискиот план предвидува, почнувајќи од годинава да се зголеми обемот на социјални станови достапни за сместување за бегалците и да се бараат алтернативни модели. Меѓу другото, се предвидува годинава да се идентификуваат и да се обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социјални станови, при што се очекува „барем 100 единици – локации да станат достапни“.

Според нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, за бегалците треба да се обезбедат домови, образование, вработување, интеграција и стекнување државјанство.


ЦК на ВМРО-ДПМНЕ загрижен поради новата предлог-стратегија за бегалците


Скопје, 31 јули, 2017 - 16:18 (META) 

Од централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека на саботната седницата, меѓу другото, изразиле загриженост од најавената нова стратегија за мигрантите на Владата на Република Македонија, со која, како што оцениле, „Владата се подготвува да прифати поголем број мигранти во Република Македонија“.

„ВМРО-ДПМНЕ укажува дека давање државјанства на десетици илјади мигранти во Република Македонија и нивно трајно населување со сигурност ќе предизвика сериозна дисторзија на пазарот на работна сила во земјата и ќе ја влоши и онака тешката состојба со невработеноста, која принуди многу наши граѓани да се отселат во други земји за да обезбедат работа и егзистенција. ВМРО-ДПМНЕ е партија која во време на своето владеење понуди и пружи голема помош и подршка за мигрантите кои транзитираа низ Република Македонија. Но, со вакво ниво на сиромаштија и невработеност да се прифати трајно населување на десетици илјади мигранти, би било сериозен удар на сите досегашни напори за намалување на невработеноста во земјата за граѓаните на Македонија“, се вели во соопштението.


Никој не испратил забелешки за нацрт-стратегијата за бегалци


Скопје, 31 јули, 2017 - 13:04 (META) 

До денеска не се стасани никакви предлози или реакции до Министерството за труд и социјална политика за предлог-нацртот на стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017- 2027 година и за предлог-нацртот на националниот акциски план за интеграција на бегалци 2017- 2027 година, велат за „Мета“ од одделот за односи со јавноста на Министерство.

Иако по социјалните мрежи во изминативе десетина дена се реагираше за планот на министерството за нов пристап кон бегалците и барателите на азил, а прес-конференција одржа и Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи го планот, ниту партијата, ниту поединци, ниту организации немаат испратено свои забелешки до подготвувачот на предлогот – Министерството.

Рокот за испраќање предлози е 8 август, а тоа може да се направи преку пополнување посебен формулар објавен на веб-страницата на министерството.

На социјалните мрежи овие два нацрт-документи беа дочекани на нож, при што се зборуваше дека новата влада сака „да ја наполни Македонија со азиланти“. Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на 22 јули обвини дека стратегијата овозможува олеснето доделување државјанства, сместување и изградба на цели станови, населби, згради, како и олеснет пристап до градинки, училишта за сметка на граѓаните на Република Македонија, но и вработување на бегалци и на азиланти во време кога вработувањата и тоа како им се потребни на граѓаните на Република Македонија.

Тој ја критикуваше и замислата да не се бараат документи од матичните земји на овие лица, односно рече дека тоа отвора простор за лажно претставување и опасност за Македонија.


Европски суд: Легитимно е враќањето на азилантите во Хрватска


Стразбур, 26 јули, 2017 - 13:10 (META) 

Австрија и Словенија можат легитимно да ги враќаат во Хрватска барателите на азил што стигнале на нивна територија преку Хрватска во екот на мигрантската криза, одлучи денеска Европскиот суд за човекови прави.

Судот заклучил дека во овој случај се применува Даблинскиот договор, според кој земјата на ЕУ во која барателот на азил прво влегол, треба да го разгледа неговото барање за азил.

Австриските и словенечките судови се обратија до Европскиот суд откако еден Сириец и две авганистански семејства го оспорија нивното враќање во Хрватска.

Во екот на мигрантската криза, за време на која само во 2015 година преку море во Европа стигнаа повеќе од милион луѓе, хрватските власти организира превоз на мигранти и на бегалци до хрватско-словенечката граница за да можат да поднесат барање за азил во други земји членки на ЕУ.

Така, сирискиот државјанин поднел барање во Словенија, а членовите на авганистанските семејства во Австрија. Сепак, Словенија и Австрија, повикувајќи се на Даблинскиот договор, сметаат дека Хрватска треба да ги разгледа нивните барања за азил бидејќи илегално влегле во таа земја.


Стратегијата на Царовска за интеграција на бегалците била само „необврзувачки патоказ“


Скопје, 22 јули, 2017 - 9:09 (META) 

Министерството за труд и социјална политика на својата веб-страница објави нацрт-верзија на нова стратегија за интеграција на бегалци и на странци и национален акциски предлог-план за период од 10 години, односно за периодот од 2017 година до 2027 година и истовремено посочи дека почнува јавна дебата за мерките предвидени во двата документа, која ќе трае до 8 август годинава. Коментарите се испраќаат на пополнет формулар, кој може да се преземе од веб-страницата на Министерството.

Во некои медиуми и на на социјалните мрежи предлог-мерките беа жестоко критикувани и одеа во насока дека се планира „исламизација на државата“ и дека тоа се прави „по наредба на меѓународната заедница“.

Министерството за труд и социјална политика се огласи со соопштение, во кое го осудува „тенденциозното ширење страв во јавноста од бегалците“, појаснувајќи дека и „документите како новата стратегија за интеграција на бегалци и на странци, се само еден патоказ без никакви обврзувачки акти кон кое било министерство или институција“.

Според Министерството, коментарите и предлозите од јавноста ќе бидат внесени во нацрт-стратегијата и во акцискиот нацрт-план, а по финализирањето на документот ќе бидат доставени до меѓуресорското тело на Владата.

Акцискиот план предвидува, почнувајќи од годинава да се зголеми обемот на социјални станови достапни за сместување за бегалците и да се бараат алтернативни модели. Меѓу другото, се предвидува, годинава да се идентификуваат и да се обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социјални станови при што се очекува „барем 100 единици – локации да станат достапни“.

Почнувајќи од 2018 година, според нацртот на акцискиот план, треба да се идентификуваат пилот-општини за учество во проекти за изградба на објекти и за поврзување на донатори и на градоначалници, како и „да се спроведат обуки за општинските службеници за зајакнување на знаење од областа на социјално домување, обезбедување соодветната заштита и за локалното население и за потребите на интеграција на бегалците“.

Акцент се става на избирање средини каде што ќе има „помали можности за понатамошна сегрегација“, се вели на 21. страница од нацрт-стратегијата.

Како што стои во нацрт-стратегијата (7. страница од пдф-документот) стратегијата предвидува интеграција во земјава на лицата кои, во согласност со Законот за азил и за привремена заштита, имаат признаен статус на бегалец, се под супсидијарна заштита, се баратели на азил, како корисници на мерки за рана интеграција, или се странци со регулиран престој во Република Македонија (со претходно одобрение од страна на надлежни органи).

Интеграцијата, според нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, би значела обезбедување домови, образование, вработување и стекнување државјанство.

Подолу во нацрт-стратегијата, која е на 49 страници, се назначува дека интеграцијата мора да почне што е можно порано.

Притоа, во документот се вели дека процесот на интеграција би се одвивал на доброволна основа, со право на пристап до социјална и здравствена заштита, со самиот статус, кое нема да биде поврзано со интеграцијата.

„Исто така, одлуката за локална интеграција е на доброволна основа и ја донесуваат бегалците што сакаат да останат во земјата, а општеството домаќин треба да го олесни тој процес, додека правата за пристап до услугите од социјална и здравствена заштита се стекнуваат со самиот статус и не зависат од какви било одлуки поврзани со интеграцијата. Тука, земјата домаќин мора да обезбеди спроведување на своите законски обврски врз основа на доделен статус и независно од формалната регистрација за интеграција“, се вели во текстот.


Грција формира нова комисија за брзо решавање на прашањето со азилантите


Атина, 16 јуни, 2016 - 20:52 (META) 

Грција денеска формирала нова комисија која треба да одлучува околу тоа кои мигранти треба да бидат вратени во Турција, врз основа на договорот меѓу Европската Унија и Анкара, а за да се забрза решавањето на прашањето со азилантите, јавуваат светските агенции.

Ваквиот потег доаѓа откако постоечките 20 комисии ги блокирале најголемиот број од случаите за враќање на бегалците во Турција, наведуваат агенциите.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција од март оваа година, мигрантите кои не успеале да добијат азил треба да бидат вратени во Турција, за да се спречи понатамошниот прилив на бегалци во ЕУ.

Новата комисија, чие формирање денеска било усвоено од грчкиот парламент, ќе биде составена од двајца судии и претставници на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), кои ќе одлучуваат по барањата за азил.


Барателите на азил во Австрија за една година ја чинеле државата 421 милион евра


Виена, 8 јуни, 2016 - 10:15 (META) 

Барателите на азил Австрија за една година ја чинеле 421 милон евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на таа земја.

Лани на азилантите кои се нашле под државна заштита биле потрошени повеќе од 246 милиони евра, а годинава 175 милиони евра.

До 30 декември 2015 година за помош од австриската држава се пријавиле 57.610 баратели на азил, а заклучно со 8 април тој број се зголемил на 69.326.

Државата издвоила 1,67 милиони евра за џепарлак на азилантите лани, а до 30 април таа сум изнесува 754.800 евра.


Германија: Експлозивна направа фрлена на куќа на азиланти


Берлин, 29 јануари, 2016 - 11:46 (META) 

Непознато лице во текот на изминатата ноќ во фрлило експлозивна напарава на куќа на азиланти во јужниот германски град Филинген-Швенинген, соопшти полицијата.

Портпаролот на регионалната полиција, Томас Калмбах, соопшти дека „за среќа“ направата не експлодирала и оти никој не е повреден.

Клембах рекол дека непознато лице околу еден часот по полноќ ја фрлило експлозивната направа преку оградата во куќата на барачите за азил и оти станарите го забележале инцидентот и веднаш пријавиле.

Полициските сили ја уништиле бомбата со контролирана експлозија, откако ја евакуирале куќата.

Во Германија минатата година пристигнаа речиси 1,1 милион бегалци, а регистрирани се повеќе напади на места во кои се сместени бегалците.


Во Германија годинава пристигнале повеќе од еден милион азиланти


Берлин, 30 декември, 2015 - 16:47 (META) 

Германија до крајот на годинава ќе регистрира околу 1,09 милиони азиланти, пренесе денеска весникот „Зексише цајтунг“, повикувајќи се на необјавена владина статистика.

Бројот е во согласност со очекувањата на германските претставници. Локалните власти се соочени со проблемот на згрижување на голем број луѓе кои бегаат од судирите на Блискиот Исток и во Африка.

Германското МВР засега не ја коментира информацијата.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) претходно соопшти дека повеќе од еден милион мигранти и бегалци го минале Средоземно Море и влегле во Европа во 2015 година.