Лавините во Австрија убија најмалку 10 лица


Виена, 8 јануари, 2019 - 9:42 (META) 

Најмалку 10 лица досега го загубија животот во лавини во Австрија, а се трага по исчезнатите. Над илјада лица и натаму се отсечени во австриските Алпи. Тамошните медиуми синоќа јавија дека се пронајдени телата на девојката и момче по кои се трагаше од неделата.

Дел од медиумите јавуваат дека потрагата по исчезнатите е многу опасна, а спасувачките екипи се во постојана готовност. Пишваат дека допрва се очекува нова количина на снег каква се гледа еднаш во 10 години.

Меѓу загинатите се и тројца Германци.


Oсмани: Имаме обврски во Собрание да ја спроведеме волјата на граѓаните


Тирана, 4 октомври, 2018 - 11:36 (META) 

Имавме исклучително важен референдумски процес во државата, во која над 600 илјади граѓани изразија јасна политичка волја за имплементација на Договорот од Преспа. Имаме обврска да ги искористиме сите можности и овој Договор да го имплементираме во Собранието, нагласил вицепремиерот Бујар Османи на денешната средба во Тирана со Сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, информираше македонскиот Секретаријат за европски прашања.

Тој притоа рекол и дека Македонија ќе остане посветена на европската агенда, со спроведување на европските правила, стандарди и вредности.

Османи, кој е главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ,  заедно со својот заменик и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ, денеска учествуваат на третата Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR), која се одржува во главниот град на Албанија.

Се очекува да биде потпишана заедничка декларација за потврдување на заложбите за унапредување на добрососедските односи, унапредување на регионалната соработка како и европските перспективи на земјите од Западен Балкан.


Курц: Позитивно ќе биде да излезете на референдумот и да гласате за перспектива


Скопје, 7 септември, 2018 - 11:11 (META) 

Австрија е пријател на Македонија и на целиот регион и би сакале да живееме и во заедничка иднина. Како претседавач со Европската Унија, можам да кажам дека ЕУ ќе биде комплетна кога во неа ќе биде интегриран и Западен Балкан. За Македонија решението за спорот за името ќе донесе динамика. Најпрво сакам срдечно да го поздравам тоа што е постигнат компромис на ова поле, и би сакал да ги поканам граѓаните на Македонија да учествуваат на референдумот и да се изјаснат за решавање на спорот со името и за европската перспектива на земјата.

Со таква порака до македонските граѓани се обрати канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, од заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата. Курц стаса утрово во Скопје, по што имаше средба со Заев, а потоа ја одржаа прес-конференцијата.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе се сретне и со македонската опозиција и истото ќе го побара од нив.

– Истата порака ќе ја упатам до опозицијата. Независно со кого разговарам, мојот став е секогаш ист – рече Курц.

Заев повтори оти верува во успешноста на референдумот и дека посетата на високи државници деновиве на Македонија јасно кажува дека Македонија е добродојдена во ЕУ.

– Посетата на господинот Курц ни дава до знаење дека сме на вистинскиот европски пат. Светот го препозна отвореното чувство на оптимизам. Сигурен сум дека зад поканата за членство во Европската Унија стои и австриското претседателство со Унијата. На крајот дозволете ми да ја изразам благодарноста што Австрија ја вбројуваме во најзначајните економски партнери – рече Заев.


Коблер: Македонија најблиску до ЕУ досега, но ја чека работа


Скопје, 2 јули, 2018 - 13:42 (META) 

Амбасадорката на Австрија, Ренате Коблер, изложувајќи ги приоритетите за претседателствување на Австрија со ЕУ во следната половина година во собраниската Комисија за европски прашања, порача дека Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ отколку сега, но дека сепак ја очекува многу работа на реформите.

Според Коблер, еден од приоритетите на Австрија е и Западниот Балкан, а Македонија ќе треба да спроведе уште реформи.

– Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ како што е сега. Има јасен датум за почеток на преговори со ЕУ и многу работа пред неа – рече австриската амбасадорка, честитајќи и на Македонија за реформските напори и постигнувањата, кои според неа, биле од историски размери.

Таа посебно ги одбележа Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот за решавање на спорот за името со Грција.

– Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ, отколку што сте сега. Секако знаеме и чувме дека вашата земја пред себе има многу работа. Бидете уверени дека јасната европската перспектива за регионот на Западен Балкан и јасната европската патека за вашата земја остануваат врвен приоритет за австриското претседателство – рече Коблер.


Заев ги повика австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија


Виена, 26 јуни, 2018 - 13:23 (META) 

Премиерот Зоран Заев ја започна официјалната посета на Република Австрија со состанок во Австриската Федерална Стопанска Комора.

Тој посочи дека Договорот со Грција го затвора билатералното прашање што стои на патот на интеграциите на Македонија, а дека земјата прави сериозни реформски чекори согласно европските стандарди што гарантира предвидливост и стабилност на бизнис климата во нашата држава.

-Ја надминавме политичката криза, ја стабилизиравме државата градејќи едно општество за сите, правиме суштински реформи за владеењето на правото и воспоставување правна држава, затоа и добивме чиста препорака од ЕУ. Сега со право за нашите напори и резултати очекуваме и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме и покана за НАТО. Ова за нас значи стабилност, безбедност, нови инвестиции, нови работни места, економски развој – порача премиерот.

Заев изрази надеж дека бројот на австриски инвеститори во Македонија ќе се зголемува, а таков повратен охрабрувачки одговор доби и од претставниците на австриската Стопанска комора.


Заев на 26 и 27 јуни во официјална посета на Австрија и Полска


Скопје, 22 јуни, 2018 - 13:03 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од владина делегација на 26 јуни ќе оди во официјална посета на Република Австрија, а на 27 јуни во Република Полска, соопштија од владината прес-служба.

Во Виена, Заев ќе се сретне со федералниот канцелар на Република Австрија, Себастијан Курц, по што ќе имаат заедничка прес-конференција. Премиерот ќе има и средба во Парламентот на Австрија, ќе се обрати на дебата на тема „Заедничка европска иднина за Југоисточна Европа – Примерот на Македонија“. Во рамки на посетата Заев и владината делегација ќе имаат и средби со претставници на бизнис заедницата во Австрија.

Во Варшава, премиерот Заев ќе има средба и заедничка прес-конференција со полскиот премиер, Матеус Моравјецски.


Заев – Кнајсл: Има интерес за нови инвестици од Австрија


Скопје, 27 март, 2018 - 16:05 (META) 

Постојат добри односи помеѓу Македонија и Австрија на политички и на економски план и двете страни се уверени дека е отворен простор за продлабочување на билатералната соработка во сите области. Кај австриските бизнисмени има интерес за нови инвестиции во Македонија. Таков заклучок е донесен на денешната средба на премиерот Зоран Заев, со Карин Кнајсл, сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија и австриската амбасадорка Ренате Колбер на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

Како што извести Владата, министерката Кнајсл на средбата истакнала дека се забележани промени во Македонија во поглед на надминување на финансиските ризици и создавањето услови за фискална предвидливост, по политичката криза минатата година. Кнајсл рекла и дека заинтересираност кај бизнис заедницата во Австрија за нови инвестиции и отворање нови работни места во Македонија.

Истовремено, таа нагласила дека Австрија ги поддржува интеграциите на Република Македонија и на Западен Балкан во ЕУ и дека фокусот на претстојното австриско претседателство ќе биде кон исчекори на државите од регионот на тој пат.


Курц: На мигрантите да им се помогне во нивните матични земји


Виена, 24 декември, 2017 - 12:09 (META) 

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за весникот „Билд ам Зонтаг“ повика да се запрат обидите за наметнување на квоти за раселување на бегалците и предложи да им се помогне на бегалците во земјите од каде што доаѓаат.

Додека беше министер за надворешни работи, Курц ја критикуваше одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година во својата земја да прифати над еден милион мигранти. Откако ја презеде функцијата австриски канцелар, управувајќи со коалиција со десничарската Австриска партија на слободата, тој застана на страната на централноевропските земји, кои се противат на предлозите за раселување на барателите на азил во ЕУ, кои ги поддржува Германија.

– Принудувањето на земјите од ЕУ да прифатат бегалци не ја води Европа кон напредок. Дискусијата нема смисол. Мигрантите што одат кон Европа не сакаат да одат во Бугарија или Унгарија. Тие сакаат да одат во Германија, Австрија или Шведска – вели Курц.

Наместо да вложуваат напори во една, според него, неуспешна политика, Курц ја повика ЕУ да ги поддржи, „можеби со воена сила“, напорите да им се укаже помош на мигрантите во нивните матични земји или во соседните земји.

– Ако тоа не е можно, треба да им се помогне во безбедните области на нивниот континент. ЕУ треба да помогне во тоа, можеби дури и да го организира и да го поддржи со воена сила – истакна новиот австриски канцелар.


Автомобил се удрил во автобус со Македонци во Австрија


Виена, 23 ноември, 2017 - 12:13 (META) 

Еден загинат е епилогот на сообраќајната несреќа што се случила вчера, во 21.50 часот, кај Шлирбах во Австрија, кога автомобил удрил во автобус со кој Македонци патувале од Германија кон Македонија, јави австриската државна телевизија ОРФ.

Засега не се познати причините зошто автомобилот, со кој управувал 27-годишен Австриец, преминал на левата лента и удрил во автобусот. Во судирот животот го загубил 25-годишник од Гафленц, Австрија, кој бил сопатник во автомобилот, а возачот е пренесен во болница со тешки повреди.

Во автобусот имало 28 патници од Македонија, и сите, вклучително и возачот на автобусот, се неповредени.

Испратен е нов автобус од Македонија кој треба да ги преземе патниците и да ги донесе во земјава.


Заев на средба со Курц: Очекуваме почеток на преговори со ЕУ во 2018 година


Виена, 6 ноември, 2017 - 19:48 (META) 

На маргините на Виенскиот економски форум, премиерот Зоран Заев се сретна со актуелниот министер за надворешни работи на Австрија и мандатар за составување на новата австриска влада, Себастијан Курц.

На средбата Заев и Курц ја потврдиле активната политичка, економска и секторска соработка. Курц му честитал на Заев за демократски спроведените избори, а Заев го информирал за напредокот во реализацијата на планот „3-6-9“.

Во однос на заедничкиот предвизик од мигрантската криза, Заев потврдил дека Македонија останува посветен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза.

Заев му се заблагодарил на Курц за континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оценил дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

– Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година – соопшти Заев.

Курц го информирал Заев дека Австрија го следи процесот на демократски реформи во Македонија и е подготвена да ги поддржи реформите за да ги дадат очекуваните резултати.

Двајцата лидери се согласиле на почетокот на идната година Курц да ја посети Република Македонија.