Од денеска до четврток ќе има посебен сообраќаен режим поради Дигиталниот самит


Скопје, 17 април, 2018 - 11:55 (META) 

СВР Скопје ќе воспостави посебен сообраќаен режим за сообраќајниците околу хотелот „Александар палас“ и спортскиот центар „Борис Трајковски“, поради Дигиталниот самит кој ќе почне утре. Посебниот сообраќаен режим ќе почне од денеска во 15 часот и ќе важи до четврток.

„Со посебниот режим ќе бидат затворени и пренасочени за сообраќај улиците Јадранска магистрала, Скупи, делови од булеварите 8 Септември, Илинден како и другите сервисни улици кои што гравитираат кон двата објекта. Исто така, посебен сообраќаен режим е предвиден и за обиколницата на автопатот до скопскиот аеродром“, информираат од МВР.


Пратениците во Тирана фрлаа јајца и брашно по Еди Рама


Тирана, 12 април, 2018 - 14:33 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама за време на денешната седница на парламентот беше гаѓан со брашно и јајца поради апсењата на лицата кои протестираа против воведувањето патарини на автопатот меѓу Косово и Албанија.

Седницата во неколку наврати беше прекината. По инцидентот беше принудено да реагира и обезбедувањето, кое отстрани од салата неколку пратеници од редовите на опозицијата, јавија албанските медиуми.


Автопатот Кичево – Охрид ќе чини поскапо, рокот за изградба пролонгиран


Скопје, 21 март, 2018 - 13:43 (META) 

Крајниот рок за изградба на автопатот Кичево – Охрид ќе биде 30 јуни 2021 година, информираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека, потребата од продолжување на рокот за доизградба на овој капитален проект се јавува поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и променливата геологија на теренот која не одговара со онаа предвидена во проектот.

„Поради тоа, потребно е повторно проектирање на тунелското решение, на сите усеци, на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, плочести и цевасти пропусти. Треба да се изработи и комплетна проектна документација за девет клучки, проектна документација за позиции кои не биле предвидени во основниот проект, а морале да се предвидат заради неоходно и правилно функционирање на автопатот“, изјави Сугарески.

Тој додаде дека сето ова предизвикало зголемен обем на работа која суштински влијае врз продолжување на рокот, но има и значителни финансиски импликации по однос на конечната вредност на автопатот.

„Тука сакам да нагласам дека анексот кој го прифати Владата се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства, бидејќи се уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително. Најпрво е потребно да заврши проектирање на сите работи што претходно ги спомнав, и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган, ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот“, додаде Сугарески.


Формиран Советот за правосудство, „она на М“ засега не се продава, од догодина нема Кембриџ


Скопје, 6 март, 2018 - 21:16 (META) 

Владата го формираше Советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022, со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев. На денешната седница е утврден и составот на Советот. Во него ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, Јавниот обинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховен суд, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од основните судови Скопје 1 и 2. Членови на овој совет, ќе бидат и Народен правобранител Иџет Мемети, како и Џемали Саити, претседателот на Здружението на судии, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу Принт групата на граѓански организации за правосудство.

На седницата е разгледана информацијата за напредокот на изградбата на автопат Демир Капија – Смоквица, кој, според соопштението, ќе биде пуштен во употреба „кон средината на следниот месец“.

Одложена е примената на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование од учебната 2019-2020 година, односно на програмата Кембриџ, а воведена е можноста италијанскиот јазик да се избира за втор странски јазик во основното и средното образование.

Владата донела одлука за основање на Национална установа „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“, како непрофитна установа од областа на културата, „заради негување на играорната, вокалната и вокално-инструменталната фолклорна уметност на албанската заедница“.

Владата го стави „во мирување“ процесот на продавање на “мерцедесот” до завршувањето на судскиот спор „во кој може да се појави потреба да биде доказен материјал“ и „со цел да се оневозможи избегнување одговорност на обвинетите во судскиот процес“.


За пругата до Бугарија одобрени 71,5 милиони евра


Скопје, 8 февруари, 2018 - 13:55 (META) 

Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека е ревидирана и одобрена Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, во рамките на ИПА 2 програмата, и со неа за железничка и патна инфраструктура се обезбедени се 127,2 милиони евра, од кои 108,1 милион евра се средства од ИПА 2 програмата, а 19,1 милион евра се средства од Буџетот на Република Македонија.

Вкупно 71,5 милиони евра треба да бидат искористени за изградба на дел од третата фаза на пругата кон Бугарија, односно на делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, а 48,7 милиони евра за изградба на втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, односно за делницата Градско – Дреново.

Другиот дел од средствата е за реконструкција на делницата Куманово – Ранковце, како и за изградба на третата лента на делницата Плетвар на патниот правец Градско-Прилеп, како и за замена на заштитни огради на автопатот „Пријателство“, во должина од 100 километри.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори


Скопје, 7 февруари, 2018 - 15:59 (META) 

Во врска со преименувањето на аеродромот и автопатот, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема иредентизам во актуелните имиња, се вели во соопштението на партијата.

Од таму додаваат дека би било добро „граѓаните да слушнат дали одлуката на владата е дел од некоја поширока стратегија или повторно станува збор за еднострани постапки од кои Македонија нема никаква корист.“

„Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори. Во вакви околности, кога се кријат останатите детали, крајно несериозно и многу опасно е јавното лицитирање со одредниците кои се прифатливи. Настапот на премиерот Заев може да има сериозни последици по целиот процес и драматично да ги наруши македонските преговарачки позиции“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „Заев вчера кажа дека била прифатлива географска одредница, но не кажа во чие име говори, и која е таа одредница што за него е прифатлива.“

„Не кажа ниту кој би бил опсегот на употреба, а премолчи и околу тоа дали станува збор само за географска одредница која би била за меѓународна употреба или тоа значи промена и на Уставот, односно уставното име, националноста и јазикот. Исто така, остана неодговорено и прашањето дали оваа географска одредница би имала англиска транскрипција или не. Граѓаните се интересираат и имаат право да знаат дали освен подготвеноста на Заев за географска одредница, тој е подготвен и на отстапки во однос на идентитетските одредници како јазикот, нацијата и меѓународните кодови“, додаваат од ВМРО –ДПМНЕ.

Од партијата велат дека македонската јавност очекува да слушне што точно прифатил Заев на средбата во Давос.

„Доколку не бил постигнат договор во Давос, информациите кои се лиферуваат од грчка страна треба да бидат демантирани, за да не се вознемируваат граѓаните“ се вели во соопштението.


Потпишан договорот за изградба на автопат од Тирана до Дебар


Тирана, 5 февруари, 2018 - 20:58 (META) 

Албанското Министерство за инфраструктура и енергетика денеска потпиша договор со компанијата „Ѓока Конструсион“ за изградба на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр), што Албанија ќе ја поврзува со Македонија кај Дебар.

– Ова е еден многу значаен инфраструктурен објект што нашата земја ја поврзува со Македонија. Изградбата ќе чини 240 милиони евра, а во договорот стои дека државата обврските кон компанијата ќе ги подмири во рок од 13 години. Автопатот треба да биде готов за три години – изјави албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Дамијан Ѓикнури.

Договорот го потпишаа генералниот секретар во Министерството за инфраструктура и енергетика Гентијан Кери и Рок Ѓока, претседателот на компанијата „Ѓока Конструсион“, чија понуда беше избрана како најповолна на спроведениот тендер.

Инаку, дел од подготвителните работи на автопатот почнаа пред две години, но беа прекинати.

Со изградбата на автопатот, кој се протега од Тирана до граничниот премин „Блато“ на албанско-македонската граница кај Дебар, досегашната оддалеченост се скусува за околу 100 километри и се предвидува да изнесува 82 километри.


ВМРО-ДПМНЕ: И СДСМ одбегнува да каже на која држава е Заев премиер


Скопје, 25 јануари, 2018 - 19:13 (META) 

СДСМ исто како и Зоран Заев одбегнува да каже на која држава е тој премиер, стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на соопштение на СДСМ, а во врска со вчерашната средба на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас во Давос.

„Од што се срами и од што бегаат и СДСМ и Заев? Наместо конкретни одговори и транспарентност, граѓаните на Република Македонија од СДСМ добиваат само метарски соопштенија без суштински информации. Граѓаните на Република Македонија како носители на суверенитетот на државата имаат право да знаат што се крие зад промената на името на автопатот и аеродромот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму нагласуваат дека „ВМРО-ДПМНЕ не гледа иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот кои СДСМ еднострано ги менува“.

Претходно владејачката партија соопшти дека „откочените процеси“, соопштени јавно по вчерашната средба на премиерите на Македонија, Зоран Заев и на Грција, Алексис Ципрас, носат придобивки за Република Македонија и за сите нејзини граѓани.

„Преку јавни изјави, граѓаните, јавноста, беше точно и навремено информирана за овие придобивки за Република Македонија, како што е деблокадата на процесот на стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ, блокиран во 2009 година“, стои во соопштението на СДСМ.


Единствена Македонија: Заев по стапките на Глигоров


Скопје, 25 јануари, 2018 - 12:19 (META) 

Единствена Македонија, партијата на Јанко Бачев, која претходно се викаше НДМ, е изненадена од определбата на Зоран Заев за повторно враќање на штетната тактика на екстремна кооперативност во спорот за името, што ја применуваше поранешниот претседател Киро Глигоров, се вели во соопштението на партијата.

„Вчера во Давос, Заев тргна по стапките на Глигоров и брзопотезно се согласи за промена на името на аеродромот, автопатот, а за возврат отворено мајтапење од грчкиот премиер Ципрас кој ќе се смилувал и ќе покажел добра волја штом Заев на своевиден начи призна дека сме грешеле во изминатите 27 години со инсистирањето да бидеме Македонци. Да потсетиме, Глигоров во спорот за името по налог на странците брзопотезно се согласи со промена на Уставот во 1992, промена на името во 1993, промена на знамето во 1995, мислејќи дека така ја импресионира европската јавност, но, Македонија повратно немаше никаква корист иако практично ги потроши клучните адути во спорот за името. Значи, од Македонија повторно отстапки и спремност за промена на името, а од Грција добра волја“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека, „кога Заев веќе тргнал да го менува името на автопатот, Единствена Македонија му предлага да се вика „Геноцид“, како име за пат кој поминува и низ места во Беломорска Македонија каде се врши етничко чистење на Македонците во последните два века.“

„Единствена Македонија му порачува на својот народ дека овие антицивилизациски и антимакедонски отстапки во изминатите 27 години ќе станат безпредметни со зачленувањето на Македонија во Евроазиската унија и воспоставувањето на стратешко партнерство со Русија каде не се доведува во прашање македонскиото име и идентитет, туку истите се почитуваат“, се додава во соопштението.


Сугарески: Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде пуштен в година


Битола, 22 декември, 2017 - 14:59 (META) 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на форумот „Важност на Пан-европскиот коридор 10 за Република Македонија, Балканскиот полуостров и Европската Унија” кој се одржа денеска во Битола порача дека очекува следната година да биде пуштена новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, со што ќе се добие комплетен автопат на Коридорот 10 низ Македонија. Тој посочи и дека проблемот со неизградената пруга од Битола до Меџитлија е веќе во рацете на обвинителството, а најави и судски процес за неисполнетите обврски.

Министерот Сугарески истовремено најави дека се планира магистралниот пат од Прилеп преку Битола до граничниот премин Меџитлија да се надгради до ниво на експресен пат, што би било готово за две до три години.

– Многу значаен проект на кој во наредниот период ќе посветиме големо внимание е проширување на државниот пат Прилеп – Битола се до граничниот премин Меџитлија. Овој патен правец планираме да го изградиме на ниво на експресен пат, a во меѓувреме делот од Битола до Меџитлија ќе го реконструираме. Генерално следната година очекувам да имаме целосно функционален Коридор 10 на ниво на автопат, а за две до три години да имаме и модерни патни правци на кракот 10 Д – рече министерот во обраќањето пред учесниците на форумот.

За неизградената пруга Битола – Меџитлија, Сугарески најави судски процес, јави СДК.

– Судска постапка ќе се води во делот на одговорноста. Се што имаме поврзано со овој случај доставуваме до органите на прогонот. Тие малверзации ги открива обвинителството – рече Сугарески, не прецизирајќи кој ќе добие тужба.

Пругата требаше да ја гради бугарски конзорциум на фирми кој за подизведувачи зеде домашни компании, а на крај не им го исплати сработеното. Пругата требаше да биде готова до јули минатата година, но е незавршена. Потоа беше распишан нов тендер, на кој за изведувач е избрана австриската „Штрабаг“, која треба да ја заврши пругата следната година.