Сценарија околу ратификацијата на Договорот за името во грчкиот парламент


Атина, 27 септември, 2018 - 18:33 (META) 

Додека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја завршува посетата на САД, се развиваат различни сценарија дали и колкав број пратеници во ќе гласаат кога Договорот од Преспа ќе дојде на ратификација во грчкиот парламент, јавува допосничката на „Мета“ од Атина.

Потпретседателот на партијата Независни Грци, коалицискиот партнер на владата, Панајотис Сигуридис денеска изјави дека пратениците треба да ја почитуваат „официјалната партиска линија“.

Тој вели дека сите кои ја застапуваат таа партија треба да сносат последници ако ја прекршат партиската дисциплина, иако според правилата на грчкиот парламент секој пратеник/пратеничка треба да гласа според неговата/нејзината совест.

Панос Каменос, лидерот на Независни Грци, и натаму вели дека ќе ја напушти владата предводена од Сириза ако договорот биде изгласан. Грчките медиуми велат дека најмалку двајца пратеници на Каменос планираат да гласаат вво прилог на Договорот за името – Танасис Папахистопулос и Елена Кунтура, која Ципрас ја именува за министерка за туризам.


Каменос: Договорот за името нема да биде ратификуван


Атина, 25 септември, 2018 - 11:29 (META) 

Панос Каменос, лидерот Независни Грци, помалиот коалициски партнер во владата на Алексис Ципрас, сè уште стои на ставот дека неговтата партија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа кога тој ќе дојде во грчкиот парламент.

– Договорот нема да биде ратификуван. Ние, владините партнери ќе сториме се што е во наша моќ тој да не биде ратифукуван. Јасно кажавме дека нема да гласаме (за Договорот). Јас на ова се обврзав уште одамна – изјави Каменос, кој е и министер за одбрана, во интервју за грчка телевизија.

Каменос изјави и дека неговата десно ориентирана партија „ќе ја повлече поддршката“ на владата ако Договорот со кој се става крај на деценискиот спор меѓу двата балкански соседи биде ставен на ратификација, најверојатно во март следната година.

– Тогаш Ципрас ќе треба да си најде други коалициски партнери – додаде Каменос, демантирајќи ги уверувањата на Ципрас дека Независни Грци нема да сторат ништо за да спречат Договорот да помине во Парламентот.


Обвинителство почна истрага за говорот на омраза во врска со пожарите кај Атина


Скопје, 25 јули, 2018 - 14:18 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека по допрен глас оформила предмет во врска со определени написи и коментари по социјалните мрежи, со кои се шират расистички и ксенофобични материјали. Станува збор за постови за пожарот во близина на Атина.

„Јавното обвинителство ќе испитува дали преку пишувањето на коментарите и написите на социјалните мрежи е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност. Следува преземање на дејствија со цел обезбедување докази во предметот. Воедно, ќе се утврдува идентитетот на лицата кои преку објавување на написи и коментари учествувале во ширењето на говорот на омраза“, се вели во соопштението.


Црвен крст со повик за помош на настраданите во пожарите во Грција


Скопје, 25 јули, 2018 - 12:12 (META) 

Пожарите кои го зафатија подрачјето на градот Атина во Грција во кој загинаа 76 лица предизвикаа големи материјални штети кои го погодија населението.

Од Црвениот крст на Република Македонија велат дека континуирано ја следат состојбата и согласно добиените насоки од страна на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина соодветно ќе дејствуваат.

Од таму ги повикува заинтересираните правни субјекти и граѓани да се вклучат во акцијата за помош на настраданото население.

Преку донација на парична помош:
– Жиро сметка на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка
– Донирање на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400

Донација на средства во странска валута:
NAME OF THE ORGANIZATION: MACEDONIAN RED CROSS
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228

Исто така, граѓаните самоиницијативно се организираат за собирање на помош, па така пункт е отворен во „Нано бар“.

Истовремено уметниците покренаа иницијатива за донирање на уметнички дела, по примерот на грчките уметници кои истото го сториле и за Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Уметниците кои сакаат да се вклучат во оваа акција потребно е да го контактираат Зоран Кардула.


МНР препорачува да не се патува во регионите на Атина зафатени од пожар


Скопје, 24 јули, 2018 - 11:06 (META) 

Заради пожарите кои се случуваат во областа Атика, во околината на Атина, од Министерството за надворешни работи препорачуваат државјаните на Република Македонија да избегнуваат патувања во тие региони.

„Ги информираме граѓаните дека засега македонски државјани не се обратиле за помош во нашето дипломатско конзуларно претставништво во Атина. Поради пожарите во Грција е прогласена вонредна состојба. Воедно, информираме дека контакт телефонот на дипломатско конзуларно претставништво на Република Македонија во Атина е 0030 694 474 3071“, се вели во соопштението од МНР.


На 8 јули и во Атина протест за одбрана на „Македонија“


Атина, 6 јуни, 2018 - 15:22 (META) 

По денешните протести низ северна Грција, протест за одбрана на името „Македонија“ ќе има и во Атина, на централниот плоштад Синтагма, на 8 јули, само неколку дена пред Самитот на НАТО.

Протестот во Атина, како што пишува весникот „Прото тема“ го организира Здружението за заштита на правата на Власите кои зборуваат грчки (Влахофоните) во Македонија и Здружението за заштита на Хеленска Македонија.

Двете здруженија ги повикуваат граѓаните да порачаат дека не може да се преговара за грчкиот карактер на Македонија и дека „Македонија е една и единствено грчка“.

Од двете здруженија уште додаваат дека за вакво сериозно прашање, како што е името на соседната земја, треба да се прашаат грчките граѓани, и тоа не само оние што живеат во земјата, туку и грчките иселеници.

Оттаму се закануваат дека ако грчкиот Парламент го усвои договорот за решавање на името, надвор ќе бидат граѓаните со порака дека „нивното име е нивна приказна“.


Ѕанакопулос: Нам не ни се брза, чекаме Заев да ни се јави ако ги прифаќа условите


Атина, 4 јуни, 2018 - 11:51 (META) 

Во 13 часот денеска, грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина има средба со Вартоломеј. Во светлина на последните настани со писмата на македонскиот премиер Зоран Заев и на Светиот синод до Вселенската патријаршија, оваа, инаку протоколарна средба добива ново значење.

Во врска со преговорите околу името од Атина велат дека „тие чекаат Заев да се јави“, како и дека „тој треба да ги прифати или не условите, а дека ним не им се брза“.

– Грчката страна чека на Зев да го направи решавачкиот чекор за да дојдеме до договор. Топката е на нивен терен – рече владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос, а пренесуваат грчките медиуми.

Тој не ја исклучува можноста до тој телефонски разговор да дојде уште денеска но, како што рече,  „прашањето е дали Заев е подготвен да потпише“.


Во Скопје и Атина се пребројуваат раните и се лечат повредите од „Илинденска“


Скопје, 21 мај, 2018 - 10:19 (META) 

За помалку од 48 часа од промоцијата на „новото“ име, и во Скопје и во Атина се бара излез и од оваа нова ситуација. Премиерот Зоран Заев, на лидерската средба доби поддршка (значајна) само од коалицискиот партнер ДУИ, но изостанаа другите чинители.

Неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, помина уште полошо – доби цврсти четири „не“ од партиите и едно завиено „не“ од претседателот на државата. Внатрешната штета за Ципрас допрва ќе се мери, оти ниту една партија од коалицијата не застана зад него, а во последните мигови од новиот предлог се дистанцираа и Мицотакис, па дури и комунистите, кои ја држат анти-НАТО линијата.

Што ќе се случува оваа недела на полето на преговорите?

Министрите за надворешни работи – Димитров и Коѕиас – ќе имаат нова средба во САД. Коѕиас таму ќе одржи серија разговори в четврток и в петок – 24 1 25 мај. На средбата со Димитров ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.

Грчката влада еден ден по обелоданувањето на предлогот за „Илинденска“ излезе со воопштено соопштение.

Во него се вели „го поздравуваме тоа што од страна на БЈРМ е прифатено дека решението на проблемот со името не може да биде без ерга омнес, односно употреба на новото име насекаде и од сите“.

Грчката влада повика „да се продолжи со соработка во барањето на заедничко прифатливо име со временска или географска одредница“ и потсети дека секое решение подразбира и промена на Уставот.

Премиерот Заев во саботата по лидерската средба ги повика „сите политички сили во општеството, сите групи и заедници да се приклучат за да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија“.

– Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина – рече Заев.


Грчката влада демантира: Само сложено име за сите употреби ги отвора вратите на ЕУ и НАТО


Атина, 14 мај, 2018 - 15:46 (META) 

Промената на уставното име на Македонија е услов за поддршката на Грција за интеграцијата на соседот во ЕУ и НАТО, нагласуваат владини извори, кои ги пренесува грчката државна телевизија ЕРТ, како реакција на информациите кои ги пласираше десничарскиот весник „Естиа“.

Според грчката влада, тврдењата на весникот дека “НАТО како ПЈРМ и со цврст меѓународен договор“ не ја отсликуваат реалноста.

Поточно, истите извори, истакнуваат дека “актуелната влада преговара со власта во ПЈРМ само за зачувување на националните интереси и за тоа постави два јасни услова за нивна заштита – сложено име и име за сите употреби”.

Се нагласува дека „промената на уставното име на нашиот сосед е предуслов за нашата поддршка за интеграцијата во ЕУ и во НАТО, па поред тоа, она што го наведува „Естиа“ не е точно, нагласуваат извори од владата во Атина.


Шилегов и Каминис потпишаа договор за соработка на Скопје и Атина


Скопје, 27 април, 2018 - 14:20 (META) 

Договор за соработка помеѓу градовите Скопје и Атина потпишаа денеска во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје градоначалниците на двата града, Петре Шилегов и Јоргос Каминис.

– Со потпишувањето на овој договор, со Атина ќе разменуваме информации, искуства и добри практики и ќе негуваме соработка во разни области на работа и надлежности, како што се: градска администрација и управување со јавни услуги, урбан развој, урбана отпорност, заштита на животната средина и природата, културни и туристички активности, иновации, информатичка технологија и дигитализација и практики за граѓански ангажман. Воедно, заедно ќе соработуваме во рамките на мрежата Eurocities и ќе ги промовираме трговските контакти – истакна Шилегов.

Во обраќањето, градскиот татко на Скопје потенцираше дека двата града и двата народа имаат повеќе историја што ги спојува отколку историја што ги разделува, па затоа и го избрале Музејот на современа уметност да биде местото на кое ќе го потпишат договорот. Шилегов рече дека МСУ потсетува на заедничката историја, кога после земјотресот во Скопје во 1963а година, меѓу уметниците од целиот свет кои донирале свои дела и го наполниле овој музеј, биле и 34 грчки уметници кои донирале 46 уметнички дела, а нивните дела се дел од грчката колекција на МСУ, што заеднички ја разгледаа двата градоначалника и гостинската делегација.