Талибанците повикуваат на директни разговори со САД за Авганистан


Кабул, 27 февруари, 2018 - 14:25 (META) 

Талибанците повикаа на директни преговори со Соединетите Американски Држави за пронаоѓање на мирно решение за судирите во Авганистан, што претставува пресврт во политиката по неколкумесечните крвави напади, јавуваат светските агенции.

Бројот на цивилни жртви се зголеми во последните неколку месеци, по низата крвопролевања што ги предизвикаа талибанците и милитантите на Исламска држава при нападите на урбани подрачја и на припадниците на безбедносните сили, како одговор на новата воена политика на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во соопштението, издадено синоќа, талибанците ги повикуваат американските официјални претставници на директни преговори за мирно решение во Авганистан.

Засега нема одговор од амерканската страна, која претходно инсистираше дека во било какви разговори мора да биде вклучена и авганистанската влада во Кабул.

Трамп во јануари, годинава отфрли одржување на разговори со талибанците, по низата напади во Кабул, кои што беа изврпени во хотелот „Интерконтинентал“, на улица во авганистанската престолнина и на воена единица, во кои загинаа повеќе од 130 лица.

Авганистанскиот претседател Ашрав Гани изјави дека авганистанските власти ќе претстават соепфатен план за мир со талибанците и Пакистан за време на конференцијата во Кабул.


Авганистанската влада ги засилува мерките за безбедност во Кабул


Кабул, 7 февруари, 2018 - 19:33 (META) 

Авганистанската влада одобри нов безбедносен план за Кабул по низата напади на милитантите на главниот град, јавуваат светските агенции.

Портпаролот на министерството за внатрешни работи, Нусрат Рахими изјавил дека планот ќе биде имплементиран во следните две недели.

Тој изјавил дека повеќе од 100 улици кои водат кон центарот на Кабул ќе бидат под строг надзор.

Планот содржи 52 мерки и ќе биде спроведен во три фази.

Прозападната влада на Авганистан е под се поголем притисок од јавноста по низата напади во кои загинаа повеќе од 130 лица. Одговорноста за нападите ја презедоа талибанците и екстремистите на Исламска држава.


Најмалку 11 загинати во напад на воена база во Кабул


Кабул, 29 јануари, 2018 - 15:35 (META) 

Најмалку 11 војници загинаа, а 15 се ранети во напад на воена база во близина на воената академија во главниот град на Авганистан, Кабул, соопшти авганистанското министерство за одбрана, пренесуваат светските медиуми.

Во нападот учествувале петмина милитанти, од кои четворица се убиени за време на нападот, а еден е уапсен, рекле од министерството.

Како што јавува новинската агенција „Амак“, одговорноста за нападот ја презела Исламска држава.

Денешниот напад доаѓа два дена по смртоносниот напад во Кабул, кога во експлозија на амбулантно возило загинаа најмалку 100 луѓе, а повеќе од 15 беа повредени. Одговорноста за овој напад ја презедоа талибанските милитанти.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Се зголемува бројот на загинати во нападот во Кабул


Кабул, 27 јануари, 2018 - 19:49 (META) 

Најмалку 95 лица се убиени, а 158 се повредени во самоубиствениот бомбашки напад што денеска се случи во главниот град на Авганистан, Кабул, велат последните информации што ги пренесуваат светските медиуми.

Нападот се случил кога амбулатно возило полно со експлозив успеало да го помине полицискиот пункт на улица затворена за јавен транспорт.

Одговорноста за нападот ја презедоа талибанските милитанти.

Според очевидци, областа во која се наоѓаат повеќе странски амбасади, како и седиштето на полицијата во Кабул, била полна со луѓе за време на експлозијата.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Најмалку 40 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Кабул


Кабул, 27 јануари, 2018 - 11:30 (META) 

Најмалку 40 лица загинале, а 140 се повредени во самоубиствен бомбашки напад што утрово се случил во главниот град на Авганистан, Кабул, соопштија властите во земјата, пренесува „Би-би-си“.

Напаѓачите биле во амбулатно возило, полно со експлозив, кое успеало да го помине полицискиот пункт на улица затворена за јавен транспорт.

Нападот се случил во близина на старата зграда на авганистанското министерство за внатрешни работи и канцелариите на Европската Унија во Кабул.

Одговорноста за нападот ја презеле талибанските милитанти.

Според очевидци, областа во која се наоѓаат повеќе странски амбасади, како и седиштето на полицијата во Кабул, била полна со луѓе за време на експлозијата.

Авганистанските власти, како што пренесува „Би-би-си“ очекуваат бројот на жртви да се зголемува, со оглед на големиот број на повредени кои се носат во болниците.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Убиени напаѓачите на хотелот во Кабул, пет лица загинати


Кабул, 21 јануари, 2018 - 11:25 (META) 

Нападот на хотелот „Интерконтинентал“ во главниот град на Авганистан, Кабул е завршен, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан, Надиб Даниш.

Четворицата напаѓачи се убиени, а 153 луѓе биле спасени, вклучувајќи и 41 странец.

По 13 часа судир со напаѓачите од хотелот, загинаа најмалку пет лица, меѓу кои и еден странец а вкупно шест се повредени за време на опсадата, изјавуваат официјални лица. Тројца од жртвите биле припадници на безбедносните сили.

Нападот се случи само неколку денови откако Амбасадата на САД во Кабул предупреди на евентуални напади врз хотели во Кабул.

До сега никој не презеде одговорност за нападот.


Столтенберг: Вратата е отворена, но преминувањето на прагот бара работа


Скопје, 18 јануари, 2018 - 13:26 (META) 

Вратата на НАТО е отворена за нови членови, но преминувањето на прагот бара сериозна работа, порача Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во обраќањето пред пратениците, државниот врв и првите луѓе на повеќе институции на седница на Собранието на Република Македонија. Во него тој посебно се осврна и ги пофали ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија и изгласувањето на Законот за јазиците.

Столтенберг порача дека членките на северноатланската алијанса може едногласно да поканат која било европска земја да стане членка, но за тоа да се случи има уште работа што треба да се заврши. Сепак, како што рече, пред седиштето на НАТО има место за уште знамиња.

– Договорот од Вашингтон нагласува дека членките може преку едногласен договор да поканат која било европска земја да се приклучи на Алијансата, доколку таа земја е во состојба да  ги следи обрските на договорот и придонесува во северноатлантската сфера. Под тие услови Црна Гора стана 29. членка на НАТО минатата година, со еднаков глас во нашите дискусии и еднакви права и одговорности како сите други земји – членки. Гледањето како црногорското знаме се издига за првпат пред седиштето на НАТО беше горд момент за мене. Но, има сè уште место за уште знамиња пред седиштето на НАТО – рече Столтенберг.

Сепак, рече тој, едно е да се биде амбициозен, а друго е реалната ситуација и мора да се реши прашањето за името на, како што рече, „вашата земја“. Тој инаку не го употреби зборот Македонија ниту еднаш во говорот што траеше дваесетина минути.

– Сакам да успеете, НАТО сака да успеете, но иако е добро да се биде амбициозен, важно е да се биде и реален. Има уште работа што треба да се сработи. Тоа значи – решавање на прашањето за името на вашата земја. Ова е прашање што му тежи на овој регион и на оваа земја предолго време. Оттука, ја поздравувам покажаната волја на оваа влада да се разреши ова прашање. Вчерашната средба на преговорачите во Њујорк беше уште еден важен чекор. Охрабрен од неодамнешниот напредок, ја користам оваа шанса да ве поттикнам да се приближите напред – порача Генералниот секретар на НАТО.

Подеднакво важно е да се подобрат односите со сите соседи, рече тој.

– Исто така добро е да покажете добри односи со соседите. Членките на НАТО се одушевени поради развојот на односите со Бугарија, и јас честитам за ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија, но мора да работите да ги подобрите односите со останатите во регионот – рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО ги спомена и насилствата од 27 април минатата година и рече дека настаните во Собранието го шокирале и него и сите членки на НАТО.

– Сепак бевме импресионирани од тоа што го видовме од тој ден понатаму, за напредокот што сите го сторивте за формирање нова отворена поинклузивна политичка култура, во калење на новиот национален дух, гледање напред и истрајност. Пред девет месеци се приближивте кон работ на една карпа. Но, од тогаш една држава од потенцијална нестабилност се претворивте во држава на реални можности – рече Столтенберг.

Тој посебно значење даде на диверзитетот и на донесувањето на законот за јазиците.

–  Како поранешен пратеник и премиер на Норвешка разбирам многу од предизвиците со кои продолжувате да се соочувате. Долгата политичка кариера ме научи колку е поинклузивно едно општество, толку е поуспешно. Диверзитетот е сила, не слабост. Таму каде што има диверзитет придружен од добро управување има успех – порача Генералниот секретар на НАТО.

Во говорот тој оддаде признание на македонската одбрана за придонесот на мисијата на НАТО во Авганистан, но рече дека и во тој сектор се потребни реформи, а како посебно важно го посочи зголемувањето на буџетот за одбраната до ниво од 2 отсто од БДП.


Најмалку 11 загинати и 25 повредени во самоубиствен бомбашки напад во Кабул


Кабул, 4 јануари, 2018 - 20:37 (META) 

Најмалку 11 лица загинале, а 25 се повредени во самоубиствен бомбашки напад што денеска се случил во главниот град на Авганистан, Кабул, соопштил портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи, Наџиб Даниш, пренесуваат светските агенции.

Според авганистанските власти бомбашот-самоубиец го активирал експлозивот откако се приближил до група припадници на безбедносните служби. Во нападот се убиени најмалку петмина полицајци.

Од полицијата соопштиле дека напаѓачот носел полициска или воена униформа.

Припадниците на безбедносните служби во моментот на нападот спроведувале акција против илегална трговија со дрога и алкохол во подрачје во Кабул, недалеку од Амбасадата на САД.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот.


Најмалку 12 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Авганистан


Џалалабад, 31 декември, 2017 - 14:16 (META) 

Најмалку 12 лица загинале, а 14 се повредени во самоубиствен бомбашки напад што се случил денеска во источен Авганистан, јавуваат светските агенции.

Напаѓачот го активирал експлозивот за време на погреб во провинцијата Нангархар.

Официјални претставници на авганистанските власти соопштиле дека билансот на загинати можно е да се зголемува бидејќи голем е бројот на повредени кои се во критична состојба.


Во самоубиствен напад во Авганистан загинаа 40 лица


Кабул, 28 декември, 2017 - 12:49 (META) 

Најмалку 40 лица загинаа, а 30 се повредени во самоубиствениот напад на шиитски културно-религиски центар во западниот дел на авганистанскиот главен град Кабул.

Министерството за внатрешни работи на Авганистан за „Би-би-си“ соопшти дека пред самоубиствениот напад одекнале две експлозии во истиот дел на градот. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Исламска држава во последните месеци изведуваше напади на шиитски институции ширум земјата.

Авганистанскиот претседател, Ашраф Гани нападот го нарече злосторство против човештвото.

„Терористите го убиваат нашиот народ. Терористите ги напаѓаат нашите џамии, светите места и културните центри“, стои во соопштението кое го издаде претседателската палата.

Гани го нарече нападите на шиитските мети ширум Авганистан за „напад на исламот и на сите човечки вредности“.