Рекорд: Mилион туристи лани во Македонија


Скопје, 16 јануари, 2019 - 15:27 (META) 

Првпат од 1990 година, лани Македонија угостила повеќе од еден милион туристи. Податоците покажуваат дека само во првите 11 месеци од минатата година вкупниот број на туристи (и странски и домашни) изнесува еден милион и 79 илјади, што е повеќе од 13 отсто пораст во однос на периодот јануари – ноември 2017 година.

А, ако се гледа, пак, целата 2017 година, тогаш бројката од еден милион не беше достигната, зашто недостигаа само 1.159 туристи. Годинава оваа бројка беше достигната за само 11 месеци.

Сепак, иако ова е најголем број туристи во самостојна Македонија во една година, не е најголем број воопшто во историјата на Македонија.  Имено, рекордот се уште го држи 1987 година, кога бројот на туристи изнесуваше еден милион и 183 илјади. Но со оглед на фактот што новата статистика – еден милион и 79 илјади туристи во 11 месеци, можно е да се надмине и бројката од 1987 година, па 2018 да биде година со апсолутно најголем број туристи од 1956 година, откако е почнато мерењето.

А, дури и ако тоа не се случи со бројките од 2018, сигурно ќе се случи со годинашниве бројки, ако се има предвид каков раст има туризмот во изминативе години, што нема причина да не продолжи и годинава.

Turisti


Селмани до Поповски: Врзете си ги кучињата пред да биде предоцна


Скопје, 12 март, 2018 - 13:50 (META) 

Неколку десетици новинари денеска напладне излегоа на протест пред Владата за да побараат да се преземат мерки за заканите и навредите кои функционерот на ДУИ, Бекир Асани, му ги упати на претседателот на здружението на новинари, Насер Селмани.

На протестот, Селмани рече дека новинарите постојано се изложени на закани и притисоци и побара да се преземат мерки да се замолчат насилнциите.

– Не прифаќаме објаснување дека во владата има добри и лоши дечки затоа што владата е влада на Македонија. Не прифаќаме во Македонија да постојат две влади. Ние даноци плаќаме на оваа влада. Не е време владата да пишува осуди, тоа не е доволно и оваа влада има обврска да ги замолчи насилниците. Ако сега молчиме, ако моите колеги бидат замолчени, да знаете дека вие сте на ред, дека ќе дојдат утре по вас. Сакам да ве повикам да бидете будни затоа што еден режим што испративме и нема да дозволиме да се формира нов. Не им се плашам, не му се плашев на Никола Груевски кога неговите силеџии му се закануваа на моето семејство, не им се плашам на насилниците на ДУИ и на оние кои што молчат и седат во иста влада со нив – рече Селмани.

На почетокот на протестот пред владата дојдоа и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, одговорниот за прес-тимот на владата, Зоран Бојаровски и владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Поповски пред собраните новинари рече дека владата и сите партнери во владината коалиција изразуваат најостра осуда за сите напади врз новинари.

– Во име на владата и на сите партнери во владината коалиција изразуваме најостра осуда за сите напади врз новинарите што се случуваат. Ве уверувам дека оваа влада има нула толеранција за било какви закани, уцени и притисоци врз новинарите. Бидете уверени дека никој нема да биде заштитен – рече Поповски.

На ова реагираше Селмани кој му порача на Поповски „да си ги врзат кучињата“.

– Очигледно вие не правите доволно тој човек да се смири, затоа ви кажувам – врзете ги кучињата! Тоа се ваши кучиња, тие луѓе се дел од вашата коалиција, нема оправдување за ова. Тие мора да бидат врзани да не касаат затоа што кога ќе касаат ќе биде доцна– потенцираше Селмани.

Новинарите на протестот побараа да се обезбеди полициска заштита на претседателот на ЗНМ, Селмани и потенцираа дека нападот врз него е напад на сите новинари.


Гевгелиските таксисти и денеска два часа ќе ја блокираат границата


Гевгелија, 16 февруари, 2016 - 11:44 (META) 

И денеска продолжува блокадата од гевгелиските таксисти и од приватните автобуски превозници на граничниот премин Богородица. Блокадата за влез и за излез од земјата почна во 10 часот, а ќе трае до 12 часот.

Превозниците сè уште немаат одговор на нивното барање да се вклучат во превозот на бегалците од јужната кон северната граница. ­

„Ни беше ветено од надлежните дека до синоќа ќе стигне одговорот на нашето барање, но тоа не се случи и покрај тоа што чекавме до последен момент. Нашата добра волја не се почитува, па затоа одлучивме да продолжиме со блокирањето на граничниот премин секој ден по два часа. До кога ќе трае тоа веќе не зависи од нас – рече денеска претседателот на такси-здружението, Миле Ангелов.

Барањето на автобуските и на такси-превозници е тие во дневните часови да ги превезуваат мигрантите кон Табановце, а ноќе тоа да го прават возовите на МЖ.