!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Автобусите на ЈСП со нов возен ред кон Водно


Скопје, 2 декември, 2017 - 11:35 (META) 

Поради големиот интерес на граѓаните, автобусите на пробните линии 25А и 25Б до Средно Водно од овој викенд ќе сообраќаат според нов возен ред и ќе зачестат, односно ќе тргнуваат на половина час, информираат од ЈСП.

Пробната линија со број 25А сообраќа на релација од Стара железничка станица до Средно Водно, а пробната линија со број 25Б сообраќа на релацијата од Дом на печат до Средно Водно.

Градот Скопје од минатиот викенд воведе забрана за движење за возила на патот до Средно Водно, која ќе важи секој викенд и за време на државните празници. Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркиралиштето кај манастирот „Св.Пантелејмон“ до Средно Водно.


Судир на ученички автобус и комби – повредени 10 ученици


Демир Хисар, 14 ноември, 2017 - 17:55 (META) 

Десет ученици од демирхисарското основно училиште „Гоце Делчев“ се повредени откако автобусот со кој се превезувале се судрил со комби.

Како што соопшти СВР Битола, во несреќата е повреден и возачот на комбито.

Сообраќајната несреќа се случила околу 7.30 часот на патот Демир Хисар – Кичево, а во автобусот имало 30 ученици.

На повредените им била укажана лекарска помош во Клинички центар Битола, по што се пуштени на домашно лекување.


Најмалку 30 лица загинаа, а 15 се повредени во автобуска несреќа во Непал


Катманду, 28 октомври, 2017 - 14:33 (META) 

Најмалку 30 лица загинаа, а 15 се повредени во автобуска несреќа што се случила во близина на Катманду, соопштила полицијата. Автобусот излетал од патот во реката Тришули, која е позната по брзите и силни водени струи.

На теренот се припадници на војската и нуркачи, кои се обидуваат да ги пронајдат телата на патниците.

– Досега извлековме 30 тела и веруваме дека сè уште има заглавени во потонатиот автобус – соопштиле локалните власти.

Причина за сообраќајните несреќи во Непал се неодржувањето на патиштата, особено во планининските области, и лошата состојба на возилата.


Автобус со германски туристи се преврте во Анталија


Анталија, 7 октомври, 2017 - 17:43 (META) 

Три лица загинаа, а десет се повредени откако автобус полн со германски туристи удрил во палма во Анталија, по што се превртел.

Како што јавуваат американските медиуми, меѓу повредените има и едно дете, а едно лице е во критична состојба.

Возачот на автобусот, кој е турски државјанин, е уапсен.


Каменувани автобус на ЈСП и меѓународен воз


Скопје, 15 септември, 2017 - 15:02 (META) 

Два инциденти со каменување се случиле околу полноќ, при што настрадале автобус на ЈСП и меѓународен воз.

Во првиот случај, станува збор за каменуван автобус кој сообраќал на линијата број 50. Како што биле пријавено во полиција, околу 40 минути по полноќ, каменувањето го сториле десетина непознати лица, при што било оштетено едно стакло на автобусот. Немало повреди кај патниците или возачот.

Каменувањето на возот, пак, се случило околу 23 часот, во близина на кумановското село Черкезе, помеѓу постојката Карпош и железничката станица Куманово. Неколку непознати сторители фрлале камења по меѓународниот воз кој сообраќал на релација Скопје – Белград.

Повредени патници, за среќа, нема, а во инцидентот настрадало само едно стакло на вагон.

Полицијата вели дека работи на откривање на сторителите на двата инцидента.


Четиринаесет загинати во тешка автобуска несреќа во Русија


Москва, 25 август, 2017 - 10:13 (META) 

Најмалку 14 лица загинаа, а тројца се водат за исчезнати откако автобус кој превезувал градежни работници излетал од патот и паднал во морето на југот на во Русија.

Спасувачките екипи успеале да спасат 20 патници, а нуркачки тимови трагаат по исчезнатите.

Засега не се знае причината за несреќата.


Пет загинати во автобуска несреќа во Турција


Анкара, 24 август, 2017 - 11:04 (META) 

Во сообраќајна несреќа на автопат во централниот дел на Турција загинаа пет лица, а има и повредени, јавуваат турските медиуми.

Несреќата се случила на автопат кој ги поврзува Ескишехир и Анкара откако возачот изгубил контрола и удрил во столб на мост на трасата на автопатот. Автобусот тргнал од градот Измир, а сообраќајната несреќа се случила на околу 35 километри од Анкара.

Спасувачки екипи се упатени на местото на несреќата за да ги извлечат патниците од автобусот.


Обвинителството ја продолжува истрагата за автобуската несреќа


Велес, 21 август, 2017 - 10:24 (META) 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес синоќа извршил увид на местото на несреќата, која се случи синоќа околу 19 часот, кога автобус со македонски регистерски таблички, кој превезувал патници кои се враќале од летување во Грција, излетал од коловозот. Истрагата била прекината, а продолжува денеска.

Причините за несреќата се утврдуваат. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа и започна прибирање на трагите пронајдени на лице место.

„Со оглед на тоа што синоќа временските услови и видливоста на теренот не дозволуваа ова целосно да биде завршено, локацијата се обезбедуваше во текот на ноќта, а утрово продолжи прибирањето на материјалните траги од внатрешноста на автобусот и се врши вонреден технички преглед на возилото“, соопшти јавното обвинителство.


Едно лице почина во автобуската несреќа, a 28 се хоспитализирани


Скопје, 21 август, 2017 - 0:04 (META) 

Едно лице им подлегна на повредите, а 28 се хоспитализирани поради тешката сообраќајна несреќа која што се случи на патот Велес-Скопје, информираат од Министерство за здравство.

На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св Наум Охридски“, се примени шест лица, од кои еден повозрасен маж е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Сите други пациенти се надвор од животна опасност.

„Во Општа болница Велес се примени четири пациенти и сите се надвор од животна опасност. Во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се донесени вкупно 17 пациенти од кои четири на КАРИЛ- еден пациент со абдоминално крварење, еден со сериозна торакална повреда и двајца со повреди на градниот кош. Еден пациент на Клиниката за детска хирургија е внесен итно на операција. Двајца пациенти се на Клиниката за неврохирургија и се примени на опсервација. Седум пациенти се на Клиниката за ортопедија, а тројца повредени се на опсервација во Ургентниот хируршки центар. Во Градската болница „8 Септември“ примен е само еден пациент со сериозни повреди, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност“, информираа од Министерството за здравство.


Автобус излета од коловозот на автопатот Велес – Скопје, повеќе од 20 патници се повредени


Велес, 20 август, 2017 - 20:18 (META) 

Автобус излета од патот после патарината кај Велес, а повеќе од 20 патници се повредени. Патниците со возила на Итната медицинска помош се превезуваат на клиниките во Велес и во Скопје.

Според првичните информации, возачот на автобусот изгубил контрола и излетал во близина на зимскиот пункт Кула кој се наоѓа на автопатот Велес – Скопје.

Сообраќајот во тој дел од автопатот е во застој, а граѓаните јавуваат дека колона автомобили има од Велес до патарината.