Aвтопатот Тетово-Скопје е пуштен за сообраќај


Скопје, 14 февруари, 2019 - 14:13 (META) 

Aвтопатот Тетово-Скопје е пуштен за сообраќај, но се уште е затворен за сообраќај стариот пат Скопје –Тетово, информира Авто-мото сојузот на Македонија.

На автопатот од изутрината се вршеше увид на местото на синоќешната сообраќајна несреќа во која животот го загубија 14 лица.


И граѓаните и бизнисмените разочарани од рокот за изградба на автопатот Скопје – Блаце


Скопје, 29 јануари, 2019 - 17:11 (META) 

Најавата за изградба на автопатот Скопје – Блаце во две фази и за период од 54 месеци, предизвика бројни реакции во јавноста. Граѓани иронично коментираат дека автопатот побрзо би се изградил со копач и со лопата, додека претприемачите велат дека долгиот рок ќе им ја намали добивката и ќе ги зголеми трошоците, пишува Порталб.мк.

Во моментот на објавувањето на веста, граѓаните жестоко и со неверување реагираа на социјалните мрежи за долгиот временски рок.

– Срамота, срамота! 12 километри за пет години! Со копач и лопата ќе се направи побргу. Кој ја донесе таа одлука? Крадци, хохштаплери – вели С.И.

-Овој пат, како што знаеме, во западните земји би се реализирал за максимум две години, но навикнавме со нивните лаги – вели друг граѓанин.

-Подобро да не го изградите воопшто, дотогаш ќе патуваме со дронови – вели уште еден критичар.

Членот на Здружението на бизнимени на индустриската зона Визбегово, Нухи Алиу смета дека рокот од 54 месеци за изградба на автопатот Скопје – Блаце е многу долг, бидејќи патот од граничниот премин Блаце до Скопје не е планински, како што е патот Хани Елезит – Качаник, а и кај нас нема планински клисури.

– Не знам зошто ќе трае толку долго. Тука нема ни 12 километри пат. Тоа не е пат што е во планински области, со многу пречки, како што е патот Хани Елезит – Качаник. Мислам дека не треба да има толку долго инвестирање, бидејќи теренот е посоодветен – вели Алиу.

Директорот на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), Дрилон Исени исто така смета  дека работите за изградба на автопатот Скопје-Блаце треба да се одвиваат побргу.

-Нашите очекувања беа дека изградбата на овој сегмент ќе се одвива со многу побрза динамика. 54 месеци е, секако, многу долго време за бизнисот, затоа и доаѓа нашето барање да се ревидира временскиот рок, да се постави во приоритетните инфраструктурни проекти и овој временски рок значително да се скрати за да немаме предолги процеси, како што е случај  со другите патишта – вели Исени.

Одолговлекувањето на работите и според претприемачот Алиу, ќе го намали профитот на фирмите во економската зона Визбегово. Исени, пак, нагласува и дека изградбата на автопатот ќе го забави протокот на стока меѓу Македонија и Косово.

– Како резултат на тоа, компаниите што имаат трговски промет со Косово сигурно ќе имаат потешкотии во транспортот или забавување на движењето, и секако ваквото забавувањето значи зголемување на трошоците и пречка за работата на компаниите – додаде Исени.

На 11 јануари во Секретаријатот за европски прашања беа направени првите чекори за изградбата на автопатот.

Тој ќе биде долг 12,5 километри со четири тунела и 8 мостови, а ќе се реализира во две фази. Беше најавено и поставување на рампи за патарина. Автопатот ќе чини 110 милиони евра.


Драстично поскапување на патарините во северна Грција од Нова година


Атина, 20 декември, 2018 - 15:47 (META) 

Од 1 јануари патарините во Грција ќе поскапат драстично, некаде и до 150 отсто по километар, известува грчкиот весник „ИЕфимерида“. Ќе поскапи и најкористената патарина од Македонците – онаа по граничниот премин „Богородица – Евзони“, на која наместо досегашните 1,8 евра, ќе се плаќа по 3 евра за автомобил.

На автопатот „Егнатија“, кој се протега од јонскиот брег сè до границата со Турција, како што се најавуваше уште летоска, патарините ќе поскапат драстично, според договорот на грчката влада со концесионерите.

Воведена е нова пресметка – по километар, и грубо кажано, од 3 центи, како што беше во најголем дел досега, новите патарини за автомобилите ќе поскапат меѓу 0,03 до 0,05 евра по километар, што е просечно зголемување за 66 отсто.

Но на некои патарини, зголемувањето достигнува и до 150 отсто. На пример за отсечка од 59,7 километри, за која до сега се плаќало од 1,2 евра патарината ќе се зголеми на 2,98 евра.

Дополнително, покрај сега познатите патарини, ќе се воведат уште 43 излезни наплатни рампи.

На излезот кај Аспровалта ќе се плаќаат 1,42 евра, а излезот за Кавала ќе се плаќаат 2,36 евра.

На наплатната рампа Тириа, меѓу Игуменица и Јанина, наместо досегашните 2,10 евра, отсега ќе се плаќаат 3,42 евра.

На вертикалните исклучоци кај Јеропиги ќе се плаќаат 2,36 евра, а на наплатната рампа што најмногу ги засега Македонците, онаа близу „Евзони“ патарината од  досегашните 1,8 евра е зголемена на 3 евра.

На наплатната рампа Промахона патарината е непроменета – 2,4 евра.


Од 1 јануари во Бугарија патарината ќе се плаќа електронски, цените на вињетите остануваат исти


Софија, 18 декември, 2018 - 14:33 (META) 

За помалку од 24 часа од почетокот на продажбата на електронските налепници за патарина во Бугарија, денеска до пладне биле продадени околу 300 такви вињети, јавуваат бугарските медиуми.

Бугарија ќе ги исфрли класичните вињети-налепници и воведува електронска наплата, која ќе се одвива од 1 јануари следната година. Цените на надоместокот остануваат истите, а новост што ќе ги интересира и македонските граѓани, со оглед на фактот дека голем дел патуваат за викенд во блиските зимски центри како Банско и Боровец, е воведувањето на викенд-вињета.

Со новиот систем со кој веќе нема потреба од лепење налепници на ветробранското стакло, туку електронски ќе се регистрира автомобилот според регистерската табличка, контролата за тоа кој платил за користење на патиштата ќе се одвива исто така електронски. Камери на патиштата и мобилни полициски екипи со камери ќе ги фотографиираат возилата и ќе ги внесуваат во системот. Ако се утврди дека некое фотографирано возило не платило патарина електронски, ќе биде сопрено од следната патрола на сообраќајната полиција или од полицијата во местото каде престојува или од полицијата или цариниците на граничен премин.

Целата постапка може да се направи преку соодветното веб-место, каде може да платите електронска вињета сега, а да ја активирате подоцна. Плаќањето е со дебитни или со кредитни картички. За постапката може да се информирате на осум јазици, меѓу кои се и српскиот и турскиот.

Исто така, на овој сајт или преку соодветната мобилна апликација, може постоечките хартиени вињети бесплатно да се претворат во електронски. Но нема да се казнуваат возилата со важечки вињети-налепници кои не се претворени во електронски сè до истекот на важноста на обичната вињета.

За да биде корисникот сигурен дека нема да има проблеми, треба да ги чува електронските писма со кои му се потврдува дека платил за патарина за определен период, односно еден викенд, една седмица, еден месец или подолго.

Електронскиот систем овозможува да се купат електронски вињети и преку веб-местото и преку терминали во некои трговски центри како и во сите центри на Агенцијата за патишта на Бугарија. Терминалите се на 8 јазици.

Цените се како и досегашните – за еден месец за автомобил и друго возило до 3,5 тони тежина се плаќа 30 лева, за една седмица 15 лева, а за цела година 97 лева.

Новост е викенд-вињетата, која ќе биде од најголем интерес на Македонците. Таа важи од пладне во петок до полноќ во недела и чини 10 лева.

Електронски вињети се воведуваат и за сите други возила, но тие ќе имаат различна цена. За товарните возила електронските вињети ќе важат до јули следната година, кога за нив ќе се воведе електронска наплата на патарина.


Анѓушев: Владата со анексот за автопатот Кичево – Охрид заштеди 95 милиони евра


Скопје, 2 ноември, 2018 - 15:15 (META) 

Со третиот анекс-договор помеѓу Владата и кинеската компанија „Синохидро“, главниот изведувач на работите на автопатската делница Кичево-Охрид, по една година преговори, Владата заштедила 95 милиони евра, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција.

-Денеска на владината седница го усвоивме третиот анекс на договорот за автопатот Кичево-Охрид со кој се дефинитивно се решаваат сите проблеми во градењето и со кој очекуваме интензивно да продолжи изградбата на автопатот. Бевме соочени со веќе потпишан договор, кој беше со потешкотии во своето функционирање. Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме приморани да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект кој беше усвоен од претходната Влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба, за која се одлучивме како Влада – објасни Анѓушев.

Вицепремиерот рече дека согласно цените кои се наведени во основниот договор, вкупниот износ за дополнителни и непредвидени работи ќе изнесувал 282 милиони евра, но во преговорите биле постигнати значително пониски цени, односно 187 милиони евра, што е заштеда од 95 милиони евра.

Анѓушев образложи дека само за поправка на косините во должина од 30 километри, се планирани дополнителни трошоци од околу 70 милиони евра, а за тунелот, кој наместо во карпа е пробиен во земја, се потребни дополнителни зафати на 4 километри и дополнителен бетон и челични потпори.

Како што објасни министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со новиот анекс-договор изведувачот се согласува не само да изгради девет клучки, за да може жителите од населените места долж автопатот да се приклучуваат на него, а кои претходно не беа предвидени, туку и алтернативен пат од Пресека до Арбиново како составен дел на овој проект.

-Исто така изведувачот ќе ги изведе и сите дополнителни работи во тунелот Пресека, сите пропусти за вода на целата траса, како и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштето на целата траса. Откако овој Анекс ќе влезе во сила, Изведувачот има рок од 28 дена да изготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно договорените позиции – нагласи Сугарески.


Анѓушев од Охрид: Ќе добиеме автопат по сите технички и меѓународни пропозиции


Охрид, 5 октомври, 2018 - 15:32 (META) 

Со новите договори и со ревидирање на целосната проектна и техничка документација ќе добиеме автопат кој што во целост ги исполнува меѓународните стандарди, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев при денешниот увид во градежните работи на автопатот Кичево – Охрид, кој што го изврши заедно со директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов.

„Овој автопат беше со сериозни потешкотии, и од аспект на техничка документација, и од аспект на неиспроектирани и незавршени проекти и се друго што не било испланирано, во смисла на клучки, тунели и регионални патишта за приклучување на населените места кон овој автопат. Потрошивме скоро една година, но тоа не беше залудно затоа што сите проекти ги доведовме во технички исправна состојба, како овој тунел што е скоро готов. Дополнително, ги намаливме цените меѓу кинескиот изведувач и македонските компании, разликата во цените претходно беше голема, над 50 проценти, а сега таа е цена е намалена и ќе биде сведена на меѓународните ФИДИК (Меѓународната федерација на инженери-консултанти) пропозиции, на околу 10 проценти. Со сите овие заштеди, и на тунелот и на дополнителни работи, ќе направиме сериозна заштеда од првичните средства кои беа побарани до конечната вредност. Односно ќе заштедиме од 70 до 100 милиони евра“, изјави Анѓушев.

Ревидирањето на работите на автопатот Кичево – Охрид како и склучување на нови договори со кинеската компанија, изведувач на проектот, беше направено согласно мислењата и консултациите од ФИДИК експертите од Австриската агенција за патишта, одредени американски компании со големо искуство во оваа област и со експертите од Градежниот факултет во Скопје.

За директорот на Јавното претпријатие Државни патишта, Зоран Китанов автопатот сега конечно ќе овозможи нормално функционирање на меѓуградската инфраструктура, движење на граѓани со новопроектираните приклучоци за регионални и локални патишта и секако ќе значи голем бенефит за функционирањето на стопанството на државата.

„Ние можевме да продолжиме по истиот проект да го работиме автопатот, но во тој случај немаше да биде употреблив. Според тој проект од овде до Охрид не беше проектирана ни една клучка, ни еден сервисен или спореден пат. Сето ова сега конечно е доведено до степен кога најголем дел од проектите се веќе готови и што е најбитно, по многу поразлични и пониски цени од досегашните. Сега ќе имаме еден функционален автопат, направен според сите технички стандарди и финансиска исплатливост, за нормално движење на граѓаните и ефективно и непречено функционирање на економијата“, изјави Китанов.


Бочварски: Изградбата на автопатот Штип – Миладиновци е во самата завршница


Штип, 17 септември, 2018 - 12:40 (META) 

Изградбата  на автопатот Штип – Миладиновци е во самата завршница што е многу важно за целиот Источен регион, изјави денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески извршија увид во градежните работи на оваа делница.

„Секое вложено евро во автопатишта враќа три евра во бизнисите и во економијата, што значи дека ова е вистински начин и за развој на економијата, за привлекување инвестиции, домашни и странски, со што ќе го заживееме целиот регион. Вториот аспект е безбедноста, којашто исто така е многу важна, бидејќи Македонија мора да го спушти нивото на сообраќајни незгоди, како што е тоа во Европска Унија, а токму тоа се постигнува со изградба на нови автопатишта“, изјави Бочварски.

Тој додаде дека со забрзана динамика се работи на патната инфраструктура, како на овој автопат, така и на експресните патишта од Штип до Радовиш и од Штип до Кочани.

Атопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип е во должина од 47 километри, а вкупната вредност за изградба е 226 милиони евра.


Автопатот Скопје – Блаце ќе почне да се гради догодина и ќе чини околу 100 милиони евра


Скопје, 10 септември, 2018 - 13:57 (META) 

Изградбата на автопатот Скопје – Блаце ќе стартува на пролет, следната година и ќе се одвива во две фази, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при работната посета на Општина Арачиново.

Во првата фаза ќе се градат 1,6 километри, а потоа ќе се допроектира останатиот дел од десетина километри, по што ќе се работи паралелно.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи неодамна изјави дека изградбата на автопатот ќе чини 100 милиони евра, но ресорниот министер истакнува дека не сака да шпекулира и оти точната сума ќе се знае кога ќе се заврши проектирањето.

Првиот дел од автопатот ќе се финансира од Јавнотот претпријатие за државни патишта, а останатиот дел со помош на Европската банка за обнова и равзој. На трасата се превдидени четири тунели и девет мостови.


Владата најавува интензивна изградба на автопатот Кичево – Охрид


Скопје, 6 септември, 2018 - 13:01 (META) 

Владата денеска усвои предлог-закон за нов анекс на Договорот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри со кинески „Синохидро“. На овој начин се овозможува ослободување на 205 милиони евра од претходно обезбедените финансии за проектот, со што ќе се интензивираат градежните активности на терен и ќе се овозможи исплата на домашните компании ангажирани како подизведувачи.

Со предлогот е предвидено со нов, трет анекс, пак, што би се склучил околу 10 следниот месец, да се утврдат цените за дополнителните градежни работи, неопходни за одблокирање на проектот што беше во застој поради проблеми со проектната документација, несоодветни геомеханички испитувања, нерешена експропријација на земјиштето.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по денешната седница на Владата најавија дека законот уште денеска ќе биде испрати во Собранието.

Со тоа, како што истакнаа, почнува да се решава проблемот за овој капитален проект, кој заедно со планираното интензивирање на работите за железничката делница Куманово – Бељаковце и за гасоводот треба да овозможи подобрување на состојбите во градежништвото по големиот пад во изминатиот период.

Сугарески информираше дека за изградбата на автопатската траса во должина од 57 километри ќе треба да се примени целосно нова технологија за изградба на тунелот кај Врбјани  во должина од четири километри, кој со првиот проект бил предвиден за градба на земјиште со прва категорија, наместо со шеста, односно на меко змејиште а не на карпест дел како што се препорачува од експретите. Воедно ќе треба да се градат девет нови клучки и регионални патишта, бидејќи со постојниот проект не е предвидено поврзување на околните населени места со автопатската делница.

Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година и според постојниот договор требаше да чини  околу 400 милиони евра. Со продолжувањето на рокот за изградба автопатот треба да биде готов до средината на 2021 година.


Бектеши: Со Косово ќе соработуваме на проекти за користење на ИПА-фондовите за туризам


Скопје, 18 јули, 2018 - 15:10 (META) 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со министерот за регионален развој на Република Косово, Расим Демири.

Главна тема на средбата биле националните политики за економски рамномерен регионален развој и можностите за поголема примена и фондовите на ЕУ во насока на побрз регионален развој.

– Особено беше ставен акцент на проектите од значење на двете земји, како што е Шапка – Брезовица, и можноста за користење на средствата од европските фондови – рече Бектеши.

Двајцата соговорници се договориле за да формираат работна група со претставници од двете држави која ќе работи на заеднички проекти за користење на ИПА-фондовите за туризам.

На новинарско прашање за донесената одлука од страна на косовската Влада за воведувањето на 30 отсто царина за увоз на земјоделски производи во Косово, која ќе трае 90 дена, министерот Бектеши одговори дека македонската страна, Секретаријатот на ЦЕФТА, а ни другите членки на ЦЕФТА не биле навремено информирани за воведувањето на мерката.

Согласно договорот ЦЕФТА, Косово било должно навреме да ги информира сите земји членки за намерата за воведување царини.

„Во текот на денешниот ден ќе одржиме средба на која првично ќе се анализираат сите можни импликации врз македонските производи, а потоа ќе се заземе став за евентуални контрамерки. Притоа, мерката не е насочена против Македонија, односно се однесува на сите држави во светот кои извезуваат земјоделски производи во Косово. Согласно сите меѓународни договори, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Царинската управа, ќе ја анализираме новонастанатата ситуација и во соработка со Секретаријатот на ЦЕФТА ќе заземеме став околу ова прашање“, изјави Бектеши.