Судењето за „Траекторија“ продолжува на 4 септември


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:35 (META) 

Со преслушување на уште 20-тина „бомби“, приложени како доказ, денеска се одржа уште едно рочиште од случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Кичево -Охрид и Миладиновци -Штип со кинески кредити, во кој обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот вице премиер Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Следното рочиште ќе се одржи на 4 септември.

Досега се преслушани околу 300 разговори, а денеска се слушаа бомби од преговорите за апликацијата за кредит од Кина од период февруари 2013 година.

Во сите разговори се слуша гласот на поранешниот министер за транспoрт и врски Миле Јанакиески со соговорници, во кои се договара кои македонски компании да учествуваат во изградбата на патот.

– Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на „Синохидро“. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки – рече обвинителката Лиле Стефанова.


Мисајловски: Власта да продолжи веднаш со изградбата на патиштата


Скопје, 7 јули, 2017 - 15:51 (META) 

Проектите од сферата на инфраструктурата почнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ се од витално значење за Република Македонија и не смеат да трпат застои или одложувања, a окрај тоа сите тие пред да почнат со градба се добро подготвени со претходни анализи и мислења, порача Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ, поранешен министер за транспорт и врски.

Тој го обвини СДСМ дека „си игра со големите инфраструктурни проекти од значење за државата“ и дека единствениот проблем со кој се соочуваат изградбата на автопатот Кичево – Охрид и експресниот пат Прилеп – Градско е „неспособноста на СДС“.

– Големите инфраструктурни проекти се проекти кај кои секаде во светот се јавуваат одредени пречки во текот на градбата, но напоменуваме дека решенијата за истите  се решаваат со работа и не се предизвици поради кои треба да запре изградбата – рече Мисајловски.


Бројките што ги споменува Сугарески се лага и конструкција, реагира ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 2 јули, 2017 - 15:33 (META) 

Министерот Горан Сугарески наместо да лиферува лажни бројки и да креира конструкции треба да ги засука ракавите и да почне да си ги врши должностите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на министерот за транспорт и врски за пропустите во изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бројките што ги споменува Сугарески се лага и конструкција и дека нивната цел е да внесат забуна и да го девалвираат проектот.

„Главната борба на владата на СДС се криминалните побуди, тие во изградбата на патиштата гледаат можност за екстра криминална заработка преку кочење и избор на нови фирми, кои граѓаните ќе ги чинат многу повеќе и поскапо. Сугарески денеска си даде автогол. Ако има отстапки од самите проекти, тогаш за тоа единствено треба Сугарески да побара вина во неговата партија, чија влада ги изготви тие проекти и никогаш не ги реализира, затоа што немаше доволно капацитет и компетентност за тоа“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Сугарески: Пропустите на автопатот Кичево – Охрид ги чинат граѓаните 120 милиони евра


Кичево, 2 јули, 2017 - 15:20 (META) 

Катастрофалните грешки и пропусти при изградбата на автопатот Кичево – Охрид предизвикуваат дополнителен трошок од 120 милиони евра – пари на граѓаните, изјави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, од местото Извор, Кичевско, каде ги презентираше првичните резултати од анализата на состојбите и проблемите со изградбата на делницата.

– Заради лошото планирање и лошата изведба, еден од најголемите проблем кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата. Оваа појава е најдрастична на патот Кичево – Пресека, односно од 12. до 18. километар. Причина за ова е изборот на несоодветна траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот. Не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето. Заради овие причини, работите се прекинати цели 13 месеци – рече Сугарески, потсетувајќи дека пред три дена Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение кои се однесува на изградбата на овој автопат.

Министерот за транспрот и врски како пример го посочи тунелот во близина на местото Извор, кој според првичниот проект чинел околу 30 милиони евра, но поради недоволни геотехнички анализи, во фазата на изведба била извршена промена на заштитната облога на тунелот со што сумата за него се зголемила на 88.930.000 евра, односно повеќе од двојно.

Поради недостатоци на проектот дополнително е проектиран уште еден тунел со должина од 350 метри, додаде Сугарески.

Тој рече дека Владата во изминатите 30 дена вршела анализи на актуелната состојба и работи на наоѓање решенија. Како што истакна Сугарески, се планира дислокација на електроенергетските и телекомуникациските линии и решавање на имотно-правните работи, како услов за изработка на реално остварлива програма за работа.

– Состојбата со овој автопат е типичен пример за начинот на кој функционирала владата на Никола Груевски. Тоа се проекти кои почнуваат со една проектирана цена, а завршуваат со низа анекси кои значително ја зголемуваат цената, а резултираат со катастрофални грешки во изведбата и со ненаменско трошење на парите на граѓаните. За овој катастрофален зафат некој треба да ја преземе одговорноста – изјави министерот за транспорт и врски.


СДСМ: Проектите на ВМРО-ДПМНЕ се симбол за криминал и за корупција


Скопје, 1 јули, 2017 - 17:14 (META) 

Доколку Љубен Арнаудов и неговите сопартијци навистина се грижеа за интересите на граѓаните, одамна ќе ја увидеа реалната состојба и ќе инсистираа на одговорност за промашувањата во изведбата на автопатот Кичево – Охрид, но и на одговорност за провизиите од автопатиштата за кои слушна целата јавност, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Но наместо тоа, Арнаудов како и досега, продолжува да работи на штета на граѓаните и исклучиво во заштита на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Таканаречените проекти на ВМРО-ДПМНЕ во инфраструктурата се симбол за криминал, корупција и за неспособност. Доказ за тоа се истрагите и обвиненијата за автопатиштата Миладиновци – Штип, Демир Капија – Смоквица, како и за споменатиот автопат Кичево – Охрид, каде што огромните пропусти во проектирањето и во изведбата нанесоа огромни штети врз угледот на Македонија и за чие санирање дополнително ќе се потрошат повеќе од 100 милиони евра пари на граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека ја блокира изградбата на автопатот Кичево – Охрид


Охрид, 1 јули, 2017 - 15:43 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги обвини СДСМ и Владата дека ја блокираат изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, денеска од местото Мауцкер кај Охрид, каде треба да поминува автопатот, изјави дека претходната влада ја оставила изградбата на делницата во напредна фаза, а дека сега има целосен застој без никаков сигнал за нејзино продолжување.

– Неспособноста на СДС на дело се покажува токму тука. Граѓаните гледаат дека СДС немаат ниту капацитет, ниту визија и план за да ја водат Република Македонија. Единствено нешто кое добро им оди е блокирање, укинување и правење застои како што сега го прават со автопатската делница Кичево – Охрид – изјави Арнаудов.

Тој во името на ВМРО-ДПМНЕ порача дека изградбата на автопатот не смее да биде проблематизирана и опструирана и дека таа мора веднаш да продолжи, бидејќи автопатот е важен за Македонија и за целиот регион.

Инаку, како што претходно соопшти Владата, застојот во изградбата на автопатот е поради грешки во проектирањето, односно несовпаѓањето на проектираната и на изведената траса.