Возачот на автобусот кој се преврте кај Лесковац возел со околу 100 километри на час


Лесковац, 17 декември, 2018 - 11:02 (META) 

Неприлагодена брзина за условите на патот, односно веројатно околу 100 километри на час е причината за тешката несреќа на македонскиот автобус кој ноќта во неделата се преврте близу Лесковац, Србија при што загинаа три лица, а 32 се повредени, јавуваат српски медиуми, повикувајќи се на извори во истрагата.

Автобусот, според преживеаните патници, почнал неконтролирано да се движи, по што се превртел кај Брестовац, речиси пред Лесковац.

Потешко повредените во болниците во Ниш и во Лесковац синоќа ги посети македонскиот министер за здравство, Венко Филипче.

Српските медиуми јавуваат дека возачот, кој се сомничи дека е одговорен за трагедијата, е уапсен.

–  Според досегашните информации, постои сомневање дека возачот возел со брзина од околу 100 километри на час иако патот бил завеан со снег и лизгав, што довело до несреќата – вели извор од истрагата за српските медиуми.

Како што синоќа изјави министерот Филипче, во Лесковац се сместени осум пациенти, кои се полесно повредени, а за денеска или утре би биле испратени во Македонија. Во Ниш се сместени пациенти се посериозни повреди, кои се под постојан надзор, а двајца од нив можеби ќе треба да се оперираат. Како што рече Филипче, во договор со колегите од Клиничкиот центар Ниш, ќе се реши дали ќе бидат оперирани таму или ќе бидат транспортирани во Скопје.

– Спиев и ме разбуди викање. Погледнав и видов дека автобусот оди лево-десно. Се фатив за седиштето и одеднаш автобусот се преврте. Раката ми остана под седиштето – вели Ремзи Демиров (55) од Штип, кој со автобусот на „Еуро Бус“ патувал за Виена. Хоспитализиран е во Ниш.

Голем број екипи на Итна помош и пожарникари од Лесковац и Ниш многу бргу пристигнале на местото на несреќата.

– Глетката беше страшна. Автобусот беше свртен на страна, патниците лелекаа и бараа помош, додека скршени стакла беа разлетани на сите страни. Четири лица беа заробени во автобусот. Докторите веднаш истрчаа да помогнат, за жал, за тројца беше доцна – вели соговорник за „Србија данас“.


Тројца загинати во Истанбул – автобус удрил во постојка


Истанбул, 1 февруари, 2018 - 10:52 (META) 

Три лица ги загубиле животите во несреќа во истанбулската населба Ускудар утрово, кога автобус од градскиот превоз удрил во луѓе што чекале на постојката.

Автобусот претходно се судрил со друг автобус, па влетал во луѓето што чекале на постојката на улицата Д-р Ејуп Аксој, јави турскиот весник „Сабах“.

Има голем број повредени кои се пренесени во блиските болници.


Најмалку 48 загинати во несреќа во Перу


Лима, 3 јануари, 2018 - 10:19 (META) 

Најмалку 48 лица загинале вчера во Перу кога во автобусот со кој патувале удрил камион, по што тој паднал од тесниот пат засечен во стрмнина. Несреќата се случила таканаречениот „Ѓаволски свијок“, кој се наоѓа на клиф над океанот, па патот е многу тесен, со стрмни свијоци и често покриен со магла.

Автобусот, во кој имало 57 патници и двајца возачи, се превртел и паднал на покривот на карпите на брегот 100 метри подолу. Патувал од Хуачо до 130 километри оддалечениот главен град Лима.

Спасувачките екипи во текот на попладнето и вечерта барале преживеани во тешко достапната област, но морале да се откажат околу полноќ, кога надошол приливот и почнал да го прекрива автобусот.

Во сообраќајни несреќи во Перу во 2016 година загинале 2.600 лица.


Нова автобуска несреќа во Москва


Москва, 29 декември, 2017 - 9:52 (META) 

Неколку дена откако автобус слета во подземен премин, во Москва денеска се случи уште една незгода. Овој пат автобус влета во постојка.

Како што наведува „Раша тудеј“, денешната несреќа се случила кога возачот на автобусот се обидел да избегне друго возило, чиј возач нагло свртел за да избегне трето возило.

Новинската агенција „Тасс“ јавува дела две лица настрадале во несреќата која се случила на улицата Сходненскаја, но полицијата вели дека нема жртви, туку само тројца повредени.

Пред неколку дена се случи уште една несреќа, кога автобус, најверојатно поради откажување на сопирачките влета во подземен премин.


Автобус се заби во подземен премин во Москва – четворица загинати


Москва, 25 декември, 2017 - 14:03 (META) 

Четири лица загинаа откако градски автобус се заби во подземен премин во западниот дел на Москва, јавува „Раша тудеј“.

Несреќата се случила во авенијата Кутузивски, во близина метро станицата Славјански булевар. Во несреќата, како што соопшти полицијата, има и 10 повредени.

Според извори на агенцијата „РИА Новости“, полицијата истражува две причини за несреќата Според едното сценарио, можно е на автобусот да му откажале сопирачките, а според другата, возачот нагло да свртел поради друго возило кое му го попречил патот, поради што завршо во подземниот премин.


Во болница остануваат уште 12 патници повредени во автобуската несреќа


Скопје, 22 август, 2017 - 15:22 (META) 

Се очекува денеска дома да бидат пуштени уште тројца пациенти од автобуската несреќа што се случи во неделата на автопатот Велес – Скопје, кои беа хоспитализирани во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, соопшти Министерството за здравство.

Од Клиниката за oртопедија информираат дека петмина пациенти се веќе пуштени дома и во моментов кај нив се хоспитализирани уште осум повредени лица од сообраќајната несреќа. Исто така на Клиниката за неврохирургија има еден хоспитализиран пациент, како и уште еден на Клиниката за торакална хирургија.

Во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ остануваат уште двајца од повредените, а од Општа болница Велес информираат дека сите повредени се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.

Сообраќајната несреќа се случи во неделата околу 18.50 часот на 250 метри пред зимскиот пункт на „Македонија пат“. Автобусот „неоплан“ со скопски таблички, сопственост на „Бус Травел“ ДПУ ДООЕЛ Скопје, кој бил управуван од возачот А.Н. (48) од Скопје, излетал од коловозот и слетал во провалија. Во несреќата 68-годишна патничка го загуби животот, а 26 беа повредени.


Обвинителството ја продолжува истрагата за автобуската несреќа


Велес, 21 август, 2017 - 10:24 (META) 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес синоќа извршил увид на местото на несреќата, која се случи синоќа околу 19 часот, кога автобус со македонски регистерски таблички, кој превезувал патници кои се враќале од летување во Грција, излетал од коловозот. Истрагата била прекината, а продолжува денеска.

Причините за несреќата се утврдуваат. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа и започна прибирање на трагите пронајдени на лице место.

„Со оглед на тоа што синоќа временските услови и видливоста на теренот не дозволуваа ова целосно да биде завршено, локацијата се обезбедуваше во текот на ноќта, а утрово продолжи прибирањето на материјалните траги од внатрешноста на автобусот и се врши вонреден технички преглед на возилото“, соопшти јавното обвинителство.


Автобус падна во клисура во Индија, 25 лица загинаа


Њу Делхи, 20 јули, 2017 - 11:44 (META) 

Најмалку 25 лица денеска загинаа, а девет се повредени откако автобус падна во клисура на северот на Индија, соопшти индиската полиција, додавајќи дека сè уште не се знае која е причината за несреќата.

Повредените патници се однесени во болница во градот Рампур Бушахар, во индиската држава Химачал Прадеш, наведоа властите.

Според податоците на полицијата, во сообраќајни несреќи во Индија годишно гинат повеќе од 110.000 лица, а несреќите најчесто се последица на замор или невнимание на возачите, лошите патишта и неисправост на возилата.


Автобус излетал од патот кај Алексинац – четворица повредени


Алексинац, 20 мај, 2017 - 16:21 (META) 

Четири лица се потешко повредени откако автобус кој се сообраќал на линија Скопје-Белград слетал од автопатот, јави дописникот на „Мета“ од Белград, додавајќи дека ниту еден од повредените не е во животна опасност.

Засега нема информации дали меѓу повредените има и македонски државјани.

Како што јавуваат српските медиуми, меѓу повредените е и возачот на автобусот. Повредените веднаш се хоспитализирани во Ниш.

Полицијата се уште ја истражува причината за несреќата.

Сообраќајката се случила утринава во 5.50 часот. Автобусот излетал од патот и удрил во ограда.


Осумнаесет загинати во автобуска несреќа во Панама


Панама Сити, 6 март, 2017 - 10:48 (META) 

Најмалку 18 лица загинаа, а 37 се повредени откако автобус кој превезувал работници, излета од патот југозападно од Панама Сити.

Како што пренесуваат локалните медиуми, несреќата се случила на Панамериканскиот автопат во Антон, околу 170 километри од Панама Сити, при што еден од повредените е во критична состојба.

Засега не е позната причината за несреќата.