Владата ќе ги олесни критериумите во третиот јавен повик за нискобуџетна авиокомпанија


Скопје, 7 ноември, 2018 - 13:29 (META) 

Владата на вчерашната седница одлучила да биде објавен трет јавен повик за субвенции за нискобуџетни авиокомпании со олеснети критериуми, по неуспешните два огласи.

-Да, ова е трет јавен повик за избор на авиокомпанија која ќе добие финансиска поддршка. Овој пат ги олеснивме условите, така што авиокомпанијата треба да воспостави две нови авиолинии од Скопскиот и две од Охридскиот аеродром до 26 март 2019 година. Претходниот рок беше 10 јануари. Првите два повика беа неуспешни поради неисполнување на условите од тендерската постапка. Очекуваме овој трет повикот да биде успешен во интерес на граѓаните и тие ќе можат целосно да ги користат бенефитите од нискобуџетните летови – информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Останува непроменет условот субвенционираната авиокомпанија да воведе уште два нови лета од Охридскиот аеродром во рок од една година од потпишување на договорот.

Од Министерството за транспорт и врски најавуваат дека јавниот повик ќе биде објавен наредната недела.

Новата тригодишна помош ќе изнесува пет милиони евра. Унгарскиот авиопревозник „Виз ер“, во два циклуса од по три години, доби финансиска помош од 9,5 милиони евра и воспостави 30 линии до 14 земји.


Сугарески: Понудата од „Виз ер“ не одговараше со условите во јавниот повик


Скопје, 17 октомври, 2018 - 15:14 (META) 

По повод поништениот јавен повик за финансиска поддршка на авиокомпании што беше објавен на 13 септември годинава, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека авиокомпанијата „Виз ер“, била единствената која доставила понуда, но таа не одговарала со условите и критериумите пропишани во јавниот повик за финансиска поддршка за авиокомпании.

Тој објасни кои делови од условите, компанијата „Виз ер“ не ги исполнила.

„Во јавниот повик предвидено е авиокомпанијата што ќе добие финансиска поддршка има обврска да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“, Охрид, и тоа првите две до 10.01.2019, а останатите две, во рок од една година од денот на склучување на договорот, и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиската поддршка. „Виз ер“, доставила понуда во која што сите четири дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“, планира да ги воведе во август 2019 година. Ова е спротивно на еден од клучните критериуми во јавниот повик. Поради ова, Комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи“, рече Сугарески.

Тој додаде дека евтини летови ќе има, но процедурата и правилата мора да се почитуваат.

„Владата процени дека стратешки интерес на Македонија е покрај скопскиот аеродром, системски да го развива и охридскиот аеродром. Затоа и во јавниот повик побаравме потенцијални корисници на финансиска поддршка, да воведат четири нови линии од охридскиот аеродром во 2019 година. Исто така сакам да нагласам дека средствата се веќе предвидени во буџетите за следните три години“, додаде Сугарески.


„Визер”: Летови до Барселона, Ваксјо и Лондон само во летната сезона


Скопје, 13 август, 2018 - 16:49 (META) 

Авиокомпанијата „Визер“ попладнево соопшти дека авиолиниите од Скопје до Ваксјо и Барселона и од Охрид до Лондон се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона.

„Наскоро, авиокомпанијата ќе го објави летниот распоред за 2019 година и патниците ќе можат веќе да ги планираат своите патувања и да ги резервираат своите карти на Wizz рутите од Македонија“, се наведува во изјавата од авиокомпанијата.

Оттаму посочуваат дека вообичаена практика во авионската индустрија е фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите и оти „Визер“ постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени.

На официјалната веб-страница на авиокомпанијата не може да се резервираат билети од Скопје до Барселона и Ваксјо и од Охрид до Лондон. Последниот лет од Скопје до Барселона за кој може да се резервира билет е 26 октомври, а од Охрид за Лондон 24 октомври. По 16 септември веќе не можат да се купат и билети за летовите од скопскиот аеродром до Ваксјо во Шведска.

„Визер“ беше единствената компанија која се пријави на тендерот за доделување на субвенции за нискобуџетски компании што беше поништен минатата недела.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека деновиве ќе биде објавен нов тендер за финансиска поддршка на нискобуџетски летови.


„Виз ер“ од денеска со летови од Скопје до Будимпешта


Скопје, 5 април, 2017 - 13:53 (META) 

Компанијата „ТАВ Македонија“ денеска го пречека авионот на „Виз ер“ кој на скопскиот аеродром „Александар Велики“ слета од Будимпешта, одбележувајќи го отворањето на новата рута Будимпешта – Скопје – Будимпешта.

Авиокомпанијата ќе сообраќа двапати неделно, односно секоја среда и недела, со пристигнување на скопскиот аеродром од Будимпешта во 12.25 часот и заминување од Скопје за Будимпешта во 13 часот.

– Воведувањето на оваа линија меѓу Скопје и Будимпешта од страна на „Виз ер“ денеска е важен чекор напред за македонското воздухопловство, бидејќи со ова се исполнува побарувачката на пазарот што остана отворена во изминативе пет години, односно од февруари 2012 година. Очекуваме оваа линија да придонесе за пораст на туризмот, како и за бизнис-размената меѓу двете земји, Македонија и Унгарија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Лани, „Виз ер“ превезе преку еден милион патници на нискотарифните линии од Македонија, што претставува пораст од 27 проценти на годишно ниво.


Директни летови од Охрид до Цирих ќе се воведат од 17 декември


Скопје, 2 декември, 2016 - 13:54 (META) 

Швајцарската авиокомпанијата „Германија флуг АГ“ ќе воведе директни редовни летови од Охрид до Цирих од 17 декември.

Тие се реализираат во соработка со тур-операторот „Ер Приштина“ и билети веќе можат да се резервираат на интернет-страницата www.airprishtina.com.

Според договореното меѓу „ТАВ Аеродроми“ и „Германија флуг АГ“, авиокомпанијата ќе оперира еднаш неделно во зимскиот ред на летање, а бројот на летови ќе се зголеми на двапати во неделата во текот на летото следната година.

– Очекуваме оваа рута да служи како добра врска помеѓу Македонија и Швајцарија, но и да функционира како линк меѓу Германија, особено нејзиниот јужен дел – истакна Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во „ТАВ Аеродроми“.

Во првите 10 месеци од 2016 година, во споредба со истиот период лани, бројот на патници на двата аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е зголемен за 16 отсто и е достигнат вкупен број од 1.534.591 патници.

Во истата временска рамка, од јануари до октомври годинава, бројот на полетувања и на слетувања е зголемен за 11 проценти, односно реализирани се вкупно 14.406 летови.